ЈорданПетровски
ЈорданПетровски-ЦРНИ
      
Posts: 17,545
Joined: Mar 2010
Reputation:
36
|
Quote:ОМД ГО НАГРАДИ ОСПОРУВАЊЕТО НА УСТАВНОТО ИМЕ?
8 July 2013 at 02:57
Генерално не коментирам за работата на американската организација наречена Обединета македонска дијаспора (ОМД), затоа што не сакам да давам прилика да обвинуваат други за својот недостиг на суштински плодови. Обично коментирам само дека ОМД би била навистина силна кога енергијата и средствата што ги вложува на самопромоција би ги вложувала во развивање на суштински и цврсто аргументирани политики, кон остварување на правда и слобода за македонскиот народ, како и охрабрување, развивање и организирање на кадри кои кредибилно и компетентно би застапувале такви политики. Но во оваа прилика не можам да не коментирам малку повеќе, затоа што ептен се претерува со заведувањето на јавноста околу вистинските состојби и политичките разлики во македонската дијаспора.
"ПРЕСТИЖНАТА" НАГРАДА ЗА БОБ КАР, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА АВСТРАЛИЈА
Во интервју за 24 Анализа, од 5ти Јули 2013, Претседателот на ОМД, Мето Колоски, ја оправдува "престижната" награда која ОМД му ја доделила минатиот Петок на Министерот за надворешни работи на Австралија, Боб Кар, како некое признание дека тој наводно е првиот Министер за надворешни работи на Австралија кој има отворено дијалог со Македонската заедница, ја има посетено и има изјавено каква битна улога таа игра во австралиското општество.
Но вистината е дека со македонската заедница во Австралија остваруваше дијалог, ја посетуваше и ја уважуваше како значајна етничка заедница и Гарет Еванс, Министерот за надворешни работи кој во 1994 ја 'призна' Македонија како "FYROM". Со македонската заедница од Австралија дијалог остваруваше и неговиот наследник, Александар Даунер, кој самиот покани на средба претставници на македонската заедница од цела Австралија, во врска со можноста за отворање на амбасада на "FYROM" во Австралија. Со македонската заедница дијалог водеа сите негови наредни наследници, вклучувајќи го актуелниот Министер за надворешни работи, Боб Каr.
Боб Кар минатата година беше почесен гостин на отворена средба со стотици Македонци од повеќе делови на Австралија, во салата на Македонската православна општина од Волонгонг. На таа средба му беше образложена неправедноста на австралискиот став да ја именува Република Македонија како "FYROM", а тој одговори дека владата сериозно ќе го преиспита тој став. За жал, досега не покажал никаков резултат од наводното преиспитување. За неговата почит кон Македонската заедница во Австралија, Боб Кар беше уважен како почесен гостин по Велигденската служба во Македонската православна катедрала Св. Кирил и Методи во Сиднеј уште во 2003 година, по што неговата влада ни додели и донација кон организирањето на концертот во Оперската куќа на Сиднеј по повод 100-годишнината од Илинденското востание. Но тогаш тој беше Премиер на федералната држава Нов Јужен Велз, која никогаш не го оспорувала македонскиот етнички идентитет и нема никакви ингеренции врз надворешните работи на Австралија. Сега Боб Кар е Министер за надворешни работи на австралиската федерација, кој на 11ти Јуни 2013 и се додворуваше на грчката заедница со јавни гаранции дека ставот на Австралија во врска со името на "FYROM" останува непроменет. За тоа ли го наградуваше ОМД минатиот Петок? Па зошто би се замерил Боб Кар со грчката заедница околу уставното име на Македонија, ако знае дека со цврстото држење за името FYROM ќе добива вакви "престижни" награди од македонската? Или колку навистина е престижна наградата од ОМД, ако се дели како локум?
КОГА СТАНА ОМД "ЕКСТРЕМИСТИЧКА" ОРГАНИЗАЦИЈА?
Ви интервјуто за 24 Анализа, Колоски со сериозен образ изјавува дека неговата организација уште од 2004 застапувала прекин на преговорите со Грција. А мене како да ми се чини дека до пред некоја година ОМД ги обвинуваше за екстремизам и непрофесионалност оние македонски организации и активисти во дијаспората кои отсекогаш биле против секакви преговори или тргувања околу името.
Која година беше кога господинот Колоски, за едно телевизиско интервју кое може да се најде овде
, изјави дека приемот во ОН под името ФИРОМ било 'доволен компромис' со Грција, но дека тој би прифатил и "политичка одредница" како Демократска Република Македонија, како замена за FYROM?
Може ли Колоски да ни посочи медумска архива со првиот јавен настап на ОМД во кој бара прекин на преговорите околу името?
Чесно е Колоски јасно да каже дали со новиот декларативен став околу преговорите за името, ОМД станува "екстремистичка" организација, или пак признава дека нашите ставови отсекогаш биле исправни. Ако пак неискрено тврди дека отсекогаш ги застапувал нашите ставови, тогаш мора да се прашаме колку искрено ги застапува денес и дали утре повторно ќе направи салто и ќе ја препишува вчерашната историја, ако тоа му биде опортуно? Всушност, дали наградата на ОМД за Боб Кар, кој вели дека Австралија ќе продолжи да ја именува Македонија како FYROM, се додека не завршат преговорите со Грција, не се коси суштински со декларативниот став на ОМД за прекин на преговорите?
Во овој контекст, мора да го прашаме Колоски дали неговите денешни ставови околу преговорите со Грција ги поддржува и клучниот спонзор на ОМД, Џон Битов, кој во 90-тите направи паралелен Македонски светски конгрес (МСК) во служба на власта на Глигоров и Црвенковски, за да го делегитимизира како "екстремистички" првиот Светски македонски конгрес (СМК), токму заради ставот на СМК против промена на името и знамето? Или дали со денешните излагања на Колоски, околу прекин на преговорите со Грција, се согласува велемајсторот за камелеонски кариеризам, Срѓан Керим, кого Колоски до вчера јавно го идолизираше како најквалитетен политичар во Македонија?
Се сеќавам и како во 2006г., при залуден обид на Здружението на македонските заедници од Австралија да воспостави соработка со новоформираната ОМД, Колоски ме обвинуваше за екстремизам кога во платен оглас во австралиски мејнстрим весници, напишав дека ставот на Грција околу македонскиот идентитет е во служба на оправдување на насилната окупација на дел од Македонија. Од тогаш до сега, Колоски не ја повлекол или корегирал таа негова забелешка. А сега тој организира конференција за дискусии околу Букурешкиот мировен договор. И која ќе биде насоката на таа дискусија? Дали на Букурешкиот договор му истекол рокот? Па ако имал договорен рок, зарем не би се нашол тој рок во самиот текст на Договорот, кој е јавно достапен ( http://www.pollitecon.com/html/treaties/..._1913.html ) и доволно е да се цитира, наместо 42 наводни научници заедно да го бараат или читаат на конференција која чини повеќе од 350,000 Евра? И на какво можно истекување на рокот мисли ОМД? Дека можеби истекува мирот постигнат со Букурешкиот договор? Или дека по истекот на договорот Македонија треба да се врати во Отоманската империја? Зарем со издигнување на такви муабети на ниво на "наука" ќе се избориме за слободата и правата на Македонците под Грција, Бугарија или Албанија? Потребни ли се 42 научници да не научат дека Македонија не е поделена со Букурешкиот договор, туку со претходна воена окупација од соседните држави, прогласена како ослободување од Отоманското ропство, и дека со Букурешкиот договор тие воени окупатори само се согласиле каде да застанат нивните окупаторски чизми, за повеќе да не војуваат меѓу себе?
Кога веќе поставуваме прашања околу новокомпонираниот "екстремизам" на ОМД, да го прашаме Колоски и дали сеуште смета дека Охридскиот рамковниот договор бил голем чекор кон посветла иднина за Македонија, или пак и по тој став ќе се однесува како никогаш да не го застапувал?
НАЈАВЕНОТО ПРИЗНАВАЊЕ ОД АВСТРАЛИЈА
На барањето да ја образложи несериозната најава на извршителите на ОМД во Австралија дека очекувале на минатонеделната нивна гала вечера, Министерот Боб Кар да прогласи признавање на уставното име на Македонија, Колоски одговара дека признавањето може да дојде во секое време. Зарем тоа е изговор за заведувачкиот начин на кој неговите извршители си правеа реклама за гала вечерата? Па зошто тогаш ОМД не објавува секој ден очекување дека Австралија ќе ја признае Македонија под уставното име, на било кое место на планетава, туку тоа го најави конкретно за гала вечерата за која многу тешко се продаваа картите?
МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА УГНЕТЕНИ?
Во врска со плитката, но популарна предрасуда која ја испитува водителот на интревјуто на 24 Анализа, дека на Македонците во дијаспората им е лесно да солат памет за состојбите во Македонија, Мето Колоски објаснува дека и во Австралија Македонците биле угнетени затоа што државата им наметнувала 'славомакедонски' идентитет. Немој Мето, те молиме, така да не браниш, за да не излезе дека и ние сме нечесни кукавици. Австралија никогаш не го оспорувала македонскиот етнички идентитет, чии официјални носители се и стотици македонски етнички организации регистрирани во оваа држава од шеесеттите години наваму, без прекин или пречка.
Вистината е дека во 1994, по признавањето на' FYROM' во согласност со власта на Република Македонија, австралиската влада се обиде да ги амортизира грчките реакции со директива сите државни служби да ги ословуваат "лицата од FYROM или асоцирани со FYROM" како "Славомакедонци", повикувајќи се на официјална литература на Република Македонија во која Македонците се идентификуваат како 'Словени'. Веднаш следеше широка и жестока рекација на советите на македонски заедници и православни општини од цела Австралија, при што објаснивме дека македонската заедница во Австралија не е заедница на Република Македонија, туку етничка заедница на домородни Македонци, чија татковина е поделена меѓу Република Македонија, Грција, Бугарија, Албанија и Србија. Објаснивме и дека не се сметаме ниту за 'Словени', ниту за 'Славомакедонци' по етничка припадност или национално потекло, туку само Македонци, наспроти исполитизираните историски тези кои произлегуваат од асимилаторите на македонскиот народ. Баравме апсолутно почитување на нашето право на слободна самоидентификација, како Австралијанци со македонска етничка припадност.
Горенаведеното го образложивме во низа медиумски настапи во 1994г., на средби со австралискиот Премиер Пол Китинг, Министерот за надворешни работи на Австралија, Гарет Еванс, Министерот за имиграција и мултикултурни работи, Ник Болкус, пратеници на власта и опозицијата, а и преку безпримерно масовни протести во Сиднеј, Мелбурн и Волонгонг. Заради таквата реакција, директивата да бидеме нарекувани "Славомакедонци" никогаш и не почна да се применува, со мали бирократски исклучоци, кои со тек на време беа елиминирани. Но иако референцата 'Славомакедонци' никогаш не влезе во стандардна употреба, односно беше мртвороденче, македонските активисти во Австралија продолжија едногласно, при секоја прилика, да бараат и нејзино официјално повлекување, како симболично признавање на првичната грешка. Тоа конечно се случи во 2012г., со директно известување на владата на Австралија до Австралиско-македонскиот комитет за човекови права, кој тивко, скромно, без многу самопромоција, ја лобираше владата со широка поддршка од други македонски организации во Австралија.
На Мето Колоски му се многу пати укажани и образложени овие факти, но за жал не му одговараат на тезата дека нашата заедница била заспана додека ОМД не се појавила како спасител, иако ОМД воопшто не беше сериозен фактор ниту во спречувањето на примената на директивата "Славомакедонци", ниту во официјалното повлекување на директивата.
ПРИСУСТВОТО НА ОМД ВО АВСТРАЛИЈА
Според Колоски, не може да се рече дека ОМД се "наметнува" во Австралија затоа што двајца од коосновачите на ОМД биле од Австралија. Но Колоски не кажува дека еден од тие двајца коосновачи, Том Вангеловски од Канбера, одамна се откажа од ОМД и стана нејзин најжесток критичар, затоа што американската централа не сакаше да дозволи демократска структура во која австралиските претставници ќе ги избира локално членство, туку сакаше од Америка тука да си назначува сервилни извршители на сервилни политики.
Ќе каже ли Колоски конечно колку полноправни членови има ОМД во Австралија и кога тие гласале на демократски избори за раководство на ОМД? Кога веќе ОМД упорно се промовира како најголема или предводничка организација на македонската дијаспора, зарем не треба да ги изнесе и тие податоци како поткрепа?
Очекувам коментари дека горните критики се неконструктивни затоа што водат кон неединство. Но токму лажното глумење на единство е пречка за постигнување на вистинско единство, исто како што активноста насочена кон нејасни или меѓусебно противречни цели, врз лажни или лабави темели (како срамежливо разлабавеното сонце од логото на ОМД, кое според коосновачот Том Вангеловски било дизајнирано со обзир за чувствата на грчките угнетувачи, кои според Спогодбата "меѓу двете страни" од 1994, имаат екслузивно право врз сонцето од 'Вергина'), е неконструктивна активност.
Игор А. Александров
Претседател на Здружението на македонски заедници од Австралија и Генерален раководител на Македонската православна заедница од Австралија
|
|