![]() |
Pravoslaven Kalendar - Printable Version +- Котле - форум без граници, без цензура - плурализам на мислења и идеи! (https://forum.kotle.ca) +-- Forum: Историjа (https://forum.kotle.ca/forumdisplay.php?fid=5) +--- Forum: Религиjа (https://forum.kotle.ca/forumdisplay.php?fid=6) +--- Thread: Pravoslaven Kalendar (/showthread.php?tid=1102) |
Pravoslaven Kalendar - barba - 15-07-2011 Полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква во Цариград Во времето на царот Лав Велики (458 г. – 471 г.), на царицата Верина и патријархот Генадиј, патуваа по Светата Земја двајцата цариградски благородници Галвиј и Кандид, заради поклонение на тамошните светости. Во Назарет отседнаа во куќата на една вдовица Еврејка, којашто во тајна одаја ја чуваше ризата на Пресвета Богородица. Многумина болни и неволни добиваа исцеление за своите маки со молитва и со допирот на таа риза. Галвиј и Кандид ја зедоа Светата риза и ја пренесоа во Цариград, а тоа им го објавија на царот и на патријархот. Во царскиот град тоа предизвика голема радост. Ризата беше свечено пренесена и положена во црквата Влахерна. (Оваа црква ја соѕидаа царот Маркијан и царицата Пулхерија на брегот на еден залив, наречен Влахернски, според името на некој скитски војвода Влахерн, којшто на ова место беше убиен). Овој празник е востановен во спомен на полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква. Свети Јувеналиј, патријарх Цариградски Современик на големите светилки на Црквата Христова: Ефтимиј, Теодосиј, Герасим, Симеон Столпник и др. Учествуваше на два Вселенски Собори: на Третиот во Ефес и на Четвртиот во Халкидон и со голема сила и ревност се бореше против богохулните ереси: во Ефес против Несториј којшто Ја нарекуваше Богородица Христородица и во Халкидон против Евтихиј и Диоскор, коишто учеа дека Христос имаше само една природа, т.е. Божествената, без човечката. После победата на Православието на овие два Собори, Јувеналиј се врати на својот престол во Ерусалим. Но иако ересите беа осудени, еретиците не беа истребени. Од сплетките и насилството на некој Теодосиј, пријател на Диоскор, Јувеналиј беше протеран од престолот и Теодосиј самочино се воздигна себеси на неговото место. Овој еретик Теодосиј во прво време го помагаше и царицата Евдокија, вдовицата на царот Теодосиј Помалдиот, којашто се имаше населено во Ерусалим. Колеблива и брзоплета, Евдокија најпосле отиде кај Свети Симеон Столпник да го праша каде е вистината. Божјиот светител ги разобличи сите еретички учења и ја упати царицата да се држи за православното учење како што е утврдено на Соборите. Царицата го послуша, се покаја и самата се озлоби против лажниот патријарх Теодосиј. Тогаш во Цариград владееја Маркијан и Пулхерија. Царот му испрати писмо на војводата Атанасиј да го протера Теодосиј и на престолот да го врати Јувеналиј, како што набрзо беше и направено. Јувеналиј управуваше со ерусалимската Црква триесет и осум години како поглавар и во длабока старост се престави кај Господ за да ја прими од Него наградата за пребројните маки и неволји што ги претрпе за вистината. Во времето на Свети Јувеналиј беше утврдено празнувањето на Божик на 25 декември. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 16-07-2011 Светиот маченик Јакинт Млад дворјанин на царот Трајан, потаен христијанин. Еднаш додека царот со сите свои дворјани свечено им принесуваше жртви на идолите, Јакинт изостана од оваа скверна свеченост. Затоа беше обвинет и изведен пред царот на суд. Царот го советуваше да се откаже од Христа и да им принесе жртви на идолите. Но Јакинт остана тврд како дијамант, велејќи му на царот: „Јас сум христијанин, Христа Го почитувам, Нему Му се поклонувам и Нему Му се принесувам како жртва жива самиот себеси“. Избиен, исплукан, истружен, овој Свет маченик беше фрлен во затвор. На заповед на царот не му даваа да јаде ништо, освен од идолските жртвоприноси. Но Јакинт тоа не сакаше да го јаде и за осум дена умре. Стражарите во затворот видоа двајца светли ангели: едниот го покриваше телото на маченикот со својата пресветла облека, а другиот полагаше прекрасен венец врз неговата глава. И сиот затвор стана светол и миризлив. Момчето Јакинт пострада чесно во 108 година. Свети Анатолиј, патријарх Цариградски Најпрво беше презвитер во Црквата александриска, но по смртта на патријархот Флавијан беше возведен за патријарх на цариградскиот престол, во 449 година. Цариградскиот престол е признаен за рамен на Римскиот во негово време, и тоа на Вселенскиот Собор во Халкидон, во 451 година. Овој Свет патријарх се бореше многу за чистотата на православната вера, многу страдаше од еретиците, додека најпосле не беше и убиен од нив во 458 година, во времето на царот Лав Велики. Со Црквата управуваше близу девет години, а потоа се пресели меѓу нејзините Свети јерарси. Преподобен Александар Роден е во Азија, школуван во Цариград. По завршувањето на школувањето се предаде на војничка служба и стана офицер. Читајќи го Светото Писмо наиде на зборовите: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај сѐ што имаш и раздели им го на сиромасите, и ќе имаш сокровиште на небото, а потоа појди и врви по Мене“ (Матеј 19, 21). Овие зборови извршија такво влијание врз него, што веднаш продаде сѐ свое, го раздаде и се оддалечи во пустина. После долготрајни подвизи и трудови за своето очистување, ја востанови Обителта на Неусипајуштите (Неуспивливи), со особен устав. Според тој устав богослужбата течеше непрестајно дење и ноќе. Братството беше поделено во дваесет и четири чреди; секоја чреда си го знаеше својот час од денот или ноќта и одеше в црква да го продолжи читањето и пеењето на претходната чреда. Патуваше многу по источните страни без никаде ништо, ги просветуваше луѓето со верата Христова, ги побиваше еретиците, чинеше чуда со Божествената благодат, остаре служејќи Му на Господ Исус Христос и најпосле го заврши својот земен живот во Цариград, 430 година, каде што неговите мошти ја пројавуваа чудесната моќ и слава со којашто Бог ги прославува Своите свети слуги. Свети Исаија Отшелник Се подвизуваше во Мисирскиот Скит во 5 и во 6 век. Се спомнува во книгата на Светите Варсануфиј и Јован (одговор 249 и др.) како маж со вонредна светост. Напиша мноштво поуки за монаси и отшелници. Но од неговите списи преостанаа малку, а многу се уништени од муслиманите. Говореше Свети Исаија: „Пред да се разбуди од сонот на мрзливоста, умот се наоѓа со демоните“. „Круната на сите добри дела се состои во тоа човек да ја положи сета своја надеж на Бога, да прибегнува кон Него Единствениот со сето свое срце и со целата сила, и да плаче пред Бога молејќи Го за помош и помилување.“ Каков е знакот дека на човекот му е простен гревот? „Знак дека гревот е простен е тоа што тој грев не произведува повеќе никакви дејства во твоето срце и си го заборавил до таа мера, што во разговор за сличен грев не чувствуваш никаква наклоност кон тој грев, како да е нешто наполно туѓо за тебе. Тоа е знакот дека си помилуван.“ Залудни се и молитвите и подвизите на човекот којшто во себе таи злоба кон својот ближен и желба за одмазда. „Со сите сили грижи се со устата да не зборуваш едно, а во срцето да имаш друго“. Круна на добродетелите е љубовта, а круна на страстите е правдањето на сопствените гревови“. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 17-07-2011 Свети Андреј, архиепископ Критски Роден е во Дамаск од родители христијани. Се роди нем и така остана до неговата седма година. Кога родителите го одведоа во црква и го причестија, тој проговори. Толкава е силата на Божествената Причест! Во својата четиринаесетта година отиде во Ерусалим и се потстрижи во лаврата на Св. Сава Осветен. Со разумот и подвигот ги надмина многумина постари монаси и им беше пример на мнозина. Потоа патријархот си го зеде кај себе за писмоводител. А кога почна да свирепствува монотелитската (едноволничка) ерес - којашто учеше дека Господ Исус ја немаше човечката волја, туку само Божетсвената - во Цариград се собра Шестиот Вселенски Собор, во 681 година, во времето на царувањето на Константин Брадестиот. Ерусалимскиот патријарх Теодор не можеше да оди на Соборот, туку го испрати како свој ополномоштеник овој Андреј, тогаш архиѓакон. На Соборот Андреј ја покажа својата надареност, беседништво, ревност кон верата и необичната расудливост. Откако помогна да се утврди Православната Вера, Андреј се врати на својата должност во Ерусалим. Подоцна беше избран и поставен за епископ на островот Крит. Како архиереј беше многу омилен кај народот. Ревнуваш многу за Православието и ги сотираше крепко сите ереси. Со своите молитви чудотвореше. Ги протера Сарацените од островот Крит. Напиша многу поучни книги, песни и канони, од кои најпознат е Великиот Канон на Пресвета Богородица, којшто се чита во четвртокот на петтата недела од Чесниот Пост. По надворешниот изглед беше таков, што секој којшто ќе го видеше неговото лице и ќе ги чуеше неговите медоточни зборови, се насладуваше и се поправаше.“ Смртта си ја претскажа еднаш кога се враќаше од Цариград кон Крит, велејќи дека нема да стаса дома. Така и се случи. Додека коработ минуваше крај островот Митилена, овој светилник на Црквата го заврши својот земен живот и се пресели со душата во Царството на Христос, во 712 година. Света Марта Мајката на Свети Симеон Дивногорец (под 24 мај). Со целата душа посветена на верата, таа и не помислуваше на брак. И кога родителите ја свршија за некој младич, намисли да го остави родителскиот дом и да се оддалечи од светот. Но ѝ се јави Св. Јован Предвесник и ја посоветува да им ја исполни волјата на родителите и да стапи во брак, како што таа и направи. Од тој брак се роди прекрасниот светител Симеон, подвижник Дивногорски. Света Марта имаше постојан обичај да станува на полноќ на молитва. Со голема милосрдност ги помагаше бедните, ги пригледнуваше сираците и им служеше на болните. Една година пред својата смрт виде големо мноштво ангели со свеќи во рацете и од нив го дозна времето на своето упокојување. После ова со уште поголема усрдност се предаде на молитва и добродетел. Се упокои мирно во 551 година, а беше погребена крај стапалата на нејзиниот син Симеон Столпник. Посмртно повеќепати им се јави на луѓето заради поука и заради исцелување на болни. Како значајно се памти нејзиното јавување на настојателот на обителта на Св. Симеон. По погребот на Света Марта игуменот постави на нејзиниот гроб кандило, со решение тоа никако да не се гаси. Но по извесно време луѓето ги потфати леност и кандилото згасна. Тогаш настојателот се разболе, му се јави светителката и му рече: „Зошто не го палите кандилото на мојот гроб? Да знаете дека мене не ми е потребна светлината од вашите свеќи, бидејќи се удостоив кај Бога со Незалезната небесна светлина, но вам ви треба. Зашто кога заискрува на мојот гроб, светлината ме поттикнува да Го молам Бога за вас.“ Од ова е јасно дека со нашата почит кон светителите ги побудуваме како подостојни од нас да Го молат Бога за нашето спасение. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 18-07-2011 Преподобен Атанасиј Атонски Беше роден во Трапезунт, од богобојазливи родители. Рано остана сираче, но по Божја Промисла го зеде некој војвода, го одведе во Цариград и го даде да ги изучува науките. Заради својата кроткост и смиреност им беше миленик на врсниците. Во детските игри тие ќе го избереа овој за цар, оној за војвода, а Атанасиј за игумен. Како некое претскажување... Кога заврши со училиштето Атанасиј (до постригот Аврамиј) се оддалечи во Малеинската пустина, близу Света Гора, каде што се подвизуваше како ученик на прочуениот Михаил Малеин. Желен за потесен подвиг, се пресели на Света Гора заради безмолвие. Но околу него почнаа да се собираат мнозина ревнители кон подвижничкиот живот и тој беше принуден да ја соѕида својата славна Лавра. Во тоа изобилно му помагаа византиските цареви, најпрво Никифор Фока којшто и самиот сакаше да се замонаши и да се повлече, а потоа Јован Цимисхиј. На Свети Атанасиј навалуваа многубројни искушенија и од демоните и од луѓето, но тој како храбар Христов војник одолеваше на сѐ и со својата неизмерна кроткост и непрестајна молитва кон живиот Бог сите ги победуваше. Полн со Божја благодат, се удостои да Ја види Пресвета Богородица, Којашто чудесно низведе вода од карпа и му вети дека секогаш ќе биде Икономиса (Игуманија) на манастирот. Атанасиј предничеше пред своите браќа и во работата и во молитвата и сите ги љубеше со љубов на пастир и духовен отец. Смртта му дојде ненадејно. Еднаш со шестмина монаси се искачи над една новоизградена црквена припрата да го прегледа ѕидот што се ѕидаше тогаш, но ѕидот се урна и сите ги затрупа. Така заврши овој голем светилник на монаштвото, во 980 година. По смртта повеќепати им се јавуваше на своите собраќа за да ги утеши или искара. Преподобниот маченик Кипријан Нови Роден е во селото Клицос во Епир. После смртта на неговите добри родители отиде на Света Гора, се замонаши и се предаде на подвиг во една келија близу манастирот Кутлумуш. Си наложуваше труд на труд и подвиг на подвиг, дури не стана прочуен и почитуван по цела Света Гора. Но самиот не беше задоволен со себе. Го мачеше помислата дека не може да се спаси поинаку, освен преку мачеништво за Христа. Ја остави значи Света Гора, отиде во Солун, излезе пред солунскиот паша и го повика да ја отфрли лажната мухамеданска вера и да ја прими верата Христова. Пашата нареди, та го изнатепаа и го избркаа надвор. Незадоволен од тоа мало страдање за Господ Исус, Кипријан отиде во Цариград, му напиша една хартија на великиот везир во којашто ја изложи лажноста на Мухамед и вистинитоста на Господ Христос. Везирот разлутен го испрати кај шеик-ул-исламот, а овој штом го ислуша Кипријан сѐ што имаше да каже, нареди да му ја отсечат главата. Радосен над секоја мера, Кипријан одеше на губилиште како на свадба. И така пострада за Христа овој Божји човек, на 5 јули 1679 година, остварувајќи си ја својата најтопла желба. Преподобен Лампад Имајќи огнена љубов кон Бога уште од детството, Лампад се оддалечи во пустината близу Иринопол и се посвети на подвиг. Штом ги совлада сите страсти и телесните желби, неговата душа беше просветлена од небесна светлина и со неискажлив мир којшто не е од овој свет. Чудотворец и за време на животот и по смртта. Се подвизуваше најверојатно во 10 век. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 19-07-2011 Преподобен Сисој Велики Родум Мисирец и ученик на Св. Антониј. После смртта на својот голем учител Св. Сисој се насели на пустинската гора наречена Антониева според местото на подвигот на великиот светител. Земајќи врз себе тешки подвизи толку се скроти самиот себеси, што стана незлоблив како јагне. Затоа Бог му даде голема благодат. Можеше да исцелува болни, да изгонува демони и да воскреснува мртви. Свети Сисој се подвизуваше шеесет години во пустината и беше како извор на жива мудрост за сите монаси и мирјани што му притекнуваа барајќи поука. Пред смртта лицето му заблеска како сонце. Монасите стоеја околу него и ѝ се восхитуваа на оваа појава. А кога светителот ја испушти душата, одајата се исполни со прекрасно благоухание. Се упокои во длабока старост, во 429 година. Ги учеше Св. Сисој монасите: „Какво искушение и да го снајде човекот, тој треба да ѝ се предаде на волјата Божја и да признае дека искушението се случило заради неговите гревови. Ако пак се случи нешто добро, треба да се каже дека станало по Божја Промисла“. Монах го праша авва Сисој: „Како да Му угодам на Бога и да се спасам?“ Му одоговори светителот: „Ако сакаш да Му угодиш на Бога, излези од светот, оддалечи се од земјата, остави ја тварта, пристапи кон Создателот, соедини се со Него со молитва и со плач и ќе најдеш спокојство и во овој и во оној век“. Монах го запрашал авва Сисој: „Како да го достигнам смирението?“ Му одоговори Светителот: „Кога некој ќе се извежба да го признава секој човек за подобар од себеси, ќе го стекне со тоа смирението“. Амон му се жалел на Сисој дека не може да ги запомни мудрите изреки што ги прочитал и да ги повтори кога разговара со луѓето. Му одговорил светителот: „Тоа не е нужно. Потребно е да се стекне чистота на умот и да се зборува од таа чистота, полагајќи ја надежта во Бога“. Светите маченици Марин и Марта и нивните синови Авдифакс и Авакум, свештеникот Валентин, Кирин, Астериј и многумина други Сите пострадаа во времето на царот Клавдиј Флавиј во Рим, 269 година. Марин и Марта беа богати луѓе од Персија, па го продадоа сиот свој имот во Персија и заедно со своите синови дојдоа во Рим да им се поклонат на моштите на Светите апостоли и на сите маченици. Кога царот ги праша зошто дошле од толку далеку оставајќи ги своите домашни богови за да бараат во Рим мртви луѓе, тие му одговорија: „Ние сме слуги Христови и дојдовме да им се поклониме на Светите апостоли, чии бесмртни души живеат со Бога, сакаме да бидат молитвеници за нас пред Христос, нашиот Бог.“ Кирин беше фрлен во Тибар; оттаму Марин и Марта го извлекоа неговото тело и чесно го погребаа. Свештеникот Валентин му беше предаден на некој војник Астериј, којшто требаше да го посоветува да се одрече од Христа. Но Валентин со молитва ја исцели Астериевата ќерка којашто беше слепа две години и го крсти Астериј и сиот негов дом. Сите тие на различни начини примија маки и смрт за Господ Христос, Којшто ги прими во Своето бесмртно Царство за да се радуваат во сите векови. Наоѓање на моштите на Светата девица Јулијанија Ќерка на Олшанскиот кнез. Умрела околу 1540 година, како девица на шеснаесет години. Двесте години по нејзината смрт копачи на нов гроб крај големата црква во Киевската лавра наидоа на моштите на оваа Света девица, а тие беа сосема цели и нетлени, како штотуку да заспала. Од моштите се јавија многубројни чуда, но и самата Јулијанија повеќепати им се јави на некои. Едно такво видение имаше и прочуениот Петар Могила. Светата маченичка Лукија Во Кампанија ја зароби варварскиот цар Авциј. Сакаше да живее со неа, но таа му се спротивстави. Царот ја остави да се подвизува во мир. Таа го обрати во верата, откако тој по нејзините молитви извојува победа во војна. Најпосле заедно со царот пострада за Христа во Рим околу 300 година. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 26-07-2011 Свети Нил Синајски Молитвата е делото што му прилега на умот или подобро - таа е неговата вистинска употреба. Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 33) Во она време, кога Исус одеше, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: „Помилуј нè, Исусе, сине Давидов!“ А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“ Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!“ И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не узнае!“ А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја. Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен. По изгонувањето на бесот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израилот!“ А фарисеите велеа: „Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите.“ И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 01-08-2011 Преподобна Макрина Најстарата сестра на Св. Василиј Велики и Св. Григориј Ниски. Како девица рано ја свршија за некој благороден младич. Но кога ѝ умре свршеникот, Макрина се заветува никогаш да не стапи во брак, говорејќи: „Не е право девојката верена за еден вереник да оди кај друг; според природниот закон сопружништвото треба да биде едно како што е едно раѓањето и една смртта“. Уште го оправдуваше таа ова со верата во Воскресението, сметајќи го својот вереник не за мртов, туку за жив во Бога. „Грев и срамота е“, велеше, „сопругата да не ја сочува верноста кон сопругот кога тој ќе појде во некоја далечна и непозната земја“. Потоа заедно со нејзината мајка Емилија примија монаштво во еден девствен манастир, каде што се подвизуваа со други монахињи. Живееја од трудот на своите раце, а поголемиот дел од времето го посветуваа на богомислие, молитва и непрестајно воздигнување на умот кон Бога. По некое време мајка ѝ умре, а потоа и брат ѝ Василиј. Деветтиот месец по смртта на Василиј дојде да ја посети Григориј, но ја најде на смртна постела. Пред смртта Макрина Му вознесе молитва на Бога: „Ти Господи ги упокојуваш нашите тела со сон смртен на некое време, но после повторно ќе ги разбудиш со последната труба. Прости ми и дај ми кога мојата душа ќе ја соблече нејзината телесна облека да застане пред Тебе непорочна и без грев и да биде како темјан пред Тебе.“ Потоа со раката си направи крсен знак на челото, на очите, на лицето, на срцето и издивна. Се упокои во Господ во 379 година. Преподобниот Диј Родум од Антиохија Сириска, од христијански родители. Во младоста научен на монашки подвиг од боговдахновени мажи. Откако издржа макотрпна и долготрајна борба со ѓаволот и против телесната похот, Бог му даде голем дар на чудотворство. Во своите молитви најчесто се обраќаше до Света Троица. Со силата на молитвата правеше големи и страшни чуда: направи сув стап да се разелени, наполни сув бунар со вода, еден неверен човек го умртви и пак го воскресна. После некое двојно небесно видение ја напушти Антиохија и се пресели во Цариград, па го продолжи подвигот во близина на овој град. Славата за него брзо се разнесе, па и самиот цар Теодосиј Помладиот го посети за да прими од него совет, а патријархот Атик го наговори да прими свештенички чин и го ракоположи. Откако поживеа многу години се подготви за смртта, се причести, ги поучи браќата, легна на постела и пред очите на сите беше мртов. Веста за неговата смрт привлече многу народ, дојде и патријархот Атик заедно со Александрискиот патријарх. Но кога сакаа да го погребаат, тој одеднаш стана како разбуден од сон и рече: „Бог ми подари уште петнаесет години од овој живот.“ Оттогаш Свети Диј поживеа точно петнаесет години и многумина ги поучи на патот на спасението. Исцели мнозина, на многумина им помогна во разни беди и неволји и најпосле ја предаде својата душа на Господа, Кому сиот свој живот верно Му послужи. Се упокои во длабока старост, во 430 година. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 01-08-2011 Светиот пророк Илија 02/08/2011 Боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера. Родум од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин. Кога се роди Илија, неговиот татко Савах виде ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Ова беше предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него. Целата своја младост ја мина во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината за во тишина да размислува и да се моли. Во тоа време еврејското царство беше разделено на два нееднакви дела: Јудиното царство опфаќаше само две племиња, Јудиното и Венјаминовото, со престолнината во Ерусалим, а Израилевото царство ги вклучуваше останатите десет племиња со престолнина во Самарија. Со првото царство владееја потомците на Јеровоам, слуга на Соломон. Најголем судир пророкот Илија имаше со израилскиот цар Ахав и со неговата изопачена жена Језавела. Зашто тие им се поклонуваа на идолите и го одвраќа народот од служењето на единствениот и жив Бог. Одозгора уште и Језавела, којашто беше Сиријка, го наговори мажот ѝ да подигне храм за сирискиот бог Ваал и да одреди свештеници за тој лажен бог. Со големи чуда Илија ја покажа силата и власта Божја: го затвори небото, па немаше дожд три години и шест месеци; спушти оган од небото и Му запали жртва на својот Бог, а жреците на Ваал тоа не можеа да го направат; низведе дожд од небото со својата молитва; чудесно ги умножи брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и го воскресна нејзиниот умрен син; му прорече на Ахав дека кучињата крвта ќе му ја лижат и на Језавела дека кучињата ќе ја изедат, што и се случи; и многу други чуда изврши и настани предвести. На Хорив разговараше со Бога и во тивкиот свеж ветрец го чу гласот Божји. Пред да се вознесе го зеде Елисеј и го одреди за наследник во пророчката служба; со својата наметка го пресече Јордан; и најпосле беше земен на небото во огнени кочии со огнени коњи. На Тавор заедно со Мојсеј Му се јави на Господ Исус Христос. Пред крајот на светот Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот (Откр. 11). ![]() RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 03-08-2011 Светиот пророк Езекил Син на свештеник од градот Сарира. Одведен во ропство во Вавилон со царот Јехонија и со многу други Израилци. Живеејќи во ропство Езекил пророкуваше дваесет и седум години. Беше современик со пророкот Еремија. И додека Еремија учеше и пророкуваше во Ерусалим, дотогаш Езекил учеше и пророкуваше во Вавилон. Пророштвата на Еремија ги дознаваа во Вавилон, а пророштвата на Езекил во Ерусалим. Пророштвата на обајцата свети мажи се совпаѓаа. И обајцата беа наскрбувани и мачени од неверниот род еврејски. Пророкот Езекил имаше страшни и нечуени виденија. На реката Ховар ги виде небесата отворени, облак, оган и блескање и четири животни како растопен бакар. Едното животно имаше лице човечко, другото лице на лав, третото телешко, а четвртото орловско. Човечкото лице Го означува Господ воплотен како човек, лавовското го означува Неговото Божество, телешкото неговата жртва, лицето орловско Неговото воскресение и вознесение. Другпат му се покажа слика на воскресението на мртвите. Пророкот виде долина полна со суви мртовечки коски и кога над нив слезе Духот Божји сите мртовци оживеаја и застанаа на своите нозе. Ја виде уште и најстрашната пропаст на Ерусалим, кога гневот Божји покоси сѐ освен оние што отпорано беа обележани со грчкиот знак наречен Тав, а тој знак е како нашата буква Т, што е повторно знак на крстот. Злобата на Евреите не го поштеди ниту овој свет маж. Огорчени на него затоа што ги изобличуваше, Евреите го врзаа за опашки на коњи и така го растргнаа. Погребан е во гробницата на Ноевиот син Сим. Преподобните Симеон и Јован Како млади луѓе ги оставија домот и татковината. Симеон остави стара мајка, а Јован млада сопруга. Во обителта на Свети Герасим примија монаштво од игуменот Никон и се оддалечија во пустината, каде што во најтешки подвизи поживеаја многу години. Телата си ги умртвија во мнгоубројни подвизи и беа како две суви дрва. Еден ден Симеон му рече на Јован: „Чувај го своето срце од сѐ што ќе видиш во светот. До што ќе се допре твојата рака нека не се допира срцето твое. Кога ќе јаде устата, срцето нека не се насладува. Кога ќе одат нозете, внатре во тебе да биде мир. И што и да правиш однадвор, твојот ум нека пребива невознемирен. Моли Го Бога за мене, да не нѐ разлачи Бог еден од друг во идниот живот“. Свети Симеон го прими советот на својот другар, го целива и потоа ја напушти пустината и појде како јуродив да ги научи луѓето и да ги обрати кон верата Христова. Пред луѓето се правеше луд, срцето му беше храм на Светиот Дух, а во тој храм непрестајната молитва. Имаше изобилна благодат Божја, па проѕираше во сите човечки тајни во близина и надалеку, ги исцелуваше луѓето од злите духови и од други беди. Играјќи по улиците како луд, им приоѓаше на луѓето и им шепотеше за нивните гревови на уво и ги повикуваше на покајание. Дури и на сон им се јавуваше на грешници, ги укоруваше за гревовите и ги повикуваше на покајание. Така на некој незнабожечки глумец Балиј, којшто јавно ги исмеваше христијанските светости, Свети Симеон му се јави во сон и го искара и му се закани, та овој се покаја и стана добар христијанин. Некој блуден младич се симнал од умот преку блудот. Свети Симеон го виде како лудува и го удри со раката по образ, велејќи му: „Не врши прељуба!“ Во тој миг нечистиот дух излезе од младичот, а младичот стана здрав. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 04-08-2011 Света Марија Магдалина Мироносица рамноапостолна. Родум од местото Магдала крај Генисаретското Езеро, од племето Исахарово. Претходно мачена од седум зли дуохви, од кои ја ослободи Господ Исус и ја направи здрава. Верна следбеничка и служителка на Господ за време на Неговиот земен живот. Стоеше под Крстот на Голгота заедно со Пресвета Богородица и тагуваше горко. По смртта на Господ трипати го посети Неговиот гроб. Кога Господ воскресна, Го виде двапати: еднаш додека беше сама, а вторпат заедно со останатите жени Мироносици. Патуваше во Рим, излезе пред кесарот Тибериј и предавајќи му црвено обоено јајце го поздрави со зборовите: „Христос воскресна!“ Тогаш пред кесарот го обвини Пилат за неправедната осуда на Господ Исус. Кесарот го прими нејзиното обвинение и го премести Пилат од Палестина во Галија, каде што овој неправеден судија и заврши, во царска немилост и во тешка болест. Потоа од Рим се врати во Ефес кај Св. Јован Богослов, на кого му помагаше во делото на проповедањето на Евангелието. Со огромна љубов кон воскреснатиот Господ и со голема ревност му го јавуваше на светот Евангелието, како вистински Христов апостол. Се упокои мирно во Ефес и според Преданието погребана е во истата пештера во којашто беа чудотворно успиени во стогодишен сон Седумте отроци, после оживеани, па повторно умрени (под 4 август). Моштите на Света Марија Магдалина подоцна се пренесени во Цариград. Во близина на Гетсиманската градина се наоѓа прекрасен руски храм којшто ѝ е посветен на оваа светителка. Светиот свештеномаченик Фока На овој ден е споменот на преносот на неговите мошти од Понт во Цариград, околу 404 година. Главното празнување на овој светител е на 22 септември и под тој ден е опишан неговиот живот и страдањата. На денешен ден се спомнува и едно чудо извршено од него. Еден човек Понтин го фатија Арапите. Го оковаа, му ги врзаа рацете одзади и така го оставија да умре. Лежејќи мешечки на земја и не можејќи да се помрдне, Понтин повика: „Свет маченику Фока, смилувај се и спаси ме!“ Го рече тоа и заспа, а во сонот виде како светителот Фока му се приближи, го фати за рака и му рече: „Ти простува Господ Исус Христос!“ Кога се разбуди, човекот се најде слободен и разрешен од сите врски. Стана значи и отиде во својот дом и го зеде споменот на Св. Фока за домашна слава. Преподобен Корнилиј Перејаславски На петнаесет години се замонаши кај Старецот Павел. Подоцна се повлече во пустина на молчание. Триесет години молчеше и не проговори со никого ни збор, така што мнозина го сметаа за нем. Толку се исуши со пост, што личеше на костур. Пред смртта прими схима и се упокои на 22 јули 1693 година. Светата маченичка Маркела На островот Хиос оваа светителка ужива огромна почит. Во нејзината црква постојано се случуваат чуда. Но нејзиното житие е непознато. Според Преданието Маркела била необично побожна девојка, која рано останала без мајка. Нејзиниот незнабожен и ѕвероподобен татко сакал да живее со ќерката како со жена. Маркела побегнала од татко ѝ. Но овој, разјарен како вистински ѕвер, ја стигнал и ја исекол на парчиња. Во близина на нејзиниот храм се наоѓаат некои камења коишто овде-онде биваат како со крв попрскани. Тие камења народот ги зема, ги носи в црква, ѝ се моли на Света Маркела, па ги полага врз болни, и од тоа оздравуваат. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 06-08-2011 Светата маченичка Христина Родум од градот Тир, ќерка на царскиот намесник Урбан, идолопоклоничка. Не се знае од кои причини родителите ѝ го имаа дадено името Христина, но тоа ја криеше во себе тајната на нејзиното идно одење по Христа. До својата единаесетта година не знаеше за Христа ништо. А кога наполни единаесет години, нејзиниот татко, со цел до полната возраст да ја скрие од светот заради нејзината вонредна убавина, ѝ го одреди највисокиот кат од една висока кула и ја всели да живее таму. Ѝ ги устрои сите удобности за живот, ѝ даде робинки да ја служат, постави во нејзините одаи сребрени и златни идоли за секојдневно да им принесува жртви. Но на таа млада душа ѝ беше тегобно во онаа идолопоклоничка средина. Гледајќи ги низ прозорецот дење сонцето и сите убавини на светот, а ноќе чудесното блескање на ѕвездите, таа по својот природен разум дојде до цврстата вера во едниот жив Бог. Милостивиот Бог, Којшто го виде нејзиниот копнеж по вистината, ѝ испрати ангел кој ја прекрсти со крсниот знак, ја нарече невеста Христова и наполно ја поучи во богопознанието. Тогаш Христина ги искрши сите идоли по нејзините одаи и така предизвика ѕверска јарост кај татко ѝ. Тој ја изведе на суд, ја предаде на маки, а потоа ја фрли во затвор, со намера утредента да ја убие со меч. Но таа ноќ Урбан здрав како дрен ја испушти душата и отиде во гроб пред ќерка му. Потоа двајцата намесници Дион и Јулијан го продолжија истизавањето на Светата девица. Храброста во трпењето и чудата што ги изврши Христина со силата Божја обратија мнозина тирски незнабожци во христијанство. За време на нејзиното мачење Дион одеднаш падна мртов сред народот. Неговиот наследник Јулијан ѝ ги отсече градите и јазикот. Маченичката го зеде својот јазик и му го фрли на Јулијан во очи, од што тој одеднаш ослепе. Најпосле нејзините маки за Христа завршија со смрт под остар меч, а нејзиниот живот се продолжи во бесмртното ангелско царство. Света Христина пострада чесно во 3 век. Преподобен Поликарп, игумен Печерски Имаше „љубов кон Бога и кон ближните, радост заради непорочната совест, мир во победата над сите страсти, трпение при напасти и беди, благост во покорноста кон сите, милосрдност кон сиромасите, несомнена вера во вршењето на заповедите, кротост во непознавањето на гневот, воздржливост...“ Толку добро управуваше со Киево-Печерската Лавра, што по смртта не можеа да му најдат достоен наследник меѓу монасите (зашто и оние што беа достојни, од смирение не сакаа да го примат игуменството), па браќата беа принудени да го земат за игумен мирскиот свештеник Василиј. Свети Поликарп се упокои во Господ во 1182 година. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 07-08-2011 Света Ана Мајката на Пресвета Богородица. Денес се празнува нејзиното успение, но нејзиниот главен празник е на 9 септември, под кој датум ѝ се напишани и службата и житието. Ана беше од коленото Левиево, ќерка на Матан свештеникот. После долг и богоугоден живот се упокои во длабока старост. Света Олимпијада, ѓакониса Родена е во Цариград од мошне прочуени родители. Татко ѝ, Анисиј Секунд, беше сенатор, а мајка ѝ му беше ќерка на оној славен големец Евлавиј, којшто се спомнува во житието на Св. Николај чудотворец. Кога порасна Олимпијада беше свршена за некој големец, којшто умре пред венчавката со оваа чесна девица. Залудно и царот и останатите роднини ја советуваа да се омажи за друг, таа не сакаше никого, но се предаде на богоугоден живот, од наследениот имот правејќи големи жртви за црквите и милостињи за бедните. Служеше при храмот како ѓакониса најпрво за време на патријархот Нектариј, а по неговата смрт за време на Свети Јован Златоуст. Пред да појде на прогонство, Златоуст ја посоветува Олимпијада да остане при храмот како и порано и да ѝ послужи на Црквата кого и да постават за патријарх после него. Но веднаш по прогонството на овој голем светител некој ја запали големата црква, а пожарот зафати и многубројни значајни градби во престолнината. Непријателите на Златоуст ја обвинија оаа света жена за злонамерно подметнување пожар. Олимпијада беше прогонета од Цариград во Никомидија, каде што се упокои во 410 година, оставајќи аманет телото да ѝ го положат во ковчег и да го фрлат во морето, па каде ќе го исфрли водата таму да го закопаат. Ковчегот беше исфрлен во местото Врохта, каде што имаше црква на Светиот апостол Тома. Од нејзините мошти низ вековите се пројавуваа големи чуда на исцеление. Прогонетиот Златоуст ѝ пишуваше на Олимпијада прекрасни писма, коишто и денес можат да им послужат за утеха на оние што страдаат заради правдата Божја. Меѓу другото Златоуст ѝ пишува на Олимпијада: „Сега сум многу радосен не само затоа што ти се избави од болеста но уште повеќе затоа што толку благородно ги поднесуваш сите неволји, ги нарекуваш трици, што ѝ е својствено на душа преисполнета со сила и изобилна во богатите плодови на мажественоста. Бидејќи ти не само што благородно ја поднесуваш несреќата туку не ни забележуваш дека дошла, и тоа без напрегање и без труд и неспокојство, дури и не им ја соопштуваш на другите, но како ликувајќи и торжествувајќи - тоа служи како доказ за најголема мудрост. “ (Писмо VI). Преподобната девица Евпраксија Ќерка на цариградскиот големец Антигон и роднина на царот Теодосиј Велики. Со мајка ѝ, којашто како млада остана вдовица, се преселија во Мисир давајќи прилози и молејќи се на Бога. Седумгодишната Евпраксија според својата горлива ревност се замонаши во еден женски манастир. Колку повеќе растеше толку потешки подвизи си наложуваше. Еднаш постеше четириесет дена. Се упокои во 413 година, во својата триесетта година. Имаше голема благодат Божја и исцелуваше од најтешки болести. Спомен на Петтиот Вселенски Собор Овој Собор беше во Цариград за време на царот Јустинијан Велики, во 553 година. На Соборот беа осудени сите монофизитски ереси, како и еретичките списи на Теодор Мопсуестски, на Теодорит Кирски и на Ориген (учење што се коси со воскресението на мртвите). RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 08-08-2011 Светиот свештеномаченик Ермолај Свештеник Никомидиски. Во времето на царот Максимијан беше со оние дваесет илјади маченици коишто царот ги осуди да бидат изгорени в црква (житие под 28 декември). Ермолај некако ја избегна смртта во таа прилика, заедно со уште двајца други свештеници, Ермип и Ермократ. Тој го крсти Свети Пантелејмон и заедно со него беше изведен на суд, мачен и најпосле убиен со меч. Со него пострадаа и Ермип и Ермократ и сите беа овенчани со венци на победа и слава во Царството Христово. Чесно пострадаа околу 304 година. Преподобната маченичка Параскева Родена е во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа. Најусрдно ревнуваше да ги делотвори сите Божји заповеди. Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера упатуваше на патот на спасението и други. Кога ѝ умреа родителите, го раздаде имотот на сиромасите, а самата се замонаши. Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедаше верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера. Први за проповедање на забранетата вера Света Параскева ја обвинија зли Евреи. Ја изведоа на суд пред царот Антонин. Сите ласкања на царот не помогнаа ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера. Тогаш ја подложија на огнени маки и ѝ ставија усвитен шлем на главата. Но Господ чудесно ја спаси и таа се избави и се оддалечи од Рим. Тргна од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града беше изведувана пред кнезови и судии и истизавана за Господ, но притоа вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките. Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда ги припишуваа на магии, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови. Еднаш на кнезот мачител Света Параскева му рече: „Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“. Најпосле некој кнез Тарасиј ја уби со меч. Тоа беше славниот крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна беа пренесени во Цариград. Чесно пострада за Христа во 2 век. Преподобен Мојсеј Угрин Беше на дворецот на младиот руски кнез Борис. Кога безбожниот Свјатополк го уби Борис, Мојсеј се избави и побегна во Киев. Но малку подоцна беше одведен како роб од полскиот крал Болеслав во Полска, каде што за илјада златници ѝ го продадоа на некоја млада скверна вдовица, жена на загинат војвода на Болеслав. Оваа изопачена жена го наведуваше Мојсеј на блуд, но тој не дозволи да биде заведен, зашто се имаше заветувано да живее чисто пред Господ. Тогаш таа му предложи брак, но ја одби. Тајно прими монашки чин од некој светогорец и се јави пред својата госпоѓа во монашко расо. Таа го врза, нареди да го шибаат и да му го отсечат тајниот орган. Маките траеја цели пет години. Цели пет години траеше заведувањето на оваа бесрамна жена, а други пет години маките и истизавањата. Но во некоја буна ненадејно загина кралот Болеслав, а ја убија и Мојсеевата господарка. Тогаш тој слободно замина во Киев и се предаде на подвиг на безмолвие кај Свети Антониј. Бидејќи ја имаше победено срамната похот во себе, на мнозина им помагаше да се спасат од неа. Неговите Свети мошти исто така им помагаат на многумина (види го житието на многустрадалниот Јован под 8 јули). По десетгодишен подвиг на безмолвие во една пештера, Свети Мојсеј се упокои на 26 јули 1043 година и се пресели во Христовото Царство. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 13-08-2011 Свети Евдоким Роден во Кападокија од благочестиви родители, Василиј и Евдокија. Во времето на царот Теофил (829 г. – 842 г.) Евдоким беше млад офицер во војската. Но и како војник вложуваше секаков напор за да живее според евангелските заповеди. Непорочно ја чуваше својата чистота и одбегнуваше да зборува со која и да е жена освен со мајка му; беше милосрден кон бедните, грижлив во читањето свештени книги и уште погрижлив во молитвите кон Бога. Одбегнуваше суетни забави и празнословие. „Сред метежот и суетата на светот, како крин меѓу трње и како злато насред оган“. Заради неговите необични добродетели царот го постави за војвода кападокиски. На таа висока положба Евдоким се грижеше да биде праведен пред Бога и кон луѓето. Но по Божја Промисла се упокои рано, во својата триесет и трета година. Неговите мошти се пројавија како целебни. Еден полуден човек се допре до неговиот гроб и оздраве, а и едно фатено дете се крена и стана здраво. По осумнаесет месеци неговата мајка го отвори ковчегот и го најде неговото тело како живо, без каков било знак на распаѓање. А од телото на светителот излегуваше прекрасен мирис. Подоцна моштите му ги пренесоа во Цариград и ги погребаа во новата црква на Пресвета Богородица, усторена од благочестивите родителите на овој праведен Евдоким. Светата маченичка Јулита Од Кесарија Кападокиска. Со соседот имаше спор околу имотот, па тој појде на суд и објави за Јулита дека е христијанка, што за тоа време значеше да биде фрлена надвор од законска заштита. Света Јулита попрво се откажа од имотот одошто од верата. Но злобните незнабожци не ја оставија мирна ни после ова, туку ја мачеа и најпосле ја изгореа во оган, во 303 година. Оваа следбеничка на Христа ги даде имотот и телото за да си ја спаси душата за вечноста. Свети Јосиф од Ариматеја Благообразниот Јосиф, богатиот човек, член на еврејскиот Синедрион и потаен следбеник на Христос (Матеј 27, 57; Јован 19, 38). Го симна Христовото тело од крстот и заедно со Никодим го положи во својата гробница. За ова беше окован од Евреите и фрлен во затвор. Но таму му се јави воскреснатиот Господ и го увери во Своето воскресение. Потоа Евреите го пуштија од затворот и го протераа од татковината. Тој тргна да го проповеда Христовото Евангелие по светот, а таа вест ја донесе и во Англија, каде што се упокои во Господ. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 14-08-2011 Седумтемина Макавеи, нивната мајка Соломонија и свештеникот Елеазар Сите пострадаа за чистата Израилска Вера од царот Антиох, од едни наречен Епифанос (просветлен), а од други Епиманис (безумен). Заради големите гревови во Ерусалим, особено заради грабањето колу архиерејската власт и злосторствата извршени при тие грабања, Бог допушти голема беда на Светиот град. Антиох сакаше да им го наметне елинското идолопоклонство на Евреите по секоја цена и сѐ вршеше во тој правец. Таа негова мисла ја помагаа и некои вероломни архиереи и други старешини ерусалимски. Еднаш самиот цар дојде во Ерусалим и нареди сите Евреи да јадат свинско месо, што е спротивно на законот Мојсеев. Зашто јадењето свинско месо беше очигледен знак дека некој се одрекол од верата Израилска. Старецот Елеазар, самиот свештеник и еден од преведувачите на Стариот Завет на грчки јазик, не сакаше да јаде свинско месо. За ова беше мачен и запален. Враќајќи се во Антиохија царот ги зеде со себе седумте синови наречени Макавеи и мајка им Соломонија. Седумтемина браќа Макавеи се викаа: Авим, Антонин, Елеазар, Гуриј, Евсевон, Алим и Маркел. Пред очите на мајка им свирепиот цар ги мачеше овие седуммина еден по еден, дерејќи ја секому кожата од лицето и фрлајќи ги потоа во оган. Тие сите храбро ги претрпеа маките и смртта и не се одрекоа од својата вера. Најпосле и мајка им, откако го виде својот тригодишен син во огнот, самата скокна во огнот и изгоре, предавајќи Му ја душата на Бога. Сите чесно пострадаа за верата во едниот жив Бог околу 180 година пред Христа. Изнесувањето на Чесниот Крст Овој празник е востановен договорно од Грците и Русите за време на грчкиот цар Мануил и рускиот кнез Андреј во спомен на истовремената победа, и тоа: на Русите над Бугарите, а на Грците над Сарацените. Во обете војни во војските се носени крстови од кои заблескале небесни лачи. Затоа беше востановено на 1 август да се изнесува Крстот од Света Софија, најпрво на средината на црквата, а потоа и на улиците, заради поклонение на народот и заради споменот на чудотворната помош на крстот во претходните војни. Ова не беше некој обичен крст туку вистинскиот Чесен Крст, којшто се чуваше во храмот на царскиот дворец. На 31 јули Чесниот Крст е пренесуван од царскиот дворец во Света Софија, а оттаму потоа носен по улиците заради осветување на земјата и воздухот. Најпосле, на 14 август, беше повторно вратен во храмот на царскиот дворец. Светите девет маченици: Леонтиј, Атиј, Александар, Киндеј, Минситеј, Киријак, Минеон, Катун и Евклеј Првиот беше дрводелец, а останатите земјоделци. Заради дерзоста да ја исповедаат Христовата вера и затоа што го урнаа храмот на Артемида, луто истизавани и обезглавени во времето на Диоклецијан во Пергија Памфилиска, станаа наследници на Христовото царство. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 28-08-2011 Успение на Пресвета Богородица Господ, Којшто на Синај заповеда со петтата заповед: „Почитувај го таткото свој и мајката своја“, со Својот пример покажа како треба да се почитува својата родителка. Кога висеше на крстот во маки, се сети на Неговата мајка и покажувајќи на апостолот Јован, рече: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на Јован: „Ете ти мајка!“ И така ја згрижи Својата Мајка и издивна. Јован имаше дом на Сион во Ерусалим, во којшто се насели и Богородица и остана да живее во него до крајот на Нејзините денови на земјата. Со своите молитви, со благите совети, кротоста и трпеливоста, Таа многу им помагаше на апостолите на Нејзиниот Син. Целото време до смртта главно го помина во Ерусалим, обиколувајќи ги често оние места што ја потсетуваа на големите настани и големите дела на Нејзиниот Син. Особено често одеше на Голгота, во Витлеем и на Елеонската Гора. Од Нејзините подолги патувања се спомнува Нејзината посета на Св. Игнатиј Богоносец во Антиохија, посетата на Светиот четиридневен Лазар, епископ Кипарски, посетата на Света Гора, којашто самата ја благослови, и бавењето во Ефес со Свети Јован, за време на големото гонење на христијаните во Ерусалим. На старост Таа често Му се молеше на Бога на Елеонската Гора, на местото на Неговото Вознесение, што порано да Ја земе од овој свет. Еднаш Ѝ се јави архангелот Гавриил и Ѝ објави дека по три дена ќе биде упокоена. Тогаш Ѝ даде една палмова гранка за да ја носат при Нејзиниот погреб. Таа се врати дома со голема радост и посака во срцето уште еднаш да ги види сите Христови апостоли. Господ Ѝ ја исполни оваа желба и сите апостоли, носени на облаци од ангелите, одеднаш се собраа во домот на Јован на Сион. Со голема радост Таа ги виде Светите апостоли, ги охрабри, ги посоветува и ги утеши, и по ова мирно го предаде Својот дух на Бога, без никаква мака и телесна болест. Апостолите го зедоа одарот со Нејзиното тело, од коешто излегуваше благоухание и во придружба на мноштво христијани го пренесоа во Гетсиманската градина, во гробницата на Светите Јоаким и Ана. По Божја Промисла поворката од злобните Евреи ја засолнуваше облак. Некој еврејски свештеник Атониј, го дофати со рацете одарот со намера да го преврти, но во тој миг ангел Божји му ги отсече обете раце. Тогаш тој повика кон апостолите за помош, а откако објави дека поверува во Господ Исус Христос, беше исцелен. Апостолот Тома повторно по Божја Промисла изостана, за така да се открие една нова и преславна тајна за Пресвета Богородица. Третиот ден пристигна и тој, и посака да го целива телото на Пречистата Владичица. Но кога апостолите го отворија гробот, ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше внатре. Таа вечер им се јави на апостолите самата Пресвета Богородица опкружена со мноштво ангели и им рече: „Радувајте се, ќе бидам со вас вавек“. На која возраст се упокои Богородица не се знае точно, но преовладува мислењето дека на крајот од овоземниот живот имала повеќе од шеесет години. RE: Pravoslaven Kalendar - barba - 31-08-2011 Преподобен Јован Рилски Овој голем подвижник и светилник на Православната Црква се роди близу Софија во местото Скрина, во времето на царот Борис. Се роди од бедни и благочестиви родители. По смртта на родителите се замонаши и се оддалечи во една дива гора и таму во една пештера почна да се подвизува. Овде претрпе многу напади од демоните и од луѓето, од разбојници и од своите роднини. Потоа се пресели на Рилската Планина и се насели во едно шуливо дрво. Се хранеше само со трева и со грав, којшто по Божја Промисла почна да расте во близината. Долги години тој не виде човечко лице, додека, повторно по Божја Промисла, не го открија овчари коишто трагаа по своите изгубени овци. Така светителот се прочу меѓу луѓето и тие почнаа да му доаѓаат барајќи помош во болестите и во маките. Го посетуваше и самиот цар бугарски Петар и бараше совети од него. Мнозина ревнители во духовниот живот се населија близу Јован и таму наскоро кренаа храм и манастир. Свети Јован се упокои во Господ мирно на 18 август 946 година, во седумдесеттата година од неговиот живот. По смртта им се јави на своите ученици. Неговите мошти се пренесени најнапред во Софија, па во Унгарија, па во Трново и најпосле во Рилскиот манастир, каде што и денес почиваат. Рилскиот манастир со векови беше светилник и место на чудотворна сила и духовна утеха за христијанскиот народ во Бугарија, особено во тешките времиња на турското ропство. Светите маченици Флор и Лавр Браќа по тело и по дух и по занимање. Обајцата беа ревносни христијани, а по занает каменоресци. Живееја во Илирија. Некој незнабожечки кнез ги вработи да ѕидаат идолски храм. Додека работеа се случи едно парче од камен да отскокне и да го удри во око синот на идлоскиот жрец, којшто љубопитно ја набљудуваше работата на ѕидарите. Кога го виде својот син слеп и крвав, жрецот почна да вика по Флор и Лавр и сакаше да ги тепа. Тогаш Светите браќа му рекоа дека ако поверува во Бога во Којшто тие веруваат, неговиот син ќе оздрави. Жерцот им вети. Флор и Лавр со солзи Го помолија живиот и единствен Господ Бог и со знакот на крстот го осенија изваденото око на детето. Тоа оздраве веднаш и окото му стана цело како што му беше. Тогаш жрецот Мемертин и неговиот син се крстија веднаш и наскоро обајцата пострадаа во оган за Христа. А Флор и Лавр, кога го довршија храмот, ставија на него крст, ги повикаа сите христијани и го осветија со името на Господ Исус и со сеноќно псалмопение. Кога за ова дозна илирскиот намесник, многумина од христијаните ги изгоре во оган, а Флор и Лавр живи ги фрли во бунар, а бунарот го затрупа со земја. Подоцна нивните мошти се објавија и беа пренесени во Цариград. Овие прекрасни браќа пострадаа за Христа и со Него се прославија во 2 век. Светиот свештеномаченик Емилијан епископ Тревиски Родум од Ерменија. Барајќи мачеништво, по своја желба отиде да Го проповеда Христа во времето на Диоклецијан во Италија. Во Тревија го избраа за епископ. Заради многубројните чуда при неговото мачење, во Христа поверуваа околу илјада незнабожци. Го убија со меч задно со неговиот духовник Иларион и со двајцата браќа Дионисиј и Ермил. |