Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
МАКЕДОНСКО ПРАШАЊЕ-МАКЕДОНСКА НАЦИЈА
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,877
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Уште од почетокот беше погрешно да сакаш на друга земја да ѝ наметнеш име

Неодамна и во Македонија беше промовирана книгата на Костис Карпозилос и Димитрис Христопулос, грчки професори и историчари. Авторите на книгата на разбирлив и едноставен начин, ги разрешуваат главните дилеми околу Македонија и спорот со името. МКД.мк во неколку продолженија ќе пренесе дел од книгата.

[Image: mkd-399097.jpg?itok=1muSp2TQ]

Во воведната забелешка авторите на публикацијава почетокот на проблемот во врска со македонското прашање го лоцираат во деведесеттите години на ХХ век. „Од почетокот на деведесеттите години – велат тие – се преполнивме со букефали – и буквално и метафорички. Александар Велики и неговиот моќен коњ, односно античкото минато на Македонија, создадоа задушувачки амбиент за грчката јавност. Атина си стави оглав и тврдоглаво инсистираше на својот став, кој беше меѓународно проблематичен и понижувачки нефер. Во истиот миг, како одговор, букефали се појавија и во Скопје...." Понатаму авторите велат: „Оваа книга ја пишуваме во деновите на митинзите и демонстрациите во Солун и во Атина, во зимата 2018 година. Ја пишуваме во еден здив, без автоцензура, со цел да покажеме дека во грчкото општество постои струја на критичка мисла што уште во деведесеттите години на минатиот век ѝ се спротивстави на националистичката хистерија на латентниот и отворен расизам кон „Скопската државичка" (како што ја нарекуваат, неприфатливо и навредливо, со доминантниот националистички грчки речник). Меѓутоа, авторите сметаат дека денес „нешто се има сменето"...митинзите не можеа да ги попречат преговорите, се собраа малкумина, и, главно, ја покажаа политичката и суштествена беда на ставот што продолжува да ја негира реалноста: реалноста дека не е можно во ХХI век една општествена заедница да ѝ го оспори правото на самоопределување на друга општествена заедница". Според нив, потребен е чесен компромис, но „еден компромис е чесен ако секоја страна може да го поддржи, да го чувствува, во основата, како 'свој', а да не преовладува чувството на понижување поради тоа што го сторила".
Карпозилос и Христопулос својата „дискусија" ја почнуваат со следново појаснување: „Оваа мала книга беше напишана во форма на прашања и одговори. Нашата цел е да биде прочитана од секој оној што го загрижува познатото македонско прашање... Избравме десет плус едно прашање што циркулираат во грчката јавна расправа и кои, без оглед на разликите, се спојуваат во една точка: третман на македонскиот идентитет како 'непостоечки' и, на крајот, паѓањето во замка на грчката политика и нејзино закотвување на неефикасен и неправеден став во врска со познатото прашање за името..." На крајот на своите воведни забелешки авторите констатираат:
„Грчкото општество, за жал, не направи смел исчекор во автоцензурата и продолжува да ги прикрива различните трауматски прашања од минатото, а пред сѐ оние т.н. 'национални прашања', за да не биде принудено на смела конфронтација со себеси. Па ајде да се соочиме – велат тие – со нашите несигурности и фобии за да видиме конечно колку вредат. Во овој терапевтски третман свој придонес сакаат да дадат и следниве страници".


[Image: mkd-399095.jpg?itok=QOssx6gQ]

1. Па, зар името на соседот не е „национално прашање" за Грција?


Ајде да почнеме од наједноставното...што всушност претставува „национално прашање" во Грција?...Иако од 2009 година па наваму сите се согласуваме дека јавниот долг е најголемиот проблем на земјата, ретко го карактеризираме како „национално прашање", во врска со ова прашање „секој може да има свое мислење...имаме демократија, а несогласувањето е нејзин составен дел".
Меѓутоа, што станува со она што го нарекуваме „национално прашање"? Тука... несогласувањето се смета за „предавство" или „инфериорност"... Постои само еден доминантен поглед што дури инсистира да биде еден и единствен...Па така, во врска со македонското прашање грчкото општество со години избираше да се самозалажува и да се самозаробува во сопствената стапица, да оди со емотивен набој, да не му верува ниту на еден глас што го повикуваше да ги испита вистинските факти и димензии на ова прашање. Овој курс се потпираше врз...непризнавање дека она што го сметаме првенствено за „национално прашање" – исклучиво и само наше - претставува, пред сѐ, витално национално прашање, односно основа за постоење на една цела земја. Врз оваа основа, грчката страна направи четири витални грешки... Прво, уште од почетокот беше погрешно да сакаш на друга земја да ѝ наметнеш име, колку и да не се согласуваш со нејзиното. Меѓународното право, правото на самоопределување на народите, се разбира, го вклучува и нивното право да изберат име. Практично, работите уште повеќе се влошија кога жителите на оваа земја се нарекуваа со ова име со децении и под тоа име беа признаени од сите, па дури и од Грција. Второ, погрешно е да очекуваш резултат од верувањето дека ќе го наметнеш своето мислење, потпирајќи се на фактот дека си посилен во овие преговори. Оваа процена покажува ограничена свест за вкупните геополитички односи, но пред сѐ за својата слабост да се сфати дека надвор од малобројната „национална публика", идејата присилно да ѝ се наметне име на друга земја на сите други им изгледа како нешто помеѓу чудното, ирационалното и агресивното расположение. Трето, логична грешка е да го поврзуваш национализмот единствено со името на таа земја. Со забранување некому да може официјално да го има името во кое верува и со кое израснал не се ограничува фанатизмот за неговиот идентитет. Како по правило, се случува спротивното. Грчката непопустливост го хранеше чистиот национализам на Владата на Груевски (2006-2016), кој елоквентно е искажан преку статуите со Букефал што го преплавија Скопје. Секој разумен човек, како во Грција така и надвор од неа, сфаќа дека една од причините за интензивирање на македонскиот национализам во изминатава деценија беше грчката позиција на одбивање на признавањето на идентитетот. Меѓу другото, Груевски е и дете на ембаргото од 1994 година и на ветото од 2008 година. Четврто, теоретска грешка е да се верува дека национализмот има граници.
Грчкиот непопустлив став не само што им помогна на националистите од типот на Груевски да доминираат, туку и го поттикнуваше порастот на ксенофобијата и на национализмот во самата Грција. На протестите што се одржуваа во деведесеттите години се роди душогрижнички национализам и во него се појавија – по првпат во релативно масовни услови и, пред сѐ, легализирано, а токму поради ова прашање – нацистите од Златна зора... Денес, двете земји имаат единствена можност да ја сменат патеката и одлучно да продолжат во решавањето на прашањето за името.

2. Македонија е грчка уште од античко време. Како можат некои луѓе денес да си ја присвојуваат таа историја?


Ова прашање ја нагласува разликата меѓу лагите и митовите... современата дебата за Македонија се поврзува со античкото наследство, а особено со авторските права над античка Македонија... Многу историчари и археолози се согласуваат дека јазикот на античките Македонци бил грчки дијалект... Исто така, повеќето научници се согласуваат дека словенските племиња се населиле во Македонија...во VII век од н.е. ... а ова честопати го забораваме – македонскиот простор потпаѓаше под различни владеења... Главни етнички групи во регионот биле „Римјаните" гркофони и словенофони....веќе од крајот на XV век постоеше важно отоманско присуство... Како последица од тоа, уште од многу рано географската територија на Македонија беше точка на осмоза на различни етнички и јазични заедници. Но, ајде да се задржиме на првиот дел од шематскиот наратив: античките Македонци се грчко племе. Постојат и други историски теории, но ајде да се задржиме на оваа. Сепак, овој наод воопшто не може да се поврзе со прашањето како да се именува една земја во XX и XXI век. Грчката јавност мора да го согледа и да го разбере ова „недоразбирање". Едно е што била Македонија во античко време, а друго што е денес. И не само Македонија, туку и Англија, Франција, Германија, Албанија, Турција... Покрај тоа, наследството на антиката има минорно место во појавата на колективните идентитети што се формирале на македонскиот простор во XIX век. Колку и да инсистира мнозинството во Грција дека главното прашање е поврзаноста со антиката, она што од XIX век се нарекува „македонско" е многу посовремена тема... тоа е тема поврзана со кризата на Отоманската Империја кон крајот на XIX век и засилувањето на антагонизмите заради поделбата на нејзината територија. Во тоа време Европа го открива македонското прашање: тоа е поново прашање што се поврзува со соживотот и со етничките антагонизми на еден заеднички географски простор што наскоро ќе стане поле на воени судири меѓу различни државни ентитети.
Значи, од крајот на XIX век под зборовите „Македонија", „Македонци", „македонски" сите – во Грција и надвор од неа – подразбираат еден географски регион и некакво население, а не авторски права над Александар Велики. Во продолжение, во средината на XX век, целата планета ја нарече „Македонија" федералната република во Југославија... Грчките учебници по географија содржеле карти на кои соседната земја се нарекувала со своето име: Социјалистичка Република Македонија. Во оваа дебата никаде не постои антиката. Оваа димензија е додадена неодамна... За среќа, ваквите аргументи, по правило, предизвикуваат политички потсмев... Значи, дали Македонија е грчка уште од античко време? Нашиот одговор е дека ова прашање нема никаква врска со тоа како една држава ќе се нарекува денес, повеќе од две илјади години подоцна.


3. Зар Македонија не е една и грчка?

[Image: mkd-364773.jpg?itok=96VUI4hE]

„Зошто сакаме да заборавиме дека грчка Македонија станала грчка дури во минатиот век, преку едно трогателно искоренување на населението, со реципрочна размена на населението, со доаѓањето на Грците од Мала Азија по уништувањето? Сегашниот демографски состав на Македонија е, пред сѐ, резултат на размената на населението, а не на опстанокот на сите автохтони грчки жители". Вака пишуваше еден од врвните историчари, Филип Илиу, во 1993 година... како одговор на најпопуларниот слоган од тоа време „Македонија била и е грчка". Фактите се сосем јасни: Македонија никогаш не била само една и само грчка.
Напротив. ...А сепак, дури и во грчките училишта учиме дека географската област Македонија по Балканските војни, по Првата светска војна и Малоазиската катастрофа е поделена на три дела: на грчки, бугарски и на оној што подоцна стана конститутивен дел на СФР Југославија... една единствена Македонија постоеше само за време на Отоманската Империја кога, всушност, географска Македонија беше дел од една голема мултиетничка империја.
Само отоманска Македонија беше една. Од тој момент Македонија е распарчена, па ниту е една ниту исклучиво грчка. Грчката Македонија е географски дефинирана, стана етнички хомогена со грчко-турската и грчко-бугарската размена на населението...и со угнетувањето на малцинствата, уште од времето на меѓувоениот период, а со цел да се елинизираат. ...Па така, слоганот „Македонија е една и грчка" во ушите на кого било создава слика дека на современата карта на Балканот има само една конотација: дека Грција присвојува туѓа територија. Колку и да не го сфаќаат ова сите оние што го поддржуваат овој слоган, колку и да велат дека тоа е еден одбранбен став, барањето на една и грчка Македонија одекнува како империјалистички план што би ги изменил утврдените граници на нашиот регион. Значи, овој мит не е само неодржлив. Тој е опасен.
 
Димтрис Христопулос, професор по политички науки и историја на атинскиот Универзитет „Пандио"
Костис Карпозилос, историчар и претседател на Архивот на современа општествена историја
23-11-2018, 03:14 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,877
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote:Ако не го гледаме македонскиот народ, тој едноставно не постои. Ноевизмот мора да нѐ загрижи

Неодамна и во Македонија беше промовирана книгата на Костис Карпозилос и Димитрис Христопулос, грчки професори и историчари. Авторите на книгата на разбирлив и едноставен начин, ги разрешуваат главните дилеми околу Македонија и спорот со името. МКД.мк во неколку ппродолженија ќе пренесе дел од книгата

[Image: mkd-399207.jpg?itok=Tr5lynoE]

  1. 4. Зарем постои македонска нација? Па, нели не постои такво нешто
Нацијата е политичка заедница која формира своја солидарност заради потребата да се засолни во една држава. Националната држава од XIX век до денес е историски дом на нацијата. Ова објаснува зошто народите, кои се производ на политиката во поново време, не постоеле – секако не во онаа смисла во која денес го подразбираме поимот – ниту во антиката, ниту во средниот век... се разбира дека постоеле Грци во античкиот период, но не како конститутивна нација како што тоа денес го сфаќаме и го сметаме. Современата грчка нација се појавува преку барање на ко-лоцирање во државен ентитет – шематски да се каже од крајот на XVIII век. Ова не е грчка посебност. Тоа важи за сите. Како резултат на тоа, ако има една група луѓе кои веруваат и чувствуваат дека се заедно во една заедница, која ја дефинираат на одреден начин, тогаш логично е дека не може истата да е непостоечка. Да го кажеме тоа поедноставно: ако постои една нација – бидејќи нам не ни се допаѓа тоа – да не постои... Штом постојат луѓе кои себеси се идентификуваат како Македонци и сметаат, и тоа со децении, дека ѝ припаѓаат на македонската нација, немаме логично оправдување да тврдиме дека тие се „непостоечки“. Ова толку едноставно размислување е во спротивност со ставот на Грција, но и на Бугарија. Доминантна перцепција во овие две земји е дека нема македонска нација... За Грција работите се посложени. „Непостоечката македонска нација“ се поврзува со историското и универзално негирање од наша страна да го признае македонскиот национален идентитет пред сѐ, внатрешно: односно да признае дека во префектурите во северна Грција постоела и постои – во значително  помала мера денес – малцинска заедница луѓе кои се самоопределуваат национално, етнички или културолошки како Бугари и/или Македонци.  Отфрлањето да се признае овој идентитет во Грција беше почетна точка на патот кон одбивање на неговото признавање и од надворешната политика на Грција по распадот на Југославија. [...] Идентитетот на овие луѓе во постотоманското опкружување е обликуван првенствено од местото во кое живеат: Македонија. Во ерата на националностите, географскиот поим „Македонец“ постепено, и само постепено, наспроти она што го тврди официјалната македонска историографија, се обликува во национален... На почетокот официјалната грчка држава го прифати фактот дека на нејзина територија постоеле заедници кои зборувале друг (т.е. негрчки) јазик и се декларирале како Македонци. Така, на официјалниот грчки попис од 1928 година повеќе од 60.000 луѓе, од нивното огромно мнозинство во северниот дел на Грција, се изјасниле... дека нивниот мајчин јазик е „македонословенски“, ...но работите се измениле со текот на времето. Согласно со новите приоритети на официјалната грчка држава, носителите, односно корисниците на „славомакедонскиот“ истиот требало да го заборават, бидејќи тој јазик „не постои“. Грчката држава, загрижена поради постоењето на малцинството, почна да реализира сеопфатна програма на репресија, чијашто суштина беше искоренување и прикривање на различното: сите во северниот дел – и не само таму- на Грција знаат за села чиешто име беше сменето за да звучат „погрчки“, но малкумина знаат или сакаат да се сеќаваат на мерките за прикривање на јазикот на „домородците“, а уште помалку на апсењата, тепањата, депортациите на „опасните“ припадници на малцинството.


[Image: mkd-399208.jpg?itok=J0mENXK8]

5. Во ред, постои. Но нели е тоа вештачка творба. Нели ја создаде Тито?


Убедувањето дека македонската нација е вештачка творба, креација на Јосип Броз Тито, претседател на социјалистичка Југославија, е варијација на претходното прашање. Размислувањето што се подразбира е едноставно: постои, но не е автентична, и затоа не заслужува место еднакво со другите нации на планетава. Тука повторно се среќаваме со селективно читање на реалноста. Се разбира, тоа беше политика на федерална Југославија, политика што се потпираше врз признавање на различните карактеристики во самата мултиетничка држава, онаа што по првпат го призна државниот ентитет на македонската нација со формирањето на Социјалистичка Република Македонија. Сепак, овој факт не го негира постоењето пред тоа време. Во претходното прашање видовме докази за историскиот пат на оваа нација кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Во него се издвојува еден факт: во летото 1903 година, на 20 јули, денот на пророкот Илија во различни делови на Отоманската Империја се дигнаа народни движења кои ја доведоа во прашање отоманската власт. Иницијативата за Илинденското востание ѝ припадна на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација, која се стремеше кон независност на Македонија. Воопшто не е случајно што Илинденското востание претставува главен национален празник уште од Социјалистичка Република Македонија зашто се смета за почеток на појавувањето на македонската нација на историската сцена.  [...] Она што би сакале, на каков било начин, е да истакнеме дека нациите, по дефиниција, се востановуваат; односно се формираат. Времето – порано или подоцна – нема никакво значење. Клучен е процесот. Сфаќањето дека нациите се создаваат – а не се „будат“ од вековна летаргија, на пример – е вообичаено и често во современата теорија и се заснова на претпоставката дека нациите се колективни политички субјекти кои легитимно ја воведуваат организираноста на светот во национални држави како главен критериум на политичката поделба. Во овој процес, секоја нација има свој пат за создавање и свој материјал. [...] Фактот дека процесот на востановување на македонската нација се случува временски подоцна, сам по себе, не докажува ништо. Не постои еден разумен или поинаков временски рок за да одлучиме дали една нација е „оригинална“ или „вештачка“. Ниту пак фактот кога е основана државата претставува некаков критериум што ќе одлучи дали таа се заснова на постоечка или непостоечка нација. […] Националната свест се создава, во принцип, со политички термини како прашање на совпаѓање на волјата на луѓето. Нацијата може да постои само благодарение на нејзиното секојдневно одобрување од страна на луѓето кои се залагаат за неа. Без него, нема нација. Оваа димензија коегзистира  заедно со културната: повеќето европски држави се потпираат на идејата за заедница: заедница на потекло, јазик, религија и на обичаи.


6. Каков е односот на грчката левица кон македонското прашање?


Односот на комунистичката левица кон македонското прашање е сложен и поаѓа од нејзиниот став за односот кон малцинствата во грчка Македонија. Оваа приказна датира од почетокот на дваесеттите години на XX век кога Коминтерната се одлучи за слоганот „независна Македонија и Тракија“ што е поврзано со изгледите за општествена револуција во регионот и создавање на балканска комунистичка федерација... Балканскиот секретаријат на Коминтерната го призна постоењето на македонскиот народ, додека Комунистичката партија на Грција (ККЕ) систематски го поставуваше прашањето за правата на малцинствата во северните делови на земјата. Сето ова имаше и има значење за развојот на ККЕ (во понатамошниот текст КПГ) во меѓувоениот период, особено за консолидација на грчките антикомунисти: од почетокот на дваесеттите години на  XX век КПГ беше обвинета  за „антинационална“ затоа што зборуваше за малцинството и, главно, зашто – иако неволно – го пропагираше и го употребуваше во официјалните документи слоганот „независна Македонија и Тракија“. Ситуацијата се комплицираше подоцна, во четириесеттите години од минатиот век. Во 1943 година, во Лерин и во Костур беше основана една малцинска организација на отпорот: СНОФ (Славомакедонски народен ослободителен фронт). Оваа организација се обедини со ЕАМ, а нејзините борци соработуваа со вооружените одреди на ЕЛАС. Нивната корелација повремено беше проблематична, но продолжи и се зацврсти во годините на Граѓанската војна, кога борците на НОФ (наследник на СНОФ) се бореа заедно со Грчката демократска армија и ја споделуваа заедничката судбина од воениот пораз. Граѓанската војна беше повеќекратно трауматично искуство за регионот, особено поради односот на грчката држава кон малцинското население. Соработката на малцинството со КПГ го зацврсти верувањето на државниот апарат дека присуството на малцинството претставува постојана закана за грчкиот територијален суверенитет. Врз основа на ова, како и на догмата за опасноста од оние на Север, областите на северна Грција се најдоа во ситуација на континуирано следење, додека населението кое зборуваше словенски јазик беше третирано како опасни граѓани, а нивните основни права беа прекршувани. „Отцепувањето на дел од целата територија“, односно на Македонија, беше базичниот елемент на законот 509/1947, камен-темелник на етаблирањето на прогоните во периодот на Граѓанската војна и, воопшто, на грчкиот поствоен антикомунизам. Во исто време, мажите и жените кои ја преминаа границата повлекувајќи се, требаше да се соочат со комплексноста на судирот на КПГ со режимот на Титова Југославија. Како што за грчката држава малцинското население се здоби со статусот на еден „непостоечки“ (а сепак толку постоечки) проблем, така и за комунистичката левица борците на НОФ – но не и славофоните што се бореа заедно со ДСЕ (Демократска армија на Грција) – одеднаш станаа „непостоечки“. Во ваквата разрешница помогна и агонијата на КПГ да се одбрани од етикетирањето како „непатриотска“. Врз основа на овие повеќестрани закани, активноста на малцинството во четириесеттите години на минатиот век се претвори во колективно табу на грчкото општество. Во веќе наелектризираната атмосфера, иницијативата на СФР Југославија својата најјужна република да ја именува како СР Македонија уште повеќе ги усложни работите. За раселеното раководство на КПГ и севкупната Левица македонското прашање се претвори во една скриена рак-рана: сцена на која антикомунистичкиот дискурс беше систематски експлоатиран за да се докаже „предавничката улога“ на: Националниот ослободителен фронт (ЕАМ), Грчката народноослободителна војска (ЕЛАС), Демократската армија на Грција (ДСЕ) и, воопшто, целата комунистичка левичарска страна и, згора на тоа, на едно наследство што не може да се одбрани во контекст на распадот на Советскиот Сојуз и Југославија; на една внатрешнопотисната и однадвор угнетувана меморија. Кога во 1982 година првата влада на ПАСОК донесе одлука за репатријација на политичките бегалци од Граѓанската војна, „негрците по род“ не беа опфатени со неа; ова е единствениот законски акт од соборувањето на хунтата па наваму со кој – барем и преку дискриминацијата – се признава постоењето на „негрците по род“, односно на словенските Македонци. Молчењето се прекршува во моментот кога комунистичкиот лидер Харилаос Флоракис, кој привремено се луксузираше во коалициската влада во текот на летото 1989 година, наоѓа можност да одржи говор – еден и единствен - за „неприфатливата и расистичка одлука“. И потоа повторно молк. За Грција постоењето на СР Македонија низ годините водеше кон целосно негирање на македонскиот идентитет на целокупната македонска територија, а секој што ќе проговореше за неа стануваше народен непријател. Оттогаш Грција, со тактиката на огромна но глупава птица, ја закопуваше својата глава в земја: штом не го гледа македонскиот народ, тој едноставно не постои. Ноевизмот не смее да нѐ изненади, но мора да нѐ загрижи. Овој став има катастрофални последици: го зајакнува македонскиот национализам и им овозможува на тврдокорните националисти или на следбениците на иконографии да се покажат како бранители на народот против една држава – Грција – која го негира неговото постоење. Во истиот миг некој се чуди на инсистирањето за „непостоечкото“. Ако е така, за што точно зборуваме? Зарем историчари, политичари, аналитичари, грчката јавност со години ја измачуваат со нешто што е „непостоечко“? Тешко дека ќе да е така. Веројатно ќе треба да се направи еден основен договор, т.е. прифаќање: постои и таму е, без оглед на грчките желби и стравови. Проучувањето на обременетото наследство од првата половина на XX век на грчката – главно комунистичка – левица со вресок нѐ потсетува на тоа. Дури и денес, кога владее заборавот, па дури и во еден дел од грчката левица.
23-11-2018, 03:18 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,877
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3

Quote:Грчката опсесија со иредентизмот нема уставно алиби


Неодамна и во Македонија беше промовирана книгата на Костис Карпозилос и Димитрис Христопулос, грчки професори и историчари. Авторите на книгата на разбирлив и едноставен начин, ги разрешуваат главните дилеми околу Македонија и спорот со името. МКД.мк во неколку продолженија ќе пренесе дел од книгата.


[Image: mkd-50841.jpg?itok=PEiJ9ZRz]

7. Дали постои македонски јазик?

Дали е логично или, поточно, дали е за верување: ако нема македонска нација, тогаш како може да има македонски јазик? Токму така. И на кој јазик зборуваат повеќето жители во земјата што се граничи со Грција? Дали меѓусебно се разбираат со мимики, дали мрморат неразбирливи глаголи или живеат во предјазична состојба? На ова, поддржувачите на тезата за „непостоечки народ“ и „непостоечки јазик“ ќе аргументираат дека овој јазик е „дијалект“, „некаква карма-каша од други јазици“ или „бугарски“. На ова рамниште, јазикот претставува еден од големите трнови во преговорите меѓу двете земји. Образложението е следно: Ако Грција го признае македонскиот јазик, тогаш се отвора патот за признавање на нацијата, и обратно. За да не дојдеме до тоа дереџе, грчката страна со години го негираше постоењето на македонската нација, а воедно и на македонскиот јазик. Нашата национална чувствителност или, подобро кажано, нетолеранција во врска со македонскиот јазик е поврзана со горливото прашање на малцинствата внатре во границите на Грција. Историски гледано, македонскиот идентитет во грчкиот простор е идентичен со јазичната диференцијација. Сите сфатија, емпириски и сензитивно, дека во северна Грција постоеле луѓе кои не зборувале грчки туку нешто друго. Затоа грчката политика била толку упорна во нејзината забрана на јазикот. Во 2000 година Тасос Костопулос ја објави монографијата „Забранетиот јазик“, шокантен документ за репресија на словенските дијалекти во северна Грција. Еден познат адвокат во Воден тогаш осамено говореше: „Толку многу години на обидување (искоренување) отидоа во неврат. Сѐ извади на мегдан...“. Затоа исчезнувањето на јазикот се сметаше како главен начин за исчезнување на етничката разновидност, т.е. на „мијазмата“, како што беше нарекувана во првите години по паѓањето на диктатурата. Фактот што дури и денес се зборува овој јазик – и секој што има уши може да го слушне – треба да го побие овој мит. Ако некој ја премине границата, како илјадниците грчки граѓани секоја година, кој јазик ќе го слушне во нашата соседна земја? Одговорот на ова прашање го даде самата Грција. Во 1977 година во Атина, Третата конференција на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња го призна, без приговори, македонскиот јазик. И ако ова се однесува, во главите на сомнителни луѓе, на некаков меѓународен заговор, доволно е да ги погледнеме грчките статистички пописи за да видиме дека нашите префабрикувани перцепции и сфаќања имаат минимална историска заднина. Како што рековме, во 1928 година самата грчка држава регистрирала 82.000 граѓани кои го зборувале македонскиот словенски јазик. Во други записи, на пример една анализа на Државната служба за информации во врска со состојбата на населението во 1954 година, оваа популација фигурира како „славофони“. Грција престана во пописите да го вклучува прашањето за јазиците што се зборуваат само за да не биде признаено. она што сите го знаеја: постоечката димензија на „непостоечкиот“ јазик. Тоа е македонскиот, „староседелскиот“ или „домородниот“, како што се нарекува во северна Грција (и) за да се избегне забранетиот збор. Последен пат ова прашање беше поставено во пописот од 1951 година. Денес, меѓународната лингвистичка заедница го прифаќа постоењето на македонскиот јазик, вклучувајќи го во источното јужнословенско семејство. Едно е, велат лингвистите, како зборува еден необразован селанец, а сосема друго е службениот литературен јазик. Иако е очигледно дека и едниот и другиот се јазици. Но, од моментот (обично врз основа на некои локални дијалекти и низ процесот на обработка на селектираниот вокабулар, граматичките видови итн.) еден јазик бидува стандардизиран, а потоа се предава и се учи, односно станува „официјалниот стандарден јазик“, т.е. со политичка одлука се востановува како јазик. [...] Оваа процедура што ја презема државата следела и се одвивала во речиси сите официјални јазици, главно, преку стандардизација и училишна настава во контекст на социјалистичка Југославија од 1945 година наваму.  [...] И тука повторно се враќаме на почетната точка на нашата загриженост за оние митови што се фокусираат на „непостоечкото“: дали македонскиот јазик е бугарски дијалект, јужнословенски дијалект или посебен јазик, на крајот на краиштата, и нема големо значење за предметот на дискусија во оваа книга. Важно е дека се зборува и дека се поврзува со една заедница на луѓе кои себеси се идентификуваат како Македонци кои, се подразбира, својот јазик го нарекуваат македонски. Непостоечки јазик не постои штом постојат луѓе кои го говорат. Ако ја прифатиме оваа мошне едноставна аксиома, тогаш можеме да ги оставиме лингвистите спокојно да ги спроведуваат своите истражувања.

8. Дали Грција ја ставаме во иста позиција со една државичка, државичката Скопје?

Зборот „државичка“ ја ограничуваше грчката јавна расправа уште од почетокот на деведесеттите. Тоа беше крајниот начин да се избегне обраќањето кон (неименуваниот) сосед со кое било име, заедно со една силна доза на потценување: демек „Државичка“ – и го решивме проблемот. Во рамките на оваа глупост и злоупотреба, зборот ја изгуби својата оригинална содржина. Корисно би било да се потсетиме на основното: терминот „државичка“ во меѓународното јавно и уставно право се однесува на оние држави што сочинуваат федерација... Втората употреба на терминот се однесува на микроскопски мали држави (микродржави)... Меѓународното право не дава прецизно дефинирање на некакви стандарди по однос на пространоста или населението за една земја да биде држава: значи, постои договор дека и микроскопската државичка е суверена држава... Тоа е од причина што според меѓународното право државите се суверени и, во овој поглед, рамноправни со другите држави. Каква врска има сето ова со една земја со површина од 26.000 квадратни километри и население од над два милиони? Одговорот е едноставен: апсолутно никаква. Има земји во Европа помали од ПЈРМ што никогаш не сме помислиле да ги наречеме „државички“... Ајде да помислиме колку ние би биле огорчени доколку Турција, која има 80 милиони луѓе и 800.000 квадратни километри ја нарекуваше Грција „државичка“? Значи, очигледно е дека терминот државичка се користи за соседната држава како показател на презир кон постоењето на нејзината државност, а со тоа и презирање на нејзиниот идентитет. Ваквото поимање го конципира во својот познат речник и професорот по лингвистика Георгиос Бамбињотис. Доаѓајќи до крајната точка на тенденциозно мамење и научно самодеградирање поради својот ангажман во националниот канон, ја стави следнава дефиниција за определницата „државичка“ (ср. род): 1. мала распространетост (или мала организациска инфраструктура) на државата: - Скопје/Ватикан; 2. секоја членка на федерална држава: беше една од најбогатите на ФРЈ. Овде „со мала организациска инфраструктура“ кореспондира со друга конотацвија на „двржавата“: геополитичката кревкост на новата држава. Од моментот на нејзината независност, ова гледиште како да го чека нејзиното пропаѓање. И таму зборот „државичка“ има свое значење што подразбира привремена, кревка, делумно реализирана. Факт е дека оваа земја има сериозни проблеми со внатрешната кохезија. Но, таа постои, независно од тоа дали ќе ја нарекуваме држава или државичка. Во 2001 година беше на работ на распаѓање поради албанските бунтовници во западниот дел на земјата. На еден простор што се протега по должината на нејзините западни граници со Албанија и Косово традиционално живее албанска заедница која бара проширена автономија. Овој режим е востановен со Охридскиот договор од 2001 година благодарение на кој се избегна граѓанска војна. Оттогаш, земјата се откажа од соѕвездието на унитарни држави и за подобро влезе во договорот за двозонска држава (како што е Белгија), што се сметаше за единствена гаранција на интересите на албанското малцинство. И денес рамнотежата меѓу двете етнички заедници е минимална. Грчката позиција во врска со името на земјата, се разбира, ја влоши оваа нестабилност и изгледа како самоисполнувачко пророштво за „неодржливост на државата на Скопје“.

[Image: mkd-358758.jpg?itok=8aaoSLAk]

9. Нивниот Устав не е битен. Зар не треба да се промени за да се постигне компромис?

Во врска со претходните прашања, ова прашање барем ѝ припаѓа на сегашноста. Се однесува на денес, а не на „историски права“. Ова, само по себе, го прави разумно. Сепак, изненадува тоа што, иако како прашање доминира во јавната дебата поврзана со неодамнешните преговори, малкумина во Грција се потрудиле да ни кажат што точно пишува во македонскиот Устав. Така, виси чувството за иредентистички устав, но ни недостигаат вистински податоци. Меѓутоа, за да знаеме што точно бараме, битно е да се разјасни ова: иредентизмот (од италијанскиот поим irredentismo) претставува идеологија што цели кон ослободување, кон „спасение“ на сонародниците кои се наоѓаат надвор од националниот покрив со цел нивно интегрирање со територијата на матичната татковина. Иредентизам е кога некој ќе рече „и пак, со текот на времето, ќе биде наше“, замислувајќи промени на границите, промени што во современата историја обично се резултат на крвави воени судири. Меѓутоа, од клучно значење е да го разликуваме национализмот од иредентизмот. Иако иредентизмот  секогаш се потпира врз основата на национализмот, не значи секогаш дека национализмот има иредентистички тенденции. […] Но, ајде да се вратиме на спорното прашање. Еминентни грчки специјалисти по уставно и меѓународно право (Христос Розакис, Јоргос Сотирелис или поранешниот потпретседател на грчката влада Евангелос Венизелос, кој воопшто не го крие опозициското расположение во сегашната влада) одлучија дека во уставот нема иредентизам. Но, да го прочитаме контроверзниот член од Уставот, член 49: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји, како и за иселениците од Македонија [...] и се грижи за културните, економските и социјалните права на своите граѓани во странство“. Наспроти други примери, споредбено, член 108 од грчкиот Устав предвидува: „Државата се грижи за животот на грчките иселеници и за одржувањето на нивните врски со нивната матична татковина. Исто така, се грижи за образованието и за социјалниот и професионалниот напредок на Грците  кои работат надвор од земјата“. Дополнителната референција во Уставот на соседот што зборува за „македонскиот народ во соседните земји“ е национализам од стар ков, меѓутоа не претставува доказ за иредентизам. Доколку ова беше таков случај, многу земји од современиот свет – првично сите земји во централна Европа, земји-членки на ЕУ – треба да се сметаат за иредентистички. Но, тоа не е така. Покрај тоа, во случајот на овој Устав постои уште еден клучен аспект. Во 1990 година нејзиниот Устав беше изменет по соодветните препораки на Бадентеровата комисија (1992) и потпишувањето на Времената спогодба со Грција (1995). Патем, да размислиме дека тоа не е ниту лесно ниту нешто зададено. Така, втората измена на Уставот на нашата соседна земја експлицитно вели: „Во остварувањето на оваа грижа Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“. И уште појасно, со член 6 од Времената спогодба се предвидува дека „поранешна југословенска Република Македонија... изјавува дека ништо во нејзиниот Устав, а особено во преамбулата или во член 3 не може или не треба да се толкува како да ја содржи или би можело да ја содржи во иднина основата за територијални претензии надвор од нејзините граници“. Иако тешко може да се замисли поодлучно отфрлање на иредентизмот од текстот на уставот, во грчката јавна дебата ова прашање постојано се повторува. Парадоксот е во тоа што споменатава аверзија продира низ целата политичка сфера: од нејзино опсесивно повторување до говорот на главната опозиција и некои срамни владини аверзии, до Комунистичката партија на Грција и некои организации на вонпарламентарната Левица... За некое време дури стана и постојана аверзија кон говорите и изјавите на претседателот на Република Грција. Така, упатувањето на „иредентизам“ изгледа како неопходен и превентивен противотров со цел да не се дискутираат можностите за решавање на билатералниот спор што влијаеше врз нас во последните 25 години. И не само тоа. Дејствува и како засолниште на оние што општо и посветено би сакале разврска, но откривајќи го „иредентизмот на Скопје“, меланхолично ја клатат главата и ја одложуваат расправата на неопределено време. Се разбира, ова е аргумент, и претставува совршено алиби за оние што едноставно не посакуваат никаква разврска на спорот. […]
Единствениот веродостоен, но навистина нереален аргумент во врска со уставниот иредентизам на соседот е дека референцијата „Македонија“ сама по себе претставува формулација што ја отвора вратата за идна ревизија на границата. Ова е линија и на оние што одбиваат каков било компромис меѓу двете земји, бидејќи името на земјата го содржи поимот „Македонија“ или негов дериват. Меѓутоа, ако се претпостави дека земјата, во некој даден момент со текот на времето, се здобие со иредентистички аспирации, тогаш нејзиното име не игра некаква улога: ако се вика „Северна Македонија“ романтично ќе ја гледа јужна, додека „Нова Македонија“ ќе ја потсетува на старата или античка, па ќе ја бара. Се разбира, ниту називот „Скопје“, ако претпоставиме дека некогаш би можел да се наметне, ќе спречи една држава што инвестира во иредентизам да гледа во сите насоки на хоризонтот. Да бидеме искрени, уставите можат да се променат, но историски гледано, на иредентизмот не му требаат секогаш уставни одредби за да се распостеле. Некој може да праша: Зар не постои некаква реална основа во осврнувањето за „македонскиот иредентизам“, околу кој се концентрира грчката позиција? Одговорот е дека постои историска основа, но национално прикриена и премолчена. Се однесува, како што рековме погоре, на постоењето на, во денешно време мала, а во минатото многубројна заедница во Грција која зборувала словенски јазик. Значи она што предизвикува бес во Атина е внатрешниот страв, но не може да признае од што точно се плаши. Затоа што, се разбира, тоа е особено смешно при здрав разум да се претпостави дека Атина, поради некоја друга причина се чувствува несигурна наспроти една слаба земја што се стреми да стане членка на меѓународните организации, пред сѐ, за да ги спаси својата целина и внатрешното единство. Затоа, грчката опсесија со иредентизмот нема уставно алиби во ХХI век. Меѓутоа, има историски корени во ХХ век. И претходно ги напипавме. Самиот Константинос Мицотакис во 1995 година изјави: „Она што ме загрижуваше од почетокот не беше името на таа држава, […]. Проблемот беше да не се создаде втор малцински проблем во регионот на западна Македонија“. Од крајот на Балканските војни и анексијата на нови територии (Македонија, Епир, островите на северниот и источниот Егеј, Крит) кон грчката територија, Грција се обиде на секој начин да го интегрира населението кое зборува словенски јазик. На секој начин, односно низ присилна асимилација: мораше да платат висока цена со цел да станат пристојни грчки граѓани, а не „загадувачи“. Политиката на насилна асимилација што се применуваше во грчка Македонија од периодот меѓу двете светски војни (1923-1940) до крајот на Студената војна донесе резултати: сега, славофоните се многу помалку, сите тие се билингвисти и само еден многу мал дел од нив нема грчки национален идентитет. Кон оваа популација е насочена иредентистичката пропаганда на националистичките кругови што се наоѓаат во Скопје. И сосема логично е што таквата пропаганда ѝ пречи на Атина која во никој случај не сака да чуе за нив. Но, ова е една работа, а сосема друга е да бараме формалности во уставот што едноставно не постојат.

Димтрис Христопулос, професор по политички науки и историја на атинскиот Универзитет „Пандио“
Костис Карпозилос, историчарот и претседател на Архивот на современа општествена историја
24-11-2018, 02:09 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,877
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#4

Quote:Една држава не може да наметне име какво што таа мисли дека треба да има некоја друга држава


Неодамна и во Македонија беше промовирана книгата на Костис Карпозилос и Димитрис Христопулос, грчки професори и историчари. Авторите на книгата на разбирлив и едноставен начин, ги разрешуваат главните дилеми околу Македонија и спорот со името. МКД.мк во неколку продолженија  пренесува дел од книгата.


[Image: mkd-358839.jpg?itok=QB4Pduu9]


10. Значи, погрешно е дека оваа држава е Скопје, а нејзините граѓани се Скопјани?

„Прифатете го изразувањето на нашиот истакнат углед“: вака завршува писмото од страна на истакнати Грци до светските лидери потпишано во март 1992 година од Одисеас Елитис, Мелина Меркури, Елени Гликаѕи-Арвелер, Димитрис Цацос и Аристовулос Манесис. Овие луѓе чувствуваа потреба да го објават својот став дека преку употребата на името „Македонија“ „противнападот против Грција станува скандалозен и неизбежен“ и дека „нашата душа е нашето име“. Последната реченица е регистрирана како горд слоган што се повторуваше бесконечно во грчкиот јавен дискурс, зашто писмото доби голем публицитет во Грција (и минорен надвор од Грција, но тоа е друга приказна)... Меѓутоа, кога во 1999 година Аристовулос Манесис беше прашан во приватен разговор дали бил свесен дека „нашата душа е нашето име“ би можело да се прочита како морален легитимитет на барањето на името „Македонија“ и од другата страна, им призна на своите блиски – со неговиот познат ироничен саркастичен начин – дека „го потценил“. Оттогаш во северниот дел на Грција, во близина на границата со земјата за која станува збор, на главните патишта (меѓу кои и на Егнатија Одос) од пред неколку години се поставени патокази на кои пишува „Скопја“ на грчки, и на латиница “Skopia“. Меѓутоа, поимот „Skopia“ не постои на ниту еден јазик. Ова е навистина непостоечки термин. Меѓународното име на градот Скопје во латинична форма е Skopje. „Скопја“ е грчка измислица за англиски превод на името што Грција го користи за својот северен сосед. Некој може да праша: Зар не ќе беше доволно да се употреби зборот што го користи англискиот јазик за името на нејзиниот главен град? Одговорот е можеби дека „непостоењето“ на прашањето и нашиот однос, што е погубен за нашите соседи во нашите меѓусебни релации, остава во нашата земја можност за произволно јазично моделирање што се има востановено во свеста на Грците, чијашто очигледна екстремна верзија е „Skopia“: не само што една земја ја нарекуваме со нејзиниот главен град, туку и името на главниот град не сакаме правилно да го транскрибираме на латиница. Така, постепено македонското прашање во продолжение стана „Скопско“: македонското прашање не постои. Од почетокот, граѓаните на земјата кои некогаш, дури и неформално, до 1990 година ги прифаќавме како Славомакедонци станаа „Скопјани“,  земјата стана „Скопја“, верзијата на англиски „Skopia“, а животот во Грција, во името на овој неверојатен патент, е целосно скопјанизиран. Постепено, во последниве години некои политичари и новинари се мачат да се ослободат од лесната скопјанизација во својот вокабулар, но работите одат тешко. „Поранешната Југословенска Република Македонија е железничка пруга“ – да не споменуваме што во себе содржи и „Македонија“... ама како да ги наречеш нејзините граѓани? ПЈРМци, Поранешнојугославомакедонци? Од друга страна, FYROM на грчкиот јазик практично не му е блиско и познато, иако не изостанаа некои злонамерни референции како „Фиромија“ и „Фиромјани“. Така, процветаа референциите: „Во нашата соседна земја“ или „северниот сосед“. Но, што може да го оправда таквото безумие? Ништо помалку – и ништо повеќе – од всаденото убедување во „непостоењето“ на идентитетот. Значи, штом прашањето е непостоечко, употребата на зборови како „фалсификување“ и „узурпација“ е единственото логично прибежиште за да се објасни дека тоа воопшто не е непостоечко, туку напротив, постоечко. Но, тоа мора да остане „непостоечко“ и тоа е причината зошто сите надворешни манифестации на ова прашање се сметаат за лажни, а првенствено името „Македонија“, бидејќи тоа е токму она што не може да им припаѓа ним. Денес дојдовме до тој степен што нашите сограѓани не можат да го одделат „Скопје“ од официјалното име на државата. Значи, причината што го наложува „непостоењето“ на македонското прашање не е декларативна, туку, всушност, нормативна: не ни кажува што постои, туку што треба да (не) постои и да (не) се признае. Ова им дава комодитет на сите во Грција да имаат едно мислење и едно име подготвено за соседите. На пример, еден грчки пратеник и поранешен вонпарламентарен министер пред некое време предлагаше „да се нарекуваат Дакија“ – од античките Дакијци или Гети, еден таксист рече „да се викаат Република Скопје“, солунскиот митрополит го поддржуваше називот „Вардарија“, додека една Гркинка -европратеник јавно праша: „Зошто да не е Мојсеја?“ Нема да продолжиме, бидејќи сме сигурни дека грчкиот читател сигурно повеќепати бил сведок на ова чудно name bombing. Мноштво писма во весниците, локални и атински, од 1992 година сведочат за благородното натпреварување на нивните уредници и тие да придонесат во потрагата по име... Фантастичните текстови потекнуваат од перцепцијата дека ние Грците имаме историско право на името на некоја друга држава. Леснотијата со која обичните луѓе, меѓу другите, имаат подготвено име за крштавање на соседите произлегува токму од всаденото убедување дека нивното име не им припаѓа, туку ни го узурпираат нам. Ова ни дава легитимитет да предлагаме различни имиња без размислување и без познавање, без дури и да се потрудиме да помислиме дали некој нѐ прашал или дали би ни се допаднало да ни го направат истото. Грчкото општество пред себе има долг пат што треба во иднина да го измине за да се излекува од оваа имагинација за јазично креирање имиња на другите.


[Image: mkd-358758.jpg?itok=8aaoSLAk]

            10+ 1. Со други зборови, зар Грција нема право?

            Грција нема право. Една држава не може да наметне име какво што таа мисли дека треба да има некоја друга држава. Оваа статутарна позиција го преминува концептот на меѓународното право за односите меѓу државите. Крајот на Студената војна значеше постепено создавање на двојно побројни држави-наследнички на поранешните социјалистички федерации што се распаднаа. Замислете што ќе се случеше ако секоја соседна држава можеше да го попречи востановувањето на еден државен субјект, потпирајќи се врз прашањето поврзано со неговото име... Картата на Европа ќе беше ишарана од вооружени судири, меѓународни кризи и спорни зони. Оваа прагматична димензија Грција не беше подготвена да ја согледа на почетокот на деведесеттите. Меѓутоа, почетната непопустливост омекна. Во практиката, почетната позиција се измени. Нејзиното поместување се рефлектира врз Времената спогодба, укинувањето на ембаргото, прифаќањето на името „Поранешна Југословенска Република Македонија“, денешниот компромисен став што се обидува да фати заеднички чекор со новата влада на соседот. Изминаа 22 години на неуспешни преговори од Времената спогодба. Во меѓувреме, зборот „Македонија“ меѓународно се идентификува со истоимената Република. Грција се прави дека не ги гледа определниците во речниците и енциклопедиите ширум светот, спортските настани, меѓународните средби, извештаите во странските весници, 140-те земји – 140, а не 40 – кои ја признаа Република Македонија. Веројатно никој друг, освен самите ние, не беше подготвен да покаже разбирање за аргументите на грчката политика, онаква каква што се изроди по 1992 година. Се разбира, некој ќе рече дека ова само по себе не е доволно да се покаже дека овие аргументи се неосновани. Секако. Од друга страна, нешто веќе се покажува. Конечно, ако некој мисли дека, општо земено, грчките позиции се неправедни, бидејќи целиот свет непоколебливо стои наспроти нив, треба да потсетиме дека грчките позиции кон нашиот источен сосед се разбирливи за целиот свет, и навистина, и покрај силата на Турција, не добиваат само осуди, туку речиси симпатии. Спротивно на тоа, само европската крајна Десница сочувствува со нашата земја по однос на нејзиниот македонски фронт на кој Грција, уште од почетокот, доживува апсолутна дипломатска осаменост. Исто така, мораме да бидеме свесни дека фактот што по 27 години меѓународните организации и актери се лидери во обидот да се најде чесен компромис меѓу двете држави во врска со името не се објаснува со нивната поддршка на нашите национални закони, туку со реалното признавање на грчката моќ. Фактот дека ние денес разговараме за компромис, и тоа не само што е потврдено на меѓународно ниво со признавање на земјата под нејзиното уставно име „Република Македонија“ е производ на поголемата моќ и важност на Грција за Западот. А нашите соседи, се разбира, тоа го доживуваат многу трауматично. Сепак, овој прагматичен став на меѓународните актери има свои граници. Со Времената спогодба од 1995 година Грција се обврза да не го блокира влезот на Македонија под привременото име во меѓународните организации. Сепак, во 2008 година грчката влада одлучи да го засили притисокот со ставање на познатото вето во Букурешт што го спречи влезот на FYROM во НАТО под тоа име. Во декември 2011 година грчките позиции убедија само еден (Гркот) од шеснаесетте судии на Меѓународниот суд на правдата во Хаг што доведе до осудување на Грција поради прекршување на член 11 од Времената спогодба. Судот сметаше дека уредбата во текстот дека Грција нема да приговара за влезот на ПЈРМ во меѓународните и во регионалните организации доколку земјата се обидува да влезе под привременото име (ПЈРМ) има граматичко (буквално) значење. Нешто што Грција го игнорираше. Се разбира, во нашата земја важноста на оваа одлука беше запоставена поради фалбите за гордоста и задоволството од преговорите во Букурешт, кои се чинеше дека му пркосат на фактот колку слаба прогресија претставува осудата на земјата од страна на судски механизам што законски формулира што е тоа меѓународно право. Значи, Грција нема право. А и кога има право, се обесправува себеси со аргументацијата и со практиката што ја применува. Да се потсетиме на плачот за време на демонстрациите во 1992 година „Граница Грција-Србија“ со визија за поделба на една мала и сиромашна земја која само што беше востановена. И ако тие гласови можеме да ги заборавиме како екстремни, застарени или иконографски – за среќа, засекогаш – што можеме да кажеме во врска со одлуката на грчката влада да воведе ембарго за да ги принудува и да ги уценува нашите соседи? Па дури и да го прифатиме тврдењето, главно за да не должиме многу, дека ова било – поради тогашните настани – оправдана реакција, како можеме да инсистираме на ставот дека на Грција ѝ се заканува агресија од соседството кога таа има годишен буџет за трошоци на војската четири милијарди евра, а другата одвај 115 милиони долари. Инсистирајќи на тоа дека ние имаме право, создадовме самозалажување на кое самите се осудивме, едновремено зајакнувајќи го ранетиот национализам на другата страна.  Во овој непријатен пејзаж денес се гледа надеж. Ако во 1992 година чувството дека Грција апсолутно има право беше хегемонистичко, сега работите се изменија. Во денешно време незамисливо е училиштата да се затворат по налог на Министерството за образование за да се превезуваат ученици кои во рацете ќе веат грчки знамиња, ресторанџии да купуваат салфетки со сонцето од  Вергина, а слоганот „Македонија е грчка“ да стои на официјалните документи на нашата држава. Во тоа време неуспехот да се реши македонското прашање пробиваше низ целиот политички спектар и го сочинуваше основното јадро на нашата надворешна политика. Денес, тоа не е случај.


[Image: mkd-380830.jpg?itok=u0faNIqR]


Зошто се случи ова и што може да се направи денес?

            На страниците што претходеа се обидовме да покажеме дека грчката позиција во врска со македонското прашање не е едноставен апсурд, туку има свои историски корени и се базира на стравувањата што ги бележиме од крајот на ХIХ и почетокот на ХХ век. Овие корени се изразуваат преку искривиколчената страст од крајот на ХХ и помалку на почетокот на XXI век. Ние не живееме во вакуум. Напротив. Секое политичко однесување значи нешто. Овој означувач во различни временски периоди беше врамен од современите политички контексти. На почетокот на ХХ век, во ерата на националностите, грчката држава се справуваше со македонскиот идентитет или преку асимилација или (ако тоа не беше случај) преку елиминација. Ваквата позиција се заостри во вителот на авантурите на земјата во средината на ХХ век: вознемиреноста поради македонскиот идентитет се преплетуваше со реалноста на Граѓанската војна, а во тоа време грчките власти се бореа на секој начин да го заокружат проектот за насилна асимилација или, поедноставно, за „непостоењето“. Но, историјата е непредвидлива. Кога се чинеше дека ништо не може драстично да ја промени доминантната грчка приказна за непостоење на македонскиот идентитет, нашата соседна Југославија се распадна и Социјалистичка Република Македонија побара и се здоби со независност како „Република Македонија“.


[Image: mkd-386270.jpg?itok=BJZ9fGdm]

Коцката е фрлена! Грчката политика кон новоформираната држава беше диктирана од целисходноста, фобиите и опсесиите на минатото, измешани со огромното трошење на капиталот на внатрешната политика од страна на тогашните партии на власт. Земјата убаво си беше свикната на „непостоечкото“, но по 1991 година се најде под незамислив стрес зашто требаше да се помири со „постоечкото“. Во таа точка на вриење, на протести и јавни слогани, националистичката хистерија целосно замижа пред националната глупост. И, се разбира, не првпат во грчката историја. Резултатот е тоа што ние го опишавме во претходните страници: еден народ кој стана зависник од носталгични приказни, на измислени традиции и селектирани спомени што го прогонуваат и го измачуваат, го разјадуваат однатре, ултрадесничарскиот микроб на душогрижничкиот национализам – па дури и во тешки околности, како денешниве. Тука има голема контрадикција: во последната анализа, до одреден степен, не е толку штетно да се учиме на лаги. Многумина знаат да се истрчаат и да кажат дека општеството секогаш има потреба од свои митови и да мавтаат со прстот додека велат: „Не не= заморувајте со вашите толкувања, туку, пред сѐ, погледнете го национализмот на другите“. Меѓутоа, станува збор за еден циничен пристап што го менува фокусот на дискусијата: „Не е важно што се случило туку што дознаваме дека се случило“. Едновремено, овој цинизам се разликува и од неподносливиот патернализам. Според него, во последната анализа, подобро е граѓаните да се незрели и мутави – обвинувајќи го човештвото за неукост и непознавање на историјата, а граѓаните за непосветеност – отколку несигурни поради постојаниот страв да не дознаат нешто што не треба. Меѓутоа, овој аргумент е и автосубверзивен: затоа што токму тоа го храни она за што тврди дека го прозива – национализмот на соседите. Исто така, во крајна инстанција, тој е длабоко авторитарен и придонесува, на свој начин, репродукција на општествен поредок заснован на незнаење, предрасуди и страв. Сфаќањето според кое вистината треба да се дознае само ако не е болна е крајно проблематично за индивидуалната или колективната самосвест, а генерално претставува пречка за напредокот на човековата мисла. Тоа е другата страна на аргументот што го шири, експлицитно или имплицитно, новонастанатиот душогрижнички национализам: „Ние имаме право бидејќи сме Грци“. Иако патерналистичкиот цинизам на душогрижничкиот национализам (нека си живеат луѓето во своите митови) предизвикува аверзија, како аргумент би можел да биде минимално поддржан само во име на придобивката што им носи социјален мир на луѓето: аргументот ќе има некаква функционална вредност ако човештвото навистина верува дека „Грците имаат право, бидејќи се Грци“. Се разбира, ова е сценарио за научна фантастика. Покрај тоа, во нашата соседна земја се шири ендемска зараза на сличен аргумент што се храни од нашиот: националистичкото лудило особено го карактеризира времето на владата на Груевски, и покрај напорите за контрола од страна на претходното раководство на Глигоров и сегашното раководство на државата. Враќањето во нормала со сегашната влада на Заев дава единствена можност земјите да свртат страница и да се позанимаваат со своите – не малку на број – суштествени проблеми, едновремено конфронтирајќи се со своите национални митови. Оваа конфронтација нема да биде позитивно салдо само за нивните односи туку, пред сѐ, и за нивната демократија. И онака, демне еден вознемирувачки тоталитаризам што веќе ја вдахновува политичката култура: „Ние не се мачиме да се соочиме со она што го знаеме, зашто едноставно знаеме дека моќта не е во аргументите, туку во молчењето и заблудата“. Пред сѐ, тоа е она што го искусивме од 1992 година наваму со македонското прашање. Сепак, постепено се ослободуваме од ова. Мачно и бавно, некои ќе речат. Можеби. Сепак, времињата се менуваат.
И тоа ни дава надеж.
 
Димтрис Христопулос, професор по политички науки и историја на атинскиот Универзитет „Пандио“
Костис Карпозилос, историчарот и претседател на Архивот на современа општествена историја
 
(Книгата „10+1 прашања и одговори за македонското прашање” во април беше промовирана во Атина, во присуство на голем број пратеници и поранешни министри од СИРИЗА, но и претставници од други грчки политички партии. Поздравен говор упати и претседателот на грчкиот Парламент. Во септември во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија книгата доби македонско издание)
 
(Kрaj)
 
26-11-2018, 01:28 AM
Reply