АЛБАНСКИТЕ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ СО СВОЈА ВЕРЗИЈА НА ИСТОРИЈАТА
Александар Велики бил Албанец
Тони Ангеловски
Александар Велики не бил ниту Грк ниту Македонец, туку Албанец, тврдат група интелектуалци Албанци во новата албанска енциклопедија која денеска во 13 часот ќе биде промовирана во хотелот „Тиволи“ во Тетово. Главен редактор на оваа енциклопедија е новинарот Нијази Мухамеди, кој учествуваше и во составувањето на новиот договор кој ДПА летово го понуди како замена за охридскиот. Но, овој проект, и според Мухамеди и според ДПА, нема никаква врска со партијата, туку е производ на група интелектуалци. - Првите два тома се одговор на спорните одредници од првата македонска енциклопедија на МАНУ. Аргументите што ги нудиме се од историски проверени извори. Албанците имаат традиција со пишувањето енциклопедии и ние не можеме да дозволиме да се пишуваат невистини, како што се случи во енциклопедијата на МАНУ. Но, тоа и не не изненади затоа што таму, всушност, нема Албанци. Едниот кој се претставува за Албанец е Турчин, кој дури и не го познава доволно албанскиот јазик, а другиот е заинтересиран само за хонорарите што му следуваат од многубројните функции што ги врши - објаснува Мухамеди. Проектот е составен од три тома. Првите два тома, всушност, се одговор на спорните одредници во енциклопедијата на МАНУ, а третиот том е комплетно нова енциклопедија, која се уште се доработува. Првиот том има 610 страници и е печатен во 3.000 примероци, од кои 1.500 уште денеска ќе бидат пуштени во продажба по цена од 3.000 денари. Енциклопедијата е достапна на албански, француски и на англиски јазик, а, според авторите, во план е изработка и на македонски јазик, но дури откако ќе се соберат доволно пари. - Во првиот том пишуваме и за кризата на идентитетот, кој е главна сопирачка за интегрирањето на земјата во евроатлантските структури. Ние сме подготвени да полемизираме за се што е напишано затоа што сето тоа е врз база на проверени историски извори - објаснува Мухамеди. Проектот за албанска енциклопедија е одговор на првата македонска енциклопедија, која предизвика бурни реакции во јавноста, особено кај невладините организации и политичките партии од албанскиот блок. Енциклопедијата беше повлечена, но минатата недела претседателството на МАНУ повторно предложи враќање на спорната енциклопедија во продажба за што деновиве се изјаснуваат одделенијата на Академијата.
|