Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ДА ФОРМИРАВМЕ „МАЈМУНИ“ СИТЕ ЌЕ БЕА „ЗА“
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 15,970
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Интересно ке биде да се потсетиме на 2001 година, пеку интервјуто на министер на полиција во тоа време:



Quote:Љубе Бошковски, министер за внатрешни работи

ДА ФОРМИРАВМЕ „МАЈМУНИ“ СИТЕ ЌЕ БЕА „ЗА“


разговарале: Сашо ОРДАНОСКИ и Владимир ЈОВАНОВСКИ
фотографии: Марко ГЕОРГИЕВ

http://www.forum.com.mk/Arhiva/Forum...gaintervju.htm

За политичкиот и за карактерниот профил на Љубе Бошковски (41) во јавноста има две верзии: едната, дека се работи за "инфантилец" (во употреба се и многу понавредливи квалификации), кој со своите политички неодговорни изјави и со професионално неодговорните потези и нанесува ненадоместлива штета на Македонија - и на домашен и на меѓународен план, а и дека со тоа самиот уверливо се кандидира да биде првиот македонски политичар кој ќе заврши со обвинение од Хашкиот трибунал за воени злосторства; втората верзија е дека се работи за најголемиот патриот во Македонија, без чии постапки и залагања албанските банди ќе беа или веќе влезени или на влегување и во Скопје, а Македонците одамна ќе бегаа по кампови за бегалци во и надвор од Македонија.
Како и во секое претерување, веројатно обете вакви мислења се неточни. Попрво ќе биде дека Бошковски разбира што прави и кога изигрува "паметњаковиќ" и кога навистина ја забавува околината со разно-разни изјави и закани испратени на различни домашни и странски адреси. Факт е дека е политички неодмерен, како и дека она што во моментов го прави со основањето на специјалната единица Лавови остава многу резерви и сомневања. Бошковски е типичен партиски војник со контроверзна биографија и однесување, а со такви личности изобилува трагичната историја на Балканот во изминатите десетина години.
Но, кога разговарате со него тој навистина ви остава впечаток на филмски лик излезен од некоја холивудска акциона комедија. Еве, уживајте и вие ексклузивно во Љубе Бошковски и во неговото прво големо интервју дадено за македонските медиуми!

ФОРУМ: Каква е вашата оцена на актуелната безбедносна криза и за нејзиниот развој во наредните неколку месеци?

БОШКОВСКИ: Моментната безбедносна ситуација во државата е максимално сложена и со ништо не е подобрена во однос на загрозеноста на безбедноста на македонските граѓани, загрозеноста на припадниците на безбедносните сили и загрозеноста на територијалниот интегритет на Македонија. Овие чекори што се прават од страна на НАТО и од меѓународната заедница се само зрак на надеж дека состојбите ќе се подобрат. Навистина, тоа Македонија може да ја извлече од кризата, но под неколку услови, а првото и основно прашање кое се уште не е расчистено е тоа дали меѓународната заедница има изградено јасен став околу Македонија и дали Македонија има свое место во процесите на глобализацијата.

Има ли?

Па, јас мислам дека има и дека она за што вложуваме максимални напори, особено нашата партија ВМРО-ДПМНЕ - таа наша евроатлантска и проевропска ориентација - е присутно кај сите нас кои веруваме во Европа, а како држава-членка на Партнерството за мир ние сме конкренто заинтересирани за тоа да станеме една од членките на НАТО-пактот и членка на Европската унија.

Сепак, во јавноста постојано се лансираат разни тези за перспективите на војната и на мирот! Тоа ме потсетува на времето кога во гимназија го читавме Толстој - во оваа војна и во овој мир, прашање на кое треба да се одговори и да се дефинира еднаш засекогаш е тоа кој е агресорот и кој е жртвата. Во овој момент, ниту еден претставник на меѓународната заедница не кажа јасно дека е извршена агресија врз Република Македонија, дека таа агресија е извршена од еден протекторат - од Косово - дека жртвата е Република Македонија и нејзините граѓани, без оглед на нивната национална припадност итн. Ниту еден од европските политичари се нема јасно определено за тоа за што станува збор во нашиот случај. Кога ќе се дефинира тоа кој е агресор а кој жртва, тогаш односот на меѓународната заедница ќе мора да биде поинаков.


Вие барате меѓународната заедница да се обвини самата себеси, затоа што таа е факторот што го контролира Косово.

Не знам дали досега сте сретнале политичар кој зборува со обичен јазик, со јазикот што го разбираат граѓаните на Република Македонија. Јас, на тој јазик, морам да ви кажам едно: меѓународната заедница изврши злосторство на просторите на бивша Југославија - злосторство на неисполнување, нечинење! Злосторството можеше да се спречи. Господата Лорд Овен и Џорд Карингтон и слични такви лордови, кои се шетаа на просторите на бивша Југославија, не ги спречија најголемите масакри во историјата на овие простори: кога во Сребреница беа убиени 11.000 цивили, кога во Вуковар во училишните клупи беа убивани деца, не го спречија бомбардирањето на Дубровник, кога некои српски генерали велеа дека ќе го направат Дубровник "постар и поубав" - значи, не го спречија балканскиот крвник Слободан Милошевиќ.

Според вас, што се крие зад сето тоа? Дали станува збор за заговор или за немање обмислена стратегија?

Ова не значи дека јас генерално ја обвинувам меѓународната заедница! Тоа би била тезата на некои други. Раговори нема, во смисла на тоа дека тоа е направено намерно. Но, за се е виновна неспособноста на дипломатите кои се шетаат по овие простори. Кога на клупата за обвинети во Меѓународниот суд во Хаг ќе ги видиме претходно споменатите лордови, тогаш ние цврство ќе веруваме во искреноста и во добронамерноста на политичарите и на дипломатите што се занимаваат со екс-Југославија. Во овој момент јас сум скептик во врска со тоа дека некои типчиња кои се шетаа по македонската земја, можат битно да ја променат ситуацијата и да го донесат мирот.


Познато е дека не го поднесувате амбасадорот Питер Фејт...

Апсолутно, не го поднесувам, затоа што Холанѓанецот Питер Фејт не може да биде поголем Американец од Македонецот Љубе Бошковски! Неговото додворување за тоа колку тој наводно бил вљубен во НАТО-пактот не води во една смешна и парадоксална ситуација: не може типот кој во договорот со воениот злосторник Али Ахмети вети дека од 5 јули ќе го ослободи патот од Тетово до Јажинце и дека терористичките банди ќе се повлечат 500 метри од последните куќи и дека безбедносните сили ќе можат слободно да се движат по магистралниот пат од Тетово до границата со Косово - пат што е многу витален за македонската економија - и сето тоа не го исполни, да се прави дека е чесен човек и човек од збор!


Зошто вие не го одбранивте тој пат, ако е тој толку витален за Македонија?

Видете, тука има неколку работи за кои можеби сега е депримирачки да се зборува. Но, едно е сигурно: нашите безбедносни сили беа во Лешок, беа во Непроштено, но таму - да го употребиме жаргонот на овие "генијалци" како Питер Фејт - "несразмерно ни одговорија". Но оружјето со кое располагавме таму, пушкомитралези, калашникови и сл., ние моравме да им се спротивставиме на минофрлачите и на золјите со кои бевме нападнати во Лешок. Во Теарце ни специјалната полиција не можеше да се спротивстави на тој напад. Тоа беше грозно жестоко. Тоа е вистината.


Месното население тврди дека во Лешок сте имале само седум души, и тоа полицајци-резервисти.

Населението тоа не може да го кажува, кога на самиот пункт во Лешок имаше во смени по десет луѓе. Во Лешок, ноќта кога беше извршен најжестокиот напад, имавме преку 60 полицајци.

Министре, не ли ви се чини дека со овој речник, кој е мошне тврд, практично ја доведувате Македонија во кавга со меѓународната заедница, со НАТО, значи со фактори кои не би требало да ни бидат противници, дури и да е точно ова што го говорите?

Не мислите ли дека со ваквите напади врз амабасадорот Питер Фејт можеби и правите голема политичка штета на земјата? Или, можеби, станува збор за некаква македонска поделба на улогите, во која вие имате задача да бидете "тврдиот", а некој друг треба да биде "мекиот" политичар?Точно е дека јас не можам да бегам од својата "тврдост". Но, ова што го кажувам се фактичките состојби. Не сакам да му наштетам ниту на мировниот план на претседателот Трајковски, ниту на неговата кариера, ниту сакам да и наштетам на кариерата на г. Бучковски, ниту на кариерата на г. Црвенковски. Јас само ја кажувам вистината. Злосторството на меѓународната заедница и на нејзините претставници е во неисполнувањето на обврските. Ние не можеме да кажеме дека договорот е исполнет, ако на 5 јули е договорено терористите да се повлечат 500 метри од селата, а тие и ден-денес стојат од двете страни на патот! Со тоа ја провоцираат македонската јавност, си играат со чувствата на македонскиот човек, со македонската нација, со македонските граѓани, со оние чесни Албанци кои не ја сакаат војната. Сакам да ви кажам дека не може рамнодушно да гледаме на една таква бандитска композиција. Мојата партија ме постави на оваа функција не затоа што сум талентиран - за разлика од мојот колега во Одбраната, кој мисли дека е талентиран - туку затоа што Љубе Бошковски уште во Стразбур зборуваше како опозиционер и тврдо ја бранеше Македонија. Љубе го зборуваше тоа во 90-тите години во контактите со Хелмут Кол, во Брисел, во канцелариите на фондацијата Конрад Аденауер.


Велите дека Али Ахмети е бандит и воен злосторник. Што ќе се случи кога ќе го амнестирате и кога тој ќе стане лидер на политичка партија? А можеби ќе морате заеднички да формирате влада? Се чини дека Ахмети е албанската политичка перспектива на Македонија и дека Џафери е веќе историја...

Жален е оној простор на Земјината топка каде што луѓе како Али Ахмети, Слободан Милошевиќ, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ стануваат некакви лидери. Оној момент кога Али Ахмети ќе стане лидер - со раскрвавени раце и со илјадници загубени животи од неговиот албански народ, јас мислам дека ја губиме сериозноста на една суверена и самостојна држава и дека ќе мора да се помириме со статусот протекторат а ла Косово.

Имате ли податоци за тоа колкав е бројот на загинати албански екстремисти досега?

Интересен е феноменот на непријавување на жртвите. Ние имавме битка за жртвите. Во Матејче сакавме да извлечеме два-тројца убиени терористи, но битката за нивните тела траеше шест часа, при што имавме повеќе ранети, и повторно не успеавме. Тоа укажува на фактот дека терористите не сакаа да дојдеме до идентитетот на загинатите.


Можете ли да ни ја опишете битката кај Радуша? Што се случуваше таму? Дали се веродостојни извештаите за десетиците, па и стотици мртви на страната на УЧК?

Во Радуша отидовме на повик на нашите полицајци. Неочекувано, ноќта од правецот на Кривик, од Косово во Македонија влегоа над две илјади припадници на КЗК. Во КЗК, наводно, велеле дека го користеле годишниот летен одмор на тој начин што ќе им помогнат на своите браќа во Македонија. Убаво.

Ако биле 2.000, како успеавте толку жестоко да ги поразите?

Прво, се искачивме на позиција од каде што можеше убаво да се "мава". Битката траеше од утринските часови до 19-20 часот вечерта. Јас бев на местото на настанот по повик од моите единици. Оттаму неколкупати лично интервенирав кај премиерот Георгиевски за тоа АРМ да ни дојде напомош, а тој, по долги разговори, убедувања и интервенции кај Бучковски и во Генералштабот, успеа да ги убеди да ни испратат помош во форма на армиските хеликоптери кои буквално ги косеа терористите. Една група го преоѓа Вардар - ја косат; веднаш по неа друга - и неа ја косат. Во еден момент беше навистина страшно да се гледа таа погибија!


Па, што им правеа на мртвите? Како успеваа да ги изнесат лешовите?

Ние се дислоциравме на побезбедно место, така што немавме најдиректен увид на теренот. Бевме малку подалеку, но имаме прецизни сознанија за загубите на непријателот.


Се слушаат фантастични бројки за загубите на непријателот - од 60 до 800 луѓе?

Непријатно е министеротот да зборува за вакви работи. Која бројка и да ја кажете од овие поголемите, нема да згрешите.

Дали е вистинита онаа приказна за вмешаност на хрватски државјани во битката кај Радуша?

Точно е дека има "кучиња на војната" од просторите на екс-Југославија кои се борат на албанска страна. Дури има сомнежи дека, покрај хрватски, имало и српски платеници. Но, сепак, најголемиот број од нив се муџахедини.


А точна ли е информацијата дека, наводно, преку скопскиот аеродром за Хрватска отишле 70 лимени сандаци?

Не, не е точна. Проверивме неколкупати, информацијата не е точна. Ние зборувавме со Хрватите, но тие не можеа да ни кажат ништо конкретно.

Кажете ни нешто за новата антитерористичка единица што сега ја формирате, за тоа за колку луѓе станува збор, од каде се финансираат и што е нивната задача во рамките на полициските сили?

Ништо не се формира надвор од постоечката законска регулатива. И покрај сите шпекулации за формирање на некаква "паравоена структура", тоа нема врска. Станува збор за полициска резерва која си има своја значка и е комплетно законски покриена.

Зошто се викаат Лавови?

Е, сега, тоа е друго прашање. Да се викаа Мајмуни, сите ќе беа за! Да се викаа Крокодили, сите ќе беа за! Ама, проблем е што тие се викаат Лавови...

Дали Владата донела законска уредба со којашто се легализира формирањето единица што ќе се вика Лавови?

Ние имаме Тигри, така? Тигрите се формирани со уредба на Владата. Името на единицата се регулира со посебен правилник во МВР. Во МВР постои Единицата за посебни намени на полицијата, која се формира од полицискиот состав во станиците во сите градови во Македонија, од луѓе кои се поистакнати, поиздржливи и похрабри од другите полицајци. Значи, припадниците на оваа Посебна единица, како и борците од резервниот полициски состав кои се истакнаа во досегашните шестмесечни борби - од нив бираме 200 момци кои ќе бидат примени на конкурс и кои, заедно со делот на Посебната единица, ќе формираат Бригада за брза интервенција, која најверојатно ќе го носи името Лавови.

Таа бригада ќе биде во состав на Армијата или на Полицијата?

Ќе биде во состав на Полицијата.

Дали Владата донесе одлука за ова, бидејќи се работи за зголемување на бројот на државната администрација? Како ќе го оправдаме приемот на нови Лавови, кога е во тек масовно отпуштање на државни административци?

Приемот ќе го оправдаме со безбедносните потреби на земјата.

Бригади за брза реакција обично се формираат во рамките на воените потенцијали на земјите, а не на полицијата...

Во Италија имате 11 разни полициски бригади.

Дел од јавноста се плаши дека во овој случај станува збор за создавање партиска, вмровска полиција. Што ако таа бригада, на идните избори, при кои евентуално би дошло до промена на власта, одбие да ги слуша новите претпоставени?

Нема шанса за такво нешто. Прво, нема шанса ВМРО да изгуби на изборите! Ние имаме строго зацртана владина програма, којашто не успеавме да ја реализираме поради бегалската и поради актуелнава криза во државата.

Има ли шанса овие Лавови да ви помогнат да ја задржите власта?

Не. Тоа се здрави момчиња од селски и од работнички семејства, кои пред се ја имаат Македонија во срцата. Нема ниту една причина јавноста да се вознемирува поради нив.
Инаку, јас на Тигрите на шега им велам: "Биди тигар - бори се к'о лав!".

Дали тие тренираат во Идризово?

Тие се на линијата на отпорот.

Зошто не ја проширивте постоечката единица Тигри, туку е неопходно да се создава нова формација Лавови?

Тоа е направено поради потребата внатре, во Единицата за посебни намени, да се извлече нов квалитет. Тие не се оние униформирани типчиња кои шетаат по градот и се нарекувааат Лавови, кои се вистинска паравојска. Но, таквите се 20-30 души. Од друга страна, Лавовите од резервната полиција ќе придонесат за тоа да се неутрализираат оние нелегални групации кои сега се нарекуваат Лавови и кои со спрејови чкртаат по ѕидовите.

Според тоа, каква ќе биде разликата меѓу Тиргите и Лавовите?

Лавовите ќе бидат логистика за настапот на Тигрите. Лавовите ќе помагаат при елементарни непогоди, при упади во куќи кога ќе се собира оружје итн.

Не е ли тоа преклопување на функциите на Тигрите и на Лавовите?

Не, бидејќи Лавовите ќе им бидат логистика на Тигрите. Се покажа дека во Жилче, Ратае, Јегуновце, самите специјалци велеа: "ако не беа овие резервисти, Лавовите, нас ќе не испотепаа".

Кога сме кај резервната полиција, како ги коментирате обвиненијата на организациите за заштита на човековите права дека сте извршиле воени злосторства во село Љуботен, како и тоа дека вие лично сте биле на чело на резервната полиција кога се правени злосторствата? Како ги коментирате обвинувањата од Хјуман Рајтс Воч и од македонскиот Хелсиншки комитет, чиј претседател, Мирјана Најчевска, ни ги потврди сомневањата за извршените ѕверства во Љуботен?

Мирјана Најчевска е жива трагедија за Македонија. Јас нејзе аргументирано и докажав дека треба да оди во ОБСЕ и таму да ги провери своите обвиненија што ги искажува на наша сметка. Мислам дека таа заслужува да биде обвинета.

Имено, борбите во село Љуботен се водеа два дена. Македонската црква во селото е нападната, а христијанските гробишта осквернавени. Според тоа, самите да зборуваме дека таму македонската полиција правела некакви напади, е глупост. Македонската полиција влезе во селото кога битката беше завршена и нема ниту еден жител од селото кој е убиен, "масакриран" и не знам што ли уште не од страна на припадниците на УКЧ! Кога разбравме дека внатре во селото се водат битки, дознавме дека тие битки биле меѓу селаните и МВР, затоа што поголем дел од месното население ги одбило претставниците на УЧК. За тоа има снимки на кои се гледа дека терористите ги влечат цивилите и ги носат да ги убиваат, затоа што наместо да им се приклучат ним, мажите се спуштаат кон градот.

Јас во 16 часот отидов во Љубанци за да видам што се случува во Љуботен и таму дадов изјава за МТВ, а не се криев. И, сега, овие кретенофилниве типови "ја откриле Америка", па велат дека сум стоел на некој балкон и дека сум го следел убивањето! Јас за тоа ќе ги тужам на Судот за човекови права во Стразбур, затоа што сум искрен човек кој работи според овластувањата што му ги дава Уставот. Јас ги спасив тие илјада жители од Љуботен кои гневните граѓани од Бутел и од Чаир ги чекаа со "Молотови коктели" и беа подготвени да ги уништат. Затоа пратеникот Фатмир Атеми ми беше неизмерно благодарен, дојде кај мене за да ми се заблагодари што сум му ги спасил љуботенчани! Од една страна ми се заблагодарува, а од друга води кампања во стилот: "Ајде, сега, ќе го обвиниме Љубе оти тој убивал цивили"!


Што ќе ни кажете за тие десет убиени цивили кои ги потврдуваат организациите за човекови права?

Никој не ги видел. Труповите се закопани, а не се дозволи ексхумација.

Во Хелсиншкиот комитет тврдат дека селаните инсистираат на ексхумација.

Не е точно. Ексхумација што се бара сега, по 15 дена, нема ефект. Зошто увидната екипа составена од обвинител, истражен судија и полиција е вратена од страна на селаните? Точно ли е тоа? Точно е.

Како можеле да бидат вратени ако во селото веќе имало полицајци?

Ова се случува утредента, кога се е завршено.

Значи, вашата теза е дека тие луѓе се убиени од страна на УЧК?

Апсолутно! И сега, преку некакви Мирјани Најчевски, треба да се направи она што е најопасно за македонскиот суверенитет, а тоа е изедначување на агресорот и на жртвата. Да се обвини Македонија за нешто што нема врска со реалноста.

Господине министре, успеавте да го освоите Љуботен, но не и Арачиново, иако дента кога почна главниот напад, ветивте дека попладневното кафе ќе го испиете сретсело. Зошто не успеа акцијата кај Арачиново?

Таму беше договорено Полицијата и Армијата да настапат заеднички. Во артилериската подготовка на теренот, од левата страна требаше да оди група од 250 припадници на полицијата, составена од припадници на Посебната и на Специјалната полиција, а од десната страна група од 250 Волци и Скорпиони. Но, на теренот се случи нешто неочекувано. Од групата која требаше да ја даде Армијата, ние имавме само 40 волци, кои подоцна им се приклучија на полицајците на левото крило. Тоа значи дека Армијата не ја исполни обврската којашто ја презеде. Тоа е прво. Второ, мислам дека под притисок на меѓународната заедница, акцијата беше предвреме прекината.

Господине Бошковски, како мислиме ние да победуваме кај Тетово и кај Гостивар, кога не можеме да ставиме под наша контрола едно село во нашето опкружување? Зошто не се успеа целосно во тоа да се заобиколи Арачиново?

Бидејќи имале коридор преку кој тие ноќе успевале да се пробиваат до манастирот Матејче.

Но, дури и кога го гледате селото од автопатот, се чини дека нема ништо поедноставно од тоа со мал напор селото да се стави во обрач?

Селото, фактички, цело време беше опкружено. Но, во сите места во Македонија постои некое тајно патче преку кое може ноќе да се измолкнеш од селото. Дење ние ги "мававме" од котата Џафа, меѓутоа ноќе тие проаѓаа.

Го сметате ли Арачиново како свој неуспех?

Па, да.

Се чувствувате ли затечен, изигран и разочаран од вашите довчерашни албански политички пријатели и соработници?

Јас сум тотално разочаран, затоа што ако некој веруваше во Џафери - тоа бевме ние. Ние бевме повеќе од сигурни дека може да се гради соживот на една поквалитетна основа, дека со Албанците може и мора да се живее. И денес верувам во тоа. Но, дека сум можел да бидам изигран на тој начин, да се чувствувам толку понижен од некој со кој до вчера се нарекував брат, за мене тоа е несфатливо и тоа го преживеав многу емотивно! Тие луѓе ме убедуваа дека нема ништо да и се случи на мојата земја, дека тие ги држат Албанците под контрола итн. Сега, кога Љубе покажа дека не отстапува од она што му е уставна обврска, сега станав персона-нон-грата!

Има ли шанси вие, лично, да се согласите со отцепување на дел од македонската територија, дури и ако тоа - како идеја - е прифатено од вашата партија?

Мислам дека до отцепување или до размена на територии нема да дојде. Такво нешто се случува само по една тотална војна. Такво нешто е можно кога би имале работа со оружено востание на една етничка група. Мислам дека во нашиот случај не се работи за тоа и дека затоа Македонија ќе остане цела.

Значи, вие не би учествувале во таков проект?

Не верувам дека кој и да е од мојата партија би учествувал во еден таков проект.

Како министер за полиција, би апселе ли функционери доколку претставници на вашата или на некоја друга партија би кажале дека работат на таков проект?

Уставот е јасен. Никој во оваа држава нема право да признае капитулација, нема право да признае окупација и тоа се смета за велепредавство.

Значи, би апселе?

Апсолутно!

Зошто одвреме навреме во хрватскиот печат ќе излегува некаква дискредитирачка "фуснота" за вас? Каков е вашиот статус во Хрватска?

Јас сум државјанин на Хрватска. Таму бев еден од уривачите на Југославија, заедно со Фрањо Туѓман, Марко Веселица, Том Бериша, Дражен Будиша, со покојниот Готовац, значи со една интелектуална сила - каква што сте вие во Македонија - која работеше на концептот на уривањето на Југославија. Оваа идеја кај мене првпат се јави додека како дипломиран правник го отслужував воениот рок во ЈНА во Задар. Тогаш сфатив дека има криза на моралот и дека Југославија мора да се распадне, по што првпат УДБА ме зеде на третман. Потоа ме презеде македонската полиција и девет години ме следеше и ме водеше под досието "Дипломат". Кога се вработив во МВР, на 15 февруари 2000, како заменик-директор на ДБК, ме дерегистрираа од едвиденција. Инаку, на моето досие мајка му расплакале, оставајќи му само седум странички.

Што се однесува до Хрватска, тогаш сметав дека на барикадите на Хрватска може да се одбрани македонскиот суверенитет и дека ако падне Хрватска, Македонија нема никакви шанси. За целото тоа време политички дејствував преку ВМРО-ДПМНЕ, како негов задграничен претставник. Ги формирав комитетите низ Европа, работевме на проектот на самостојна и на независна Македонија. Симпатиите кон мене во Хрватска беа големи, бидејќи за тогашниот дневен скопски весник Република јас бев првиот што ја пишуваше вистината за војната во Хрватска. Никогаш не сум зел пушка в рака за да се борам со оружје.

Наводно, имало ваши слики на кои сте сликани вие, во униформа, заедно со Агим Чеку - како големи другари?

Тоа се најнебулозни тези. Прво, Агим Чеку не бил мое ниво. Не може човек кој работи на проект на уривање на великосрпското лудило, на рушење на проектот на САНУ, да комуницира со некое офицерче што се вика Агим Чеку! Тој човек не сум го сретнал никогаш во животот. А ако има една моја слика со тој човек, слободно нека ја објават.

Од каде доаѓа оружјето за УЧК? Преку Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија...? Ги следите ли тие траги?

Кога оружјето се плаќа со нелегални пари и во кеш, тогаш тоа може да се добие директно и од фабриката во Крагуевац. Ние имаме податоци дека големи количества оружје влегуваат од Молдавија, преку Романија и Бугарија.

Дали има и државна соработка од овие земји во тоа вооружување на УЧК или се работи за "црн бизнис"?

Нема вмешаност на државите. Оваа трговија се работи на најцрн, најмонструозен и најилегален начин.

Кога јавноста во Македонија ќе види добра координација и соработка меѓу Војската и Полицијата?

Мислам дека координацијата во последно време е подобрена, особено меѓу генералите кои работат директно на теренот. Ние немаме проблем со Армијата, проблемот е во концептите и во политиката. Во Министерството за одбрана упорно тврдат дека мирот може да ни го донесе некој однадвор, а јас тврдам дека за мирот мораме да се избориме самите.

Сепак, ние во ВМРО-ДПМНЕ покажавме дека го прифаќаме мировниот план на претседателот Трајковски. Околу тоа нема дилема. Го потпишавме Рамковниот договор и се согласивме со тоа да дојде НАТО. Ние имаме консензус од нашите пратеници да се поддржи мировниот план.

Но, Ѓорѓи Котевски и Филип Петровски отворено кажуваат дека ќе гласаат против мировниот план.

Е, сега, ние не можеме комплетно да им се наметнеме на пратениците. Но, за овие работи имавме консензус, без никаква дилема дека таа работа треба да се заврши. Ние не сме тие кои го кочат мирот. Ние сме тие кои го сакаат мирот - но праведниот мир! А тој праведен мир ќе дојде тогаш кога жителите на Теарце, Лешок, Непроштено слободно ќе се вратат во своите родни огништа. Придобивката од овој договор е во тоа што полицијата потоа ќе може да влегува во албанските села и да го бара нелегалното оружје.

Ќе имаме ли сила за тоа?

Бидете уверени во тоа.

Значи, вие сте оптимист околу целата ситуација?

Да.
19-10-2011, 10:36 PM
Reply
МрачниотКоњаник Offline
stop the brainfcuk
*****

Posts: 1,391
Joined: Dec 2010
Reputation: 1
#2

Ah ne ide, osven Bugari tuka vekje nikoj nishto ne pishuva, chej Jordan kje opne ushte edna patrioticheska tema... po principot "vidi ptica", razbira se...
---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Борба за слобода од шарените окупатори!
19-10-2011, 11:46 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 15,970
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3

(19-10-2011, 11:46 PM)МрачниотКоњаник Wrote: Ah ne ide, osven Bugari tuka vekje nikoj nishto ne pishuva, chej Jordan kje opne ushte edna patrioticheska tema... po principot "vidi ptica", razbira se...



Веке почнуваш да имаш сериозни проблеми.
Оваа интервју го качив бидејки водевме дискусија на ФБ во групата ВМРО на чат. Сакав да ја префрлам дискусијата да биде видлива за сите.
Интервјуво е дел од таа дискусија, која ке ја префрлам тука на форумов. Еве го уводниот текст;

Quote:Jordan Petrovski

Да ја префрлиме дискусијата тука Бинго. Да почнеме со ова:

Bingo jas te prashav konkretno.Koga e formirana edinicata Lavovi
Ne e isto nekoj shto zel oruzje na pochetokot na vojnata i onoj shto zel oruzje po zavrshuvanjeto na vojnata
Like · · Unfollow post · 4 hours

http://www.facebook.com/groups/MKVitez/297428173601178/
(This post was last modified: 20-10-2011, 12:01 AM by ЈорданПетровски.)
20-10-2011, 12:00 AM
Reply