ЈорданПетровски
ЈорданПетровски-ЦРНИ
      
Posts: 17,573
Joined: Mar 2010
Reputation:
36
|
Quote:Иванов: ЕК доследно да се придржува до праксата на ОН за јазикот
09.04.2011 - 17:17 |
![[Image: ivanovbarosoohrid_52571.jpg]](http://www.sitel.com.mk/sites/default/files/imagecache/statija_img/novosti/2011/04/09/ivanovbarosoohrid_52571.jpg)
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Охрид побара од претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо да се почитува употребата на терминот македонскиот јазик и на придавката „македонски“ во извештаите на Европската комисија.
- Сигурен сум дека како претседател на Европската комисија и како личност која е силно посветена на принципите за почитување на европскиот културен и јазичен диверзитет, не е потребно да бидете убедуван дека јазикот на кој јас ви се обраќам сега е македонски. Затоа апелирам до Вас како личност која знам дека е длабоко посветена на почитувањето на идентитетот, културата и јазикот, да го преземете водството за надминување на овој фундаментално неправеден пристап кон Република Македонија и нејзините граѓани. Граѓаните на Република Македонија бараат од Европската комисија доследно да се придржува до праксата на Обединетите нации каде нашиот јазик е правилно нотиран како македонски, нагласи Иванов во обраќањето на трибината „На патот кон интеграцијата во ЕУ: Партнери во реформите за наша заедничка европска иднина“ што се одржа во Охрид.
Како и сите мои сограѓани, рече Иванов, бев длабоко вознемирен од именувањата на македонскиот јазик во извештајот, не како македонски, туку како „државен јазик“, „официјален јазик“ и „локален јазик“.
- Од друга страна, именувањата на другите јазици што се зборуваат и се признати во Република Македонија, албанскиот или ромскиот, се правилно наведени во извештајот со нивните точни имиња. Ова е петта последователна година во која Европската комисија внимателно го избегнува користењето на терминот „македонски“ при описите во извештајот, освен при наведувањето на имињата на некои институции, органи. Ова не е пракса во извештаите за напредок на другите земји, потенцира шефот на државата.
Посетата на претседателот на Европската комисија на Македонија Иванов ја оцени како силен и јасен сигнал на поддршка на политиката за продолжување на проширувањето што за Македонија претставува дополнителен импулс за продолжување на реформските процеси кои ја доближуваат до нејзината крајна цел – полноправно членство во ЕУ.
Тој истакна дека Република Македонија ниту гледа, ниту бара алтернативи на патот кој ја води земјата во големото европско семејство и оти во личноста на претседателот Баросо и во Европската комисија, гледа искрен пријател, поддржувач и партнер.
Извештаите на Европската комисија, според Иванов, претставуваат реална опсервација на постигнувањата на Македонија, но и реална опсервација на тешкотиите, дефицитите и проблемите со кои сме соочени.
- Сосема е јасно дека нив ги има. Но, постои и евидентен и неоспорлив прогрес во многу сфери. Моја, и верувам објективна оценка, е дека Република Македонија никогаш не била поподготвена од денес во поглед на спроведувањето на реформите и исполнувањето на критериумите. Република Македонија објективно денес е барем на ист степен на исполнетост на критериумите како и други земји, денешни членки, кога биле во оваа фаза од процесот на интеграција, рече Иванов, додавајќи дека добивањето датум за преговори за членство, за Македонија е клучен мотивациски фактор.
Во земјата, нагласи, се вложуваат сериозни напори за спроведување на евро-агендата, без разлика на повремените или моментните застои кои произлегуваат од внатрешно-политичката и економско-развојната динамика и оти приоритетите на државата за следниот период остануваат исти, продолжување на реформските процеси, изнаоѓање заемно прифатливо решение за наметнатиот проблем со името, а со тоа и деблокада на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ.
- Нам ни се многу јасни пораките што ги добиваме од највисоките претставници на ЕУ, дека за почеток на преговорите е неопходно решение на наметнатиот спор од страна на Грција. Република Македонија, поради асиметричноста во позициите во спорот, во многу наврати покажа јасна конструктивност (промена на знаме, устав, прифатени предлози од медијаторот) и во моментов покажува јасна подготвеност за заемно прифатливо решение преку идеи и иницијативи како до тоа да се дојде. Но, како да произлегува дека таквата конструктивност на некој начин се казнува или игнорира. Ние сме целосно зависни од волјата на една земја членка, дали сака да го деблокира процесот и дали сака воопшто решение на спорот, и тука Унијата и останатите земји членки како да се немоќни. А Грција, за разлика од нас, не чувствува никакви последици од своето однесување. Не по наша вина се најдовме во овој спор и не по наша вина денес не можеме да излеземе од него. Јасно е дека Грција не ги почитува меѓународно преземените обврски од Времената спогодба и за тоа не понесува никаква одговорност, нагласи Иванов.
Во Словенечко – Хрватскиот случај, додаде претседателот, бевме сведоци на еден силен ангажман на Европската унија и земјите членки, што резултираше со исклучително позитивен пример на продолжување на интегративниот процес, паралелно со процесот на надминување на еден билатерален спор. Ова како модел за нас би било мошне прифатливо.
Предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 5 јуни, според шефот на државата, ќе бидат уште еден тест на македонската демократска зрелост.
- Ова е уште една прилика да апелирам сите учесници во изборниот процес да се однесуваат согласно степенот на демократски развој на земјата и нејзините постигнувања во интеграциските процеси. Сите политички фактори да ги имат пред сè предвид државните и интересите на граѓаните. Одржувањето на фер и демократски избори е неопходност и потреба, рече Иванов.
Нагласувајќи дека посетата на Баросо коинцидира со 10-годишнината од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, 20-годишнината од осамостојувањето на Македонија и 10-годишнината од Рамковниот договор, претседателот Иванов рече дека Македонија, и покрај сите пречки на патот кон меѓународната афирмација и признавањето, како и разните обиди за негација, денес е држава почитувана во меѓународната заедница, подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
|
|