Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
НИКОЛА ГРУЕВСКИ ЗА ВАНЧО МИХАЈЛОВ
Author Message
ЈорданПетровски Offline
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,638
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Никола Груевски ФБ статус 21.02.2023

Што е вистинската цел на власта со формирање комисија која треба да утврдува дека Ванчо Михајлов бил фашист?
Ако е целта да не постои клубот на Македонски граѓани со бугарска самосвест со името на Ванчо Михајлов, тогаш можеле тоа да го спречат уште додека се основал тој клуб.
Тие издале дозвола без проблем. Можеле на пример додека течела процедурата да извршат измена на закон по брза постапка со кој ќе нашле начин, тоа да не се случи. На пример дека неможе имиња на историски личности родени на територијата на Македонија да се користат во Македонија за формирање клубови и здруженија чија основна дејност е здружување на етничка основа на заедници кои не се наведени во уставот. Или со закон да се даде дискреционо право на министерот да одбие прифаќање на име на здружение чие име е политички чуствително или може да предизвика меѓуетнички или меѓудржавни проблеми.
Така, законски би била елиминира таа можност. Веројатно ова не се најдобрите дефиниции или решенија бидејќи без некоја посебна анализа ги напишав одкако први ми дојдоа на ум одкога почнав да го пишувам овој текст, но веројатно работна група задолжена за тоа би смислила нешто многу подобро од ова.
Мојата поентата е дека Македонија е држава. Ако сакала нешо да спречи што би ги повредило чуствата на поголем број нејзини граѓани, или би и направило поголем проблем, секогаш има начин, но јасно е дека тогаш немало таков напор ниту намера од страна на власта.
Впрочем здружение со еден од најчесто користените псевдоними на Ванчо Михајлов, “Ратко” постои оддамна во Македонија, што наведува на заклучок дека не е толку до името, до атмосферата е, до болката од она што ни го прави нашиот источен сосед, кое не е само запирање на преговорите за членство во ЕУ а со тоа и подобра перспектива на нејзините граѓани, туку се доживува како едно насилие од моментално посилниот и во подобра положба сосед, заради неговото членстово во ЕУ, кон нас, како сосед кој не е, а се стреми да биде член.
Дури и да успеат во намерите преку разни уценети влади и политичари, долгорочно ќе го постигнат токму спротивниот ефект. Грција со слична политика направи ситуација да името Македонија без придавката “Северна” стане свето име за македонците во Македонија и дијаспората како никогаш претходно, а наметнатата придавката да стане само административен збор кој никој не го употребува освен кога административно или правно мора да го направи тоа, со исклучок на мала група политичари од власта.
Слично ќе биде и со источниот сосед, дури и ако успеат во актуелните напори.
И едните и другите тоа би можеле да го прикажат како успех, но само во една партиска или владина структура која излегува на избори, но никако како дефинитивно затворено историско прашање и цел, дека Макеоднија е Грчка или Македонците се Бугари, низ една призма на децениите пред нас.
Знам дека политичарите и во двете земји сметаат дека за 20-30 или 50 години ова ќе се заборави и со тек на време генерациите ќе се навикнат на реалноста, па така целите долгорочно ќе се остварат.
Сепак, историјата во последните 150, 200 и повеќе години го негира тоа и тоа во времиња кога македонците немале своја држава.
Минатата година кога се формираше овој клуб настана вистинска хистерија во нашето општество кое споредено со другите, за жал не може а да не се каже дека гледано како национален просек не се вбројува меѓу оние општества што многу читаат, вклучително и историја.
Кога денес му пишав на еден мој добро образован пријател кој меѓудругото добро ја познава македонската историја, но очигледно многу разочаран од состојбите во Македонија, дека ќе напишам текст на оваа тема, пишувајки му ги клучните поенти во две-три реченици, и веројатно ќе бидам нападнат од многу страни, ми врати со следниот текст (цитат):
“Мислам дека не вреди да се објаснува на јавноста која не чита! Зошто не отворат книга да читаат, треба некој да им раскаже. И зошто, за да утре и тебе те обвини дека си михајловист! Ова е земја со најниско ниво на читање во цела Европа! Дали вреди да се објаснуваш? Нека живеат во својот свет. Старите при тоа викаат при слеп без очи. Сакаш да им објасниш, за утре порталите да се полнат со неписмени страници против тебе? Мислам дека не вреди да се троши човек на тоа. Може да се напише и објасни ако еден ден се создаде критичка мисла за тоа, да се отвори дебата базирана на факти, аргументи, прочитани книги, а не вака, некој без прочитано било што сериозно на темата, утре да суди и да лепи етикети за работи за кои тој нема врска!
Секако неговото име нема да го објавам за да не го изложам на непријатности, но сепак ќе го напишам тоа што го планирав.
Дали Ванчо Михајлов бил фашист чие име треба со закон да се забрани да биде име на здружение.
За Ванчо Михајлов можат да се кажат многу работи.
Во редот на оние негови одлуки кои предизвикуваат негативни чуства кај мене, а за што има неспорни докази, е фатот што во неговиот период се донесени преголем број смртни пресуди за членови од Организацијата спротивно на статутот на ВМРО, според кој статут ЦК морал да ги потврди тие пресуди на пониските организациски структури пред да станат полноважно и да се извршат. Во време кога тој не сметал дека другите двајца членови на ЦК ќе ги одобрат тоа, го користел своето влијание за истите да се извршат без разгледување и одлука на ЦК.
Најчесто образложенијата биле дека тие се предавници, шпиуни, соработници на туѓи служби и сл. но историските документи покажуваат дека во голем број од случаите тоа не е така, туку станува збор за негови неистомисленици, а често и лица за кои веројатно ценел дека може да ја загрозат неговата позиција во Организацијата.
На тој начин елиминирани се огромен број интелектуалци, дејци и револуционери на ВМРО, што значајно и неповратно ја ослабнало Организацијата, создало чуство на неправда, желба за освети и освети, и силно се намалила нејзината подршка меѓу широките народни маси во Македонија (нема да одам во детали за т.н. братоубиствена пресметка во ВМРО бидејќи текстот ќе отиде во друга насока).
Јас самиот велам дека од денешен аспект никој од нас не треба да суди на историските личности за нивни одлуки пред 100 години, туку треба длабоко да проникне во времето и просторот и само да се разберат и опишат нивните мотиви во дадените околности, за да се каже зошто некој сметал и постапил вака, а друг онака. Затоа велам дека овој историски факт поврзан со В.Михајлов кај мене креира најнегативни чуства.
Дали Ванчо Михајлов бил терорист? Секако! Како и сите други револуционери на ВМРО и нивни водачи од Татарчев, Даме Груев и Гоце Делчев, па донАлександров и В.Михајлов!
Во ситуација на толку голема асиметричност на силите ВМРО неможел да одбере друг начин на револуционерна борба за слобода, освен терористичките акции и четничките акции (со четници што всушност се членови на чета, кои се нарекувани “комити”), а наспроти неспоредливо помоќната османлиска империја, Кралството на СХС, подоцна преименувано во Кралство Југославија и Кралстовто Грција, повремено против кнежеството а подоцна Кралство Бугарија и против неформалните паравоени формации кои самите овие држави ги формирале да се борат против ВМРО, како андардските чети во Грција, портокаловата гарда во Бугарија, четите за брза реакција кога Макеоднија е под српска власт итн.
И двата методи, четнички и терористички се користат во целиот период на постоењето на ВМРО, со тоа што во времето кога водач е Ванчо Михајлов многу повеќе доминира терористичкиот начин на борба, веројатно и заради намалената доверба кај народот предизвикана од братоубиствената борба, зголемените даноци кои ги собира Организацијата, зголеменото “шурување” со бугарските воени и политички власти итн., што резултирало со помал одзив и помала подготвеност за вклучување во четите на народот.
Но тероризмот не бил акција, туку реакција на она како се однесувале властите кон македонското население.
На теророт вршен врз населението и неговите права и слободи, ВМРО организирано возвраќала со главно со терор на воено-полициските и политички структури на режимите од кои страдало населението.
За што се борел Ванчо а Михајлов и како се чуствувал?
Нема сомнеж дека Ванчо Михајлов се борел за обединета и независна држава Македонија во своите етнички и геогравски граници. И тоа секако е нешто што мора да се брои како најпозитивно во отценките за него.
Дали тоа го правел бидејќи му станало јасно дека големите сили нема да дозволат голема бугарска држава, или што и да биле причините, непобитен факт е дека тој се борел за обединета и независна македонска држава, цел за која се бореле и многу други револуционери а подоцна и партизани во втората светска војна.
Од историска перспектива многу поважно е за што тој се борел одколку какво национално самочуство имал, затоа што во светската историја има многу случаи кога припадници на различни нации се борат за слобода, независност и државност на други народи. И чустовствата на еден човек може да е повеќе предмет на анализа на психолози или на социолози, а помалку е значајно за историчарите. Историчарите не се бават во прв ред со чувства, туку со стратегии, цели, историски настани и одлуки.
Во врска со националнато самочуство Ванчо Михајлов неможеме да го вброиме во оние македонски револуционери кои се пишувале и чуствувале како Бугари само заради т.н. “милет систем” кој народот во еден регион на османлиската империја го нарекувале и го навикнуваме да се нарекува според црквата во која оди, а народот немал избор каде да оди освен во бугарска (егзархија) или грчка (патриаршија). Поретко имло влашка и српска.
Тоа бил изборот. А црквата небила како денес само црква туку и систем на образование. Сите училишта биле под јурисдикција на црквата. Сите учители и наставни програми ги уредувала црквата. Немало цивилни училишта. Дипломите за завршено училиште ги давала црквата, историјата која ја учеле ја одредувала црквата, училиштата биле црковни, учебниците итн. Црквата на некој начин била како министерство за образование или барем извршувала дел од неговата дејност.
Одтука, за време на милет системот до 1912 година, и сите кои своето образование го стекнале во тој период, најчесто се пишувале Бугари, но во реалноста тоа е припадност на црковна заедница а не кон нација и тоа е време на создавање на нациите во Европа и време кога се создава и македонската нација.
Така, сите оние што се образовале по милет системот некаде до триесетите години на 20 век, па дури и до втората светска војна се нарекуваат Бугари, но не во етничка или национална смисла, туку како црковна припадност.
Додека оние чие образование се одвивало по 1912 година, похрабро и секако постепено започнале со изразување на национално чуство како македонци, наместо црковно.
Да не говориме за големите пропаганди на балканските држави од тоа време во правец на асимилација на наслението на територијата на Македонија, да се пишат Грци, Срби или Бугари. активност за која се трошеле огромни пари од буџетите на државите, а Македонија тогаш сеуште нема своја држава и свои институции а со тоа ни буџети. Но, тоа е друга тема.
Ванчо Михајлов не спаѓа во оваа група Македонски револуционери кои се пишувале Бугари, затоа што и кога се создава македонската држава и нација тој повторно се декларира како човек со бугарско самочуство и го негира постоењето на македонската нација, за што сведочи и неговото интервју во 1990 година за еден бугарски медиум. Факт е дека и во време кога бил активен, тој за Македонија говорел како држава на Бугари и други народи во неа, но не Македонци. Но, факт е и дека од германските архиви коиндатираат од втората ќќќ светска војна, десетина години подоцна, јасно и прецизно германските преставници во Македонија пишуваат писма до нивните власти во Берлин дека мнозинството народ во Македонија се чуствуваат Македонци а Бугарите и Србите се малцинство, па дури и дека бугарската власт е преагресивна во напорите да всади бугарско самочуство кај Македонците и дека тоа создава голем отпор кај населението.
Но, тоа е негово, на Ванчо Михајлов лично право како се чуствувал. Како што било и лично право на многу други Македонци во организацијата со македонско национално самочуство, на пример Борис Сарафов уште пред 1907 година кога е убиен вели дека македонците се различни и не се ни Срби, ни Бугари ни Грци туку Македонци. Како што е право на 3.550 македонски граѓани со бугарски национално самочуство и како такви се декларирале на последниот попис минатата година. Како што е право и на Македонците во Бугарија со македонско, а не бугарско национално самочуство, каде за жал нашиот сосед не им остава можност во графата за национална припадност да се впишат како Македонци и го негира постоењето на Македонци со македонско национално самочуство во Бугарија, што сите слушаме и гледаме дека постои и се многу активни колку што им дозволува состојбата во која се.
И конечно, дали Ванчо Михајлов е фашист?
Јас мислам дека неможе секој кој имал некакви политички средби или соработка со фашистите да се нарече фашист. Тоа е моето убедување.
Нацистичка Германија и фашистичка Италија, како и подоцна нивните сателит држави биле моќна сила во тоа време со која заради една или друга причина на некој начин волно или неволно политички соработувале речиси сите важни политички и воени фактори во тоа време, особено до почетокот на втората светска војна.
ВМРО како единствена високо организирана политичка и воена сила и фактор во Македонија, барала разни начини за да ја оствари долгоочекуваната слобода и независна држава Македонија. Дел од нив можеби во даден момент гледале некаква шанса во соработка со фашистичка Германија да остварат некои цели, но тие цели повторно биле формирање независна и суверена обединета Макеоднија.
Ванчо Михајлов имал некои средби и дискусии со фашистичка Германија но тоа не е доволно за да се прогласи за фашист.Ако така поедноставено го гледаме работите еден куп политички лидери и цели држави треба да се прогласат за фашисти.
Можеби тие што не читале историја незнаат дека според неговите мемоари иако неволно и Черчил имал политички контакти со фашистичка Германија во одредена фаза. Неговиот претходник Премиерот на Обединетото кралство - Чемберлен исто така политички комуницирал и на некој начин колку и тоа да било изнудено соработувал со Германија во време на Хитлер, обидувајки се да избегне непријатна ситуација и директна конфронтација за што бил критикуван од Черчил.
Сталин и СССР и во порана фаза но и до нападот на Германија на СССР и те како политички комуницира и соработува со фашистичка Германија и потпишуваат сојузнички и други договори. Познат е пактот потпишан од министрите за надворешни работи и наречен по нивните презимиња “Молотов-Рибентроп” како договор за не напаѓање.
Тоа е неспоредливо со активностите на Ванчо Михајлов. И тие не можат да е наречат фашисти секако.
Тоа што водачите на државите, политичарите и сл. комуницирале, потпишувале политички документи, политички соработувале со фашистичка Германија не значи дека тие биле фашисти.
Англискиот премиер Чекберлен на пример е најпознат по неговата надворешна политика на смирување, а особено по неговото потпишување на Минхенскиот договор на 30 септември 1938 година, отстапувајќи го германското говорно подрачје Судетски регион Чехословачка на нацистичка Германија предводена од Адолф Хитлер.
Американците чии научници ги довеле да работат кај нив во САД?
Има илјадници примери како западот политички комуницирал и соработувал со Хитлер и Мусолини заради некои нивни цели и интереси, но никој таму не зборува дека нивните водачи биле фашисти, затоа што не и биле.
Сите соседи на поранешна Југославија во даден период беа фашистички сојузници и никој ни порано ни денес не ги става на столбот на срамот затоа што нивните тогашни режими соработувале со фашистите. Бугарија ја прозиваме бидејќи бара промена на нашиот идентитет, инаку и тоа не би било тема.
Се чини дека власта “трча” да бара фашисти во Македонија, таму каде ги нема и сакаат да се прават “поголеми католици од Папата”.
Ванчо Михаилов може да биде се, но не може да биде фашист! Ова што власта го прави е намерна замена на тезите! Власта сака навидум решавајќи еден проблем да си реши свој проблем за да остане на власт.
Преку прогласувањето на В. Михајлов за фашист, тие сакаат историската ВМРО да ја прогласат за фашистичка организација, бидејќи несомнено Ванчо Михајов е нејзин водач цели 10 години или една четвртина од нејзиното 41 годишно постоење под неколку имиња.
А ако историското ВМРО се прогласи за фашистичко, тогаш тезата ќе биде дека и нивните декларирани идеолошки наследници а тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да се прогласи дека има име на фашистичка организација која или ќе треба да го смени името или да се укине.
Но, забораваат дека нивниот проблем не е ВМРО-ДПМНЕ, туку самите тие. Нивниот криминал, предавства на националните интереси, неработење, лажење на народот, неспособност, нефункционални институции итн. Затоа народот не ги сака и затоа велам дека оваа глупост што ја прават со намерата за прогласувањето на Ванчо Михајлов за фашист да дојдат до името на ВМРО-ДПМНЕ е тешка глупост.
Бидејќи сега имаме држава... подобро е на народот да му објаснат зошто Заев и СДСМ потпишаа капитулантски договори со Грција и Бугарија а нивните наследници ги бранат?
Зошто Макеоднија според сите меѓународни листи за проценка на корупцијата е двојно покорумпирана од пред десетина години на пример.
Или зошто со држењето на судството и обвинителството под партиска контрола тие го доведоа на доверба кај народот од 3-4% ?
Зошто нема нови директни странски инвестиција во Македонија одкако се на власт? Зошто ислувањето е зголемено за три до четири пати одкако ја превземаа власта? Зошто се што ветија излажаа? Зошто вршат масовен политички прогон врз неистомислениците ?
Па не е тоа сега темата, сега Ванчо Михаилов нив ги засега... сакаат да бегаат од одговорност и со недемократски методи да останат на власт.
Ако треба да се промени името на здружението имам многу други начини да се направи тоа, наместо ваква не интелегентна акција.
За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ преку разни форми и активности се изврши рехабилитација на Тодор Александров и на речиси целата десница на историското ВМРО. Ликот на Ванчо Михајлов се остави за натамошни проучувања и истражувања на следните генерации во смисла на неговата улога во македонската национална борба. Но, во никој случај не сме помислиле заради некои политички цели да го прогласуваме за фашист, а со тоа и Македонците да ги вброиме во фашистичка нација. Ванчо Михајлов како да да го доживуваме и отценуваме е значајна историска личност и е дел од македонската историја. Тој цели десет години е водач на движење кое се бори за ослободување на Македонија во кои животите го подложуваат многу синови на Македонија. И ќе завршам со тоа дека сите тие се синови на Македонија. Но, како и во едно повеќедетно семејство, не секој син, секое дете е исто. Со некое дете сме повеќе горди, со други помалку или воопшто, итн. Но, дури и оние од кои во некое време и околности не сме целосно задоволни, неможеме да ги избришиме дека постоеле и делувале, особено не заради некои нивни чуства или делувања кои 100 години подоцна не ни се допаѓаат. И особено не од онаа група која се формирала во Министерството за правда која никој не ја ни знае а ќе носи крупни одлики за крупни историски личности, заради дневно-политички потреби.


22-02-2023, 08:20 PM
Reply
ЈорданПетровски Offline
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,638
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote:Никола Груевски 22.02.2023

Подолу уште еден текст на еден сегмент од темата објавена вчера, на намерата на Ванчо Михајлов да создаде независна и обединета Македонија, отцепувајки ја Пиринска Македонија од Бугарија. Настаните се по конгресот во Горна Џумаја во 1933 година каде ВМРО на Михајлов на големо ја прокламира паролата за обединета и независна Македонија како своја примарна цел.

Од архивскиот документ со наслов “Состојбата во петричкиот округ” може да се види како бугарските воени кругови гледале на ВМРО во 1933 година, година пред неговата забрана и прогон од страна на бугарската власт по превратот на 19 Мај 1934 година.
Од текстот се покажуваат неколку работи. Основната е дека во Бугарија постоел страв дека ВМРО според однесувањето и подготовките особено во воениот дел и оружјето може наскоро да тргне на отцепување на Пиринска Македонија од Бугарија и обид да ги освои Вардарска и Егејска Македонија за да направи независна и обединета Македонија.
Од текстот се гледа дека во тој дел целосната власт веќе де факто ја има ВМРО , бугарските власти не смеат да се спротистават и на сите значајни позиции се назначуваат Македонци. Како посебен предмет наложен е предметот „македонска историја“ која опфаќа материјал специјално за македонското царство уште од времето на Филип Македонски. Учителите по бугарски јазик и литература ги поттикнуваат децата да учат, пишуваат и зборуваат на македонскиот дијалект и да ги изучуваат претежно македонските писатели. Во училниците се поставени само портретите на македонските просветители, а такви се носат и за време на празнувањата. Портретот на бугарскиот цар е заменет со портретот на Тодор Александров. За време на манифестациите се користи исклучиво нововостановеното македонско знаме (црвено и црно).
Во името на оваа цел во основните училишта, наместо утринската молитва, се пее македонскиот револуционерен марш и специјалната македонска молитва. Обидите на некои учители да се пее националната (бугарска) химна биле спречени. Се објаснува како групата на Иван Михајлов има создадено воена организација. Се гледа и она што вчера го напишав дека претерале со собирањето даноци и дека од таа и од неколку други причини кои ги наведов дека имаат опадната доверба кај населението. Писмото е опис на состојбите со голема загриженост и апел до Бугарската власт да го спречи отцепувањето на пиринска Македонија, напишано од страна на офицерски кругови кои ја опишуваат реалната состојба на теренот. Текстот кој одамна беше објавен во некој зборник го најдов во форма објавена со предговор и краток поговор на М-р Александар Донски, па го оставив и неговиот предговор и поговор за оние што ги интересира, а оние што ги интересира само архивскиот документ можат веднаш да преминат на него подолу, што јасно е одбележано со наслов на документот спомнат погоре во овој мој вовед.
***
М-р Александар Донски Институт за историја и археологија Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип

БУГАРСКИ СВЕДОШТВА ЗА ОБИДОТ НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ ДА ЈА ОТЦЕПИ ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ОД БУГАРИЈА

Во интерес на просторот овде нема да даваме поширока елаборација околу ликот и делото на Ванчо Михајлов и на неговата ВМРО затоа што сметаме дека добар дел од овие работи се веќе познати. Наместо мал вовед, само ќе укажеме на неколку моменти, кои сметаме дека треба да се имаат предвид за темата што ја претставуваме.

1) Односот на македонската историографија од времето на комунизмот беше исклучително едностран и негативен во однос на дејците од т.н. „маке- донска десница“ (иако ваквото детерминирање е дискутабилно, сепак го корис- тиме како одредница за оние дејци кои не биле наклонети кон комунистичките и социјалистичките идеи). Сите дејци од т.н. „македонска десница“ (со исклу- чително ретки исклучоци) беа сатанизирани, а нивните македонски национални и државнотворни пројави беа прикривани, потценувани и омаловажувани. За сметка на нив, беа величени дејците од т.н. „македонска левица“, а нивните анти-македонски пројави исто така беа прикривани. За сето ова постојат еден куп докази и факти, но нивното претставување ќе одземе премногу простор.

2) Со овој текст немаме намера да го „рехабилитираме“ Ванчо Михајлов затоа што (иако во текот на најголем дел од своето дејствување се залагал за независна и обединета Македонија), тој до крајот на својот живот остана изразено пробугарски ориентиран, негирајќи го постоењето на македонската национална посебност. Во овој текст, сепак ќе видиме дека, во одреден пери- од, кај него постоеле и поинакви ставови и пројави, кои дури и тој самиот ги прикрива во своите подоцнежни мемоари. Едноставно, овој текст го објавуваме во интерес на вистината.

3) Истакнувањето на чистите македонски национални пројави од активисти на т.н. „македонска десница“ (па дури и ако тие биле изразено пробугарски ориентирани во однос на македонската нација, како што е случајот со Михајлов) сметаме дека може да биде искористено и во борбата против странските пропаганди. За да го објасниме ова, предлагам да видиме како постапува бугарската историографија (во нивниот случај, во врска со македонските национални пројави). На сите ни е добро позната македонската национална дејност на Крсте Петков Мисирков. Но, во еден кризен период од својот живот тој има дадено и неколку пробугарски изјави (иако за цело време ги напаѓал нашите негатори, вклучително и Бугарија). Денешната бугарска пропаганда на сет глас ги објавува и ги користи овие изјави на Мисирков, обидувајќи се да го претстави како личност со „нестабилна“ национална свест (во стилот дека еве и кај „вашиот“ македонски национален деец постојат пробугарски пројави). Па зошто да не постапуваме и ние според истиот терк? Кај сите пробугарски дејци да ги истакнуваме нивните повремени македонски национални пројави (без разлика во какви услови биле давани) и да ги форсираме истите и пред нашата и пред бугарската јавност – не за да ги рехабилитираме овие личности, туку да им укажеме на нашите бугарски колеги дека и кај „нивните“ пробугарски дејци постоеле чисти македонски национални пројави, т.е. дека тие повремено биле со нестабилна национална свест? Факт е дека чисти македонски национални пројави се забележани кај: Ванчо Михајлов, Менча Карничева, Тодор Александров, Борис Сарафов, кај воено-оперативниот водач на врховистичкото Горноџумајско востание полковник Атанас Јанков, кај скопскиот кмет од периодот на Втората светска војна Спиро Китинчев, кај Димитар Ѓузелов, кај ванчомихајловистот Стефан Стефанов и бројни други ванчомихајловисти, па дури и кај самиот бугарски цар Фердинанд, кој во една прилика има изјавено дека населението во Македонија не е ниту бугарско, ниту српско. Македонски национални пројави се забележани и кај некои пробугарски определени „левичари“, како што се: академик Тодор Павлов, поетот Венко Марковски, Коста Црнушанов, Цола Драгојчева и други.
А сега конечно да поминеме на основниот материјал од овој труд, а тоа е обидот на Ванчо Михајлов за отцепување на пиринскиот дел на Македонија од територијата на Бугарија. И за оваа тема има многу да се пишува, а ние овде само како илустрација ќе се послужиме токму со бугарски извори за ваквата дејност на Михајлов. Конкретно се работи за една брошура под наслов „Состојбата во Петричкиот округ“. Оваа брошура (која не е потпишана и на која нема година на објавување) несомнено била објавена во втората половина од 1933 година. Од нејзината содржина јасно е дека се авторите се бугарски патриоти (најверојатно офицери) кои со резигнација пишуваат за дејствувањето на ВМРО на Ванчо Михајлов во пиринскиот дел на Македонија и Бугарија воопшто и бараат интервенција од бугарската влада и војска да дејствува против оваа организација. Имено, токму на почетокот на 1933 година ВМРО на Ванчо Михајлов ја истакнува паролата за обединета и независна Македонија како своја примарна цел. Во склад со тоа почнуваат активности во таа насока, кои во боршурата што ќе ја проследиме детално се опишани.
Да го кажеме и тоа дека за прв пат, значителни делови од оваа брошура кај нас објави академик Блаже Ристовски во својата книга „Македонскиот народ и македонската нација“ и тоа уште во 1983 година, што претставуваше вистински ризик во тоа време.
Денес, меѓутоа, благодарение на македонскиот историчар од Бугарија Ѓорге Радуле, брошурата ја имаме во целост и интегрално го објавуваме нејзиниот текст. Да видиме што пишувале загрижените бугарски офицери во врска со дејствувањето на ВМРО на Ванчо Михајлов во 1933 година.
***
СОСТОЈБАТА ВО ПЕТРИЧКИОТ ОКРУГ

По објавувањето на паролата за „Независна Македонија“ на овогодинешниот конгрес на македонските братства во градот Горна Џумаја (1933 година, з.м.), се востановија целосно сепаратистички тенденции на групата на Иван Михајлов. Притоа, претходниот стремеж за непочитување на законите на бугарската власт во новоослободените земји (пиринскиот дел на Македонија, з.м.), се повеќе се засилува и станува опасен за суверенитетот на нашата држава.
Еве ги фактите што ја оптсликуваат ваквата состојба:

I. Внатрешно-политичката состојба

1.На сите административни и полициски должности, групата на Иван
Михајлов успеа да постави Македонци или лица кои се под нивно целосно влијание. Окружниот управител во Петрич е Македонец, а такви се и околиските началници во овој округ. Сите стражари се месни луѓе и членови на оваа група. Кметовите на селата и градовите се луѓе поставени од оваа група и тие се целосно предадени на неа. Надвор од тоа, оваа група има своја сопствена тајна полиција, која служи за контрола на дејноста на другите јавни органи и за наложување на своите барања преку терор. Оваа тајна полиција има свои луѓе во сите институции и инстанци на округот. Под формата на службеници тие се инсталирани и во касарните каде имаат задача да го следат животот на војската и дејноста на офицерите.
Секое лице кое доаѓа од старите предели на царството е под надзор на тајната македонска полиција, која посегнува дури и по поштенската кореспонденција.
2. На сите повидни лица, општественици или туѓинци, кои доаѓаат во овој крај, им се прилепуваат луѓе на Иван Михајлов, кои ја контролираат нивната дејност и ги „просветлуваат“ со цел да ја претстават состојбата таква каква што посакува организацијата.
3. Во овој крај, преку терор, не се дозволува постоењето на никакви партии (бугарски, з.м.), освен македонската. Не се дозволува ни дејствување на партиски дејци од внатрешноста на царството. Минатата година во Неврокоп дејствуваше демократскиот активист архитектот Нарлиев, кој потоа беше убиен. А судбината на општинските советници од истиот град е добро позната.
Патриотските организации, како што е таа на резервните (бугарски, з.м.) офицери, исто така се забранети во овој крај. Посегнато е и на гимнастичките друштва „Јунак“ на чие чело се поставени македонски „дејци“ вон оние од училиштето. Овие друштва прогласија независност од заедничкиот Бугарски сојуз. Организацијата на бугарските скаути и на Туристичкиот сојуз се забранети.
4. Партиските органи се следени, па дури е забранета и дејноста на некои од нив.
5. Комунизмот во оваа земја се засилува. На 1 мај било развеано комунистичкото знаме над гимназијата во градот Петрич.
Карактеристично е тоа што комунизмот наоѓа свои приврзаници среде населението затоа што се смета дека може да претставува отпор во борбата против тероризмот на Иван Михајлов. Ова целосно се потврди и во судската истрага за време на комунистичкиот процес во градот Разлог.
Низ факти се гледа дека целиот внатрешен политички живот во земјите околу реките Струма и Места е во рацете на групата собрана околу Иван Михајлов. Овде е востановена една чудовишна диктатура од оваа група со која, преку терор, се задушувани сите бугарски пројави.

II. Состојбата во стопанството

Населението, со исклучок на малкуте села непосредно околу реките
Струма и Места, е многу сиромашно. Ова посебно се однесува на помашкото население. Подобрата економска состојба на оние села кои се близу до реките се должи на производството на тутун. Останатото население преживува со скудно земјоделие (главно ’рж и компири), дрварство и одгледување стока. Земјоделското производство не ги задоволува дури ни потребите на населението. Редовно се набавува храна од стара Бугарија. Одледувањето стока е речиси замрено поради отцепувањето на Беломорска Тракија.
1.За трговците, било да се Бугари или странци, при откупот на тутунот, овошјето и друго:
а) Органите на „Стопанскиот комитет“ водат преговори со трговците и ги востановуваат цените. Од овие цени, меѓутоа, одреден процент (обично 20 – 25%) оди во корист на групата (ВМРО на Михајлов, з.м.). Овие суми трговецот треба пред време да ги внесе во касата и нема право за тоа јавно да зборува, туку треба да кажува дека ја купува стоката без тој процент.
б) Им се наложува данок на тутунските кооперации. На пример, на неврокопската кооперација за оваа година и е наложен данок во висина од шест милиони лева. Управниот совет на оваа кооперација е должен да го уплати овој данок без да ги извести за тоа кооператорите.
в) Востановени се македонски „потребителни“ марки кои на крајот навлегоа дури и во старите предели на царството.
г) Востановени се специјални мерки за овие области, така што секогаш се продава по помалку за да остане нешто за сметка на „делото“. Така, на пример, при продажбата на хартија во книжарниците на секои десет листа, еден е одделен за овој специјален данок.
2. Се наложуваат задршки и од платите на службениците, а за време на празниците им се задржува една дневница. Оние службеници кои ќе одбијат да го платат ваквиот данок се ставаат под надзор и, кога ќе се создадат услови, се малтретираат и заплашуваат, па дури и се прогонуваат од овие земји. Друг данок е оној преку задолжителната претплата на изданијата на „организацијата“ Сите училишни набавки се прават исклучиво со овие изданија, а учителите се принудени со свои средства да си купуваат дури и креди.
3. Наложуваат општински данок кој обично е два до три пати поголем од државниот данок. Преку заплашување, овој данок се собира најредовно заради што државниот данок останува речиси несобран.
4. Востановен е данок во натура за населението, кое е должно да ги храни, превезува и поткрепува членовите на групата на Иван Михајлов, кои престојуваат во определено населено место.
5. Се наложуваат казни за неисполнети задолженија кон оваа група. Така, на пример, на еден трговец од Неврокоп, заради тоа што задоцнил три часа на „четничката“ обука, му била наложена казна од триесет илјади лева, која бил должен веднаш да ја плати.
„Стопанскиот комитет“ им го пресекува патот на сите стопански дејци од старите предели на царството, а посебно на оние кои сакаат да се востановат во оваа земја вон влијанието на Иван Михајлов. Таквите се прогонувани преку закани по нивниот живот. Таков е случајот со градинарите кои се обидоа да се населат во Петричко. Едно претпријатие што обработува дрво во Доспатско било осуетено заради тоа што не се согласило да ги уплатува даноците што му биле наложени. Планот на автомобилската агенција „Југ“ да организира редовен превоз со свои автомобили по патот Доспат, Неврокоп, Лежене бил спречен заради истите причини, а и за да не биде конкуренција на постојаната окружна комисија, која работи во полза на „Стопанскиот комитет“. Агенцијата „Југ“ за да организира превоз од Софија за Петрич и Неврокоп била принудена да плаќа 20% од вредноста на билетите во полза на „организацијата“.
Од пропагандата на Иван Михајлов дека изградените куќи од средствата на бегалскиот заем ќе бидат на населението, мнозина наивни бегалци, кои веќе си изградија куќи, си ги продадоа за да добијат бесплатни куќи од тој заем. Но, бидејќи државата пристапи кон собирање на своите побарувања, овие луѓе се најдоа во големи проблеми. Ова уште повеќе ја отежна економската состојба во многу села.
Воопшто економската состојба на овој крај е очајна. Групата на Иван Михајлов ги стави своите пипци среде населението, кое е оставено без секаква заштита и го толчи кон брзо и сигурно осиромашување. Приближно околу 150.000.000 лева годишно се одвојуваат за касата на оваа група. Овие средства главно се трошат за плати на многуте помали и поголеми органи на „организацијата“, кои добиваат плата од 3.000 до 18.000 месечно, вон она што го земаат директно од населението. „Врховниот водач“ на оваа организација Иван Михајлов оваа година беше во село Ковачевци (во Родопите – Доспатско), окружен со 100 души телохранители, платени четници и војници. Еве каде одат овие собрани средства извлечени толку безобѕирно од соголеното население. „Стопанскиот комитет“ не е ништо друго, совен финансов и фискален орган на Иван Михајлов. Тој не само што ги собира средствата на овој крај, туку го оневозможува и парализира стопанскиот живот овде. Многу туѓинци, трговци со тутун, го откажаа откупот на инаку многу добриот тутун од овој крај, велејќи дека не сакаат да тргуваат со оваа банда. Заради овој факт, некои европски фирми се откажаа дури и од трговијата со Бугарија.

III. Училишното дело

Овде влијанието на оваа група (ВМРО на Михајлов, з.м.) се чувствува
уште од највисоките институти на нашата држава. Нејзините органи почнуваат од главниот секретар на Министерството за народна просвета д-р Ф. Манолов, инспекторот В. Думев и други виши службеници во ова министерство, кои се Македонци. Преку овие лица „организацијата“ постигна да има целосно одврзани раце во однос на просветното дело во оваа земја. И навистина поставувањето на персоналот во училиштата се случува само според директивата на групата на Иван Михајлов, при што целосно се игнорираат законите на нашето царство. Така, во Неврокоп остана само еден редовен учител, а сите други места се зафатени од нередовни учители, кои дури немаат ни соодветно образование – тоа се месни луѓе кои целосно се под влијание на оваа група. Но, тоа е само еден од условите за да се постигне главната цел – да им се даде на народот и на младината специјално воспитание, да им се наметне идејата дека македонскиот народ е нешто совршено одделно од бугарскиот народ. Во името на оваа цел е посегнато и по училишната програма. Како посебен предмет наложен е предметот „македонска историја“ која опфаќа материјал специјално за македонското царство уште од времето на Филип Македонски. Учителите по бугарски јазик и литература ги поттикнуваат децата да учат, пишуваат и зборуваат на македонскиот дијалект и да ги изучуваат претежно македонските писатели. Во училниците се поставени само портретите на македонските просветители, а такви се носат и за време на празнувањата. Портретот на нашиот цар е заменет со портретот на Тодор Александров. За рвеме на манифестациите се користи исклучиво нововостановеното македонско знаме (црвено и црно).
Во името на оваа цел во основните училишта, наместо утринската молитва, се пее македонскиот револуционерен марш и специјалната македонска молитва. Обидите на некои учители да се пее националната (бугарска, з.м.) химна беа спречени.

IV. Военото дело

Групата на Иван Михајлов има создадено воена организација. Но,
изгледа дека постојат повисоки служби од должноста командир на полк. Така, на пример, зап. пор. Бунев е поставен за „Инспектор на вооружувањето“ во организацијата, а зап. капетан Тимев е третиран како „Министер на војската“.
Делови од неа тајно се повикуваат во одделни периоди на обука. Оваа година во втората половина на август беа предвидени воени маневри, но заради заминување на офицерите од наставниот курс на специјални служби во овие краеви, маневрите беа одложени за неодредено време. За подготовката на делови од оваа група беа поканети оние кои ја завршиле школата со ангажман само како инструктори. Меѓутоа, малку од нив се согласиле да пристапат во оваа служба, иако им била предложена плата од 3.000 лева месечно.
За обука на „војниците“ наскоро ќе излезе од печат „Раководство за подготовка на четникот“ според образец на она што е објавено во Србија. Во него се застапени посебни делови посветени на граѓанската војна, бидејќи за неговото составување претежно е користена болшевичката литература.
Констатирано е дека заедно со регрутните комисии одат и луѓе на организацијата со цел да отргнат колку што можат повеќе младинци од воената служба (во Бугарската редовна војска, з.м.), како вредни за целите на оваа група (ВМРО на Михајлов, з.м.), која веќе има своја „војска“.
Питомците пред да влезат во касарната, даваат заклетва пред своите војводи, кои пак гледаат секогаш да присуствуваат за време на давањето воена заклетва (во Бугарската војска, з.м.) при што ја користат наивноста на началниците на гарнизоните, кои им дозволуваат да држат говори со цел омаловажување на значењето на кажаната заклетва.
Конечно, таму е внесено вооружување кое се состои од лесни италијански „картешници“ од типот пиштоли-„картешници“. Освен оружјето кое секој член на организацијата го има кај себе (карабина, пиштол и бомба), организацијата има и свои магацини со оружје и воена опрема. Вакви магацини беа откриени во градовите: Петрич, Неврокоп, Банско и Горна Џумаја. Во Петрич има и една работилница за оружје.
Групата на Иван Михајлов очигледно се обидува да создаде сопствена здрава воена организација, покрај обичната четничка организација, која досега и служеше за малите упади во територијата на Југославија. Оваа нова организација очигледно ги има надминато досегашните стремежи на оваа група. Ова не исправа пред нови прашања. Дали е ова подготовка за масовни дејства против Југославија, со цел ослободување на Македонија? Познавајќи ја големата воена моќ и добра внатрешна организација на оваа држава, одговорот на ова прашање е негатвен. Таква заблуда не може да се замисли ниту во раководството на оваа група. Тогаш какви задачи си има поставено оваа организација штом прибегнува кон едно вакво чисто воено организирање на оваа област? Постојат само два одговори на ова прашање: подготвувајќи се да ја одвои целосно во независна држава оваа област
(пиринска Македонија, з.м.) оваа Група сака да има готови кадри за идната војска или пак располагајќи со ваква сила сака да си обезбеди удобно место во внатрешниот политички живот на Бугарија. Можни се и едната и другата претпоставка кои впрочем не се исклучуваат една со друга.
Но, без оглед која претпоставка ќе се прифати, факт е дека ваквата состојба крие многу големи опасности за нас, било преку обидот да се нападне некој од нашите соседи, било да се меша во внатрешниот живот на нашата држава.

V. Политичка пропаганда

Паролата „Независна Македонија“ доби широка распространетост.
Таа се издигнува за време на сите прослави и од целата официјална, административна и училишна власт. Состојбата стигна дотаму што никогаш доброволно не се издигнува повикот за Бугарија, дури ни во присуство на началниците на гарнизоните. За време на прославите националната химна е заменета со македонскиот марш. Така, на пример, за време на осветувањето на споменикот на „незнаениот четник“ ова лето во градот Горна Џумаја, не беше свирена националната (бугарска, з.м.) химна. Говорниците ги завршуваа говорите со повикот: „Да живее независна Македонија и нашиот врховен водач Иван Михајлов!“ Самиот споменик е изграден на местото на гробовите на загинатите бугарски офицери кај Горна Џумаја во војната од 1912 – 1913 година, откако претходно коските на овие херои беа расфрлани. Секоја иницијатива за подигање споменици во овој крај на загинати бугарски офицери и војници е спречувана, но затоа пак на многу места се поставени споменици на загинати четници.
Во црквите за време на молитвите се спомнува македонскиот, но не и бугарскиот народ.
Оваа Организација поддржува и испраќа во оваа област специјално платени пропагатори кои ја шират тезата на „независна Македонија“ со паролата „Се или ништо!“. Таков е случајот со професорот Мутафчиев, кој во еден свој настап во градот Петрич оваа година истакнал дека целата бугарска култура се должи на Македонците и дека дури и априлското средногорско востание било со македонска поддршка затоа што најголемиот дел од населението кое учествувало во него, се состоело од бегалци Македонци (!?). Ова лето професор Генов држел говори во кои ја истакнал идејата за независна или автономна Македонија во рамките на една балканска федерација како единствен услов за договор меѓу балканските народи.
Честопати во овие краеви се канат да гостуваат претставници на добруџанската, тракиската и западните покраински организации со цел да им се наметне македонската теза за неотстапување и против-акција на какво и да било разбирање со соседите.
На конгресот на жените Македонки во Петрич оваа година се случил еден голем инцидент помеѓу жената на началникот на гарнизонот и учесничките на конгресот затоа што таа за време на конгресот изразила негодување заради сепаратистичкиот дух што се форсира во оваа област. Органите на групата на Иван Михајлов, меѓутоа, забранија да се пишува за ова прашање што и да било.
Констатиран е еден недостиг на желба од страна на повисоките началници за преземање мерки во однос на дејствата против нашата
држава од страна на оваа група. Посебно агилен приврзаник на оваа организација е командирот на Седмата дивизија генерал Настев. Во спротивно сигурно дека Врховната команда не би го држела на таа положба.
Целата ваква дејност на оваа група не е примена добро од населението кое со нетрпение го очекува денот на своето ослободување од угнетувањето на терористичката група на Иван Михајлов.
И додека официјалната власт целосно абдицира и не смее да се пројави дури и кога се случуваат вулгарни убиства и киднапирања, погледите на населението се насочени исклучиво кон војската, толку повеќе што сега таму е во сила воената состојба. Во неа населението и сега гледа покровител. Меѓутоа, треба со жалење да се одбележи дека воените власти воопшто не му помагаат на населението.
Четничката дејност на оваа група во однос на Југославија е совршено парализирана заради добрата организација на српската одбрана, која е целосно потпомогната од месното население на кое му е поделено оружје и му е дадена полна слобода во проследување на четите. Ете затоа тие, дури и во групи од по тројца луѓе, не можат да навлезат на југословенска територија повеќе од 1 – 2 км. Заради тоа самите четници заминуваат против својата волја или само заради страв да не бидат стрелани.
Населението во оваа област дури и источно од нашата граница со Југославија не е сосема воодушевено од идејата на оваа група за борба против Југославија. Напротив, тоа повеќе тежнее кон беломорска Тракија и е подготвено за борба против Грција. Меѓутоа, оваа група досега нема пројавено никаква дејност во однос на таа држава и тоа буди сомнеж кај населението дека групата на Иван Михајлов дејствува во името на туѓи интереси и го прави да гледа со уште полош поглед кон неа.
Големите малтретирања преземени од оваа група ставија печат на едно големо угнетување. Во овој крај не се слушаат песни, нема смеење, нема веселби, луѓето се уплашени и предострожни, духот целосно им е опаднат.
Заклучок
Од политичката, административната, стопанската и воено- организациската дејност на групата на Иван Михајлов во новите земји, се гледа дека систематски се подготвува евентуално отцепување на петричкиот крај (пиринска Македонија, з.м.) од бугарската држава.
Заради абдицирањето на бугарската власт и малодушноста на нашите државници, населението од овој крај, заедно со сите државни службеници, е подложено на еден невиден морален, политички и економски терор. Отцепувањето на овој крај во независна држава е во целосна спротивност со нашиот национален интерес. Иако економското значење на оваа област е релативно мала, ако се има предвид дека нашите патишта кон Беломорието минуваат преку неа, ние треба со сите сили да ја отфрлиме и да се спротивставиме на секоја идеја од таа област да се создава независна македонска држава. Територијата на нашето царство е релативно мала за да си дозволиме луксуз и да подаруваме делови од неа на кого и да било. А и во историјата такви случаи не постојат. Мотивот на некои според кои осамостојувањето на овој крај во независна македонска држава ќе претставува силно и сигурно средство за ослободување на цела Македонија, треба да се смета како крајно нереален. Ниту Грција, ниту Југославија нема доброволно да ги отстапат завладеаните македонски територии. Она што може да се случи при ваква евентуалност е Србите и Грците да ја окупираат и оваа земја (евентуалната независна пиринска македонска држава, з.м.). Конечно, прашањето за државен престиж и национална чест на бугарскиот народ и армија е да не се дозволи еден грст кариеристи да шетаат низ ова катче од нашата држава, да го тормозат населението и да изложуваат на срам името на Бугарија.
***
Сигурно дека историографијата треба уште повеќе да ги истражува
настаните опишани во оваа брошура (иако тоа денес не е сосема едноставно). Познато е дека ваквиот обид на ВМРО на Ванчо Михајлов за осамостојување на пиринскиот дел на Македонија пропаднал по воениот удар што бил извршен во Бугарија следната 1934 година кога Михајлов бил осуден на смрт, а ВМРО била забранета. Интересно е и тоа што денешните самонаречени следбеници на Михајлов во Бугарија (разни организации со префиксот „ВМРО“) од една страна ја величаат неговата бугарштина, но од друга страна се плашат да проговорат што и да било за неговата идеја за независна и обединета Македонија, а неговите практични пројави во таа насока во однос на Бугарија (како што бил овде опишаниот обид за отцепување на пиринскиот дел на Македонија од Бугарија), не ги ни спомнуваат.
22-02-2023, 08:26 PM
Reply