Анализа: Можеме да се помириме со Бугарија – само да сакаме
Прочитано: 987
М-р Митко Јованов
На крајот од текстот го изложив доказот дека постојат можности за историско помирување со Бугарија. Потребно е само да имаме воља и истата треба да ја манифестираме со што нашата обврска ќе ја исполниме. Да подадиме вистинска рака за историско решавање на проблемите кои не разделуваат со Бугарија.
Помирувањето во Европа-мал историјат
Вековните и најголеми непријатели кои во историјата повеќе години биле во војна отколку во мир, Германија и Франција, се помирија наскоро по завршувањето на Втората светска војна, за подоцна тоа помирување и упатеност на меѓусебна соработка да бидат основата на денешната Европска унија.
Зад помирувањето на Германија и Франција се милиони мртви, разурнувања на градови, индустрија, човечки трагедии, силувања, измачувања, нанесување неправди…
Помирувањето не значи газење врз милионите жртви на двете страни, страдањата, солзите и патењата, туку помирувањето значеше инвестиција во сегашноста и иднината, без да се заборави минатото туку да се извлече поука.
Таа „помирувачка инвестиција“ со текот на времето се потврди дека е непроценливо исплатлива.
Двете држави, од најголеми фактори на поделби во Европа во историјата, прераснаа во носители на европското обединување.
Токму затоа помирувањето меѓу државите односно решавањето на нивните спорови со соседите, е услов за влез во ЕУ.
Се надевам дека иако во кратки црти, сепак го доволив јасно инсистирањето на ЕУ за новите членки да ги уредат односите со соседите како услов за влез во Унијата.
Мерна единица за нашата блискост до влез во ЕУ
Нашите односи со соседните држави се потвдра за тоа колку сме ние далеку од челнство во ЕУ.
Ако погледниме реално на состојбата денеска, откако на крајот од минатата година и Бугарија ни го испорача условот за нашиот пристап во ЕУ, можеме да заклучиме дека нашите перспективи за членство во ЕУ никогаш не изгледале толку далеку како денеска.
Во оваа прилика ќе се фокусирам на односите со Бугарија, бидејќи испорачувањето на условите од нејзина страна, воедно и одат во прилог на политиката на Грција кон нас, со што ние драматично ја губиме и таа позиција што ја имавме претходно во однос на наметнатиот спор од Грција за нашето уставно име. За спорот со Грција, во друга прилика.
Во продлжение преку призмата на европските вредности да се обидеме да разбериме зошто од нас се бара менување на политиката во градење на односите со соседите, во случајот со Бугарија.
Притоа го имам во предвид ризикот да заработам некоја од етикетите кои се во тренд изминатите години и кои така лесно се прилепуваат.
Но, мојот предизвик за јавно изнесување ставови не е со цел да собирам аплаузи и масовна подршка, туку да го кажам тоа што сметам дека е добро за мојата држава денеска, а кое посебно ќе се покаже полезно во иднина, и покрај тоа што денеска е спротивно на мнозинското расположение.
Расположението пак е последица на креирањето на јавното мислење од политичките партии, медиумите и дежурните „експерти“, кои дел од незнаење, дел од лични мотивации, им пропагрираат на граѓаните ставови типични за времињата кои се одамна минато.
Голем дел од граѓаните во Македонија и денеска имаат стереотипи од минатото за Бугарија, дека ние можеме многу работи во Бугарија да добиеме со една „чрвена“.
За жал додека ние живееме во таквите заблуди, Бугарија станува европска држава во која се градат автопати, енергетски капацитети, и друга инфраструктура, и тоа во голем дел со пари од фондовите на ЕУ.
Бугарија ни е добра лекција за тоа што значи да си внатре а што значи да си надвор од ЕУ.
Но ние наместо да извлечиме поуки од лошата политика, одиме и понатаму со главта во ѕид. Денеска предводници на негативната кампања кон Бугарија се една мала структура личности кои се на јавната сцена и се дежурни критичари на Бугарија, а кои притоа се претставуваат како големи патриоти.
Креатори на омраза
Имаме новинари кои се познати „патриоти“ за одбрана на Македонија од Бугарија, кои не прoпуштаат и најмала прилика за стартување со медиумска офанзива за „одбрана“ на Македонија од Бугарија.
Ако се навратиме наназад неколку години, токму за овие „истакнати“ новинари беа објавени информации во јавноста дека биле евентулани соработници на тајни служби. Да продолжат со својата „патриотска“ активност пред јавноста мораа да инсистираат МВР да им потпише „ливче“ или некое хартииче на кое им напишаа од МВР дека не соработувале со служби, иако и псевдонимите под кои беа заведени излегоа во јавност.
Сепак граѓаните толку лесно не забораваат, и ако се подзаборави, сепак архивите стојат и може да се направи секогаш освежување на настаните.
Ама кога се нема критериуми, кога не виреат стандарди во општеството, ниту пишани уште помалку непишани, а кои се именуваат како морал и се нема, што би се рекло, ниту срам ниту перде, државата ќе го трпи штетното влијание од нивната крајно сомнителна активност. Иако, целта на лустрацијата беше да ги елиминира ваквите дејствија.
Дали ваквата состојба е креирана од нашите политички раководства, или пак тие само ја ползуваат за добивање политички поени возејќи се според расположението кое преовладува кај граѓаните, а е рецидив од периодот на СФРЈ, кога критиката кон Бугарија беше државна политика која се креираше и во Белград. Ова е тема за посебен осврт, затоа во друга прилика.
Работи кои не зближуваат со Бугарија
Државното раководство е тоа кое треба да преземе иницијатива за драстично менување на политиката кон Бугарија во насока на поставување нови основи за нејзино градење.
Ако постои добра воља за да изградиме добри односи со Бугарија, за тоа има многу добри основи и причини, но треба да ги истакнеме нив наместо негативните кои не разделуваат, а кои добро ги знаеме, и треба да ги изоставиме од нашето секојдневие и да ги препуштиме на историјата.
Во ваква прилика на пишување колумни, нема можност за анализирање и осврт на десетина страни, што пак е ризично да се биде погрешно сватен. Со пресметан ризик ќе наведам неколку насоки/области во кои треба да ги уредиме односите со Бугарија на сосема пинакви односи, отколку постоечките.
1. Кога зборуваме за окупацијата на Бугарија на Македонија во текот на Втората светска војна, воедно треба да зборуваме и за нејзиниот однос кон нас после нејзината капитулација и приклучувањето кон сојузничките сили а против германските војски кои се уште биле на Балканот, и активностите на бугарската војска во Македонија во втората половина на 1944 година.
Голем предизвик за истражување пред нашите историчари, наместо како досега што постапуваат – уште недопрашани, тие истураат рафали на сметка на Бугарија, како да живеат уште во времето на Инфорбирото и после него, во педесетите и следните децении од минатиот век.
2. Од историјата ни е добро познато дека Софија бил центарот на македонската интелегенција и револуционерното и политичко дејствување на многу наши дејци за слободна Македонија, особено за зајакнувањето на македонското револуционерно движење кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век.
Во Бугарија многу наши борци и идеолози наоѓале засолниште за своето дејствување.
Ако гледаме негативно во овој однос, тогаш многу ни е познато за штетите кои се предизвикани врз нашето револуционерно движење со мешањето на бугарската држава во неговата работа.
Но, каква полза имаме ние ако тоа го истакнуваме, а притоа ги потиснуваме и позитивните аспекти, па макар тие биле и помали во спредба со негативните.
Истотака има многу личности – Македонци кои оставиле траен белег во политичкиот, образовниот, културниот живот на Бугарија, еден од познатите премиери на Бугарија меѓу двете светски војни е Андреј Љапчев, роден ресенчанец.
Токму таквите личности можат да бидат една од алките кои ќе не зближуваат.
3. Блискоста на јазиците е истотака алка која треба да не спојува и факт кој треба да не зближува заради тоа што Македонците и Бугарите можат да се разбираат без нужно да им треба преведувач.
Браќата Кирил и Методиј не ја правеле азбуката специјално за Македонците или пак од бугарски аспект гледано, за Бугарите, туку за описменување на словенсите народи и ширење на христијанството.
4. Филмот „Трето полувреме“ е добар филм од уметнички аспект, и веројатно се темели на вистински настани. Истовремено ќе го поставам прашањето за општествената ангажираност на авторот на филмот, имено кои последици во актулниот момент ќе ги предизвика, посебно бидејќи и Владата учествува во неговата подршка да се реализира.
Токму затоа авторот постигнува моментална слава и воодушевување, но подоцна тој ќе биде запаметен по тоа што филмот ги отежнал односите меѓу двете држави, а уметничкото остварување ќе биде потиснато во втор план.
Државата треба да подржува да се направат филмови и тоа ако може и во меѓусебна копродукција со Бугарија, за настани кои ќе бидат во функција на зближување на двата народа а за тоа постојат и фондови на ЕУ за подршка на културната соработка.
Доказот дека може да се помириме со Бугарија
Треба да престанеме да бидеме заложници на идеологијата која беше изградена во комунистичкиот период, кога растел рејтингот на голем патриот пропорционално со степенот на омаловажување на Бугарија.
Денеска не живееме во поделена Европа и блоковски поделен свет. Ако сакаме да живееме заедно во ЕУ, ќе мораме да изградиме пријателски односи со Бугарија.
Бидејќи ние сме надвор а бугарија внатре, ние мораме да бидеме повеќе активни и креативни за да ги уредиме односите со источниот сосед. Тоа и не е тешко, ако сме искрени во намерите.
Зад нас веќе имаме добро искуство на помирување со Србите, кои ако зборуваме за нивниот однос кон македонскиот народ до 1941 годоина, не помалку биле окупатори од Бугарите.
Но, кога се определивме да живееме заедно со Србите во заедничка држава СФРЈ, се спроведе процес на помирување преку интервенција во историјата со остранување на негативните моменти, културна соработка и зближување….
Резултатот е се уште евидентен, немаме колективни негативни чуства кон Србите како кон Бугарите, туку напротив, дел од граѓаните се и просрпски настроени како рецидив од времето на СФРЈ.
Значи кога се сака, или мора, можело да се помириме. Доволен доказ дека можеме и со Бугарија да се помириме кога веќе посакуваме да бидеме членови на ЕУ-организацијата која треба да биде заедничка со Бугарија.
Кога можеа Германија и Франција-можеме и ние!
П.С.
Сосема погрешно е да се гледа на интегрирањето во ЕУ како губење на индентитетот. Бидејќи индентитетот се губи преку вршење асимилација, тоа не е случај во ЕУ, напротив, во ЕУ индентитетите се зајакнуваат, посебно тоа е случај со малите народи, кои имаат прилика да преседаваат со телата и органите на ЕУ.
Интеграцијата во ЕУ подразбира успешно зајакнување на капацитетите на институциите на државата, функционална правна држава, заштита на човековите права, развој на демократијата, порационално управување и трошење на државните пари, ефикасна борба против корупцијата, економски развој…
Авторот е основач на онлајн магазинот „Револуција“
http://www.libertas.mk/%D0%B0%D0%BD%D0%B...%B0%D1%80/