Хрватска се определи за Европа, а не за Балканот
Сафет Бишевац
11.01.2010
![[Image: ivo-josipovic.jpg]](http://media.a1.com.mk/media/vesti200/ivo-josipovic.jpg)
Иво Јосиповиќ е новиот претседател на Хрватска
Хрватска се определи за Европа, а не за Балканот - со изборот на Иво Јосиповиќ за нов претседател на државата хрватските граѓани покажаа политичка зрелост и широко ја отворија вратата за нова генерација политичари.
Универзитетскиот професор и композитор Иво Јосиповиќ во највисоките ешалони на власта влегува со чиста, неизвалкана биографија - голем плус кај хрватските граѓани кои не ја кријат разочараноста во најголемиот дел од највлијателните политичари кои ги следат големи афери и скандали.
Јосиповиќ и неговиот противкандидат Милан Бандиќ до неодамна беа сопартијци, но во претседателската трка во јавноста беа препознаени како дијаметрално различни. На Јосиповиќ се гледаше како на модерен европски политичар кој само ќе го забрза приемот на земјата во Унијата. Милан Бандиќ пак, и покрај успесите во раководењето со Загреб, остана типичен пример на политичар популист.
Аналитичарите предвидуваат дека сега, по изборниот пораз, Бандиќ и неговата политика, полека но сигурно ќе го загубат влијанието и моќта и ќе мораат да заминат од политичката сцена. Периодот кој доаѓа ќе покаже каква ќе биде соработката меѓу новиот претседател и премиерката Јадранка Косор, несомнено најмоќниот политичар во земјата.
Од нивната соработка ќе зависи брзината со која Хрватска ќе стане членка на ЕУ. Новиот претседател ќе мора да се бори за довербата на Хрватите кои живеат во странство - освои само 10 насто од гласовите на традиционално десноориентирана хрватската дијаспора.
На надворешно политички план - познавачите на политичките прилики не очекуваат битни промени - клучни за Хрватска ќе бидат односите со соседите Словенија, Србија и Босна и Херцеговина
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=118496