Млада, енергична и амбициозна, организацијата Македонска обединета дијаспора (ОМД) од Соединетите Американски Држави (САД), во своето интернет издание „ОМД Глас“ од 14 декември 2009 година, соопшти дека заедно со неколку македонски организацци од дијаспората основале коалиција за попис на Македонците во Америка. Главната намера на оваа пописна коалиција, како што се наведува, е да ги заинтересираат македонските иселеници во Америка да земат што поголемо учество на наредниот попис на населението од 2010 година. Во соопштението, понатаму, се објаснува дека доколку поголем број од Македонците ги исполнат гласачките ливчина, толку повеќе бенефиции и привилегии би и следувале на македонската дијаспора. На прв поглед, оваа одлука се чини како една многу убава замисла, но не е сигурно дека македонската дијаспора ќе и' ја даде својата поддршка на оваа коалиција оти тука не е се' в ред.
Прво, и покрај добрата намера, за македонската дијаспора е неприфатливо стапувањето на ОМД во оваа коалиција, затоа што составот на коалицијата во никој случај не може да се оцени како легитимно и репрезентативно тело на македонската дијаспора. Проблемот е во тоа што во составот на оваа пописна „македонска” коалиција се вклучени и неколку организации кои се со сомнителен македонски идентитет и кои отворено го негираат македонскиот идентитет. Како пример, покрај ОМД, во оваа коалиција се вклучени и Македонската патриотска организација (МПО), Асоцијација на македонско-американско пријателство (МАФА), Македонско-американската културна организација од Нова Англија, Македонскиот културен совет од Њујорк и други кои се од локален карактер и со потполна анонимност за пошироката македонска дијаспора. Тоа што е веднаш забележливо и е необјасниво е што во овој состав нема ниту еден претставник од многубројните македонски колонии низ Америка како што се тоа Детроит, Чикаго, Индијана, Охајо, Бафало, Њу Џерси и многу други места. Затоа е многу сомнително зошто ОМД се согласи да коалицира во оваа пописна коалиција како самоизбрани претставници на македонската дијаспора без претходно директно да им се обратат до овии македонски колонии.
КОАЛИЦИЈА Претпоставката на коалицијата оти Македонците во Америка би уживале поголеми бенефиции и привилегии ако се докаже дека нивниот број е поголем отколку што се мисли, е од спекулативен карактер и не е одраз на реалната социјална слика во Америка. Но и да има некоја забележлива корист, ОМД не смееше да стапи во коалиција со МПО и на тој начин да и дозволи таа да ја претставува македонската дијаспора. ОМД точно знае дека оваа докажана антимакедонска организација и понатаму трдоглаво продолжува да го негира македонскиот етнички идентитет и покрај тоа што Република Македонија стана независна држава. Од самото формирање на МПО, па се' до денес, македонската дијаспора во Америка и во Канада беше непрекинато и систематски уништувана од оваа организација. МПО како тогаш, така и сега ги нарекува Македонците како бугаро-македонци и го негира постоењето на етнички Македонци. За МПО придавката „македонски” е географска одреденица и не означува посебен етнички народ. Затоа воопшто не е сфатливо од кои причини ОМД се вклучи во асоцијација со МПО.
Можно е да се поверува дека ОМД била навлечена во оваа коалиција. Може да се претпостави, исто така, дека ОМД влезе во коалиција со МПО без критички да ги пресмета потенцијалните штетни последици за македонската дијаспора, за американско-канадската епархија и за МПЦ. Но, на ваквите шпекулации, ОМД може да одговори дека оваа коалиција нема етничка и национална позадина и сите напади врз ОМД се без основа и со тенденциозна позадина. Според нивниот оглас, единствената задача на оваа коалиција е да се убедат што поголем број Македонци да ги исполнат пописните ливчиња, а не да се потврдува македонскиот легитимитет на МПО. ОМД, исто така, може да се брани и со тоа што ако македонските власти редовно соработуваат со оваа организација. Тогаш, зошто тоа и се оневозможува на ОМД!? Но, како реалистички да звучат, овие оправдувања само го замачкуваат вистинскиот проблем - затоа што самата асоцијација со МПО, како и објавената, но не и потврдената поддршка од американско-канадската епархија, се лоши потези кои можат да предизвикат бурни реакции кај македонската дијаспора и да ја стават МПЦ во многу неповолна положба. Зашто, таа веќе еднаш оформена е непремостлива национална диференцијација помеѓу МПО и ОМД повторно да се става под знак на прашање!
ЕПАРХИЈА Второ, можеби и најголемата морална шлаканица за македонската дијаспора во Америка и во Канада е тоа што во соопштението се напоменува и тоа дека оваа коалиција ја има подршката и од Американско-канадската епархија. Во соопштението не се кажува дали неговото високо правосвештенство митрополит Методи самиот лично и го дал благословот за работа на оваа коалиција или, пак, некое друго овластено лице од кабинетот, сепак оваа најавена подршка ја турка оваа епархија, а со тоа директно ја вовлекува и Македонската православна црква, кон една матна политичка дејност. Како е воопшто можно ОМД да дозволи и да ја доведе МПЦ во една ваква многу делекатна и сериозна позиција? Во овој случај не треба да се има голем разум за да се дојде до заклучок дека ако пописната коалиција е прифатлива за МПЦ, тогаш и МПО како член на таа коалиција е прифатлива за МПЦ. Која било друга интерпретација за да се избегне оваа импликација не ќе може да се оправда. А ова е голем и тежок удар за МПЦ. Можеби некои од „македонските” организации во оваа матна коалиција токму тоа и го посакувале.
Американско-канадската епархија, која е неотуѓив дел од Македонска православна црква, е духовниот лидер на Македонците на овие простори. Од самото формирање оваа епархија успеа да реализира многу значајни македонски дела во Америка и во Канада. Таа ги собра расфрлените Македонци и создаде една силна, кохезивна и чиста македонска дијаспора. Македонците од оваа епархија со голем труд, божја љубов и со непоколеблива верба во својата национална свест подигнаа прекрасни македонски божји храмови. Епархијата секоја година ги собира Македонците од Америка и од Канада на еден голем традиционален црквен-народен собир каде се собираат десетици илјади Македонци и каде македонскиот јазик, културата и традицијата непобитно го докажуваат македонскиот идентитет. Преку овие монументални успеси Американско-канадската епархија ги задолжи идните македонски поколенија од дијаспората да продолжат одлучно да ги бранат и да ги промовираат интересите на Македонците и со тоа уште повеќе да придонесат за доброто на македонската кауза. Затоа, влегувањето во коалиција со МПО, за што е барана поддршка и од Американско-канадската епархиаја, ОМД остава простор за оправдани и неоправдани шпекулации.
Mногу е малку веродостојно оти поглаварот на Американско-канадската епархија, митрополитот Методи, бил детално и суштински запознат со соствот и со политичката позадина на оваа коалиција. Затоа, ако таа подршка вистински е одобрена од неговото високоправосвештеништво, тогаш таа подрдшка единствено може да се протолкува како добронамерна и со неодреден национален модалитет. Сепак, неговото високоправосвештеништво г. Методи треба под итно да ја повлече епархиската поддршка на оваа коалиција и да ги предупреди епархиските општини низ Америка и Канада да не соработуваат со ОМД се' додека не дојде до промена на составот. Со тоа, Американско-канадската епархија и МПЦ ќе бидат поштедени од политички и од национални манипулации. На ОМД и останува да размили дали ќе продолжи со учество во оваа коалиција и со колку јасна слика ќе настави да ги претставува Македонците во Америка.
СОРАБОТКА Трето, повеќето таканаречени „македонски” организации во оваа коалиција немаат легитимно право да ја застапуваат македонскта дијаспора без предходно да бидат овластени за тоа. Ако ОМД беше толку силно заинтересирана за правата на Македонците во Америка и Канада тогаш тоа ќе беше многу поприфатливо ако директно им се обратеше до црквено -школските епарихии и да ја побараше нивната соработка. Но, во еден ваков состав, ОМД им ги турка пред врата на македонската дијаспората сомнителенте „македонски” организации.
Нема сомневање дека Обидинетата македонска дијаспора си го знае своето вистинско место во македонската дијаспора и затоа оваа докажана македонска организација требаше да знае и да внимава со кого стапува во коалиција. Ако ОМД е со намера да дојде до точни податоци за Македонците во Америка, тогаш тоа најдобро ќе го стореше ако директно им се обратеше на црковните епархии во Америка. Во овој случај, не само што ОМД пак ќе биде принудена да бара соработка од црковните општини, туку на овој начин ем директно им го принесува тројанскиот коњ пред црковните порти, ем неоправдано ги загрозува сопствените односи со македонската дијаспора.
ОМД стапи на сцена за да ја игра критичната улога во македонската дијаспора ширум светот. Таа е динамична и креативна организација која настапува со еден модерен систем на работа. За кратко време од нејзиното постоење ОМД досега постигна големи успеси во многу области каде што постарата генерација не успаеа да се пробие. Лобирањето во Вашингтон, промоцијата на македонската култура, организирањето на младите Македонци од дијаспората и низа други важни активноски се само еден мал дел од нивните секојдневни активности. Ако вака продолжи сигурно е дека ОМД ќе се устоличи како една од водечките македонски организации во дијаспората. Затоа, оваа организација заслужува да се поддржува, а македонската диаспора од неа очекува грндиозни дела.
Наспроти ОМД, МПО е застарена организација и без перспектива за иднината, затоа што македонската дијаспора и' ја симна бугарската маска. Долго очекуваната апокалипса на македонската нација не им се оствари и целата нива моќ сега им е насочена кон ребугаризацијата на Македонците како во татковината така и во дијаспората. Затоа не е случајно што МПО и'се додворува на ОМД, бидејќи тоа за нив е тројанскиот коњ. Според тоа, без разлика колкава голема да е добивката, тоа не го оправдува стапувањето на ОМД во коалиција со МПО. Со сигурност може да се тврди дека ОМД не ја предвиде негативната страна на ова коалицирање, а овој акт и нанесува голема навреда и штета на македонската дијаспора, американско-канадската епархија, а со тоа и на Македонската православна црква
|