Помията продължава да се излива
Друго ми е интересно - дали авторът някога има написано един ред на друга тема. Този човек си изгледал децата плюейки по България.Професионален българомразец.
Како беа ликвидирани македонските Евреи (1)
Германците ја договориле депортацијата со бугарската влада
Со посебна спогодба верификувана од владата, профашистичка Бугарија се согласила да ги депортира Евреите од окупираните територии
Виктор Цветаноски
Еве неколку години Бугарија и' се испречува на Македонија на патот кон Европската унија, уценувајќи ја притоа да го прифати нејзиното толкување за македонското минато. Овој пат ја искористи големата трагедија на македонските Евреи, чиишто животи за време на Втората светска војна завршија во злогласниот логор „Треблинка“ во Полска. Потресната приказна за последните денови на нашите сограѓани, раскажана во филмот „Трето полувреме“, ги разгневи највисоките бугарски политички кругови до толкав степен што решија да ги придвижат моќните лостови што ги поседуваат во ЕУ како нејзина членка и да постават пречки за наше членство во оваа европска асоцијација. Ако не се „вразумите“ и ако не ја прифатите нашата „вистина“, можете слободно да се откажете од европската иднина, се закануваат тие.
На луѓето што добро ги познаваат приликите од тоа време ваквото жолчно реагирање на бугарскиот политички врв е разбирливо кога станува збор за ликвидацијата на македонските и тракиските Евреи, зашто тие сакаат да се претстават пред светот со чисто лице. За Софија оваа тема е многу болна и секое потсетување на неа го доживуваат како копање во отворена рана, која не можат да ја залечат, бидејќи секогаш виновниците ги бараат на друга страна. Тоа сигурно ќе трае уште долго ако не признаат дека за смртта на 11.384 Евреи се виновни нивната профашистичка влада и царот Борис, кои направија сојуз со нацистичка Германија и се вклучија во чистењето на Евреите од териториите коишто ги окупираа. Нивните војници и полицајци ги уапсија сите Евреи од Македонија и од Тракија и ги качија на возовите за никогаш да не се вратат. Од тој голем грев не може да ги испере ниту фактот што во тие години беа спасени околу 50.000 Евреи од територијата на бугарската држава, не од нивната влада и царот, туку од поединци и народот.
Која е вистината за трагичниот крај на македонските и на тракиските Евреи? Колку е виновна Бугарија за злосторството што беше направено за време на Втората светска војна кога под нејзина окупација беа македонските простори? Кој ги испрати тие невини жртви во гасните комори? Што се кажува во документите за тој страшен настан?
Документите говорат недвосмислено дека токму тогашните бугарски власти на чело со цар Борис ги испратиле нашите сограѓани во сигурна смрт и дека тие им ги купиле билетите за нивното последно патување, сурова вистина која не може да ја прифати официјална Софија и по 70 години и да смогне сили да им се поклони на невините жртви.
Крунски документ е Спогодбата што била потпишана на 20 февруари 1943 година за депортација на 20.000 Евреи помеѓу Александар Белев, бугарски комесар за еврејски прашања, и Теодор Данекер, германски „експерт“ за истата проблематика. По нецели две недели, на 2 март, неа ја верифицирала и бугарската влада. Седницата ја раководел премиерот Богдан Филов, а на неа присуствувале сите министри, освен министерот за правосудство, кој бил отсутен поради оправдани причини. Сите министри кренале два прста за депортација, никој не рекол - не.
[Бугарија во своите милитаристички денови: парада на војската пред Народното собрание]
Овој документ, кој фрла целосна светлина за трагичниот крај на македонските и тракиските Евреи, гласи вака: „Спогодба за иселување најпрво на 20.000 Евреи во источните германски области, постигната помеѓу бугарскиот комесар за еврејски прашања Александар Белев и германскиот полномошник, капетан од заштитните одреди (СС хауптшурбамфирер) Теодор Данекер:
1. По потврдување од страна на владата ќе се подготват за иселување 20.000 Евреи без разлика на возраст и пол. Германскиот рајх е подготвен да ги прими тие Евреи во источните области.
2. Почетните железнички станици, бројот и возовите се востановува како што следува:
а) во Скопје 5.000 души со 5 воза
б) во Битола 3.000 души со 3 воза
в) во Пирот 2.000 души со 2 воза
г) во Горна Џумаја (денешен Благоевград н.з.) 3.000 души со 3 воза
д) во Дупница 3.000 души со 3 воза
е) во Радомир 4.000 души со 4 воза...“
Со Спогодбата бугарската влада е задолжена да обезбеди резерва на храна за 15 дена, како и потребен број буриња за вода. Од неа се бара да плати и обесштетување за секој депортиран Евреин, а висината на сумата е договорено да се определи дополнително. Во претходните разговори што биле водени меѓу двете страни, Германија побарала од Бугарија 250 рајхсмарки по човек, со што таа не се согласила зашто сметала дека сумата е многу висока. Бугарската влада зела обврска да ги плати и трошоците за транспорт на Евреите од местата каде што живееле до железничката станица каде што требало да ги качи на возовите без повраток.
Истовремено, Бугарскиот комесаријат за еврејски прашања како орган на Министерството за внатрешни работи и народно здравје бил задолжен пред Германскиот рајх да ги исполни и следниве услови: да превезува исклучително само Евреи; да не допушта лица од мешани бракови; ако на Евреите кои се „иселуваат“ не им е одземено државјанството, да им се одземе при напуштањето на бугарската територија; да не се примаат Евреи со заразни болести; Евреите да не носат оружје, отров, девизи, скапоцени камења и др. Со овој документ Бугарија е обврзана во никој случај да не бара враќање на депортираните Евреи.
Истовремено, Германците од Бугарите побарале за време на секој транспорт да изработуваат список на депортираните Евреи, со нивните имиња и презимиња, датум и место на раѓање, последното место на живеење и нивната професија.
Бугарскиот историчар Христо Бојаџиев во книгата „Спасување на бугарските Евреи за време на Втората светска војна“, објавена во 1991 година, во посебно поглавје ја разработува и депортацијата на Евреите од Македонија и од Тракија, а во неа целосно ја објавува оваа Спогодба. Во неговиот труд тој ќе се обиде да ја минимизира улогата на тогашната бугарска власт и на царот Борис Трети при депортирањето на македонските и на тракиските Евреите во „Треблинка“ за да докаже дека Бугарија била единствената држава во светот која ги спасила своите Евреи. Тој ја застапува тезата дека Бугарија била присилена од Германците да ги испрати во смрт Евреите од Македонија и од Тракија и дека Спогодбата се однесувала само за териториите коишто биле окупирани за време на војната, без разлика на тоа што во неа се наведува поголем број Евреи за депортација – 20.000, бројка која е речиси двојно поголема од Евреите коишто живееле на овие простори. Покрај тоа, уште во насловот на Спогодбата посебно е нагласено дека тоа се првите Евреи што се депортираат. Што значи се предвидувало подоцна да се испратат нови возови. Истовремено го застапува и ставот дека царот Борис ги жртвувал македонските и тракиските Евреи за да ги спаси нивните сонародници во Бугарија.
Бугарскиот историчар тврди дека нивниот комесар за еврејски прашања, Александар Белев, кој, според него, поседувал пословична омраза кон Евреите, ја фалсификувал Спогодбата и го пречкртал текстот каде што пишувало дека депортацијата се однесува за Евреите од „новите бугарски земји Тракија и Македонија“. Со тоа сака да каже дека тогашната бугарска влада и царот направиле договор само за депортација на македонските и на тракиските Евреи, но не и за Евреите кои живееле во „стара“ Бугарија. (Продолжува)
http://utrinski.com.mk/?ItemID=70B77F36E...AA19D9E819