Del od poslednoto intervju na Predsedatelot Ivanov:
Има доста прашања за карактерот на спорот со Грција
- Да почнеме од почеток. Со приемот на Македонија во ОН е направен преседан. Грција во почетокот на 1990-тите години ја стави меѓународната заедница во позиција на заложништво, со што ги наведе Обединетите нации на некој начин да ја прекршат Повелбата на Обединетите нации, правото за самоидентификација на поединецот. На Македонија и се дадени дополнителни услови. Меѓутоа тие што ја пишувале Резолуцијата 817 многу добро знаеле како функционира меѓународно право и внимателно ги избирале зборовите. Таму пишува разговор за разликата околу името. Никаде не пишува преговори затоа што преговори не може да се водат за нешто што е суверено право на еден народ, а тоа е името. Името е правниот идентитет и вие влегувате во меѓународен правен промет со вашето име. Вие влегувате во интеграции со вашето име. Во случајот со Македонија правно случајот е чист - прекршена е Повелбата на ОН. Е сега друго е прашањето зошто оваа правна димензија досега не е сериозно присутна и зошто на тоа не се укажувало постојано. Сите зборуваме за преговори, а никој тоа од нас не го бара. Во односите со Грција значи имаме проблем што е наследен од минатото. Грција никогаш не го признавала македонскиот идентитет, но со осамостојувањето на Македонија веќе никој не може да каже дека тој идентитет не постои. Ние имаме и дијаспора што има македонски идентитет. Значи, веќе не е прашање само на државата. Имаме луѓе што секојдневно читаат, следат она што се случува тука, читаат на македонски јазик, комуницираат на македонски јазик. Јазикот е сега средство за комуникација на таа планетарна Македонија, која постои секој ден на Интернет и на новите средства за комуникација. Оваа држава е одговорна да го чува тој идентитет. Дали постои пример во современата човекова историја да се посегне по она што е извор на нечиј идентитет? Дали постои меѓународен акт, право, институција што може да Ви го оспори, доколку Вие самите не се согласите со тоа, што впрочем и се настојува сега со нас? Но бидејќи сме влегле во тој процес, сега треба да ја сведеме оваа проблематика повторно во рамките на резолуцијата на ОН. Ние сме прифатиле да разговараме и да бараме решение за проблемот што Грција го има со нашето име. Друг проблем нема. Привремената референца е донесена за потребите во рамките на Обединетите нации, но не и за потребите на други земји. Грција се обиде да наметне дека привремената референца е име, а не привремена референца за користење во ОН, во организацијата што мора некако да не именува во регистарот. Јас на сите мои средби со државници секогаш токму тоа и го потенцирам. Многу е испуштено. Така во Копенхаген, на средбата со Хилари Клинтон, потенцирав дека сме блокирани и дека ние не сме виновни што сме Македонци, што умрените на нас живите ни оставиле нешто што треба да го зачуваме за неродените поколенија, а тоа е Уставот во кој е и името на државата. Чувањето на Уставот е чување на името и затоа при положување на свечената заклетва се колнеме дека ќе го чуваме Уставот. Јас тоа го спомнувам на секое мое обраќање - во Уставот е дефинирано она што е правниот идентитет на оваа држава Република Македонија. Тој е различен од она што е Македонија во Грција. Ние веќе имаме сложено име за сите употреби - Република Македонија. Тоа нé дистанцира од нивната Македонија. Ирска се вика Република Ирска, а делот што е во Британија се вика Северна Ирска. И нема забуна. Нема забуна и со Република Македонија. Дали некогаш писмо упатено до Република Македонија по грешка отишло некаде во Грција? . Ние само треба да најдеме решение за разликата што постои во однос на нашето име, меѓу Македонија и Грција. И затоа е направена Привремената спогодба. Меѓутоа Грција не ја почитува таа спогодба. Досега со ниеден предлог Грција не покажала дека сака да дојде до решение, туку настапува од позиција на сила, како со последниот предлог, и со уцена.
Во Македонија голем дел од вниманието на јавноста е насочено на прашањето на спорот за името. Што мислите, дали и годинава тоа ќе ја креира политичката и медиумската дебата?
- Навистина има многу дебати, но мој впечаток е дека ретко се случува отворено и слободно соочување на различни мислења. Имаме ситуација кога многупати овие дебати главно се одвиваат во затворени кругови, со веќе профилирани ставови, кои одново и одново се реафирмираат. Значи ништо ново. Тоа е причината зошто ни се повторуваат одредени недоразбирања и погрешни толкувања за карактерот на спорот со Грција. Граѓаните добиваат многу информации за ова прашање, кои сепак не произлегуваат од местата каде што спорот реално се разгледува и каде што навистина се утврдуваат ставовите. Односно, се случува граѓаните да бидат изложени на шпекулации. Сметам дека е важно да појдеме од основите на спорот. Се работи за наметнат спор, во кој во почетокот било јасно определено за што треба да се разговара и е потенцирано дека тој не смее да биде пречка за интеграциите. Но потоа, со текот на времето, се додавале нови и дополнителни прашања, кои сега во голема мера го комплицираат целиот спор. Едноставно, се излегувало од мандатот на разговорите. Затоа мислам дека ако сакаме прашањето да се реши, важно е да се вратиме на основите на резолуцијата и да ги отстраниме сите дополнителни прашања, кои впрочем и ги создаваат најсилните емотивни реакции. Јас сакам да бидам отворен и искрен кон граѓаните и да им порачам дека ова не е лесен спор. Но со отвореноста и со решителноста спорот повеќе да не се злоупотребува во политички цели, мислам дека имаме добра шанса да го решиме и со тоа да ја надминеме грчката блокада на нашите интеграции. Се разбира, не ги потценувам штетите што Македонија ги трпи како држава од овој спор, и постојано при нашите средби во претставници на други држави и организации потенцираме дека Македонија ги исполнува критериумите, а сепак страда поради грчките попречувања. Но сакам да стане јасно дека исто толку е штетно политизирањето на овој спор за внатрешни партиски цели, при што се промовираат катастрофални сценарија за Македонија и сосила се отвораат идентитетски прашања.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDet...anie=21876