Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ПЕРО ГОШЕВ ПАК ДЕЛИ УМ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 15,223
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Петар Гошев: Навредливо е власта да се вади на името

[Image: Petar-Gosev2.jpg]

Автор: Владо Апостолов  18 февруари 2019
Гошев е благороден соговорник на буквално секоја тема | Фото: БИРН
Политичката кариера на Петар Гошев е постара од нашава кревка демократија и подолга од трите децении, во кои како општество ги пакуваме сите порази и разочарувања по осамостојувањето.
„Тоа се 29 години мачна транзиција, која никако да нè пренесе на побезбедниот брег“, ќе рече тој.
Неговата генерација го помни како редок демократски глас од залезот на Југославија и како партиски лидер што го одби кормилото на првата политичка влада, која бргу потоа заринка во криминалната приватизација.
Некој од помладите можеби се сеќава дека кратко беше министер за финансии, меѓутоа за мнозинството тој е синоним за остар и понекогаш брутален во јазикот, критичар на 11-годишното владеењето на Никола Груевски, особено во периодот што следеше по неговиот мандат како гувернер на Народна банка.
„Злосторници“, вака знаеше да ги нарече првенците на ВМРО-ДПМНЕ и се чини дека тој сентимент сè уште не го напуштил.
Со оглед на неговото формално и неформално образование и на функциите што ги извршувал сега веќе седиот Гошев, е благороден соговорник на буквално секој тема. Ова интервју лесно можеше да се претвори во разговор за политиката „како таква“ или во нов и живописен осврт на фамозните 1990-ти, накитен со досега нечуени анегдоти за транзициските „јунаци“.
Тие два часа во четвртокот попладне можевме да ги потрошиме и за добриот фудбал што го игра неговиот омилен Манчестер јунајтед, откако клубот го отпушти Жозе Мурињо.


Власта мораше да стартува со подобра подготовка
Гошев остро ја критикува и новата власт, но пред тоа да го направи, секогаш важно му е да го „спушти“ сидрото до дното што го проби претходната владејачка гарнитура, да потенцира дека актуелната влада затекна ужасна финансиска состојба и заробена држава, која „дејствуваше како класична диктатура“.
Дополнително, вели тој, во филмски режиран цајтнот, на власта ѝ се наметна да го решава тридеценискиот спор за името, во меѓународен контекст кој беше поповолен од кога било.
„Но, таа тоа го знаеше или мораше да го знае однапред. Чекајќи 11 години во опозиција, мораше да стартува со подобра претходна подготовка, и програмска и кадровска.“
Јасно му е дека периодот е краток за повидливи резултати.
„Две години, сепак, не се малку за граѓаните да видат дали бродот плови во правец кон правна и праведна држава, нулта толеранција на корупцијата, намалување на навредливата економска нееднаквост и кон сето она што им се ветува на избори.“
А, наместо тоа, вели Гошев, власта им кажува на граѓаните дека го решавала името на државата и се инаетела со ДУИ околу некои политики.
„Тоа е навреда, зашто луѓето знаат колку министерства, советници, агенции има и колку се зголемува бројот на вработени во администрацијата. Зошто ги плаќаме сите тие други, што по описот и пописот на работните задачи не се задолжени за името и презимето на државата?“ 
Епидемијата од непотизам ја толкува иронично, вели СДСМ сега „исправа грешка“ од владеењето во периодот од 2002 до 2006 година. Оној познат аргумент дека раководството не вработувало доволно партиски кадри и затоа ги изгубило изборите.
За изговорите на дел од министрите дека членовите на СДСМ биле дискриминирани кога барале работа, Гошев со метафора.
„Тие коментари се како трка на слонови во струмички или во валандовски оранжерии покриени со стакло или најлон-фолии, сеедно.“
„Точно е дека ДПМНЕ десет години не им даваше работа, меѓутоа проблемот со овие изјави е што на челниците на СДСМ, исто како и на оние од Палатата на арамијата, им бега од умот дека оние што не се партиски членови никогаш не можат да се вработат.“
Вели граѓаните со полно право реагираат на непотизмот во власта.
„Но, кога слушам секојдневни реакции од ВМРО-ДПМНЕ, малку е да кажам дека ми се гади. Нивните постапки на овој план се без преседан од 1945 до 2016 година.“


Симболика наместо политика
Како поранешен функционер кој од неколку аспекти се грижел за парите на граѓаните, и како министер и како гувернер, има коментар и за најавените отпис на долгови за струја и исплаќањето на лозарите од буџетот, теми што предизвикаа контроверзии.
Гошев нема сомнеж дека треба да бидеме солидарни, затоа што е убеден дека не е можно одржливо општество без солидарност.
„Но, за тоа се потребни јасни политики преточени во закони, кои важат долгорочно и однапред им се познати на сите граѓани. Наместо добро осмислена социјална политика, партиите ги претвораат социјалните мерки во средство за изборна корупција.“
Некои од мерките на Министерството за труд и социјална политика за него се во добра насока, но смета далеку сме од тоа што ни е потребно на овој план.
„Уште пострашно е што кај нас никогаш не се знае кога некој и направеното со еден потег ќе го сруши. Мислам на лидерите, се разбира. Според тоа, секој што предлага раздавање пари за што било, без да предложи од каде, на сметка на нешто друго, таквиот е манипулатор, евтин демагог.“
Прогнозира дека вистинскиот ефект од прогресивниот персонален данок ќе биде мал, иако како мерка смета дека е во добра насока. Сомничаво вели дека тоа е повеќе симболика, отколку некаква вистинска промена.
„СДСМ не ја реализираше, барем досега, изборната програма во доменот на даночната политика. Се исплаши од реакциите на луѓето со ‘масни’ интереси. И не само што се исплаши, туку ги поставува на важни места, како да си ги ‘купуваат’ функциите на пазар.“
За него министрите за финансии и за труд и социјала, Драган Тевдовски и Мила Царовска, се речиси единствените со некаков социјалдемократски чип во владата.
„Тие се потиснати од луѓе што немаат блага врска со социјалдемократски концепти, а според својот социјален статус и експресијата на нивното размислување и селекцијата на мерките што ги наметнаа, повеќе се компатибилни со Доналд Трамп отколку со некоја социјалдемократска фигура или ориентација.“
Што се однесува до враќањето на дел од ДДВ, Гошев вели и кога владата би ја реализирала оваа мерка, таа ќе нема никаква редистрибутивна содржина.
„На крајот на овој мандат на СДСМ, бројките за дистрибуцијата на доходот во Македонија ќе покажат натамошно зголемување на нееднаквоста.“


Скандалот во пензискиот фонд типичен за банана-држави
„Ние немавме правна држава. Таа де факто никогаш не е воспоставена“ | Фото: БИРН
Неодамна, министерката Мила Царовска обелодени дека со години на 12.000 осигуреници не им биле уплаќани парите во вториот пензиски столб, по што на отворена сцена ја нападнаа функционери на ДУИ, чии истакнати партиски членови го воделе Пензискиот фонд во критичниот период.
„Министерката ‘летна’, па потоа бараше начин да се приземји, за да не ја приземјат. Таа, инаку, е една од повредните таму“, вака Гошев го почна коментарот за скандалот тежок 19 милиони евра.
Тој е дециден дека никој не смеел да не го уплати делот од парите што треба да се префрли во вториот пензиски фонд за оние што си ги платиле придонесите.
„Не станува збор за системски пропуст, иако министерката го употреби терминот откако очигледно ѝ се заканија. Потоа таа не успеа да го објасни тој ‘системски пропуст’, а тоа не го направи и никој друг.“
Вакво нешто се случува само во банана-држави вели Гошев и загадочно поентира:
„Можеби лидерите на коалицијата, оваа или претходната, се договориле за исплати, покриени или непокриени со регулатива, за кои не обезбедиле средства.“
На изборите во 1994 година, Петар Гошев и неговата Демократска партија го избраа слоганот „Со чисти раце“, кој во себе носеше недвосмислена порака. Подоцна се изнагледавме кампањи и предизборни спотови, ветувања за подобра Македонија и за живот, меѓутоа оттогаш ниту една политичка елита така јасно не ја темелела својата понуда врз чесноста и врз принципиелноста.
Затоа уште пред да го прашате Гошев дали правната држава плати преголема цена  за уставните промени со амнестиите, тој ќе ве прекине.
„Прво, ние немавме правна држава. Таа де факто никогаш не е воспоставена. Само била, повеќе или помалку неправна и неправична.“
Тој, како впрочем и многумина, очекувал Специјалното јавно обвинителство да помогне да се воспостави правната држава, да се добие чувството дека правдата е достижна и оти злото и арамилакот имаат име и презиме.
Но, и по ова прашање тој го дели разочарувањето со демократската јавност.
„Таканаречената ‘повисока цел’, преку пазарот со криминалците, уште еднаш ја урниса надежта. И СЈО, за жал, беше вовлечено во тој политички пазар.“
„Можеби грешам, но јас сум сомничав кон методологијата, која вели: ‘Ајде уште овојпат да ја погребаме правдата, поради повисока цел, па потоа ќе ги средиме работите.‘ Па, така правиме со децении!? Која е таа повисока цел? Безбедност без правда? Да ни беше целта да бидеме територија, a не општество, можеби тоа би функционирало!“
Нему му е сосема јасно дека политичкиот пазар за Преспанскиот договор ослободува голем дел од криминалците и дека тие ќе вратат само трошки од украдените и изедени пари.
„Власта свесна за тоа, брза со театарот да апси лица што не наплатиле рента за изнајмено земјиште од наводно 1,5 милион евра, што не велам дека не треба и тие да одговараат“, вели Гошев и потсетува дека истовремено „прштат тендери со дел од истите криминалци“.

Срамна е желбата за кастрирање на СЈО
Петар Гошев е резигниран поради тоа што Врховниот суд му готви „погреб“ на СЈО преку начелното правно мислење, со што во вода паѓаат случаите на СЈО за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и бизнисите на двоецот Мијалков – Камчев.
Срамно е, вели тој, што целата власт ја сокрива желбата за кастрирање на СЈО поради политичкиот пазар, со наводни блокирања од „таканаречениот Врховен суд“.
„Срамно е криминалното гнездо наречено ‘Врховен суд’, со ‘интегритетот’ на познатиот ‘Превара’ да биде закана за која било, евентуално нормална институција.“
Тој е убеден дека СЈО можеше да се одбрани од „погребот“ само ако не влезеше во пазарот и ако ја задржеше јавноста на своја страна.
„Лека полека, станува ирелевантно што ќе направат со него. Меѓутоа, на крајот на краиштата, само од СЈО ли зависи правната држава и правдата во Македонија?“
18-02-2019, 06:07 PM
Reply