ЈорданПетровски
ЈорданПетровски-ЦРНИ
      
Posts: 17,638
Joined: Mar 2010
Reputation:
36
|
Quote:Патриотско интервју на Македончето
Гордан Георгиев
Патриотската глазура во интервјуто на Груевски го покажува неговиот личен комплекс на помала вредност
ОЧИ ШИРУМ ОТВОРЕНИ
Се разбира, интервјуто што го даде премиерот Груевски за МИА не е случајно. Но, тоа е интервју на очаен човек што ги исцрпил сите можности за манипулација со сопствениот народ и со меѓународната заедница. И тој човек, за жал, е премиер на Република Македонија и одлучува за судбината на оваа држава. Им препорачувам на сите граѓани на оваа држава детално и внимателно да го прочитаат ова интервју и да размислат што сака да им порача премиерот и какви се неговите визии (ако ги има воопшто) за иднината на Македонија.
Интервјуто на премиерот не може едноставно да се анализира. За тоа интервју е потребен научен инструментариум за психоанализа. Големиот патриот и' објавува војна на Европската унија, на САД, на опозицијата и на сите останати невладини организации, интелектуалци, неистомисленици. Навидум, овој „цврст и бескомпромисен“ став на премиер на една мала држава изгледа симпатично. Но, премиерот Груевски потоа продолжува и го открива неговиот вистински лик и карактер. Тој вели дека ние сме слаби, ние сме послаби од другите, дека не е фер некој да не опструира (Грција и останатите), дека не можеме веќе вака да продолжиме, дека ако не не' сака Европа нека ни каже, па ние ќе си видиме што ќе правиме итн.
На Груевски неочекувано тешко му паднаа недвосмислените зборови на комесарот Фуле т.е. дека дури и да го решиме проблемот со името, не можеме да бидеме сигурни дека ќе добиеме датум за преговори за членство во ЕУ. Ако некој не ја сфаќа или не сака да ја сфати оваа порака, ќе се обидам да ја појаснам. Таа парафразирано вели дека Македонија сериозно заостанува во реформите во последниве три години и дека работата е толку тешка што дури и ветувањата на Груевски дека ќе го реши проблемот со Грција нема да помогнат. А кои се тие заостанувања на Република Македонија што ги нотира Европската комисија?
Крупна лага е дека Европската комисија ја менува реториката и наводно од инает го критикува Груевски во извештајот. На граѓаните не им треба некој друг однадвор да им кажува дека реформите уназадуваат, дека македонската демократија се загрозува, дека нема слобода на изразување, дека медиумите и новинарите се под константен притисок, дека судството и администрацијата се брутално партизирани, дека царува корупцијата во владата, дека е отворен лов на вештерки кај сите неистомисленици на власта. Тоа е реалноста со која граѓаните секојдневно се соочуваат и никакви режимски медиуми или нашминкани извештаи не можат да ја подобрат таа слика. Ете, завршија прославите, завршија спектаклите, се изградија ултраскапите споменици и граѓаните си се вратија во своите домови и начекаа празна трпеза, празни подруми за огревно дрво и, што е уште пострашно, празна иднина. Со своето интервју, Груевски дефинитивно ни кажува дека сака да ни ја одземе иднината, дека сака бродот наречен Македонија да заплови во немирни и непознати води. Дека бродот неминовно оди во карпа.
Оној кој не е способен да го процени овој круцијален момент за македонската држава, не е способен да размислува за иднината на оваа нација и е индиректно или директно одговорен за судбината на Република Македонија. Ова се однесува на сите носители на функции од страна на владејачкото мнозинство, но и на сите останати граѓани кои сакаат да ја видат Македонија успешна, просперитетна и богата, членка на Европската унија.
На мислење сум дека многу брзо, доколку не се опамети, премиерот Груевски може да се најде во „тесната кожа“ на бившите лидери на држави кои доживеаја крах во надворешната политика и осакатија генерации на свои граѓани. Нашиот премиер, во типичен балкански ситно-дуќанџиски манир, мисли дека може да ги манипулира сите и да ги манипулира цело време. И, се разбира, дојде време да се плати фактурата, и тоа во најлошата можна ситуација за Груевски: кога веќе никој во меѓународната заедница не му верува. И затоа сите тие треба колективно да бидат прогласени за непријатели на Македонија. Да беше Слободан жив, ќе можеше да му биде завиден на својот пулен.
Нашиот премиер, занесувајќи се дека е месија, пет години ја копа дупката во која сите ние како народ и нација тонеме. Јавајќи на бранот на популизмот, национализмот и „црнокошуљачка“ негативна кампања кон сите неистомисленици, Груевски ја исцеди и последната капка бес и огорченост кај македонскиот граѓанин. Сега веќе не ни дава избор. Самиот го избира потешкиот и помачниот пат на неговиот неминовен пад. Таквиот избор очигледно не им е оставен ни на претставниците на меѓународната заедница.
Процесот на отрезнување на македонските граѓани несомнено ќе почне. На големото мнозинство граѓани им е преку глава од малтретирањата што секојдневно им ги приредува оваа Влада. На остатокот од оние кои се' уште веруваат дека Груевски е нашиот Македон, им препорачувам добро да ги проучат документите на „Викиликс“, во коишто пишува дека Груевски прифатил промена на името, но цело време не' манипулирал дека други му се виновни.
Затоа, да ја прифатиме неминовноста дека Македонија се наоѓа во тешка политичка криза. Да го прифатиме фактот дека во оваа криза не' вовлече политиката на сегашнава влада на ДПМНЕ. Да прифатиме дека можеби сето ова и го заслуживме да ни се случи, за да можеме конечно да се еманципираме и да тргне работата на подобро. Жална е Македонија во 2011 година, ако треба да преживуваме вакви премрежја. Но, како и во секоја драматична приказна, да се вратиме на онаа познатата: „Она што не може да не' убие, ќе не' направи посилни“. Македонија секако ќе опстои и ќе стане нормална европска држава, исто како и Словачка по Мечијар и Србија после Милошевиќ.
Да заклучам, патриотската глазура во интервјуто на Груевски всушност го покажува неговиот личен комплекс на помала вредност, комплексот на „Македонче“ коешто постојано е онеправдано, понижено и саботирано од сите страни. И овој комплекс тој се обидува да го наметне на целата нација, да не' обедини во малодушноста, слабоста, „калимеро“ правдата. Да појдеме сите по неговиот трнлив пат кон неизвесноста. Се разбира, третиот слој на тој комплекс е понатамошно давања на карт-бланш за царување на корупцијата и криминалот. Нели, во матно најдобро се лови.
(Авторот е пратеник
и потпретседател на СДСМ)
Со ваква опозиција Грујо би требел да владее додека сака. Го обинуваат КОМУЊАРЧИЊАТА за онаа што Грујо го научи од нив. Онаа што тие го чинеа и ШТО Е НАЈСТРАШНО ако се докопаат недајбоже до власт, КЕ ГО ЧИНАТ ПОВТОРНО.
|
|