17-09-2022, 02:13 AM
Quote:Бранко Героски ● во 20:15 28 декември 2014 ● Прочитано 13417
Основните факти за животот на нашиот познат актер Ристо Шишков се познати. Речиси и да нема несогласувања околу деталите за неговата животна драма, има само некои различни толкувања на настаните. Сепак, за да ја освежам меморијата и за да расчистам некои недоумици за кои се пишуваше деновиве по смртта на неговиот син Васил Шишков, прексиноќа му се јавив на еден мој пријател, кој важи за одличен познавач на животот и на делото на славниот актер.
Значи, во најопшти црти, вака стојат работите. Ристо Шишков е несомнено голем актер, боем, немирен дух и палав и хировит човек. Точно е дека под дејство на алкохол, веројатно и поттикнат од лошо друштво (во кое неизбежно секогаш има и удбашки провокатори), тој прави неколку јавни ексцеси и говори против системот. Вистина е дека одлежал три месеци во затвор за поттикнување меѓунационална омраза, за еден таков инцидент што се случил во Струга. Не е вистина дека бил зад решетки за навреда на Тито. Суден е за тоа дело во Битола, но е осуден условно на една и пол година. Повеќепати бил приведуван, но и толериран. Поради своите ексцеси ги губи и повторно ги стекнува позициите во театарскиот свет. Системот го казнува, но истовремено и го штеди. За сето ова има сведоштва и неспорни факти, кои веќе се документирани (наскоро ќе се објави ново издание на досега најобемната и најсериозна биографија на актерот).
Монструозниот обид по смртта на актерот Васил Шишков да се исконструира нова приказна за наводното „убиство“ на Шишков постариот од страна на „кодошите“, се поклопи со уште една, нова, дури и помонструозна приказна, за тоа дека Ристо, наводно, бил жртва на својата сопруга Алиција, која божем го кодошела кај тајната полиција. Во таа нова легенда, таа Полјакинка е прикажана безмалку како вештерка, која, откако ќе го накодоши својот славен сопруг, го напушта двегодишниот Васил и засекогаш бега во Америка, кај своите родители. Удбашкиот потпис на оваа фабула е лесно препознатлив. За жал, вистината е малку поинаква. Алиција Шишкова - која уште цели десет години по бегството во Америка ќе го задржи презимето на својот сопруг! - имала прилично добри причини да избега од него, откако неколкупати претходно го пријавувала за малтретирање.
Како и да е, фактите не ги поткрепуваат идиотските тези дека двајцата актери, Ристо и Васил Шишкови, биле „убиени“ од овој или од оној – од лошите чичковци што ги газеле во име на системот, од „кодошите“ што им завидувале на кариерите, од лошата сопруга и мајка која наводно соработувала со тајната полиција и ги напуштила. Да, имало и лоши чичковци, и завидливи луѓе и кодоши, и една жена што се обидувала да љуби и да преживее покрај славниот и хировит боем. Но, ништо од сето тоа не можело да придонесе за прераниот крај на неговиот живот без неговото учество во приказната, кое во медицинската документација за смртта е опишано со дијагнозата цироза. Во својата семејна драма, драма каква што имало и има во многу македонски семејства, главен актер и режисер што го определува трагичниот крај е - самиот Ристо Шишков. Без неговиот тежок карактер, без неговите хирови, без неговите човечки слабости кои се исто толку важни како и неговата големина како актер, не може да се раскаже приказната за овој контроверзен лик.
И тука доаѓаме до клучната дилема – зошто воопшто било неопходно да се отвора таа рана и да се прераскажува една завршена приказна? Што има од тоа мртвиот Васил? Што имаат од тоа оние што ги чуваат убавите спомени на двајцата починати актери? Кој е тој кретен што одлучил смртта на Шишков помладиот да ја искористи како тригер за една нова пропагандна акција, чија цел е да се обнови пресметката со луѓе кои неправедно беа ставени на столбот на срамот, во процесот на една криминална лустрација?
Не, ова последново не е реторско прашање, драги мои. Многу добро знаеме ние кој е тој кретен, а знаеме и кој е неговиот ментор. Целата оваа рашомонијада започна со една некрофилска тирада на тој шарлатан, кој денес ја има улогата на главен пропагандист на режимот. Тоа е едно пувало со патолошка омраза кон сите што го критикуваат неговиот заштитник, а особено кон оние што не може да ги подлаже во своето трапаво глумење патриот. Познати се неговите големи измами (за една од нив е и суден и осуден), се знаат неговите кодошлаци и неговите црнила. Тој, човекот што го растури своето семејство, се потруди јалово да морализира и да го брани семејството Шишкови, земајќи ги на своја страна. А тоа, за жал, е страната на криминалот, на измамите, на рекетот и корупцијата, на колаборационизмот со режимот.
За Шишков постариот – чија карма, нели, ја определува судбината на двајцата - не може да се каже дека бил голем дисидент на своето време. Колку и да се труделе и службениците на тајната полиција, не успеале да создадат фабула за наводната „непријателска дејност“ на актерот. Ексцесите и боемштината сепак не се дисидентство. Ристо не бил некој голем и важен противник на режимот. Да бил, веројатно и тие што го земале во заштита, не ќе успееле да го спасуваат. Но, човекот не бил пувало. Не може да се каже ни дека бил корумпиран и субвенциониран од тогашната власт, ниту дека му се додворувал на режимот или дека бил лажен патриот. Мојот пријател вели вака: „Да е денеска жив, Ристо Шишков би бил на чело на студентските протести!“. Јас, пак, си мислам дека човекот би рипнал ко попарен и би извикал: „Луѓе, не давајте да ме брани она субвенционирано говедо, аман!“
Во секој случај, верувам дека Ристо Шишков бил многу различен од оние што денес некрофилски го присвојуваат, со намера да ја злоупотребат неговата лична, животна драма, за нивната евтина пропаганда. Ничиј живот и ничија смрт не смеат да бидат злоупотребувани на олку безобѕирен начин. А ова не е прв и веројатно нема да биде ниту последен пат подопашниците на овој режим да прават вакви грозни манипулации. Тие веќе се навикнаа да буричкаат во туѓите животи, да се занимаваат со семејствата на луѓето што ги мразат, да ги навредуваат и клеветат и нивните родители и нивните деца, живите, а особено мртвите.
Да ви кажам нешто. Јас лично нема да прифатам и нема да признаам никаква промена на режимот што нема меѓу првите свои цели да го постави казнувањето на овие нелуѓе, според сите возможни, познати и непознати закони – во божјите закони не се мешам (нека му ја мислат тие што веруваат), зборувам за пишаните, но и за непишаните закони, пред сѐ за моралниот закон во нас и за ѕвезденото небо над нас, што би рекол Кант. Јас инаку, вака го разбирам Кант. Значи, што вели тој, што треба да се прави со тие ѓубриња? Има прво да се скантаат и потоа да се фрлат во канта. За ѓубре, нормално. Или за гомна. Уште подобро.
(Објавено во „Слободен печат’)