Пругата кон Бугарија на слеп колосек
Евентуалниот влез на земјава во европското семејство на површина ќе ја исфрли неспособноста на македонските власти десетина години да го довршат железничкото поврзување со Бугарија
Само 89 километри недоградена пруга се причината поради која Македонија и Бугарија може да влезат во историјата како единствените земји-членки на Европската Унија кои немаат железничка врска. Евентуалниот влез на земјава во европското семејство на површина ќе ја исфрли неспособноста на македонските власти десетина години да не можат да ја довршат пругата, која е дел од значајниот Коридор 8, што се протега од бугарското пристаниште Бургас преку Скопје до градот Валона во Албанија.
По 15-годишно градење на железницата, неколку менувања на трасите и потрошени повеќе од 100 милиони евра, нашата земја единствено успеа да истрасира земјен дел што стасува некаде пред Крива Паланка и неколку железнички мостови на кои веќе има оштетувања. Дотраен мост на реката Пчиња кај кумановското село Клечовце, на кој изгниени дрвени греди и лимени крпеници ги придржуваат металните шини, е крајната изградена делница од „линкот со Европа“. За целосно железничко поврзување со Бугарија недостигаат уште 89 километри пруга. Состојбата е таква откако пред пет години градежните активности беа прекинати без подетаљно објаснување, механизацијата повлечена, а веќе изградените делови оставени на забот на времето.
Издадените метални прачки кои одненадеж завршуваат, а продолжува само истрасиран земјен пат, се потврдата за тоа колку земјава е блиску, а сепак далеку од европското семејство.
- И да ги постават шините над новата траса, пругата што веќе постои не е употреблива. Најголем дел од металните прачки се украдени и продадени како старо железо. А овој мост не може да издржи човек да помине, а не воз - велат мештаните од селото Клечовце.
Од бугарска страна, пак, недостигаат само 2,5 километра пруга, за кои властите во Бугарија велат дека се најмалата пречка за изградба на коридорот. Сепак, и за нив приоритет е изградбата на железничко-патната делница на трасата од црноморското пристаниште Бургас до албанскиот град на Јадранското Море, Драч. За да се реализира овој проект, ќе искористат пари од фондовите на Европската Унија, како и пари обезбедени по пат на јавно-приватно партнерство.
- Изминатиов период склучивме повеќе договори за успешно функционирање на Коридорот 8. Меѓу другото, за овој период предвиден е ремонт на железничката пруга на делниците Варна-Софија и Бургас-Софија, со што ќе се зголеми брзината на движење на возовите. Во процес на проектирање е магистралата Радомир- Ќустендил, што ќе ја поврзува Бугарија со Македонија - велат од извршната агенција „Железничка управа“ од Бугарија.
Според процените на бугарските власти, земјите од регионот годишно губат најмалку милијарда евра поради недоизградената транспортна мрежа на Коридорот 8.
Од македонското Министерство за транспорт и врски велат дека испратиле апликација до Европската комисија за финансирање на студија за оправданост на делницата Куманово-Деве Баир. Процените се дека изградбата на железничката пруга ќе чини 157 милиони евра, во кои се вклучени и надомест за штетите што ги претрпеа градежните фирми поради прекинот на работите на пругата пред пет години.
- Доколку се одобри апликацијата, се очекува студијата да биде завршена во рок од половина година. Во однос на делницата од Крива Паланка до Деве Баир, на почетокот од следната година е предвидена изработка на главниот проект за трасата, при што ќе треба да се распише тендер за изработка на идејни проекти за мостови и тунели, како и физибилити студија - велат од Министерството за транспорт.
Според претходните најави на ресорното Министерство, тој проект требаше да биде готов уште во септември, но засега нема одговор на што се должи новото одложување на рокот. Македонската Влада во планирањето на секој годишен буџет предвидува пари за довршување на пругата кон Бугарија, но секоја година ги пренаменува парите оставајќи ја таа инвестиција за некои подобри времиња.
Наспроти проблемите што на нашата земја и ги создаваат фамозните 89 километри, останатите земји од ЕУ се светлосни години напред. Така, на пример, данскиот град Копенхаген и шведскиот Малме се поврзани со железнички мост преку Балтичкото Море долг 16 километри. Мостот „Оресунд“ беше пуштен во употреба во 2000 година, по четиригодишна изградба. Преку него со воз се стига од едната до другата земја по дваесетина минути патување. Пред два месеца данските власти потпишаа спогодба со Германија за изградба на нов, 20-километарски мост што ќе ги поврзе двете земји. Новиот мост ќе има четири патни и две железнички линии и ќе биде најдолг во Европа.
Даница Тунтевска
Трошоците постојано растат
На почетокот на изградбата на пругата, пред петнаесетина години, тогашниот премиер од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Бранко Црвенковски, најави дека таа ќе биде готова за една година. Оттогаш работите неколкупати беа прекинувани, а трошоците неколкупати се зголемија. Од почетните 120 милиони долари, трошоците достигнаа 336 милиони долари, покажуваат последните пресметки.
Пред неколку години изградбата целосно беше прекината и одложена на неодредено време, иако дотогаш во железницата беа вложени 125 милиони долари и изградени беа околу 45 отсто од трасата. Македонската градежна фирма „Бетон“ ја тужеше државата и бараше околу 2,4 милиона евра поради разлика во цените и изгубен профит. Раководството на компанијата тогаш предупреди дека стопираната изградба ќе биде погубна и дека повеќекратно ќе ја зголеми цената на целиот проект.
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?It...D0A2766999