Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ПАНЧЕ ЗАЕВ ВС ГОШЕВ И ГЕРОСКИ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 16,906
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote: Честитам, друже Зоки Амбарче!

Секогаш сум мислел дека триумфализмот, реваншизмот и политичкото профитерство се имено лузерски политички и човечки концепт. Сега, кога читам за тоа чиј амбар бил полн, а чиј празен, гледам дека периодот на реваншизам и ренесанса сѐ уште не е завршен.


25/03/2020 18:52:11 Бранко Героски
Утринава најдов троа време да се ослободам од корона-опсесијата и решив на Фликр да разгледувам стари фотографии од Ванчо Џамбаски, снимени во деновите кога покојниот Роберто Беличанец, Владе Милчин, Никола Гелевски, Жарко Трајаноски, Мерсел Биљали и јас, неформалната група Граѓани за европска Македонија, крстаревме низ земјата и проповедавме европски вредности. Владе, кој сега е заглавен во Лима и го чекаме некако да се врати дома, беше нашиот гуру. Иако, верно е, умеевме и сите ние меѓу себе да полемизираме, пред зачудените посетители на нашите трибини.
Не беше тоа баш на почетокот на онаа „долга и тешка сезона на сеидба“ за која пишува колегата Сашо Ордановски во својата последна колумна. Историјата ни кажува дека „сеидбата“ почна многу порано, во почетокот на деведесеттите години (па и пред тоа), кога Македонија ги изрази своите први евроапсирации. Првата жетва беше во 2005 година, кога станавме земја кандидат за членство во Европската унија. Но, нашиот марш низ градовите се случи во едно многу тешко и деликатно време, кога власта го отфрли компромисот со Грците, кога на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година добивме вето и кога Никола Груевски се зацврсти на кормилото, нижејќи изборни победи една по друга. А ние одевме од град до град и ломотевме против него.
„Македонија ги изгуби основните демократски вредности. Слободата не постои, таа е заменета со цензура и со самоцензура. Наместо култ кон Уставот и кон уставните принципи, во Македонија се гради култ на личноста. Мегаломанијата на актуелната власт го гази македонскиот дух и ги затвора сите врати кон Европа и кон иднината“, пишува во еден извештај за тоа што сме зборувале на трибина одржана во Велес.
Да, така беше. Се сеќавам, за многу нешта зборувавме на тие средби со граѓаните. И за тоа дека промената на името нема да значи промена на македонскиот идентитет (мојата омилена теза), за манипулациите на власта, за корупцијата, за сиромаштијата, за изгубената европска перспектива… Само за едно не се сеќавам да сме зборувале – за тоа кој ќе жнее кога еден ден ќе се оствари сонот на генерации европски определени Македонци и чиј амбар ќе се наполни.
А сега, читам, „се претерал родот во амбарот на Заев“! Така барем вели колегата Ордановски. Мајката… Па добро, ако е така, што друго ми преостанува освен да му честитам на другарот Заев за полниот амбар?

Ај ние на трибините – а Гошев, Глигоров, Црвенковски и другите?

Честитки, друже Зоки Амбарче! И не ми се лути за ова, оти знам дека ти не ги пишуваш и не ги нарачуваш колумните што те глорифицираат (така си ми рекол и јас ти верувам), но и ти знаеш дека уживаш во нив. Не ми се лути и на прекарот што ти го наденав. Тоа е прекар на еден многу голем јунак, Тетоец, партизан, политички комесар и народен херој – Ѓоце Стојчевски Амбарче. Честиткава ти е од мене, а народот, да сме живи и здрави, ќе ти честита на следните избори. Откако ќе заврши ова со коронава…
Да се вратам на онаа наша турнеја низ Македонија. Јас не се сеќавам на тие наши трибини некој од нас да зборувал дека еден ден, откако ќе се оствари нашиот сон, ќе се поделиме на „семе“ и „какол“. Тогаш не ни помислував дека доблесното признавање на туѓите заслуги, на заслугите на генерации македонски политичари и општественици да стасаме до посакуваната цел, еден ден ќе се смета за „политичка флоскула“. И дека, како што заклучува Ордановски, „ова историско достигнување си има неколку имиња и презимиња кои го изнесоа товарот на свои плеќи и на свој ризик“ и дека „тој тим си има свој капитен и неколку голгетери кои ќе си останат запишани во македонската историја“.
Извини, друже Зоки Амбарче, јас во она време не те познавав лично и тогаш не сум можел да знам дека ти ќе бидеш „капитенот“, а ние, „повеќето други“, како што не нарекува Ордановски, само сме навивале од трибините (во текстот на колегата се мисли на спортски трибини, како метафора). Еве и да било така за нас, да сме биле ние навистина само навивачи на трибините, а ти капитенот, па и да ги оставиме на страна и твоите политички противници (во еден друг актуелен коментар означени како „лузери“), смеам ли да прашам што се во овој кастинг и во ова мерење на заслугите, Петар Гошев, Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, не пример? Каде е онаа плејада поранешни министри, интелектуалци и општественици, кои зборувале и биеле своја битка за европеизација на Македонија, во годините кога ти, како млад човек, сѐ уште немаш јасна политичка свест и визија, или, да ја употребам метафората на Ордановски, сѐ уште не си ни на трибините, а ниту блиску до нив?
Не се сеќавам било кој од нас од ГЕМ, во она време, кога целта ни се чинеше далечна и речиси недостижна – така и излезе, од таа наша мала авантура поминаа десеттина години – да размислувал за заслуги или за полнење на амбарите. Никој за тоа не беше спомнал ни збор. А се трудеа груевци да најдат скриени пари или скриени политички амбиции, та кога веќе не можеа да ги најдат бидејќи такви нешта немаше, почнаа да измислуваат лаги кои брзо се распрснаа како меури од сапуница.

Реваншизам и ренесанса


И навистина тогаш не помислував дека еден ден, кога ќе се оствари нашиот сон, првата работа на која ќе се нафатиме ќе биде остра пресметка со некакви „моќни и бескуполозни сили, кои сакаат да ја одвратат земјата од нејзиниот напредок“, како што пишува во една друга колумна на оваа тема. Јас не ни помислував дека оние другите, кои во тоа време нѐ критикуваа, нѐ жигосуваа, а во Струга се обидоа и да нѐ претепаат, во мигот на „жетвата“ ќе ги нарекуваме „лузери“, „т’пи но упорни“ и со слични погрдни називи, или дека ќе им се закануваме со „народот“ и со нова изборна победа, како што некои сега некои им се закануваат. Напротив, се сеќавам дека на трибините говоревме и за потребата да се стави крај на поделбите на нацијата, што само по себе подразбира да нема „добитници“ и „губитници“, како и полни и празни амбари.
Не знам за требе, друже Амбарче, ама мене ме вџашува оваа реторика!
Тогаш ние не знаевме дека сме прислушувани. Само се сомневавме. А и не ни беше гајле. Во она време, сите тоа го сметавме за нешто очекувано и нормално дури, па си правевме и шеги. Јас мислев дека еден ден, кога ќе се вратиме на магистралата што води кон Европа, ние сите заедно ќе оздравиме од тоа лудило и веќе нема да говориме отруени од омраза кон тие што размислуваат поинаку од нас и жедни за полнење на амбарите. Не очекував на луѓето од тогашниот режим, кои навистина многу нѐ оштетија и нѐ задолжија, еден ден ние да им се ситиме, а уште помалку да ги обвинуваме на сличен начин како што тие нѐ обвинуваа нас – за „шпионско-медиумски операции“ и за „подземно поткопување на довербата на луѓето во институциите и во европската иднина“, како што прочитав во една трета колумна.
Накусо, секогаш сум мислел дека триумфализмот, реваншизмот и политичкото профитерство се имено лузерски политички и човечки концепт. Иако, да бидам до крај искрен, во годините кога ни беше најтешко, онака на шега, на пријателите им велев дека после режимот ќе настапи период на „реваншизам и ренесанса“. Да, еве, по кратко гуглање, пронајдов дека такво нешто и сум напишал во „Фокус“: „Еден ден, кога ќе дојде до промена на власта и кога ќе настапи период на реваншизам и ренесанса, наместо тепачки и други недемократски методи за справување со оваа интелектуална клоака на ДПМНЕ, на секој ваков искомпромитиран шупак ќе му се понуди опција да си го покрие со по една влошка и да си прди во неа. Веќе осмислувам и рекламна кампања – Осмели се, прдни слободно!”.
Ете, до таму во она време стасала мојата желба за одмазда. Ако тоа што сум го напишал воопшто и може да се нарече така. Но, допуштам, во миговите кога се наложила нужноста да проработи инстинктот за самоодбрана, да сум кажал и потешки думи. Како во оние мигови, на пример, кога ги опоменав сите насилници што ми се закануваа дека ќе ми тропнат на вратата од мојот дом, дека ги чекам со полна „кратка деветка“. Заканите беа многу реални, како што беше реален и мојот одговор.
Но, да се заговара ваков триумфализам и реваншизам сега, после големата политичка промена, во време кога сите општествени сили треба да се насочат кон реформите кои се нужни и кои се неизбежен дел од преговарачкиот процес, а особено во време кога пандемијата речиси целосно го окупира нашето внимание, навистина е нешто што јас не можам да го разберам. Секако, во последните три години, на моја огромна жалост, научив дека и сега сѐ и сешто треба да очекувам. Сфатив дека сум бил по малку луд и многу наивен кога сум верувал дека таа наша битка е рицарска и дека на крајот победникот јуначки ќе објави дека нема победени и поразени, дека нацијата ќе се обедини во напорите кои допрва нѐ очекуваат, а не околу желбата уште повеќе да се наполни нечиј амбар, од пуст страв да не излезе на крајот дека тој и не бил толку полн колку што некому му се чинело.

Нашите вистински капитени

Ги гледам оние фотографии и размислувам за тоа кој е, всушност, вистинскиот „херој на нашето време“? Не на ова време денешно – денес вие решавате кои се „хероите“, вие делите медали, тоа го разбирам. Прашањето ми е кој е вистинскиот херој на она време, кога беше тешко? Го гледам својот лик, моите гримаси, моите емоции што ги доловило острото око на Џамбаски. Истиот сум и сега. Можеби помалку насмеан. Или малку меланхоличен. Единствената суштинска промена што ме загрижува е значително помалиот број влакна на мојата глава. И колку и да сум суетен и да се трудам, не можам во сопствениот лик да видам некаков хероизам. Само желба да се каже дека нештата мора да се променат. Ништо повеќе од тоа.
А фотките на Џамбаски се толку импресивни, што секој неутрален посматрач, секој добронамерен човек, дури и тој што прв пат ги гледа, веднаш ќе ги забележи вистинските јунаци, вистинските херои на она време – тоа се стотиците луѓе кои доаѓаа на нашите трибини за да дебатираат, под ризикот нивното дружење со нас да им донесе непријатности и нови проблеми во животот, во време кога ионака ги имаа премногу.
Тие луѓе беа нашите капитени, друже Амбарче!
Нивните амбари тогаш беа празни. И натаму веројатно се празни (добро, можеби не баш сите), но нивните срца се полни. Не со жито без какол, бидејќи такво нема, не со пизма и со желба за реванш, туку со нови надежи дека новиот исчекор во ЕУ еден ден ќе ни донесе меѓусебно почитување и единство на нацијата. А околностите во моментов, за жал, се такви, ептен вонредни, што спласнатиот ентузијазам треба да се разбере и како нешто нормално.
И затоа, како и да завртиш, друже мој, мене твојот амбар ама ич не ми изгледа импресивно. Па баш денеска ли, кога избројавме 29 нови заразени од коронавирусот? А сетики си мислам дека и ти некако вака се чувствуваш, друже Амбарче, баш како јас. Или грешам?


30-03-2020, 10:00 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 16,906
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote: Интервју со Петар Гошев: Не гледам солидарност и правичност во најавените економски мерки

25.03. 2020
Интервју на НОВА со Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка на РМ и екс министер за финансии, кој говори за најавените економски мерки на Зоран Заев и Владата, по кризата со Корона вирусот. Гошев нуди прецизни решенија и мерки како да се справи Владата со кризата.

Секуловска: Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во име на СДСМ, предложи повеќе економски мерки кои Владата требало да ги усвои, како одговор на последиците од пандемијата Ковит-19. Која е вашата првична оценка?

Гошев: Прво, би кажал нешто во врска со нагласеното дека „лидерот на СДСМ предложи мерки што Владата треба да ги усвои’’. Тој дури кажа и повеќе од тоа – дека соопштеното мора да стапи во сила, во спротивно ќе следи тоа и тоа. Се поставува прашањето, зошто СДСМ (преку лидерот) ѝпредлага (всушност и наложува) мерки на Владата, а не Владата која е предводена од СДСМ? Треба ли да заклучиме дека Владата на СДСМ има послаб капацитет од самата партија? Треба ли да заклучиме дека тоа е патот на јакнење на довербата во институциите?
„Кадарните’’ кадри во Партијата (оние што се надвор од надлежните државни институции) им наложуваат на „некадарните“ (на оние што со Уставот и законите се одгворни)  што да прават, а патем, тие таму се сместени од првите -„кадарните’’? Играријава е проѕирна, но од постојаното сеење магли и дерогации на системот, овие битни нешта станаа „дребулии’’ на кои не треба да им обрнуваме внимание.
Во врска со клучниот дел од прашањето – квалитетот на Предлог-мерките, би го рекол следното. Мерки за ублажување на економските последици од здравствената криза се повеќе од потребни. Не е спорно дека главните канали на интервенцијата се преку монетраната и фискалната политика. Но, што може да се истурка преку овие канали и што е поефикасно? Да се потсетиме на кризата 2008-2009. Преку овие два канали, владите на државите вбризгаа огромни количини ликвидност. Тоа спречи огромен број потенцијални банкротстава и спаси милиони работни места.
Но, таа криза и оваа криза се многу различни. Кризата 2008-2009 стигна преку финансискиот сектор – беа „зачепени’’ финансиските канали, беше сопрена кредитната интрмедијација. Монетарната политика  буквално истураше ликвидност во каналите на финансирање, поддржана од фискалната политика. Тоа даде одлични резултати во многу земји.
Во Македонија, монетарната политка (поради дефакто фиксниот курс) има мал капацитет за таква помош. Главна е фискалната политика. За разлика од тогаш, денешната криза (2020.) е многу поопасна. Доаѓа од сосема спротвна страна: имаме директно стопирање на производството и услугите.
Фирмите се преокупирани со здравјето на врабтените, а државата мора да издава наредби за престанок со работа на многу сектори, минимизирање на социјалната и работната интеракција меѓу луѓето, затворање на транспортни коридори итн. Имаме налог да бидеме одвоени едни од други. Ликвидносни инјекции од монетарната институција, па и од фискалната во таква ситуација се неспоредливо понеефикасни.

Секуловска: Значи ли тоа дека некои од даночните мерки што ги предлага, засега, СДСМ не се потребни?

Гошев: Не, не значи тоа. Дел од нив се добри, ако олеснувањата и директната парична инекција стигне на право место во корпоративниот сектор. Дел од нив се онака „истресени’’, со површна популистичка инспирација.
Потребни се даночни олеснувања, поволни кредидитни инекции, одложувања на даночни и кредитни обврски, потребна им е социјална помош на лицата што ќе останат без работа, потребно е да се субвенционира дел од платите.
Но, повторувам, само на оние кои се и ќе бидат оштетени, но не и на оние кои можат да издржат, не и на оние кои не ги губат работните места и кои имаат капацитет да ги плаќаат своите обврски и кон државата и кон финансиските институции. Треба во овие месеци да се одржи „голиот живот’’ на поединци, кои станале социјални случаи и на значителен број фирми за да го преживеат овој период на хибернација, настанат не по нивна вина.

Секуловска:  Велите дека карактерот на кризата е многу различен од оној на претходната. Тогаш, каде треба да биде ставен акцентот на економските мерки?

Гошев: Наведеното кажува дека во стратегијата за совладување на кризата приоритет треба да биде максималното скратување на траењето на здравствената криза и паниката од тоа. Само тоа може да ги врати луѓето на работа и вообичаената потрошувачка. Значи, фокусот треба да биде на: откривање на заболените, држење под конрола и нивен соодветен третман.
Е, за овој фокус, се разбира, се потребни фискални извори и капацитет на административна компетентност. Тука теба да се “истурат’’ средства, за да се ублажи декапацитираноста на здравствениот сектор.
Ниту држење по сто информативни конференции за печат дневно нема да го скријат отсуството на наведениот дефицит од персонал, опрема, зданија, тековна ликвидност за здравстениот секторот,  средства за дезинфекции и хигиена итн., особено ако бројките на заболените значително нараснат. За жал, од наведените мерки на СДСМ-ВЛДАТА не се гледа ваков пристап. Кинезите на Вучиќ му рекоа: тестирајте, тестирајте, изолирајте, дезинфицирајте и лечите. Тој прифатил.
Советникот на Трамп, Д-р Фаучи, вели нема потреба за тестирање, додека нема јасни симптоми. Кинезите се покажаа поефикасни. Значи, клучнот за оваа криза е да се скрати времето на карантин во кој се наоѓа земјата, бизнисите. Нема извори на средства што можат да ги затворат дупките во билансите на фирмите и државата, ако пандемијата, час поскоро, не се спречи.

Секуловска: Заев најави линеарна исплата на минималец во администрацијата, со наведените исклучоци. Има бурни реакции во дел од јавноста која вели дека станува збор за неправедно решение, зашто: 1/има административци кои со години земаат плата а не одат на работа,2/ има административци политичари, функционери, директори, пратеници, кои претходно земале многу големи плати и практично тие се во привилегирана положба – имаат доволно заштеди за да не почувствуваат промени на стандардот, додека други ќе бидат уште поосиромашени и понижени

Гошев: Не знам дали ова е „изум’’ на Заев, или на славните советници кои ги накоти околу себе. Сеедно, тој е одговорен, тој го прифатил и соопшти. Оваа намера соопштува повеќе работи: дрскост, безобразлук, незна-ење, вулгарен популизам, погрешна изборна математика, бесчувствителност, примеси на Полпот-изам и Маоизам. И, измамништво – „сите да го понесеме товарот“, наводно!
Веројатно оваа мерка нема да помине, но Заев и СДСМ може скапо да ја платат.
Политиката на гангстерот од Будимпешта ја „красеа“ следните три клучни нешта: популизам (економски и политички) арамилак, цареви дворови за старите и новите богаташи. СДСМ не успеа да се одвои од тоа. Малите чекори, кои ветуваа некаква дистанца, самиот премиер, со предаторите што ги вклучи во Владата, како и оние однадвор, ги збришаа и нив.
Едноставно, не ги разбираат поимите солидарност и правичност. Поимот солидарност (и правичност, се разбира) подразбираат, да земеш од основано и неосновано збогатените, да редистрибуираш до осакатените не по нивна вина. И да ги извлечеш од „сакатата“ позиција.

Секуловска: Сметате ли дека земањето кредити од страна на фирмите без камата може да биде праведна мерка. Доколку кризата трае подолго од пропишаниот рок за исплата на ратите на тие кредити – во тој случај, колапсот на стопанството ќе доведе до невозможност тие кредити да се вратат

Гошев: Никогаш банките не давале еднакви камати за сите компании. За помалку ризичните, пониски, за поризичните повисоки. Тој принцип важи и за земјите кои позајмуваат од меѓународните финансиери.
Во овој случај е правично и корисно, за клиентите за кои банките сметаат дека тоа може да го направат, да се обидат да ги спасат, одржат во живот, зашто тоа е и во нивен интерес. Но, не смее Владата да наложува генерализација, диктат, „давајте пари’’ под тие и тие услови, за сите. НБРМ и банките треба да ја сочуваат стабилноста на банкарскиот сектор, се разбира со општествена одговорност на баките со свој придонес, несебичност на акционерите, да помогнат во совладувањето на кризата.
Истото треба да важи и за временото одложување на месечните ануитети на должниците, но тоа треба исто така да си го проценат банките. Можеби на банките ќе им биде полесно да прифатат неколку месечен мораториум на отплатите по кредити.
Но, стои и прашањето: зошто да не ги продолжат отплатите оние што можат, зашто на крајот тоа ќе биде повторно дел од нивната обврска. Кога сме кај овие прашања, важно е да не се заборава: во банките има милијарди ев а пари на граѓаните и на фирмите. Со нив треба одговорно да се постапува.

Секуловска: Зошто не се наметнат мерки за солидарност од страна на богатиот слој, на бизнисмените, како во европските земји – Макрон најави и национализација на некои приватни компании.

Гошев: За тоа прашање сум говорел многу пати преку исказите за даночниот систем (рамен данок – прогресивно оданочување) и исказите за навредливата економско-социјална нееднаквост во Македонија.
За жал, политичките одлуки и за тие прашања се носат под влијание, па и директна вклученост на најалчните, а СДСМ, наместо отклон од нив, го продолжи и прошири бракот – со вообичаените „мигрирања’’ на по некој од тие субјекти.

Секуловска: Кои се реалните очекувања на движењето на инфлацијата, која е многу веројатна – денарот е невозможно  да се очекува да биде стабилен.

Гошев: Во овој момент сѐ уште не треба да стравуваме од феномените што ги спомнавте во прашањето. Многу работи ќе зависат од времетраењето на здравствената криза.
Има црноберзијански изблици кај цените на некои производи, но тоа сѐуште не е доволна причина за страв од општо покачување на нивото на цените. Народната банка на Макеоднија има доволно капацитет, со расположивото ниво на девизни резерви, да ја сочува стабилноста на курсот на денарот.

Секуловска: Кои се реалните очекувања, колкави ќе бидат економските штети, краткорочно и долгорочно, кои се можните, реални пред се, сценарија за кризата?

Гошев: Крајно неблагодарно е да се прогнозира. Сите можни сценарија зависат од должината на здравствената криза. Таа прогноза треба да стигне од здравствените експерти, домашни и странски, па според тоа да се симулираат сценарија за еконимските штети и потоа времето на опоравување. Од тоа зависи големината на контракцијата на БДП, големината на буџетскиот дефицит, бројот на загубени работни места.
Едно е сигурно, буџетскиот дефицит за 2020, со прилична веројатност, може да се очекува да биде речиси двојно поголем од предвидениот. Тоа значи дека јаниот долг може да скокне на околу 55 проценти од БДП и ќе значи натамошно ограничување на фискалниот простор за нови задолжувања на државата. Ќе биде добро, ако до почетокот на летото здравствената криза биде совладана.

Секуловска: Дали очекувате печатење на пари, намалување на девизните резерви и што се случува со резервите на злато?

Гошев: Не е можна злоупотреба на монетарната политика во смисла на „окупирање’’ на печатница која ќе печати се побезвредни денари. Уставот, Законот за НБРМ, како и основното монетарно сидро (одбрана на девизниот курс) тоа го оневозможуваат.
Претпоставувам, во сеќавање ви се „упадите во монетарниот систем“ од времето на поранешната СФРЈ. Дури, нашите прописи ја немаат ниту комоцијата во тој поглед што ја имаат други држави, кои монетизираат држани хартии од вредност. Значи, не може да дојде до тоа.
Што се однесува до девизните резерви, тие прво ќе се зголемат, преку задолжувањето на државата – станува збор за оние 600 милиони евра позајмици од стрнство. Потоа може да се очекува нивно намалување, но верувам дека без загрозување на оптималното ниво на девизни резерви кои се наоѓаат на сметките во НБРМ. Златото е составен дел на девизните резерви и од тој аспект нема посебно значење. Има значење од аспект на управувањето со девизните резерви – во која валута и колку злато, во определен период е поисплатливо да се чуваат девизните резерви. Тоа прашање добро го владее НБРМ.

Секуловска: Гледаме драстичен пад на вредноста на фунтата во однос на еворото за некои 10-15 проценти. Ако се брани по секоја цена курсот на денарот, како ќе се изведе тоа?

Гошев: Тоа НБРМ успешно го прави од веќе далечната 1997 година. Ако се зголеми побарувачката на девизи на девизниот пазар, а на девизниот пазар нема доволно девизи (па на тој начин има притисок за зголемување на цената на девизните) настапува НБРМ со продажба од девизните резерви, по курсот што вообичаено го брани.
Обратно, ако има вишок девизи на девизниот пазар, НБРМ е должна да ги откупи тие девизи по истиот курс кој го брани. Во првиот случај девизните резерви се намалуваат, во вториот се зголемуваат. Кога НБРМ продава девизи, повлекува денари од оптек, значи ја намалува паричната маса.
Кога купува девизи, тогаш вбризгува денари, што значи ја зголемува паричната маса и ликвидноста во системот. Според Уставот и законите на РМ, тоа е дозволена активност, се разбира, во рамките на регулативата.
 
30-03-2020, 10:07 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 16,906
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3

[Image: 91630438_2548737545346654_27581314466263...e=5EAA2F39]
31-03-2020, 11:11 AM
Reply