Mакедонци на брза лента за бугарски пасош
Украинката Оксана веќе трета година чека бугарско државјанство. Во Бугарија живее 10 години, мажена е за Бугарин, но пасошот е само пуста желба за неа
Жаклина Хаџи-Зафирова
Станимир Вагленов, „24 часа“ Софија
„Чекам веќе трета година за бугарско државјанство и ништо. Секој пат кога ќе се јавам, ми ветуваат дека во следните шест месеци божем ќе го разгледаат моето барање“, раскажува со нервозен глас Украинката Оксана (името е заменето). Таа живее во Бугарија веќе 10 години - оттогаш е во брак со Бугарин. Имаат веќе две деца и успешен бизнис.
Но, очигледно, тоа не е доволно. Во исто време, особено во последната година, Министерството за правда „произведува“ нови Бугари со рекордно темпо – 22.241 кандидатури за бугарско државјанство се разгледани од Советот за државјанство само од 1 јануари до 18 ноември оваа година. Од нив 13.607 се одобрени откако добиле декрет од потпретседателот на државата и станале бугарски граѓани. Други уште чекаат, а трети се одбиени.
Случајно или не, Македонците, за разлика од другите, имаат повеќе среќа па до бугарски пасош доаѓаат за само една година. Најмногу кандидати има од источна Македонија, од местата блиску до бугарската граница, но тоа не е правило.
Еден од нив е штипјанецот Ане Арсов. „Чекав 12 месеци и ете - на 13. веќе сум на ред за декретот од потпретседателот Ангел Марин, со кој сум официјално објавен како бугарски граѓанин“, се радува 34-годишниот Арсов, кој работи во фризерски салон во Штип. Подготвен е да го прави истото тоа во Софија или „нешто подобро“. Заедно со него во редот пред Министерството за правда во Софија чека неговиот сограѓанин од Штип, 30-годишниот Перо Несторов, кој по професија е келнер. Перо веќе работел во Бугарија, на море, во одморалиштето Златни Песоци. Тој сега сака да работи во Софија или во кафулињата и рестораните на морскиот брег како бугарски државјанин.
„За нас Европа е Бугарија, не сакаме да одиме во други земји од Европската унија, тука ни се допаѓа. Важно е да има работа“, велат и Ане и Перо. Според нив, не им било тешко да ги подготват потребните документи за добивање бугарско државјанство, ниту, пак, имале проблеми со бугарските власти. И двајцата велат дека имаат бугарски корени - така се претставиле во соодветните документи во Министерството за правда. Според нив, уште многу нивни сограѓани од Штип посакуваат бугарско државјанство.
Странците со бугарски корени се размножуваат секоја година
Статистиката на оние што добиле бугарско државјанство покажува дека секоја година драстично се зголемува бројот на кандидатите кои тврдат дека имаат бугарски корени. Во исто време, вистинските странци (оние што се без бугарско потекло) остануваат постојано ист број - дури стотина годишно.
„Јас сум против рушветите и сакам да добијам бугарско државјанство законски. Ги собрав брзо и лесно документите кои ми ги побараа - дека сум мажена, добив документи за неосудуваност од Украина и од бугарскиот суд, уверение дека сум здрава, вклучувајќи психички, дека работам во Бугарија... Ги добив сите документи без проблеми. Исто така, дека сум положила испит за познавање на бугарски јазик... Едноставно не разбирам зошто треба да чекам толку и зошто никој не ми дава нормален одговор или некој рок“, вели Оксана.
Додека разговараме, таа заѕвони на телефон на вработените во Министерството за правда за да праша до каде стигнале работите со нејзината кандидатура. § одговарија дека токму сега започнале со барањата од 2008 година и и' велат да чека писмо со одговорот.
„Одлично, но пред половина година ми го рекоа истото тоа“, се насмеа тажно жената. „Жал ми е зошто некои наши украински бандити кои бегаат од затвор купуваат документи што им требаат за бугарско потекло - и побрзо стануваат бугарски државјани, а потоа заминуваат каде што сакаат во Европа и во светот“, вели Оксана.
Секој ден по 300 луѓе чекаат на ред
Упатствата за бугарско државјанство, потпишани од потпретседателот, се добиваат секоја недела од понеделник до среда, а работното време е од 9,30 до 12 часот. Во секој од овие три дена на ред се собираат по околу 300 луѓе кои чекаат со часови, вклучувајќи и на минус 7-8 степени. Луѓето се жалат на бирократски хаос и лоша организација додека чекаат да го земат посакуваниот документ. Секој понеделник се прави листа според која се повикуваат кандидатите за државјанство. Дневно службениците не успеваат да прифатат повеќе од 130 лица. Другите остануваат за следниот ден, се прави нов список, но редот се меша. Поради лошата организација, многу луѓе мора да доаѓаат по неколку пати. „Зошто нема автомати со броеви како во банките. Или преку интернет, пак, да не' известат кога да одиме“, прашуваат кандидатите за бугарско државјанство. Додека чекаат ред, тие спијат во автомобили, во евтини хотели или кај познати.
Најмасовно е присуството на граѓани од Македонија, од градови и од села блиску до бугарската граница. Во последно време таму имало нешто како епидемија - сите сакале да стануваат Бугари, официјално раскажуваат тие. Дури се нудел организиран превоз до Софија токму за вакви случаи, раскажуваат кандидати за бугарски пасош.
За луѓето кои немаат бугарски корени и поминуваат по обичниот ред постапката за стекнување државјанство е сложена и долга. Иако, официјалната позиција на бугарските државни институции е дека за сите кандидати има еднакви услови, сепак, кандидатите зборуваат поинаку. Оние што чекаат во ред за добивање државјанство, посебно Украинците, Молдавците, велат дека и покрај тоа што имаат бугарски корени, не можат толку лесно да дојдат до бугарско државјанство, како што е тоа случај со Македонците.
Процедурата е иста за сите. Кандидатите треба да поднесат најмалку 12 потребни документи. Ако исправите не ги исполнуваат условите, се враќаат. Секоја датотека се прегледува од Советот за државјанство. Во него има претставници на шест министерства и три државни агенции. Овој орган дава мислење дали лицето ги исполнува критериумите. Врз основа на тоа мислење, министерот за правда прави предлог до потпретседателот на републиката, кој издава декрет или, пак, одбивање за промена на државјанството.
Дури 5.300 адреси регистрирани во Ќустендил од Македонци и од Срби
Македонци и Срби кои сакаат да стекнат бугарско државјанство поднеле вкупно 500 барања за привремена регистрација во општината во Ќустендил од март до 1 декември 2011 година, соопштија од општината. За последниве години во општината се реализирани точно 5.300 адреси на регистрации на граѓани кои живеат од другата страна на западната граница на Бугарија. „Приливот се зголемува, кандидатите прикажуваат и адреси во селата околу Ќустендил. За една недела во с. Драговиштица, на пример, се регистрирани осуммина кандидати за бугарско државјанство од Белград, Ниш, од западните покраини“, рече градоначалникот на селото, Драгољуб Стојанов. Според законските регулативи, за да се пријави адреса на одредено живеалиште може да се пријават регистрации колку што е капацитетот на домот според бројот на легла, помножено со 3. А, селските куќи се речиси празни, иако на адресите на некои од нив се запишуваат и по 15-20 лица.
Десет проценти од жителите на Петрич се родени во Македонија. Поточно, 5.359 од вкупно 54.006 жители на Петрич прифатиле бугарско државјанство, според податоци од општината. Според член 17 на Законот за бугарско државјанство, кога едно лице ќе стане бугарски граѓанин, децата автоматски се заведуваат како Бугари. Ако и двајцата родители се странци и потоа земаат бугарско државјанство, нивните деца до 14-годишна возраст автоматски стануваат Бугари.
За да го земе државјанството, во меморандум, кој идниот Бугарин го пополнува, треба да се наведе постојана адреса. Пред неколку години било важно адресата да биде реална и кандидатите-Бугари да ги запишат адресите на своите блиски, познати, познати на познати што живеат во Бугарија или преку други методи (како фиктивни бракови со Бугарка или зделка со Бугарин, на чиј адреса ќе бидат регистрирани). Затоа, на некои адреси има регистирани стотици двојни граѓани. На пример, куќата на улица „Христо Чернопеев“ 44 во Петрич е наведена како адреса во лична карта на 279 нови Бугари. Хотел „Лас Вегас“ во јужниот град, исто така, е постојана адреса на живеење на повеќе од 100 Македонци кои аплицирале за бугарско државјанство.
Пред една година усвоениот нов Закон за бугарско државјанство ги задолжи кандидатите и законски да го докажат престојот на живеалиште со претставување копија од нотарски акт. Оттогаш регистрацијата на кандидати за државјанство е намалено десеткратно. Ако барањата за регистрација на адреса во општината Петрич порано биле повеќе од 100 неделно, сега тие не се повеќе од 10.
(Истражувањето е поддржано од Данската асоцијација за истражувачко
новинарство и проектот СКУП)
http://www.utrinski.com.mk/default.asp?I...9AFE781FC9