Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ЕМИЛ АЛЕКСИЕВ ВС ??? КОЈ КЕ Е МАЖ ДА МУ ОДГОВИ ОД СПОМЕНАТИТЕ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,632
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Аутопсија на еден сон

[Image: aleksiev-naslovna.jpg]

Емил Алексиев

Сиот народ е турнат во лудило, неспособен веќе да разликува стварност од сон, историја од мит, вистина од лага, добро од зло, убаво од грдо. Откажувањето од стварноста, оваa „потреба да се биде некој друг“ и ова „бегство во светот на евтините фантазии“ не е последица на „историска траума“ (или барем веќе не е) туку е последица на неспособноста да се биде тоа што се посакува (а се посакуваат нешта од симболичниот поредок на светот кои нè воведуваат во имагинарен театар или во бордел во кој се можни сите фантазии). Ова ослободување на потиснатото „буржоаско либидо“, кое, впрочем, се акумулира преку телевизија и порнографски филмови (премногу гледање порно, пријателе), а не преку нашата култура и традиција (!?), не е ништо друго туку перверзна игра на привидот, кога перверзниот субјект бара задоволување во она кон што се поставува во однос, во слика (image), но само до моментот кога таа е одраз на нешто што е фасцинантно за него, нешто што медиумскиот zapping и аdvertising му наложува дека е негова сопствена желба (фатички слики, фотографии, илустрации, мултипликација на слики без значење, pin up girls, camp, trash, video games, comic books и paperback novel, „жолтиот“ печат и „црните“ хроники, порно филмовите, "spicy/saucy" телевизиски програми, soap operas, reality TV shows кitsch, измислена историја, Hollywood...). Овие заводливи слики се проектираат врз нашата стварност создавајќи илузија дека се’ што гледам во принцип ми е достапно (снимено на мапата на она што „јас го можам“). Стварноста така станува платно на кое се проектираат нашите желби. Но, тоа не се наши желби. Сиот народ е денес заложник на владината тотална пропаганда и медиумска манипулација (таа не само што ги контролира сите медиуми, туки ги контролира и озборувањето и „шепотењето“); та така станавме наполно зависни од наметнатото „производство на желби“. Овие фантазми (phantasma значи „призрак, слепило, привид“) се проекции на една пореметена свест и на еден инфантилен ум и сиот овој трагикомичен обид за umvolkung (етноморфоза, преобразба на народот, „ремакедонизација“) и „антиквизација“, всушност, ја разоткрива сета беда на духот и сета интелектуална недораснатаост и малоумност (дури и Бог проговори на нашата телевизија!) на оние кои сега владеат; патем, сиот тој мамонизам се прикрива невешто зад маската на волшебникот од Оз. Станува збор за исклучително опасна игра на привидот. Дали некој помислил што ќе се случи кога привидот ќе го снема, кога зад лажната слика на стварноста ќе се појави „стварната стварност“. Илузијата не може вечно да трае! Еден ден ќе се урнат ови кулиси што ја кријат стварноста и зад големата застрашувачка маска на волшебникот од Оз ќе се појави малото човече. Што тогаш? А кога малото човече се појавува разоткриено зад големата застрашувачка маска што лебди како привидение и знак над оваа земја, тогаш е крај на сонот и ве очекува мачно враќање (со црвени чевлички) во стварноста.


Овој народ стана народ кој сонува буден, народ кој не помни, чии сеќавања се заменети со лажни слики, народ кој безумно талка загубен во светот на нечии фантазии и оваа загубеност се должи на општата безволност и препуштање на неподносливата леснотија на животот, на фатална индолентност, на неукост, на недостаток од основни знаења за светот, на немање мерка (освен сопствената ограниченост), мерка за себе и за светот, загубеност поради недостаток на основни човечки критериуми и стандарди, загубеност во стварноста во која овој народ влегува неподготвен, без вложен труд, без стекнато знаење и без волја да се стекне некакво знаење, свет кој ненадејно се отвора како „огромно и застрашувачко нешто“... и оваа неспособност да се разликуваат и да се препознаат нештата нè враќа во оние „сто години на осаменост“, во Макондо, во времето на општиот заборав, во „големиот опиумски сон“ од кој едвај некако успеавме да се разбудиме.


Овие симптоми на стогодишно задоцнување, оваа заостанатост, историска и културна, заостанатост во погледите, во уверувањата, во ученоста, во навиките, во сфаќањата... заостанатост и затвореност на умовите, оваа заостанатост и ова назадување упатуваат на цивилизациски слом, на пад, на сеопшт пораз на човековата памет, токму овде и токму сега.

[Image: prvata-migracija-na-Makedon.jpg]

Не останаа многу умни луѓе во оваа земја. Можете да ги соберете во едно полициско комбе за една вечер. И тоа е најголемата несреќа што на еден народ може да му се случи - да се откаже од сопствената памет – а тоа токму сега, ете, се случува.

Појавата на паметта денес во оваа земја предизвикува општа паника. Плоштадите одекнуваат од ѕвекот на оружје, од воени повици, копјаници напредуваат, лавови рикаат, коњите се подигаат на задните нозе, а јунаците ги подигаат гордо барјаците, се виорат на ветрот косите и наметките, блескаат на сонцето исуканите мечови... Македонските херои, од лошо излеана бронза и недоделкан мермер, денес, како комични ликови од цртани филмови, само што не скокнале од своите постаменти да се тепаат со „лажливите Грци“, со „расипаните Персијанци“, со „клетите Турци“... А кога, според примерот на нашите „модели за идентификација“, нема да најдеме никого од овие страшни „историски непријатели“, за да се испразни народниот бес (не е точно дека ние сме народ „без бес“, иако секое лето одиме на одмор во Грција) добро ќе послужат и сегашните инстант непријатели: навивачите на некој друг спортски тим, лепачите на плакати од другата партија, возилата со знаменца на ретровизорот во погрешна боја што заталкале во нашиот дел од градот, ученици кои се симнале на погрешна автобуска станица, и, секако, по некој „интелектуалец што се прави многу паметен“ и сите оние кои мислат поинаку и се доволно глупави тоа да го говорат гласно, во кафеана или на улица.

Во секое општество постојат безброј луѓе без основно образование, без можност да ја надминат сопствената неукост и ограниченост, осудени на лоша и мачна работа или на безработица, луѓе зависни од спектаклот на вечно променливата градска сцена, луѓе исклучени од современото општество и надвор од секаква култура, вклучително и традиционалната, освен онаа на најниско рамниште, на современата турбо-фолк културата. Оваа маса на социјални аутсајдери и културни апатриди се значителен дел и од нашето општество и тие го сочинуваат слојот подложен на сите видови корупција и манипулација. Денес во Македонија радикалниот национализам и шовинизмот, како последна и единствено можна идеологија и демагогија, е политички кич кој им се нуди бесплатно со цел да се придобијат нивните „лицитерски срца“. Таа безработна толпа што го минува денот во кладилници или пред телевизиските екрани, тие кои не виделе поголем град од Скопје, што не знаат за ништо подобро во животот од „десет кабапчиња со лук“, за кои „Скопско“ е најдобро пиво на светот, тие што го преживуваат денот со помош на дијазепам, домашна ракија и телевизија; тие што аплаудираат по плоштадите иако немаат поим што се случува; тие што се продаваат за „парче леб“; „политички преживари“ кои одат како стадо од едно отворање на чешма до друго, гнетејќи ја „празната слама“ со која ги товат политичарите, од една претенциозна прослава и промашена годишнина до друга, од едно здодевно и неразбирливо јавно пелтечење на некој лош говорник до друго, акумулирајќи потенцијал на омраза и бес насочен против општествениот систем, тие самите не се способни да се организираат и немаат своја идеологија ниту алтернатива и да се манипулира со нив и нивната ограниченост, да се задоволуваат нивните ниски страсти (спорт, кич, порно, турбо-фолк) и да се насочуваат против останатиот дел од оштеството, е крајно опасно. Истите тие кои денес громогласно навиваат на плоштадот како на стадион, кои јурат избезумени како добиток по улиците со транспаренти на кои не знаат и не им е грижа што пишува, кои не се во состојба да ги прочитаат протесните писма што некој партиски апаратчик им ги напишал, кои се секогаш против без да знаат зошто и против кого - тоа се истите оние кои утре ќе ги урнат овие импровизирани градби и споменици што државата ги гради така безумно и ќе ги скршат скулптурите пред кои денес, трогнати до солзи, се поклонуваат.

[Image: nemilenko%20b%20copy(1).jpg]

Овие јонски столбови, овие храмови, овие жртвеници во кои гори вечниот пламен на нацијата, овие триумфални порти под кои минуваат костимирани паради, овие златни гајтани од белите униформи на гардистите, овие везени еполети и парадни сабји, овие позлатени разиграни коњи и ефеби, овие пантеони и македониуми, овие божици од алабастер, овие ангелчиња и аморчиња, сета таа позлата и порфир, сето тоа црвено кадифе и срма, сите тие огледала, сиот овој лажлив сјај, сета оваа опсена, сето тоа сега трепери како фатаморгана над мочуриштето на нашата стварност каде во опојните и тешки испарувања над валканата вода, во смрдливата кал, до гуша во сопствениот измет и нечистотија, ние се давиме со векови.

Од ова неше историско мочуриште ние со векови се обидуваме да се извлечеме. Над овие застојани води ретко блеснува молњата на нечија возвишена творечка инспирација за да го осветли за миг овој пуст и мрачен предел: во оваа наша кал и во овој глиб ние се препелкаме, се клоцаме, се касаме, се гребеме, се кубеме за коси, држејќи се еден за друг, фаќајќи се за гуша еден со друг, но се’ повеќе се заглавуваме според законот на живиот песок, меѓу влекачите, безрбетниците, рептилите, преживарите и папкарите, и веќе и заборавивме од кога, од кои минати славни времиња трае сета оваа наша мака. Од страв и од глупост ние си ги гриземе едни на други гркланите, во ужас, оѕверени во темнината и овде, веќе одамна, ништо не се случува освен секојдневна мачна борба за преживување. Изборот што го имавме е или да се давиме во калта или да научиме да преживееме, а нашето историско искуство ни велеше дека за да се преживее во овој жив песок е најдобро што помалку да се препелкаме. Сепак, светските геополитички тектонски поместувања предизвикаа потреси чии бранови со задоцнување дојдоа и до нас и предизвикаа и кај нас промени. Кога оваа наша валкана бара малку се разбранува по последниот глобален потрес пред дваесетина години, наместо да се извлечеме од овој вековен глиб, на површината исплива сиот смет и од калта, на дното, исползеа сите гадинки кои таму беа притаени. Овие паразити, бездарници, безобразници, ситни измамници, лоши ученици, неостварени уметници, маалски мангупи, „шибицари“, улични силеџии, силувачи, подводаџии, претенциозни провинцијалци, простаци, насилници… сите тие како стоногалки исползеа еден ден од темнината, од калта на дното од нашето општество. Сета оваа гнасотија се измолкна од под каменот на македонската историја и веќе дваесет години тие газат, глодаат, гнетат и поганат се’ што ќе допрат, грабаат што можат, прождираат што стигнат и ја пустошат оваа земја без никој да може да им застане на пат. Оваа напаст е еуништива, но уништи се’ што можеше, така што денес и нема веќе кому да кажете дека полека паднавме во рацете на неспособни, неуки и неодговорни безобразници кои со насилство и измама ја прикриваат својата неспособнот, неукост и неодговорност и кои со сила се истуркаа некако до политички позиции, директорски фотељи и раководни места во оваа држава.

[Image: hors-voin.jpg]

Сите тие сакале да бидат она што не се и не можат да бидат. А тоа е можно само во бордел или во некој бизарен театар каде некој споулавен режисер и некоја корумпирана комисија зад заслепувачкото светло дели улоги според роднински, роднокрајни, партиски, курвински итн. врски, а не според личната дарба, способноста и знаењето на актерите. Тие од нашата држава така направија опсцен театар и бордел каде секој си избира сопствен лик од фантазијата – едни се судии, други свештеници, трети политичари... а останатите се курви кои можете да ги облечете во каков сакате костум на лик од фантазијата. Сега сите овие паразити, сите тие политичари, државни службеници и јавни работници, свештеници и стопанственици... сите тие се во постојана паника дека ќе бидат јавно разоткриени и вратени таму каде припаѓаат, под каменот од кој исползеле и во калта на општественото дно. Оттаму и така очајно, со нокти и со заби, ги бранат незаслужените општествени позиции. Затоа е оваа земја за нив „најдобра земја на светот“ и „земја на остварените соништа“. Никаде на друго место и во друго време тие нама да бидат тоа што овде можат да бидат, во овој бордел каде е можно да се остварат сите фантазии. Оттаму и сиот тој декор, тие црвени драперии од кадифе и копрена, тие раскрилени амори, таа позлата, тој „лажлив сјај“ и „луксузот“ околу нас.

Сепак, некој мора да ја плати цената за ваквиот „колективен грев“. Основниот систем на граѓански вредности, каде стручноста и професионалноста ви обезбедуваат работа, а професионално извршената работа ви обезбедува награда (добра плата, напредување во работата итн.) е темелно разурнат. Сега, новиот сиситем на управување, којшто се создава врз урнатините на стариот систем на вредности, е заснован на долго потиснатите желби на неспособните и неуспешните: во новиот поредок може да се краде без казна, можно е да се збогатите преку ноќ без труд, можете да добиете привилегии, углед и влијание иако сте никој и ништо, може да добиете каква сакате диплома без трошка труд и знаење, можете да обезбедите интервјуа во весниците и простор во телевизиските емисии иако во животот не сте направиле ништо вредно, можете да си обезбедите општествени признанија и почит и покрај тоа што сте бездарни и неспособни.

Ете, над такво мочуриште се гради новата „престолнина на кичот“, а тука прво беа изградени домовите на нашите милионери (кои не се сеќаваат како го заработиле првиот милион) со мермерни столбови, со коринтски капители и со фасади по кои висат гирланди од гипс, со златни лавовски глави од чии зјапнати усти блика вода во мраморните базени, со коњаници што јурат кон небото со розови облаци и пути насликани по таваниците, со голи Венери од алабастер, со своите одрани кожи на тигри, своите глави на афрички муфлони по ѕидовите крај златноврамените циганки што дојат мрсулави деца и распарталавените питачи на Мартиноски, со своите златни клозетски шољи, кристални лустери, персиски теписи... Сега тие сакаат да ја преуредат нашата стварност според сопствена мерка и вкус како тоа да е нивен сопствен салон со стилски мебел или нивна спална соба.

Во ова наше мочуриште малограѓанската свест расте и се развива како гигантска розова медуза. И ете наместо да ја искористиме историската можност и ова вековно мочуриште во кое се давевме сите заедно и оваа вечна кал да ја претвориме во „подобро место за живеење“, ние станавме жртви на ова метастазирано чудовиште и на овие паразити, мекотелци и влекачи кои се намножија толку многу што сега тврдат дека се македонски народ.

Овие влекачи кои се влечеле до предмалку по општественото дно, кои до вчера слепо миголеле во темнината и никогаш до сега не ја виделе „светлината на градот“, овие „вечни селани“ закопани со векови во сопствената земја како во гроб, кои до вчера ораа ниви, свиреа на шупелки, тепаа говеда и молзеа овци сега го открија своето „буржоаско либидо“, а во град дојдоа од истите причини поради кои селанец кој заработил пари на сточниот пазар оди во бордел...

Кај нас, денес, малограѓанството и промовирањето на кичот како врвна вредност се смета за повисока категорија на општествената свест (во однос на руралната свест) и како таква е поддржана од речиси сите македонски т.н. „интелектуалци“, а ваквиот „цивилизациски исчекор“ креираше една нова „политичка авангарда“ која расчисти со селото и со слабостите на претходната политичка номенклатура и којашто се наметнува како застапник на народната волја; но таа не ја изразува ниту таа волја, ниту вистината. Малограѓанштината и кичот се нови придобивки и сега една цела новосоздадена и набрзина збогатена граѓанска врхушка (која ги узурпира горните општествени спратови на нашава накривена државна новоградба уредувајќи ги како станот на Доналд Трамп) се дави во кичот како во шлаг со јагоди.

[Image: triumf.jpg]

Она што навистина ужаснува е фактот дека овој општествен проект на јавно промовирање на кичот е и јавно промовирање на националниот естетски идеал. Не станува овде збор само за „естетската“ прифатливост на овој проект за дел од населението со чија неукост, неупатеност и ограниченост се манипулира. Не станува збор за селани (кои, за разлика од нивните соседи, останале на село) кои првпат гледаат град и скулптури и кои тука дошле организирани од локалните политички штабови на владеечката партија со автобуси (глумејќи странски туристи). Можете и да разберете дека тој што не видел ништо освен селска чешма на сред село од која капе вода само понекогаш, кога ќе го види она огромно чудо во центарот на престолнината што фрла вода на сите страни, што свети и што свири (само уште што не мрда), можете да разберете дека овој селанец ќе зине стаписан од „магичните моќи на антиквизацијата“. Но, поразувачка вистина е дека ова е интимниот естетски идеал на „македонските интелектуалци“ (кои и да се) и тоа дури и на оние кои, од одредени политички и други причини, жестоко го критикуваат „естетскиот критериум“ (што и да е тоа) на владеачката партиска номенклатура. Трагично е што сето ова интимно им се допаѓа и на оние кои се сметаат, лажејќи се себе си и лажејќи ги другите, за образовани и културни граѓани и кои ја претставуваат „интелектуалната елита“ (каква и да е) на ова општество и кои, наводно, знаат што е тоа „добар граѓански вкус“. Па сега следи непријатното, болно преиспитување на нивните длабоки лични „естетски“ убедувања: зарем на „македонскиот интелектуалец“ кој дома, во салонот, има Венера што гола стои во школка од алабастер или има на работната маса биста од обоен гипс на Александар Македонски; кој на каучот има перници во форма на црвени срца обрабени со бела тантела; кој носи дома топлинки во облик на розови зајаци; кој не го пропушта „Јади бурек“; кој паѓа во романтичен занес кога ги „пушта до даска“ песните на Тоше (за кој, ако има референдум, ќе гласа да се прогласи за нов македонски светец); кому гравче-тавче (интимно) му е се’ уште најубавото јадење на светот; кој својот „стилски мебел“ го покрива со карирани ќебиња, а на масата со барокни нозе гаси цигари врз сонцето од Вергина во бронзениот пепелник, а мобилниот телефон со златна апликација на „лавче“ му „свири“ патриотски песни - зарем на тој наш „интелектуалец“ и наш „граѓанин“ сето ова не му се допаѓа? Зарем дејноста на оваа „естетска влада“ не е повеќе од сето тоа што тој некако магловито, во миговите на егзалтација пред убавото и возвишеното, не го смета интимно за совршен израз на „граѓанскиот вкус“.

Она што денес себе се нарекува „македонска интелигенција“, а не е во состојба да види ништо подалеку од сопствениот показалец со кој си го чепка носот (сè уште) и за коешто светот е она што се гледа на телевизиските вести од 20 до 22 часот (никогаш и не помислувајќи дека телевизијата лаже); сите тие наши „интелектуалци“ кои на концертите на класична музика ги буди ѕвонењето на мобилниот телефон; тие „академски граѓани“ кои не помнат кој роман или збирка поезија прочитале последен пат (па се мачат да се сетат на некое дело од лектирата за средношколци); сите тие кои читаат само „стручни“ книги; сите тие кои „преку врски“ добиле „место во општеството“ и кои вечно дремат по правливите канцеларии на јавните установи и институциите на системот над отворен весник со крстозбор и чија најзначајна животна дејност е посветено полевање фикуси; сите тие кои се будат ноќе во пот од страв дека некој ќе открие дека се измамници и ќе ги врати „на нива“, на „гондола“ пред некоја стоковна куќа да продаваат долен веш или во фабрика да „вртат струг“; сите тие „доктори“ и „научни работници“ кои не ги ни дочитале книгите од кои што ги препишуваат своите Ctrl+C „докторати“ и „научни трудови“; сите академици и универзитетски професори кои тоа станале поради „педигре“ и кои со поколенија се редат како матрјошки еден до друг, се’ помала празна дрвена кукла од помала; сите тие полуписмени писатели кои го удираат челото од кафеанските маси во творечки занес и кои целиот живот пишуваат „роман на годината“; сите тие наши „ликовни творци“ чиј единствен „творечко вруток“ се илустрираните странски списанија за уметност од кои најбезобразно плагираат проекти и дела, и кои го минуваат својот бездарен живот глумејќи „несфатени уметници“; сите тие „луѓе од перо“ кои кога пишуваат „летаат перја“, а всушност како кокошки кокодакаат по весниците и се’ бесрамно засеруваат поганејќи го ова наше и онака засрано „поле за културен натпревар“; сите тие „лево ориентирани интелектуалци“ кои како „дворски будали“ со тропање на прапорците од своите шарени капи го забавуваат народот по весниците и кои, како и сите шутови, јавно можат да ја кажуваат вистината, затоа што, и онака, никој не ги сфаќа озбилно; сите тие „десно ориентирани интелектуалци“, „загубени во вселената“ на неолибералниот релативизам, кои садистички се изживуваат врз сопствениот народ поради својата интелектуална импотенција; сите тие платени „независни интелектуалци“ и „експерти“ кои, како кловнови кои не се смешни и магионичари на кои не им успева ниту еден трик, ја тормозат публиката веќе дваесет години и никако да се тргнат од светлината на медиумските рефлектори (а кои власта упорно ги плаќа за да не’ убијат со „давење“, ама тоа никако да им успее); сите тие професионални новинари кои не успеале во животот да напишат граматички исправна и логична реченица; сите тие лекари што не знаат да лечат; правници што не знаат право; музичари кои не знаат да свират; пеачи кои не знаат да пеат; јавни говорители кои не знаат да говорат; сите тие полуписмени телевизиски водители и водителки кои глумат интелектуалци, а не знаат да изговорат простопроширена реченица, кои се туркаат како прасиња и возбудено гровтаат кога политичарите ги хранат јавно со помија од кофа - сите тие се убедени интимно и во најскришните делчиња на својот закржлавен мал ум, дека ова што сега се гради „ширум и попреко“ нашата мила татковина е врвна уметност и врвен дострел на човековите достигања и наш „историски климакс“. Сите тие се подготвени ова свое убедување да го бранат како што со децении ја бранат својата неукост и ограниченост, дури и „по цена на вашиот живот“.

[Image: poroduvanje_preview.jpg]

Тие сметаат дека ќе се извлечат негибнати и по сета општествена штета што ја направиле. Ќе продолжат до смрт да не’ тормозат со своето бладање за „релативноста на вредностите“, за „правото на поинаков вкус“, за „катахрестичко читање на историјата“, за потребата од „креирање на вистината, а не откривање на вистината“, за нивните репресирани „буржоаски либида“, за неодоливоста на „дискретниот шарм на буржоазијата“ и слични будалаштини, безобразлуци и малоумности за кои никој во оваа земја, во која нема јавна одговорност за јавно искажана глупост, не одговарал и нема да одговара (зашто веројатно и нема веќе пред кого).

Сите тие провинциски лоши актери на нашава мала провинциска сцена и во овој „бордел на нашите животи“, кои глумеле интелектуалци, филозофи, уметници... сета таа толпа на ситни измамници, бездарници, бедни интелектуални џебџии, панаѓурски продавачи на евтини атракции, трчилажи и сеачи на магла, журналистички дресирани мајмуни, пудлици со црвени панделки кои танцуваат на задните нозе, белетристички фантоми, интелектуални кепеци и кловнови, овие стомакозборци, морални жонглери, тажни арлекини во скинати костуми, дигачи на лажни тегови... сета таа провинциска ситнопрофитерска банда којашто се одржуваше на јавната сцена мамејќи го сопствениот народ, сите тие сега се наместиле на пиедесталите чекајќи да ги одлеат во бронза.

Ние како народ заборавивме дека нашата ограниченост не може да биде мерка за светот. Заборавивме и дека: „кога нечија фантазија се остварува, таа, по правило, се претвора во кошмар“. Ужасот на стварноста зад накитената слика никој веќе не може да го прикрие со нова лага и нова измама, и никаква електронска магија ниту политички магионичарски трикови не можат да направат да ја снема оваа мрша – реата на распаднатиот труп на нашата стварност се крева до небо. Земјата се тресе и гробовите се отвораат, а Македонците, гордо, со песна на усните и телевизиска „сапуница“ во очите, мавтајќи со знамиња и кревајќи ги високо над главите транспарентите со ликот на нашиот водач „со гол меч во рацете качен на бел коњ подигнат на задните нозе во профил наспроти небото“, го прославуваат остварувањето на нивниот „сон од спалната соба на Доналд Трамп“. И додека слепиот хор пее „Излези момче на тераса“ (во чест на Жан Жене) и го најавува крајот на оваа историска фарса, надвор се слуша врева – некаде, се чини, почнува РЕВОЛУЦИЈА.
27-12-2012, 10:52 PM
Reply