Котле - форум без граници, без цензура - плурализам на мислења и идеи!
Evangelie i pouka za denes - Printable Version

+- Котле - форум без граници, без цензура - плурализам на мислења и идеи! (https://forum.kotle.ca)
+-- Forum: Историjа (https://forum.kotle.ca/forumdisplay.php?fid=5)
+--- Forum: Религиjа (https://forum.kotle.ca/forumdisplay.php?fid=6)
+--- Thread: Evangelie i pouka za denes (/showthread.php?tid=1103)



Evangelie i pouka za denes - barba - 15-07-2011

Евангелие и поука за 15/07/2011

Старец Ефрем Филотејски

Кога Христос, Неговото Свето име, ќе влезе во срцето - фалангите на демоните почнуваат да бегаат.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 53)

Рече Господ во приказна: „Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и го посеа на нивата своја; тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво - така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.“ И друга парабола им кажа: „Царството небесно прилега на квас, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.“ Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без приказни не им говореше ништо; за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: ,Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот’. Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 16-07-2011

Евангелие и поука за 16/07/2011

Старец Ефрем Филотејски

Секоја помисла што донесува очајание и претерано жалење потекнува од ѓаволот. Треба веднаш да ја одбиеш, зашто ќе ти ја прекине нишката на молитвата.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 54)

Во она време, кога влезе Исус во една куќа, учениците Му се приближија до Него и рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“ А Он им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки; нивата е овој свет; доброто семе, тоа се синовите на царството, а каколот - синовите на лукавиот; непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е свршетокот на светот, а жетварите се ангелите. И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при свршетокот на овој свет; ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите соблазни од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела, и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе биде плач и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 17-07-2011

Евангелие и поука за 17/07/2011

Старец Ефрем Филотејски

Не вели: „Како што прават другите правам и јас“, бидејќи тоа е бесмислица и не можеш да Го излажеш Судијата.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 55)

Рече Господ во приказна: „Царството небесно прилега уште и на драгоценост, сокриена во нива, која ја нашол човек и прикрил, па, од радост за неа, отишол и продал сè што имал, и ја купил таа нива. Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува. Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби: и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при свршетокот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ И ги праша Исус: „Дали го разбравте сево ова?“ Тие Му одговорија: „Да Господи!“ А Он им рече: „3атоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.“ И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму. А штом дојде во Својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 18-07-2011

Евангелие и поука за 18/07/2011

Свети Нил Синајски

Сета борба што се води меѓу нас и нечистите духови се случува единствено заради духовната молитва. Таа им пречи многу и не можат да ја поднесат, а нам ни е спасоносна и благопријатна.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 32)

Во она време, некаков началник се приближи до Исуса, Му се клањаше и велеше: „Ќерка ми умре сега; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.“ И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците Свои. И ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова. Зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.“ А Исус штом се заврте и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!“ И оздраве жената во тој час. И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот збунети, им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа. Но штом го истера народот, Он влезе, ја фати момата за рака и таа стана. И се расчу тоа по целиот тој крај.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 19-07-2011

Евангелие и поука за 19/07/2011

Свети Нил Синајски

Зошто демоните сакаат да поттикнат во нас стомакоугодие, блуд, среброљубие, гнев, злопамтење и сите страсти? За умот да се здебели од нив и да не може да се моли како што треба.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 29)

Во она време влезе Исус во еден кораб, се врати назад и пристигна во Својот град. И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“ Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: „Овој богохулствува.“ А Исус штом ги разбра мислите нивни, рече: „3ошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: ‘Ти се простуваат гревовите твои!’ или да кажам: ‘Стани и оди!’? Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома. А народот кога го виде тоа, се зачуди и Го прослави Бога, Кој им дал таква власт на луѓето.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 26-07-2011

Светиот Архангел Гавриил

Овој голем Божји архангел се празнува на 26 март. На денешен ден пак, се слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на човечкото спасение. Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на Света Гора во 9 век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето на овој архангел во една келија близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“. Заради овој настан таа келија и денес се нарекува келијата „Достојно ест“. Во оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на архангелот Гавриил: кога му се јави на Мојсеј кој во свое време го чуваше стадото Јоторово, а нему архангелот како на Божји избраник му соопшти како е создаден светот, кое Мојсеј подоцна и го запиша во Книгата на Постанокот; кога му се јави на пророкот Даниил и му ја објави тајната за идните царства и за доаѓањето на Спасителот; јавувањето на Света Ана кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе Ја роди преблагословената и Пречиста Дева Марија; многукратното јавување на Пресветата Дева додека Таа пребиваше во храмот ерусалимски; кога му се јави на првосвештеникот Захариј и го извести за раѓањето на Св. Јован Предвесник и за казната на немост што ќе го постигне Свети Захариј затоа што не им поверува на зборовите на архангелот; кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во Назарет и Ѝ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус Христос; јавувањето на праведниот Јосиф; јавувањето на пастирите кај Витлеем; Му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога Господ како човек беше поткрепуван од овој архангел пред страдањето; кога им се јави на жените Мироносици итн.

Свети Јулијан, епископ Кеномански во Галија

Некои мислат дека овој светител не е некој друг туку Симон лепрозниот, кого што го исцели Господ. Светиот апостол Петар го постави за епископ и го испрати во незнабожечката Галија, каде што Свети Јулијан претрпе големи неволји, но успеа да обрати во Христовата вера многуброен народ. Кога го крсти кнезот Дефенсон, тогаш мнозина поданици на овој кнез се приклонија кон вистинската вера. Со благодатта Божја правеше големи чуда: исцелуваше болни, изгонуваше демони и воскреснуваше мртви. Животот го заврши мирно и во времето на својата смрт му се јави насред бел ден на кнезот Дефенсон додека овој седеше на ручек.

Преподобен Стефан Саваит

Братучед на Свети Јован Дамаскин. Се подвизуваше во манастирот на Св. Сава Осветен, по што и е наречен Саваит. Голем подражател на животот на Свети Сава и блескава ѕвезда меѓу палестинските монаси. Се упокои во Господа во 794 година, во шеесет и деветтата година од животот.

Преподобна Сара Мисирска

На подвиг тргна како девица и шеесет години се подвизуваше на брегот на реката Нил, недалеку од Александрија. Со својот пример привлече кон монаштвото многубројни жени. Се упокои во Господ во 370 година.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 01-08-2011

Евангелие и поука за 01/08/2011

Свети Теофан Затворник

Само немојте да мислите дека подвигот на молитвата е некоја тешка и замрсена работа. Кога е гладно, детето оди и ѝ вели на мајката: „Дај ми леб“. Му треба ли за тоа остроумност и спретност? Така е и со молитвата кон Бог. ...Доверувај Му ја секогаш својата потреба на Господ, во простотата на срцето.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 47)

Рече Господ: „Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура. Затоа ви велам, секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето. И, ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но, ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет. Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото. Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто од преполнето срце прикажува устата. Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште - лошо. И ви велам, дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; оти по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.“


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 03-08-2011

Евангелие и поука за 03/08/2011

Свети Игнатиј Брјанчанинов

Причина за солзите е духовното гледање, спознанието за својата гревовност. Причина за солзите е – сиромашноста на духот: бидејќи самата по себе блаженство, таа пораѓа друго блаженство, плач, го храни, го поддржува и го јакне. „Не потекнува плачот од солзите, туку солзите од плачот “ – рекол преподобниот Јован Пророк. Кога некој од братството ја отсекува својата волја и не обрнува внимание на туѓите гревови, стекнува плач. На тој начин се собираат неговите помисли, и така собрани раѓаат во срцето тага, плач по Бог, а плачот раѓа солзи. Солзите, кои се дар Божји, служат како знак за милоста Божја. Солзите во молитва – вели Свети Исаак Сирин – се знамен на милоста Божја, со која се удостоила душата заради нејзиното покајание, и знак за тоа дека таа е примена од Бог и зачекорува во полето на чистотата низ солзи.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 74)

Во она време се приближија учениците до Исуса и рекоа: „Кој е поголем во царството небесно?“ И како повика Исус едно дете, го постави меѓу нив и им рече: „Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно; и, кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина. Тешко му на светот од соблазни, оти соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната. Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, отсечи ја и фрли ја од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот без рака или без нога, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган; и ако те соблазнува окото твое, извади го и фрли го од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да бидеш фрлен во геената огнена. Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен. Оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 04-08-2011

Евангелие и поука за 04/08/2011

Свети Игнатиј Брјанчанинов

Ако не умреме за светот, не можеме да стекнеме плач и солзи. Нив ги стекнуваме во онаа мера во која умираме за светот. Трудот при самиот плач и излевањето на солзите се состои во присилувањето на плач, во великодушното поднесување на сушата и бездождието, од кои е оптоварен понекогаш блажениот подвиг, но после кои трпеливиот подвижник секогаш се наградува со обилен излив на солзи. Како што земјата која долго чека да биде оросена, конечно добива изобилство дожд и наеднаш се прекрива со нежно бујно зеленило, така и срцето истоштено од духовна суша, а потоа оживеано од солзи, шири од себе мноштво духовни мисли и чувства, украсени со заедничкиот цвет на смирението. Подвигот на плачот, бидејќи неразделен од подвигот на молитва, ги бара истите оние услови на успех кои се потребни и за молитвата. На молитвата и треба трпелив, постојан престој во неа. Истото тоа му треба и на плачот.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 76)

Рече Господ на Своите ученици: „Вистина ви велам: сè што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сè што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото. Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да помолат нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен; зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив. Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесет пати по седум“.
Кога ги заврши Исус тие зборови, тргна од Галилеја и пристигна во пределите Јудејски, отаде Јордан. По Него појде многу народ и Он ги исцели таму. Тогаш доведоа при Него деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им бранеа. Но Исус рече: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е Царството небесно.“ И кога ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 06-08-2011

Евангелие и поука за 06/08/2011

Авва Григориј Богослов

Треба да се молиме повеќе отколку што дишеме.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 81)

Во она време кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече: „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и биен, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“ Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, клањајќи Му се, Го молеше нешто. А Он ѝ рече: „Што бараш?“ Таа Му одговори: „3аповедај овие мои два сина да седнат при Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево во Твоето царство!“ Исус одговори и им рече: „Не знаете што барате. Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“ И им рече: „Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е приготвено од Мојот Отец.“ И десетте, штом чуја, негодуваа против двајцата браќа. Но Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.“


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 07-08-2011

Евангелие и поука за 07/08/2011

Авва Нил

Сè што правиш против оној којшто ти нанел неправда, сето тоа ќе ти се најде (како пречка) во срцето за време на молитвата.

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 83)

Во она време кога наближија до Ерусалим и дојдоа до Витфагија, при Елеонската Гора, Исус испрати двајца ученици и им рече: „Отидете во селоно, што е наспроти вас, и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! А, ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.“ А сето тоа стана за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели: „Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот Цар иде при тебе кроток, качен на ослица и осле, син на подјаремница.“ Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус: ги дотераа ослицата и ослето и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Он седна над нив. А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот; а народот, што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Кој иде во името Господово! Осана на висините!“ И кога влезе во Ерусалим, целиот град се збуни, прашувајќи: „Кој е Овој?“ А народот одговараше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски.“ И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите, што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние, што продаваа гулаби, и им рече: „Напишано е: ,Домот Мој, дом за молитва ќе се нарече’, а вие го направивте како разбојничка пештера.“ И дојдоа при Него во храмот слепи и хроми, и Он ги излекува.
И кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќева. А утредента, враќајќи се во градот, огладне; и виде покрај патот смоква, отиде до неа; па како не најде на неа ништо освен лисја, рече: „Отсега да нема плод на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши. Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: „Како веднаш се исуши смоквата!“


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 08-08-2011

Евангелие и поука за 08/08/2011

авва Макариј Александриски

Кога ќе ја увидиш помошта во своето срце, знај дека не се јавила однадвор, туку дека проработила благодатта која таинствено ти била дадена на Крштението. Таа подејствувала во мерата во којашто си ја замразил помислата и си се одвоил од неа... Избавувајќи нè (со благодатта на Крштението) од секое насилие, Христос Господ не забранил помислите да се прикрадуваат во нашето срце, за да може едните како омразени на срцето веднаш да бидат истребени, а другите, како омилени, да останат. Со тоа се покажува и благодатта Христова и волјата човекова, т.е. неговата љубов – или кон подвигот заради благодатта или кон помислите заради самоугодување...

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 64)

Во она време како ги повика Исус учениците Свои, рече: „Жал ми е за луѓето, оти три дена веќе стојат при Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.“ Но учениците Негови Му рекоа: „Каде ќе земеме толку леб во пустињава, за да нахраниме толку народ?“ Исус ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум и неколку риби.“ Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата. И како ги зеде седумте лебови и рибите, благодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците - на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња седум полни кошници. А оние, што јадеа, беа четири илјади души, освен жените и децата. Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и пристигна во пределите Магдалски.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 13-08-2011

Евангелие и поука за 13/08/2011

Свети Исихиј, презвитер Ерусалимски

Оној што се подвизуза во внатрешноста, секој момент треба да поседува четири дејствувања: смирение, крајно внимание, спротивставување на помислите и молитва – затоа што после спротивставувањето треба од длабочината на срцето со неискажливи воздишки да повика кон Христос. Тогаш и самиот подвижник ќе види како со обожуваното Име Исусово се развејува непријателот и неговото мечтаење (фантазија), слично на прашината или на чадот пред силата на ветерот...

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 88)

Рече Господ на Јудеите што беа дошле кај Него дека царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови. И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а тој врз кого падне, *ќе го здроби.“ И слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив, па гледаа да Го фатат; но се плашеа од народот, зашто Го сметаа за пророк.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 14-08-2011

Евангелие и поука за 14/08/2011

Свети Исихиј, презвитер Ерусалимски

Непрестајната молитва ја чисти атмосферата на умот од мрачните облаци и од ветровите на духовите на злобата. Кога атмосферата на срцето е чиста, повеќе ништо не пречи да засветли божествената светлина Исусова... Како што долините изобилно раѓаат пченица така Исусовата молитва изобилно го оплодува срцето твое со секое добро. Подобро кажано, тоа ти го дарува Самиот наш Господ Исус Христос, без Кого не можеме да правиме ништо (Јован 15, 5).

Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 91)

Во она време пристапија кон Исуса садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа, говорејќи: „Учителе, Мојсеј рече: ,Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го воздигне потомството на брата си!’ При нас беа седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си; исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот; а по сите нив, умре и жената. При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“ Исус им одговори: „Се лажете, оти не ги познавате Писмата, ниту силата Божја; зашто при воскресението луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а ќе живеат како ангели Божји на небесата. А за воскресението на мртвите не сте ли читале, што ви рекол Бог, Кој вели: ,Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов’. Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“ И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на неговата наука.


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 28-08-2011

Евангелие и поука за 28/08/2011

Свето Евангелие од светиот апостол Марко (зач. 9)

Учениците на Јована и на фарисеите постеа. И приоѓаа некои, па Му велеа на Исуса: „3ошто учениците Јованови и на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?“ Исус им рече: „3ар можат сватовите да постат, кога младоженецот е со нив! За сето време, дури е со нив младоженецот, тие не можат да постат; но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат. Никој не крпи стара облека со нова крпа; инаку, новозашиената крпа ќе се отшие од старото, и отворот ќе биде уште поголем. Никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расцепи мевовите и виното ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат; туку ново вино треба да се става во нови мевови.“


RE: Evangelie i pouka za denes - barba - 31-08-2011

Евангелие и поука за 31/08/2011

Старец Софрониј

Световната мудрост не може да го спаси светот. Собранијата, владите, многусложените организации на најразвиените современи држави на земјата се немоќни. Човештвото страда бескрајно. Единствен излез е да ја најдеме мудроста внатре во нас, решението да не живееме согласно земните идеи, туку, да го следиме Христа.

Свето Евангелие од светиот апостол Марко (зач. 11)

Во она време, фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со иродовците на совет против Исуса, како да Го погубат. Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето и по Него одеше многу народ, од Галилеја, и од Јудеја, од Ерусалим, и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него. И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Му додева; зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа на Него за да се доближат до Него. И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: „Ти си Син Божји!“ Но Он строго им забрануваше да разгласуваат за Него.