Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
АНАЛИЗА НА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,366
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Владината пропаганда од невидени размери досега, работи со полна пареа. За среќа иако се платени на овој или оној начин, и иако ги има многу, и иако ги окупираат буквално сите медиуми, фактички се безгласни. Бидејќи мнозинството од луѓето сакаат да дојдат до вистината, што тие очајно се обидуваат да ја сокријат.

Ако остана воопшто некој што мисли дека овој договор не е катастрофа (секако тука се изземени владините пропагандисти), ево дополнителна елаборација:
Членот 7 од договорот е најкобниот, и да се почне од клаузула 1, каде што е јасно кажано дека термините "Македонија" и "Македонски" за двете страни имаат различен историски контекст и културно наследство.

Во наредниот член 7(2), Грците ПРВИ полагаат право на овие термини и се дефинирани и надвор од областа Северна Грција (Егејска Македонија). Тука присвојувајќи си ги како дел од грчката цивилизација, историја, култура и наследство од античко ДО СЕГАШНО ВРЕМЕ, значи во континуитет. Ова е чиста кражба, и оставиле ли Грците нешто воопшто, а да јазикот. Од едноставна причина што не може да го украдат, бидејќи македонскиот и грчкиот јазик не се исти. Но, секако Грците тука не што не оставиле дупка, него и јазикот е искористен за кражбата да биде запечатена.

Македонија втора полага право на термините, и затоа сме во наредниот член 7(3). Тука има две различни работи во однос на Грците 7(2). Прво, ние полагаме право на термините Македонија и Македонски САМО на сегашна територија на РМ. Второ, вклучен е и јазикот, што кај Грците го нема.
И за да се осигура нашата капитулација, тука е членот 7(4), веднаш после 7(3), што ВООПШТО не е случајно. Овдека е ДОДЕФИНИРАНО дека македонскиот јазик е од групата на јужно словенски јазици. И дека тој јазик нема врска со грчката цивилизација.

А што е тоа што фактички го дефинира идентитетот, тоа се историјата, културата, наследството и ЈАЗИКОТ. Грците ни украле све наше (македонско) како грчко, освен јазикот. Бидејќи не може да го украдат, не е грчки. Но, додефинирајќи го јазикот дека е во групата на јужно словенски јазици, de jure ние сме дефинирани како македонци со словенско потекло, или славомакедонци, баш како што не нарече Тсипрас. Бидејќи дали може да постојат две групи на македонци со крајно различни историја, култура, наследство и јазик, НЕ.

Ако ова не е крадење на Македонизмот, зошто тогаш македонците кои што наводно според 7(2) се Грци не се нарекуваат гркомакедонци. Тогаш би останало македонци да бидеме ние, што и сме. Но во тој случај нашиот македонски идентитет би бил зачуван, а не украден како што е сега.
КАТАСТРОФАТА на овој договор не е само што се даде името на државата, него се даде и ИДЕНТИТЕТОТ.

Јованчо Спироски
17-06-2018, 01:42 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,366
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote:Има неколку поенти околу договорот со Грција на кои сакам да се осврнам.

1. Со договорот Македонија дала се' што можела да даде, како: уставното име со земјите кои веќе не' признале така; употребата на формата "на Северна Македонија" за јавните институции наместо придавката "македонски", промена на Уставот и ревизија на учебниците како и неупотреба на македонските топоними во Грција, т.е. во Егејска Македонија.
2. Наспроти тоа сме добиле работи кои и онака не сме можеле да ги изгубиме, како македонскиот јазик и секојдневна употреба на придавката македонски во приватна комуникација.
Според моето читање не договорот, вака стојат работите.
Веќе претходно кажав дека нема да може формално да стои придавката "македонски" пред институциите. На пример, наместо Македонска телевизија, ќе треба да се вика Телевизија на Северна Македонија. Тоа е отстапка која е дел од компромисот за немонополизација на придавката од ниедна страна (во официјална смисла). Но, голем број институции не користеле придавка "македонски" ни досега. Па така, Народна банка на Република Македонија отсега би била Народна Банка на Република Северна Македонија. Влада на Република Македонија би била Влада на Република Северна Македонија, итн. Никој не може да биде спречен да каже или да напише: македонската влада, како и досега.
Околу промената на Уставот и ревизија на учебниците, процедурите ми се чини се јасни. Во учебниците нема да може да се диктира грчко гледање или толкување на нашата историја бидејќи комисиите ќе бидат заеднички. Тоа ќе се случи откако договорите ќе бидат ратификувани и ќе влезат во сила и во двете земји. Грција нема да ги има целосните алатки на уцена да може да наложува како ќе ја учиме ние нашата историја. Само ќе можеме низ разговор и добра волја и кај нас и кај нив да дојдеме до приближување на некои позиции.
На пример, околу неупотребата на македонските топоними во Грција, Договорот во член 8 став 4 само вели дека двете земји ќе ги прифатат препораките на ОН за стандардизација на географските имиња, со што се дава предност на употреба на ендонимите пред егзонимите. Тоа, според мене, не може да се чита како забрана за нас да ги употребуваме македонските топоними во Егејска Македонија. Јас го читам тоа како наше признавање на грчките имиња на тие топоними, односно им се дава предност. Практично тоа би значело дека на географска карта изработена во Македонија, или во каков било документ, предност треба да се даде на терминот Тесалоники, а не на Солун. Но, не може да се забрани употребата на терминот Солун (предност значи нешто доаѓа прво, а не е единствено). Решение, според овој член од договорот може да биде Тесалоники (Солун), Едеса (Воден), итн. Ова е компликувано и емотивно прашање и дел од суштината на спорот. Грците сметаат дека ние не го признаваме грчкиот карактер на нивната Македонија со оглед дека воопшто не ги признаваме грчките називи на тие места во нашата домашна комуникација. Со тоа што формално се согласуваме да дадеме предност на тие топоними, ние формално ја признаваме денешната фактичка ситуација во Егејска Македонија, односно дека тие места денеска ги имаат тие официјални имиња. Но, егзонимите не се исклучени во договорот. Ние можеме да инсистираме секогаш кај нас да се пишуваат и двете форми, и тоа ќе биде во согласност со Договорот. А и за Грците истото важи. Тие досега на своите карти и документи пишуваат Скопиа, Монастири (за Битола), итн. Тие ќе треба да ја усогласат и својата терминологија (т.е. да дадат предност на нашите називи).
Во однос на тврдењето дека сме добиле работи кои веќе сме ги имале, исто така не се согласувам целосно. Формално, ние го имавме македонскиот јазик во ОН, и токму затоа не смееше по никоја цена да се загуби тоа стекнато право. Стекнати права тешко се губат, но не значи дека е неможно да се загубат. Целиот фокус на Грција во последните 27 години беше токму да се отстранат идентитетските обележја на Македонија, кои покрај името на државата се и јазикот и името на мнозинското население. И ако се анализираат документите каде што Грција има одлучувачка одлука, како ЕУ, терминот македонски јазик не постои. Во сите преговарачки позиции до сега, за Грција ерга омнес значеше комплетно менување на придавката за сите одредници. Сега тоа се сведе само на јавните институции (да, не е идеално), но Договорот овозможува отсега натаму да не се чепка во ниту една друга сфера. И тоа не е само приватна сфера туку и јавна. Се' што се однесува на македонскиот идентитет, како колективниот идентитет Македонци, јазикот, историјата, фолклорот, културата итн, секако дека ќе можат да ја носат придавката "македонски". Тоа го обезбедува членот 7, став 3 од Договорот. И според овој член, Грција се обврзува да не го негира правото нашиот народ, култура, историја, традиции итн да се нарекуваат македонски. Таа го задржува истото право да го чува своето хеленистичко наследство како македонско од периодот на Александар Велики. Тоа е крупен дел од спорот и без вакво решение компримис никако немаше да биде можен. Но, да се потсетиме, Грција сакаше монопол над придавката македонски, македонскиот јазик во најдобар случај да биде непреведен на странски јазик а во најреален случај според нивниот поглед промената на името на државата требаше да наложи и промена на именката Македонец и придавката македонски (во меѓународната комуникација сигурно, ако не и дома), кои се клучни за изразување на идентитетот на Македонците. Во Договорот само се вели дека македонскиот јазик е дел од јужнословенската група јазици (што е ноторен, енциклопедиски факт). Надвор од тоа Договорот ништо не вели за македонскиот јазик, туку само го именува така, без какви било додавки.
Значи, јасно е дека договорот е компромис кои на места е болен. Но, за оние што добро ја познаваат грчката политика кон македонското прашање, не само од последните 27 години туку од последните 100 и кусур години, знаат дека овие решенија кои сега се издејствувани ни овозможуваат да продолжиме понатаму достоинствено. И конечно, вистина е дека Грците сосема на крајот ќе го ратификуваат Договорот за тој да може да влезе во сила, откако ќе се направат промените кај нас. Но, доколку Грција го изигра и ова решение, договорот секако ќе биде ништовен. Се враќа ситуацијата пред договорот. Тоа значи дека какви било уставни измени ќе бидат ништовни. И сигурен сум дека при носење на промените, ќе се употребат соодветни механизми за да се спречи трајноста на промените доколку Грција го изигра договорот. И во таков случај, во евентуални нови преговори ќе се градат позиции врз основа на заштита од претходните искуства и грчкото изигрување. Да не споменувам дека во овој договор крупна улога имаат меѓународни фактори кои ја поддржуваат Македонија. Грците само можат да си ги поткопаат позициите и понатаму доколку се решат да го изиграат договорот. Наивно е да се мисли (и мислам дека на многумина им е тоа јасно) дека грчката страна доброволно ги направила отстапките за македонскиот идентитет.
Најклучно, според мене, е дека географската одредница "северна" (која е неутрална, неидеологизирана... како нова, илинденска итн), останува ограничена само во името на државата и нема да има никаква употреба надвор од името на државата. Иако државата ќе биде Северна Македонија, таа ќе биде единствената држава со име Македонија. Географската ознака во пишување секогаш се користи ако постојат две држави со исто име (Северна и Јужна Кореја на пример). Во меѓународната комуникација ќе доминира името Македонија поради практичност. А посебно што формата ФИРОМ ќе отиде во историја. Со тоа, согласен сум со Кица Колбе, идентитетскиот спор се затвора, а ние не сме губитници.
Сума сумарум, мислам дека Договорот ако се спроведе ќе овозможи да одиме понатаму. И да почнеме да правиме држава, бидејќи веќе никој нема да има изговор дека вакви какви што сме, сме поради блокадите на еден или друг сосед. Можеби некој се' уште смета дека не би требало да се прави компромис сега, и уште да се чекаат подобри времиња за некогаш можеби да издејствуваме подобри решенија за нас. Потребно е низ рационална дебата да се согледаат сите можни аспекти од користа (или штетата) од Договорот, за да може јавноста да процени самата и да донесе решение. Бидејќи останува на самите нас да решиме. Јас сум ЗА.

Ognen Vangelov  фб статус 15.06
(This post was last modified: 17-06-2018, 02:06 PM by ЈорданПетровски.)
17-06-2018, 02:00 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,366
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3



18-06-2018, 02:20 AM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,366
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#4

Quote:Кратко и прецизно да им биде јасно на сите граѓани во Македонија:


Договорот Е ВО ЦЕЛОСНА СПРОТИВНОСТ СО ОВИЕ ЧЛЕНОВИ ОД УСТАВОТ:


1. Член 1 :РМ е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на РМ е неделив, неотуѓив и непренослив.
2. Член 2: Во РМ суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
Со договорот се поништи суверениот и самостојниот карактер на државата и се стави во покорност и зависност на друга држава што е КРИВИЧНО ДЕЛО согласно Кривичниот законик!
Суверенитетот на граѓаните е повреден бидејќи никој не ги праша граѓаните дали сакаат вакво нешто, ниту пак граѓаните дале мандат за ваков договор!
Целава оваа работа е надвор од правниот субјективитет на државата!
3. Чл. 8 од Уставот -договорот е спротивен на темелните вредности на уставниот поредок ги повредува основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и Уставот, владеењето на правото, почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.
4. Чл.25 во кој се гарантира почитување и заштита на достоинството и угледот на секој граѓанин
5. Чл.51 во РМ законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а суте други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите
6. Чл.54: Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
7. Чл.79 Претседателот на РМ ја претставува Републиката.
8. Чл.119 Меѓ.договори во името на РМ ги склучува претседателот на РМ
Овој договор е спротивен на Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓ.договори и тоа чл.2 Како меѓ.дог. се смета дог. кој РМ ќе го склучи во писмена форма со една или со повеќе држави или со меѓ.орг. со кој се утврдуваат права и обврски за државата СОГЛАСНО СО УСТАВОТ НА РМ И МЕЃ.ПРАВО и чл.3 Меѓ.дог во име на РМ ги склучува претседателот на РМ....повредена е целата постапка за водење на преговори и склучување на меѓ.договор!
22-06-2018, 04:23 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,366
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#5

Quote:Kукавичко јајце во македонскиот скут


  • 26/06/18
[Image: The-odore_Ge-ricault_-_The_Raft_of_the_M...A08630.jpg] “Ќе го доживеат и тие остварувањето на своите идеали.” – Мирослав Крлежа (Коментар на слепиот студентски ентузијазам за време на демонстрациите 1968.)



Во овој месец на општ хаос, какофонија, конфузија, воспалени емоции, во ова време на неконтролирано националистичко насилство, на полициско прекумерно покажување мускули и тренирање строгост, на сеопшта омраза, навреди и примитивни обвинувања и напади од сите оружја и од сите страни и од секој против секого, тешко е да се мисли со своја глава, да се биде умен и разумен и да се искаже било какво поинакво мислење во однос на контроверзниот Преспански Договор.

[Image: Protestiram-ostavka.jpeg]
пишува: Наум Пановски

Секој таков обид во Македонија е дочекуван на нож и од таканаречените патриоти, бранители на македонскиот идентитет и од нарцисоидните европо-апологети, кафански и салонски демократи и борци за одење на Македонија напред. И едните и другите, и ДПМНЕ и СДСМ и нивните симпатизери и активисти брутално, насилно и дрско не дозволуваат никакво друго мислење и видување на процесите и на ризиците кои договорот ги отвора и носи и со таа авторитарна исклучивост подеднакво го контаминираат и онака кревкиот и целосно опустошен македонски пејзаж.
Поради тоа, над секој таков исказ виси неизбежната опасност авторот на овие редови да биде обвинет дека е комуњар (каков грд израз полн со омраза и пизма!!!) и предавник на националната кауза, или пак од другата страна да биде обвинет дека е екстремен националист, кој не ја сака среќната и весела иднина на Македонија во ЕУ и НАТО.
Значи, без разлика од која и да било страна  да дојдат нападите и обвинувањата, авторот на овие редови ќе биде квалификуван како еретик,  предавник и непријател на Македонија.
Но тоа нема да биде ни прв ни последен пат. Немоќта да се чуе поинаква вистина од таа што се продава како густа магла, да се сослушаат индивидуалците, кои имаат аргументирани ставови и изострен поглед на стварноста, не е од вчера.
Меѓутоа, и покрај сите тие опасности правото на лично видување на нештата и потрагата по вистината која е сокриена во фактите, а не во емоциите и пустите желби кои го заматуваат јасниот поглед, од секогаш ми биле подраги од било какви еуфорични апологии на било која колективна хистерија. А како што знаеме секоја колективна хистерија, како што не учи Вилхем Рајх е еден битен дел од масовната психологија на Фашизмот.
И да биде јасно уште на почеток. Овој критички исказ е од човек кој одамна,  многу одамна има расчистено со контрапродуктивниот поим национален иденитет, и кој уште од 1995 година заговара праведен компромис со јужниот сосед, а во врска со неговиот ирационален, параноичен и хистеричен обид да се попречи постоењето на АСНОМ-ска Македонија. За оние, пак, што не ги знаат или, пак, нарочно ги премолчуваат и релативизираат критичките искази и ставови дадени во едни други времиња би било добро да почнат малку и да читаат.
Овој критички исказ е конзистентен со глeдиштата и убедувањата на потписникот на овие редови кој е антифашист, хуманист, бранител на човековите прва, и како најважно, почитувач и борец за владеењето на правото и законите во државата. Како таков, тој не зазема ничија страна, туку се обидува да понуди едно друго видување, едно друго читање на контроверзниот Преспански Договор.
Токму затоа, од тие појдовни точки, може да се каже дека со самото тоа што Преспанскиот Договор е исклучително контроверзен, тој е лош. Тој е едностран, асиметричен, и без неопходен баланс во меѓусебните побарувања и обврски на страните потписнички. Поради тоа е и неправеден и навредлив.
Меѓутоа, она што е битно, од легален аспект, Преспанскиот Договор е крајно дискутабилен и контрадикторен. Договорот во огромна мерка со својот авторитарен јазик и мешањето на Хеленската Република во внатрешните работи на Република Македонија, наметнувајќи свои расистички ригидни услови, е и фашизоиден.  И како најважно, Преспанскиот Договор со ништо не гарантира дека Хеленската Република после сите промени и прифаќања на нејзините каприциозни барања нема да го блокира понатамошниот развој и напредок на Република Македонија, и тоа не само кон ЕУ и НАТО.  Исто така, никаде во него и со ништо не се гaрантира дека ЕУ и НАТО ќе ја примат Република Македонија во своите редови.
Зошто го велиме ова? Затоа што јазикот што е во него, начинот на кои се артикулирани реченици и одредбите, ги одредуваат фактите кои го прават договорот.  Што би рекле американските правници, “It is the legal language that matters”.
А што вели тој јазик?
Како што се гледа од самиот наслов, договорот е склучен меѓу Првата Страна, Хеленската Република (Првата Страна) и Втората Страна. Која е втората страна во овој договор? Има ли таа страна име?
За жал, по некоја глупава и слепа инерција, сите во тој договор како втора страна ја гледаат Македонија, меѓутоа Република Македонија во тој договор не постои. Многумина во Македонија би сакале да ја видат таму, но фактички и легално, Македонија, Република Македонија или поранешна југословенска Република Македонија, ја нема  во договорот. Нашите огромни желби и соништа за подобра Македонија, Македонија во ЕУ и НАТО, за жал го заслепуваат разумот и бруталната реалноста која е вградена во договорот и ја манипулираат иднината на Република Македонија која е проектирана во него. Многумина, за жал, во него сакаат да видат нешто што го нема. Или пак, како што велат соседите Срби, “Што је баби мило, то јој се и снило”.
Инаку, поради тоа, секој сериозен адвокат во едно општество, во држава која држи до законот и процедурите слободно може да го доведе во прашење легалитетот, валидноста и легитимитет на тој документ.
Но, што велат правниот јазик и фактите во договорот понатаму?
Ако за миг се погледа што вели и колку многу документи за взаемна соработка и меѓусебно почитување, од Чартерот на ООН за Човекови права до Хелсиншкиот договор за мир и соработка од 1975, се цитирани и наведени во преамбулата на Договорот, веднаш паѓа во очи дека тука нешто не е в ред.
Меѓутоа, нешто подолу во документот, во првиот дел на самиот договор, станува многу јасно, дека сите тие силни и ценети документи, всушност, се само празна фразеологија. Теоретски и политички, тие заложби се и те како добри и пожелни, но тоа на кој начин и како е напишан и сложен договорот, тие заложби во него ги нема. На многу места договорот е и во спротивност со тие заложби. Во него нема ни трага од верба во добрососедство, градење добри меѓудржавни односи, меѓусебно почитување, почитувања на човековите и малцинските права. Тоа е всушност една лицемерна преамбула во која одредените начела и тонот на јазикот со кои се напишани тие на англиски јазик, всушност се во спротивност со прокламираните одредби во договорот.
Во договорот, за жал,  постојат само екстремни барања и закани од страна на Хеленската Република, која Втората Страна треба да ги исполни и кои правно се обврзувачки. Во секој меѓународен суд кршењето на тие обврски подразбира и консеквенции за сторениот прекршок. А правната, обврзувачка рамка и правниот јазик во договорот го формира Хеленската Република, на начин кој е насилен, уценувачки, изнуден, и со голема поддршка на дисфункционалната и корумпирана ЕУ бирократија.
За овие недоследности, дискрепанции, контрадикторности и нелогичности меѓу Преамбулата и членовите на договорот би можело цела студија да се напише.
Но преамбулата е само еден мал проблем во овој договор.
Вистинските правни проблеми произлегуваат од првиот дел на договорот , Член 1, Алинеа 3, каде што јасно и прецизно стои:
  1. Согласно тие преговори, заемно е прифатено и договорено следново:
а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е одредено со оваа Спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.
Се прашувам што мислеле и дали воопшто нешто мислеле македонските преговарачи и потписници кога го прифатиле овој член и тоа erga omnes. И дали воопшто знаеле што, всушност, потпишуваат со erga omnes.
За жал, тоа што го сугерира овој стожерен член од кој произлегуваат сите други легални одредби, ограничувања и побарувања кон и од Македонија, всушност, e една стара нехумана, деструктивна, фашистичка идеја која е во оптек не само од крајот на Граѓанската војна во Грција туку и од пред тоа.
Треба  ли да се потсетуваме на извонредната студија “Македонците во Егејска Македонија”, на почитуваниот Лазар Мојсов од 1953, година, во која тој ги цитира фашисоидните ставови и негаторскиот однос кон Македонија на грчката официјална политика.
“Македонска нација воопшто не постои… Македонското малцинство во Грција не постои…” Le Message d’Athene, 2. September 1953.
”Македонската нација е едно од прашањата по кои секоја спогодба е невозможна. Скопските управувачи веруваат во постоењето на македонска нација. Тоа е нивно право. Но, за нас и за многу други такво прашање не постои.” To Vima,  1. Септември 1953.
Колку е сето тоа поинаку од денешните искази и ставови на сегашната грчка политичка елита, која вели дека не ја признава македонската нација и дека за нив таа не постои.
И затоа не верувам дека тука се работи за “политичари од новата генерација на Балканот, кои не патат од популизам и опседнатост со историјата, повеќе се прагматичари, разумни, свртени кон европеизиран Балкан”, како што почитуваниот Стево Пендаровски сака да нѐ убеди.  За жал проблемот е во тоа дека воопшто не се работи за историја туку, за горчлива фашисоидна сегашност која никако не може да се одлепи од своја историска деструктивна и антимакедонска матрица и која македонските лековерни политичари не сакаат да ја видат.
Од тука, од тие причини Македонија и македонската нација ги нема во договорот. Затоа  и доминира идејата договорот да биде склучен со Втората Страна. Втората страна е безимена, односно досега не постоела, а од сега натаму може да постои и ќе биде именувана секаде само како „Република Северна Македонија.“
Затоа е и особено загрижувачки фактот, дека со одредбата тоа ново име да се употребува по принципот erga omneс, е не само вулгарно и флагрантно мешање во внатрешните работи на една суверена држава туку и негирање на нејзиниот правен континуитет.
Тоа авторитарно и непримерно побарување содржано во овој, сега можеме да кажеме срамен договор, е понатаму зајакнато уште повеќе и точно прецизирано и во сите останати параграфи во договорот од b) до h), а кои се дел на  Алинеа 3.  Со употребата на erga omnes во сите одредници и инстанции, од барање неизоставни обемни уставни промени кои понатаму одредуваат ново именување на сѐ и сешто, од имињата на институциите, до личните документи, всушност, се заокружува еден насилен орвеловски инженеринг и редизајн на Втората Страна која ќе биде препознаена само како нов ентитет, Република Северна Македонија. Со барањето, односно наметнувањето на такви уставни промени се премолчува, односно во суштина се забранува секое именување на било каков колективен национален идентитет како македонски. А, ако тој не е спомнат во договорот односно ако тој не е таксативно одреден со правен јазик кој е соодветен и јасен, на пример со верзии на терминот етнос, тогаш тој и таков национален колективитет во легален смисол значи дека не постои. И да нема забуна и замена на тезите, колективните права не се исто што и индивидуалните права.
Затоа и челниците на Првата Страна, Хеленска Република, посебно Ципрас и Коѕијас по потпишувањето на договорот, во своите чести јавни пројави тврдат дека никој никому не може да му го забрани индивидуалното идентитетско чувство и правото да говори на јазик кој тој го смета за свој. Тоа за нив не е официјално признавање на колективен национален идентитет, а најмалку на македонскиот колективен национален идентитет.
Токму затоа во заблуда се македонските политичари кои мислат, тврдат и манипулираат дека со параграфот „б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи„ е заштитен македонскиот национален идентитет. „Nationality of the Second Party shall be Macedoniаn/Citizen of the republic of…“  не означува ништо друго освен државјанство, припадност, државјани на државата таа и таа.
Ethnos, Ethnicity е терминот кој означува и одредува национална етничка припадност.  А тој термин во договорот никаде го нема. И тоа не е случајно.
Односно тоа отсуство на етничкиот карактер на Македонија е наметнато во согласност на долгогодишниот монархофашистички став и делување на Хеленската Репубилка, како што беше посочено, дека Република Македонија, АСНОМ-ска Македонија не постои. Република Македонија во сите свои форми е Титова творевина, односно комунистичка творевина. А бидејќи е комунистичка творевина, таа во огромен дел според нив е производ и на нивните, грчки комунисти. А тие, грчките комунисти заедно со југословенските и македонските комунисти беа окосница на Демократската армија на Грција во текот на граѓанската војна во Грција. Сѐ што мириса на комунистичка творевина, мора да се избрише и да го снема и со тоа конечно да се избришат трагите од грчките фашистички злочини од тоа време, од концентрационите логори на грчките острови каде што беа затворани и грчките и македонските комунисти, до прогонот на нивните семејства и нивните деца од Грција.
Токму  затоа,  Првата Страна инсистира и наметнува во договорот и во нејзиното соседство да има сосема нов ентитет „Северна Македонија“.  А тоа е веќе простор на незавршените идеолошки војни и недоразбирања, каде што поразените фашисти во Втората светска војна, стануваат победници и нови мирнодопски опресори, во овие нови прагматични и неморални времиња на корумпирано владеење.
Затоа мора да биде јасно дека со овој договор не се менува името. Според овој договор, наметнат од Првата Старна, Хеленска Република, на Втората Страна / Безимен Ентитет, и лицемерно и манипулативно промовиран од обете страни како европско однесување, се создава сосема нов ентитет на кој му се одредуваат нови правни норми, побарувања, ограничувања и обврски кои имаат многу сериозни правни консеквенции и рамификации.
Nomen is omen and that makes a difference, велат…
Меѓутоа, она што е можеби најзагрижувачки и ако сакате застрашувачки, а кое го носи овој, на места доста конфузен, правно контроверзен, и недоречен договор, е фактот што во него никаде не стои дека Првата Страна, освен што ги наметнува своите, ирационални, навредливи и неправедни барања, никаде не се обврзува таксативно дека ќе го почитува исполнувањето на наметнатите барањата во договорот и дека нема повторно да се однесува измамнички, превртливо и неодговорно.
Искуствата и штетите направени со нејзиното непочитување на Привремената спогодба од 1995 се сѐ уште свежи примери за нејзината лажна кооперативност и подготвеност да ги почитува договорите што ги потпишува.  А така како што се тие заложби формулирани во преамбулата на овој неправеден договор, се скоро идентични со оние во Привремена Спогодба од 1995, во Член 10, кој вели:
“Ц. Меѓународни, мултилатерални и регионални институции
1. По стапувањето во сила на оваа Привремена согласност, Првата страна се согласува да не приговара на пријавата за членство и на членството на Втората страна во оние меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации во кои Првата страна е членка.“
Ако старата сентенца, “Не им верувај на Данајците, (Хелeните) кога дарови носат”, е проверено точна, тогаш тоа може да биде точно и овој пат, па дури и тогаш кога тие дарови вредни 15 милијарди евра им се дарени ним, а не на Македонија.
Овој и ваков наметнат договор, од кој блика грчкиот религиозен монархофашизам, а богами и македонскиот клерофашизам и национализам олицетворен и во двете водечки партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а ни ДУИ во својот религиозен занес и национализам не заостанува зад нив, сериозно однатре ја разградуваат Македонија веќе подолго време. Парадигматично е тоа што овој правно неиздржан и во суштина фашисоиден договор е сериозно подржан и од прагматичните конформисти, челници на ЕУ и НАТО, кои со својата државно правна дисфункционалност не се способни да се справат со повапмирувањето на фашизмот во Европа. Токму затоа верувам дека ова е сериозна навреда, прво за сите антифашисти, а потоа и за сите слободољубиви и правдољубиви луѓе, кои измачени, злоупотребени и излажани, копнеат по правда во Македонија.
А според ова, погоре кажаното, се поставува прашањето дали, всушност, Македонија има повеќе проблем со Грција, или пак вистинскиот проблем е со корумпираната, лицемерна и превртлива бирократија во Европската Унија.
Сево ова уште повеќе добива на значење со неодамнешните предупредувања дека Франција нема да ја подржи поканата Македонија да добие датум за започнување на нејзините пристапни преговори кон ЕУ или пак со предупредувањата на генералниот секретар на НАТО Столтенберг во врска со поканата за влез во НАТО. И без разлика дали тоа ќе биде Северна или ќе остане само Република Македонија, тоа ни покажува дека македонскиот пат кон Европа и НАТО не само што нема да биде лесен, туку може да биде сериозно доведен во прашање.
Што потоа?
Очигледно е дека неискусните и неуки македонски дипломати, без познавање на дипломатскиот и правен јазик, чиј што главен дипломат за надворешни работи, патем речено ,не си го знае добро ни сопствениот македонски јазик, сами и без соодветен силен, професионален дипломатски тим, влетувајќи во грчките и ЕУ дипломатски стапици, и функционирајќи по принципот на “урааа”, не си ја завршиле својата домашна задача.
А кога се нема визија и кога се трча низ коридорите на ЕУ во Брисел како мува без глава, кога личниот интерес и суетите се во прв план, кога интересот и инвестирањето во правдата и градењето правна држава не се приоритет, тогаш се случува сериозно соочување со бруталната стварност и со затворените ЕУ и НАТО врати поради незавршените домашни задачи и неисчистеното ѓубре во сопствениот двор.  И тоа не е прашање на неисполнети и изневерени очекувања туку е просто немање визија, немање дипломатски и државнички капацитет да се види големата слика и да се мисли однапред за да се види и предвиди што може да се случи на хоризонтот сокриен зад десет планини.
Како што вели превртливиот остаток од Груевистичката криминална камарила Бујар Османи, во разговорот со почитуваната Биљана Спасовска Георгиева на ТВ21: “Никој не размислуваше во тој период – (периодот на преговорите со Грција и ЕУ претставниците, з.м.), – дека кога ќе го најдеме клучот за главната врата и ќе ја отвориме вратата, дека ќе наидеме на друга врата која ќе треба да се отвори….”
Никој не размислуваше…
Да? Никој не размислуваше?
За жал сѐ уште никој не мисли и размислува таму, во таа земја која наскоро нема да постои. Мислењето со своја глава, умот и разумот одамна се протерани и се непожелни.
 
(Авторот е театарски режисер и писател. Живее и работи во САД.)
 
(This post was last modified: 28-06-2018, 08:49 PM by ЈорданПетровски.)
28-06-2018, 08:48 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,366
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#6

На оние што не им е јасно како е договорот нека го погледнат видеово







07-07-2018, 10:09 AM
Reply