И сега да не се чудите защо българските вестници ви се присмиват, като цитират такива смешни претенции от македонските медиуми.
Дневник, четврток, 09 декември 2010
Ивица Боцевски
Ние (не) сме генијалци II
Македонија си живее во својот паралелен универзум, каде што сме најдобри, најпаметни и најобразовани. Сепак, карванот на глобализацијата ќе продолжи да си врви, а локалните провинциски кучиња може слободно да продолжат да го прават она што најдобро го знаат - бесполезно да лаат и да завиваат
Пред околу седум години Петар Кајевски, еден од најпаметните Македонци од мојава генерација, објави текст во овој весник под наслов „Ние (не) сме генијалци“. Со овој осврт Петар го предизвика не само македонскиот интелектуалниот естаблишмент туку се соочи и со воспоставениот македонски мит за нашата вродена супериорност во однос на западниот свет. Тоа се оние вообичаени македонски ламентации дека сме подобри од „западњаците“, дека нашиот просечен ученик преку ноќ станува генијалец во кое било западно училиште, како и дека нашите работници се барани, а нашите стручњаци ценети затоа што биле „теоретски добро потковани“, за разлика од практичните западњаци. Нормално, нема ништо опасно доколку ова биде проширена кафеанска или салонска дискусија, но кај нас тоа, за жал, е аксиома прифатена како во интелектуалниот естаблишмент, така и во најшироките народни слоеви.
Во својот тогашен текст Петар се осврна на резултатите од ПИСА-тестовите на ОЕЦД за перформансот на средношколците во 2003 година, како и на македонскиот резултат на ТОЕФЛ-тестовите. Тогашните резултати беа во најмала рака аларм за будење и општа мобилизација, но во Македонија тие поминаа безмалку незабележано. Македонскиот интелектуален естаблишмент, по обичај, му одговори на Петар со сиот сјај на својата провинциска надменост, наперченост, нискост и вулгарност. За детаљно појаснување на читателите, тоа се истите оние ликови што денес горки солзи леат за судбината на македонското образование, а не сторија ништо за анализа и за унапредување на тековите во македонското образование во моментите кога носеа одговорност за него. Веројатно дрвеното учителско столче ги дразни оние што се навикнати на удобностите на функционерските фотелји.
Што сторија нашите ученици годинава? За жал, ни остана скратено ова сознание, затоа што Македонија, како и секој лош, мрзелив и неодговорен ученик, веднаш по првиот неуспешен резултат одлучи да бега од часовите и да ги прескокнува тестовите. Во меѓувреме, учениците низ светот беа повторно тестирани во 2006, како и во 2009 година.
Меѓутоа, глобалното изненадување годинава се вика Кина, или поточно Шангај. Средношколците од најголемата кинеска метропола го осветлија образот на својата нација, затоа што се пласираа на првото место во сите категории што се предмет на мерење (читање, математика и науки). Малите шангајци ги оставија зад себе своите врсници од сите развиени земји, а покрај тоа и разликите помеѓу учениците во нивната група се најмалите, што упатува на заклучок дека средношколското образование во овој град е стандардизирано и квалитетно. Причините за овој успех се многуслојни, некои дури тргнаа да бараат одговори во историјата и во кинескиот идентитет, втемелен на конфучијанизмот и компетитивните тестови како влез во мандаринскиот слој, но најверојатно причините се многу поедноставни. Имено, професијата учител во Кина е мошне ценета и посакувана професија, платите на кинеските учители се високи, а просторот за креативност и за експериментирање е отворен за кинеските едукатори.
Како светот реагира на овие податоци? Според „Њујорк тајмс“, претседателот Обама вели дека „по педесет години, Америка повторно се соочува со својот Спутњик-момент“ (лансирањето на советскиот сателит „Спутњик“ ја вчудовидува Америка во 1957 година - м.з.) затоа што „милијарди луѓе од Индија и Кина одеднаш се вмрежија во светската економија, а во иднина ќе победуваат нациите со најобразовани работници“. Според Обама, Америка е во опасност да заостане во оваа глобална трка.
Македонија, пак, на оваа студија ќе одговори исто како и во 2003 година - со пикање на главата во песокот, надменост, удирање во градите и занимавање со себе. Веројатно државата се надева дека класниот раководител, под притисок на родителите, ќе ги поправи оценките на крајот на полугодието или, пак, „детето учителите ни го мразат, па му даваат лоши оценки“. Македонија си живее во својот паралелен универзум, каде што сме најдобри, најпаметни и најобразовани. Сепак, карванот на глобализацијата ќе продолжи да си врви, а локалните провинциски кучиња може слободно да продолжат да го прават она што најдобро го знаат - бесполезно да лаат и да завиваат.
#
|