Котле - форум без граници, без цензура - плурализам на мислења и идеи!

Full Version: СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ
You're currently viewing a stripped down version of our content. View the full version with proper formatting.
Солунските атентати (или како што Брајсфорд ги забележал, „outrages“, синомим за „насилства“ или „силувања“) направиле голема штета на македонската кауза. Го свртеле мнението на европската јавност против македонското движење, им дале повод на турските власти да отпочна нова серија на репресии врз Македонците, и го забрзале кревањето на Илинденското востание. Извадок од „Македонија; нејзините народности и нивната иднина“.


Quote:9. Солунските насилства


Но, оваа епизода донесе еден единствен резултат. Уште еднаш ја потсети Европа за Македонското прашање, кое беше заборавено по репресиите од 1897 година, и дипломатијата повторно почна да се занимава со прашањето на реформите. Западните влади беа компаративно рамнодушни и го направија фаталниот чекор препуштајќи им на Русија и на Австрија, како две заинтересирани сили, да раководат со кризата како што сакаат тие. Султанот, во меѓувреме, беше решен да ја пречека европската интервенција подготвен и во декември 1902 година подготви сопствен нацрт за реформи, каде што единствената точка од важност беше тоа што Хусеин Хилми Паша беше назначен за генерален контролор на трите вилаети (Ускуб, Салоника и Монастир). Во февруари Австрија и Русија ги објавија нивните нацрт-реформи, кои беа осудени да останат мртво слово (види Поглавје IX). Единствената последица на овој нацрт-план беше тоа што ги убеди Бугарите дека Европа нема да стори ништо без некаков моќен стимул, некаков крвав и сензационален укорен пример, кој ќе ја убеди дека македонската тиранија е зло што изискува драстичен лек. Но, каков облик треба да има овој укорен пример? Македонците знаеја на своја кожа дека е бесполезно да зборуваат за тиранијата под која страдаат. Петиции, депутации, протестни ноти и апели од пријателската бугарска влада не привлекуваат никакво внимание. Делумните буни и бруталните репресии не произведуваат ништо повеќе од залудни протести и килави совети за реформи. Европа дејствува енергично само кога животите и имотите на нејзините поданици се загрозени. Тогаш навистина воените бродови пловат, а спектаклот на празните палуби го предизвикува султанот да ѝ се поклони на супериорната сила. Помладите меѓу македонските екстремисти беа полни со оваа идеја, и бесни планови за напад на железничките пруги и конзулатите лебдеа во етерот. Мнението беше дека заедницата ќе интервенира само доколку бунтовниците предизвикаат состојба на анархија опасна по европскиот капитал. Внатрешната организација како целина го отфрли овој предлог, но постоеше една мала група екстремисти, која беше подготвена да ѝ пркоси на нејзината дисциплина и да го испроба овој план. Ги сконцентрираа своите напори во план да ја кренат во воздух „Отоман банк“ во Салоника, масовна и претенциозна зграда во која живееше Европеецот управник со своето семејство и која го оформуваше центарот на европската трговија во пристанишниот град. Работеа постојано и тајно, иако мислам дека повеќето Бугари во градот беа свесни за нивниот план. Отворија мал дуќан за намирници покрај банката и копаа трудољубиво, изнесувајќи ја земјата од тунелот кој го копаа во картонски торби и парцели. Се зборува дека кога Внатрешната организација разбрала за намерата на динамитерите им наредила да престанат со својата активност и ги осудила условно на смрт доколку продолжат со својата дејност, па затоа биле принудени да го зададат својот удар предвремено. Турците биле предупредени за заверата што се ковала, но ништо не можело да ги принуди да интервенираат, а заклучокот е дека или биле потплатени или биле доволно остроумни и макијавелисти да им дозволат на Бугарите да се дискредитираат себеси во очите на безгрижна Европа. Банката благовремено (април 1903 година) беше успешно крената во воздух, цела Салоника беше во паника, а и бомби беа фрлани, иако без некои посериозни резултати, на железничката страница, на Конакот, на германското училиште и на европски хотел. Француски пароброд во пристаништето беше целосно оштетен. Повеќето од терористите беа убиени или додека ѝ даваа отпор на полицијата или од сопствените бомби, а масакрот на христијаните во градот беше избегнат само благодарение на задоцнетата енергија на стариот валија, кој бестрашно се изложи и успеа да ги задржи под контрола и ефективно да ги ползува своите војски пред толпата да успее да убие повеќе од шеесетмина христијани. Бомбашките напади имаа катастрофални последици по македонското движење. Европското јавно мнение беше запрепастено, а само двајца или тројца од неговите лидери, како мисје Де Пресанс и мисје Берард, имаа доволно информации да увидат дека овие сурови и очајни акти, кои, на крајот на краиштата, изискуваа смелост и посветеност, беа всушност, мрачен коментар за европската рамнодушност. Доколку нам не ни е гајле за секојдневните страдања на Македонците, доколку ниту петиции ниту Сини книги ниту доказите на патописците не ги впечатуваат фактите врз нашите мечти, доколку сме ги заборавиле нашите сопствени заложби и препораки шти ги препишавме во Берлин, тогаш кој може да ги осудува изоставените жртви на турската тиранија доколку тие со чудни мерки се обидуваат да ни ги освежат сеќавањата? Бидејќи не слушаме ниту аргументи ниту плач, овие млади Македонци беа решени да нѐ натераат да го слушнеме динамитот. Нашата глувост е еднакво виновна за нивното насилство. Но, удобните и неинформираните не резонираат на овие линии. Можеби насилието навистина не беше доволно сериозно да ги вознемири. Во секој случај, само неколку бојни бродови пристигнаа во Салоника, а нивната задача природно не беше да ги принуди Турците, туку просто да ги заштити животите и имотите на европската колонија. Турците, дотолку повеќе, имаа доволно мудрост да ги ограничат нивните протести и репресии со легални мерки. Тие поднесоа ултиматум до Бугарија, кој веднаш го повлекоа под притисок на Европа. За остатокот, Турците се задоволија со сузбивање на востаничкото движење во самата Македонија. Масакрот што „анархистичката“ група посакуваше да го испровоцира не се оствари, ништо освен една рунда ситни суровости и неинтересни репресии – ништо, накратко, што би го привлекло вниманието на Европа или што би ја предизвикало нејзината тромава жалост. Само во еден наврат муслиманската толпа ја мина границата – во Монастир за време на Ѓурѓовден (стар календар), но дури и тогаш бројот на жртвите беше незначителен. (Муслиманите беа нестрпливи да изнајдат изговор да ги одмаздат солунските напади. Гласина дека Бугарите се подготвуваат да кренат во воздух џамија и тривијална кавга меѓу Турчин и Бугарин на панаѓурот, го дадоа сигналот за отпочнување на кланицата. Вооружени банди турски цивили, толерирани, а понекогаш и помагани од страна на полицијата, патролираа по улиците речиси два дена. Бидејќи отпочна на ден на слава повеќето од христијаните беа в куќи, па затоа не повеќе од триесет беа убиени, иако имаше и други што беа тепани и малтретирани. Валијата задоцнето постави војска, но никој од убијците не беше казнет. Насилството беше сосема неиспровоцирано, а страдаа и Бугари и Грци.)
Quote:10. Репресиите на Хилми Паша. Инцидентите кај Могила и Смрдеш

Мерките што ги примени Хилми Паша за да го задуши Македонскиот комитет беа драстични и масовни, но во секој случај, неефективни; впрочем, тие се преоптоварија со својата прекумерна свирепост. Доколку Турците се беа задоволиле со гонење на четите (нешто за што тие едвај направија обид), и апсење на главните предводници на агитацијата, тогаш можеби би ја постигнале својата цел. Но, кога тие предложија да ги протераат поглаварите на Организацијата, Русија им се испречи на патот, а им беше дозволено да ги спроведат нивните бесполезни и провокативни мерки против населението, чиј резултат беше тоа што Бугарите беа доведени во очај и се кренаа во самоодбрана. Насекаде, како во градовите така и во селата, видните личности на бугарските заедници беа фрлени во затвор – не по двајца или тројца, туку по два-триесет. Богати и сиромави, градски трговци, младинци од повисоките гимназиски класови, беа збрани на куп во турските темници. Сите училишта беа затворени, во едни случаи по наредба, во други бидејќи беа претворени во бараки за аскерот, во трети бидејќи даскалите беа или затворени или пребегани за да избегнат апс. Малкутемина бугарски доктори и правници што успеваат да опстојат во Македонија – човек може да ги изброи на прсти, толку е опасно човек да поседува образование – исто така беа затворени. Стопанството застана, а дури и солунските Евреи плачеа, бидејќи немаше христијански трговци за да прават пазар. Градовите беа во состојба на опсада. Воените патроли чекореа по улиците во секоја доба, и држеа стража пред сите службени згради. На граѓаните им беше забрането да излегуваат на улица откако ќе падне мрак, а доколку се јавуваше итна потреба за лекар, тој можеше да биде свикан само со поткуп на војник или полицаец за да го донесе лекарот. Во поголемите села и во градовите од внатрешноста каде што немаше конзули или каде што не живеат Европејци, ситуацијата беше уште полоша. Целото машко муслиманско население на воена возраст беше свикано на должност, засилено со парталести одреди од Мала Азија и пркосните, недисциплинирани регрути од Албанија. Овие трупи беа сместени во селата и во помалите градови и тие, природно, го вентилираа својот гнев врз бугарските жители за тоа што се регрутирани на должност, оттргнати од своите полиња. Резервистите од трета класа (Илаве, т.е. Ландструм) беа најозлогласени. Тие беа неплатени и често не добиваа провизии; впрочем, кога бев во Монастир, армиските снабдители толку долго беа неплатени што одбиваа да го доставуваат дури и лебот на вересија. Производот беше тоа што војниците немаа друг избор, освен да живеат на сметка на селаните. Човек ги среќаваше како талкаат по улиците накитени со секаков вид опљачкани носии, понекогаш носејќи чорапи што ги беа украле од жените, некогаш дотерани во кожуви што ги носеа врз парталавите униформи. Главна задача им беше да бараат оружје, но како што е секогаш Турчинот премногу мрзлив да врши претрес, тие го избираа полесниот и пократок курс на измачување и претепување на селаните – мажи, жени и деца – со цел да ги принудат да ги откријат скривниците со оружјето што тие требаше да го поседуваат. Што сето ова произведе во смисла на физичка болка, материјана загуба и обесчестување на жените, само мечтата може да замисли, затоа што речиси немаше село што мина немалтретирано. Јас бев во еден рурален центар, Дојран, за време на зенитот на прогонот. Дојран е мало гратче на границата на езеро меѓу виолетови планини, центарот на област толку прекрасна што човек ги напушташе нивите за тесните дојрански улици, колеблив и исплашен, знаејќи ја целосно човечката мизерија што се криеше зад белите варосани ѕидови и црвените ќерамиди, кои блескаа на сончевата светлина. Се сеќавам кога пристигнав во градот околу десет часот наутро и ги најдов турските власти сѐ уште неразбудени, додека албанските регрути во градот беа и тоа како будни, и пијани, со пушки в раце. И покрај ризикот од шпиони (половина од градот беше „грчки“ по политичка приврзаност, иако грчки збор во градот не се изустуваше), жените само што беа разбрале дека Европејци дошле во градот, надојдоа во нашиот ан, приоѓајќи во групи, секоја со свое мизерно сведочење. Сите беа расплакани, деморализирани, како од она што може да се случи така и од она што се случило, впрочем, затоа што гласината секогаш беше подготвена да наведе дека се случил масакр во некој од соседните градови или дека ова или она христијанско село веќе било опожарено до темел, и Дојран чекаше нему да му дојде редот. Но, жените беа, загрижени, главно, за судбината на своите сопрузи, синови, браќа, уапсени на основа на сомнеж и затворени без судење. Во дојранскиот затвор имаше шеесет политички осомниченици, а други беа однесени во Салоника, додека неколкумина беа пуштени на слобода. Овие последните даваа ужасни извештаи за гадостите што се извршувале секоја ноќ во затворот. Еден младинец беше ослободен, со осакатени и безоблични стапала, по безмилосен бастинадо. Други, рече тој, минале уште полошо, а имаше и сведоци што сведочеа дека барем некои од затворениците биле присилувани со шилото на бајонетот да маршираат цела ноќ, ноќ по ноќ, горе-долу по затворскиот коридор, со надеж дека лудилото што го опфаќа човекот лишен од сон ќе ги принуди да откријат некои од заверничките тајни. Друг затвореник бил присилен да стои со часови со рацете кренати над главата. Немало изглед за милост или поправка. Жените само можеа да плачат и да ги искажат своите маки, а ние само можевме да им ветуваме дека ќе ги пренесеме фактите до еден од конзулите. Кога прашањето конечно беше поставено пред Хилми Паша, тој веднаш испати телеграма до префектот (кајмакам) на Дојран, која грубо гласеше вака: „Се зборува дека ги измачувате Вашите бугарски затвореници. Точно ли е ова? Доколку е, ќе испратам комисија да ја истражи Вашата одговорност.“ Природно, човекот одговори со категоричен демант и Хилми Паша, задоволен дека си ја извршил должноста, триумфално му ги покажа двете телеграми на конзулот.

Други уште покатастрофални репресивни мерки беа преземани без двоумење. Бидејќи затворите немаа доволно капацитет да ги држат сите македонски Бугари, се издаде наредба дека секој маж од селско потекло што се наоѓа во градовите на печалба мора да се врати во родното село и да остане таму. Од страв од насилство и немир, илјадниците македонски Бугари, кои секоја година мигрираат во Константинопол за да спечалат бедна преживувачка, беа безмилосно избркани и принудени да се вратат назад во своите огништа. Ѕидарите што мигрираа, а кои живеат во села како Смилево и Смрдеш зимно време, а ги минуваат летата талкајќи во потрага по работа, беа интернирани во своите домови за време на единственото годишно време во кое нивната работа е возможна. Од сите мерки што можеа да се смислат за да испровоцираат востание, оваа беше најефикасната, затоа што овие илјадници работоспособни мажи, најенергичниот и најинтелигентен дел од населението, беа лишени од заработувачка и занимација, и оставени да безделничат и гневни да ја планираат својата одмазда. Конечно, благодарение главно на бруталноста на војниците, кои пак, си имаа своја причина за незадоволство, оти беа оневозможени да си ја работат земјата токму за време на земјоделската сезона, нормалната небезбедност на патиштата стана толку неподнослива што дури и селаните сѐ повеќе избегнуваа да излегуваат од селата. Убиства, некогаш со мотив, некогаш од безумна бруталност, насекаде беа секојдневна појава, а регистрите за убиства, мрачните каталози што се одржуваа во секоја парохија и секој конзулат – единствената оригинална литература што ја произведува Македонија – рапидно ги полнеа своите празни страници. За сето ова насилство Турците се само делумно виновни. Охрабрени од очигледните намери на властите да ги смачкаат Бугарите, Грците се нафрлија со обновен фанатизам во шпионската служба, а за тоа цената ја платија во крв. Дотолку повеќе, политика на Комитетот беше да одговара на насилство со насилство. Монастирските Турци ги казнија месните христијани со обид за масакр како одмазда за она што се случи во Салоника, а Бугарите од селата околу Монастир се реваншираа преку убиства на локални муслимани. Производот на овој натпревар во крвопролевање и неправда беше кошмар од терор во кој целиот нормален живот во Македонија остана стаписан и облиен со страв. Во рамките на десет дена во месец мај посетив три пазарни града на пазарен ден – Монастир, Дојран, и Куприли [Велес] – и ги најдов пазарите напуштени и бесшумни. Трговците беа в затвор, а селаните не се осмелуваа да ги напуштат своите домови; впрочем, онаму каде што нивите им беа на извесна оддалеченост од селото, дури и орањето беше запоставено. Чума би направила помалку штета одошто овој легален и регуларен прогон, кој Хилми Паша го управуваше во интервалите на реформирање на Македонија.

Во меѓувреме четите, постојано регрутирани од огромната армија на илегалци и осомничени, не седеа мадро, иако сѐ уште не беа подготвени да заземат агресивна позиција. Каде што одеше аскерот, зад себе оставаше крвава дамка врз селската почва, а всушност, селаните, а не бунтовниците беа оние кои што страдаа. Наидов на селото Могила (на околу осум милји од Монастир) едно попладне, токму кога аскерот си заминуваше по еден од овие скандали. Тие чекореа како пијани, како неорганизирано стадо, без офицери, носејќи ги со себе бедните пљачки кои беа успеале да ги зграпчат од мизерното селце што чадеше зад нив. Мала чета илегалци под водството на смел млад војвода со име Светков, своевремено учител по музика во монастирската гимназија, била заглавена надвор од самото селце. Полицијата барала скриено оружје и, кога наишле на овие куќи, биле пречекани со волеј. Аскерот побрзал со топ и се поставила опсада на овие кревки колиби. За време на денот и ноќта што уследила, Бугарите се држеле и пукале секогаш кога имале можност и кога непријателот се изложувал над глинените ѕидови што ја врамувале нивната мала тврдина. Во бојните интервали, така ни рекоа Турците, тие играле со мрачниот чекор на мелодијата на некоја револуционерна балада, скандирајќи постојано за нивниот непокор за робовите што ги опседнуваат, нивниот презир за султанот и нивната подготвеност да умрат слободни луѓе. Несомнено, тие немале сомнеж за судбината што им следува, затоа што ѕидината не им оставала простор за бегство, а Турците од другата страна пукале комотно низ отворите. Крајот им дошол пред зората, кога топовски рафал од планината ја запалил тврдината на илегалците. Во исто време Турците опожариле седумнаесет куќи во селото за да служат како ламби за нивните стрелци – човек се присеќава на христијанските факели на Неро. Еден по еден, како што се обидувале да избегаат од пожарот, преживеаните четници биле покосени во тврдината. Кога пристигнав таму, почвата сѐ уште беше обоена со крв. Глинените ѕидини сѐ уште тлееја и жареа; штрк попусто го бараше својот редовен покрив од висината на педимент што се распаѓаше, а воздухот беше загаден од смрдеата на изгорено месо. Во дворот на црквата се одвиваше последната сцена од трагедијата. Селаните ги спалуваа содржините на две големи коли – трупови нафрлани во куп од јагленосано и обесчестено месо. Имаше единаесетмина загинати борци, нивните трупови соголени и унакажани од страна на нивните дивјачки и вулгарни душмани, а четворица невини селани и две млади жени беа стрелани за време на претресот за оружје. Во расплаканата толпа селски мајки и вдовици стоеја две мали девојчиња што беа безумно ранети. Месниот свештеник, кревок старец, лежеше немо и парализирано на куп сено, самиот на работ на смртта, а селаните ги носеа мртвите бунтовници до нивните последни ровови, без служба или молитва. Тоа беше сцена на мизерија и морална беда. Обездомените селани плачеа за своите спалени ќумези, а ожалостените селани за своите мртви роднини со продорниот животински крик типичен за Истокот. Но, тогаш бев убеден дека ожалостените селани не посветија ни солза за револуционерите што загинаа во нивно име. Се чинеше дека сцената докажуваше колку малку вреди животот на Балканот. Ниту се почитува ниту се вреднува, а доколку куршум го скрати – тогаш тоа е само окончување на една долга серија мизерии и угнетувања, просто ускратување на неколку години бесполезна мака и безумни страдања, кои се лишени дури и од ореолот на хероизмот, кој би можел да ги искупи. Меѓутоа, шест месеци подоцна слушнав како истата битка се раскажува низ стиховите на популарна балада и сфатив дека сиромавиот Светков, чија лична става ја видов како се фрла како ѓубре во ров, станал бесмртно име, врежано во календарот на слободата. Бугарите го кријат својот сентимент и ги маскираат своите длабоки емоции, додека џашкаат свети работи со обични лопати. Продолжетокот беше лесен да се претпостави. Тука се најдоа седумнаесет обездомени семејства, кои вклучуваа не помалку од триесет работоспособни мажи. Нивна единствена надеж преостана да им биде да се придружат на подвижна чета. Во целина, за нив беше побезбедно да бидат во планина со пушка на рамо одошто да се грчат во село, отворено верно на каузата. Не беше тешко да се замисли како ќе се борат овие мажи од Могила. Тие во себе ги носеа сликите од убиени жени и повредени ќерки, од опожарени домови и јагленосани трупови на другари. Тие нема да се поштедат себеси ниту ќе помилуваат друг, нивните замаглени умови се управувани од ништо повеќе одошто од законот на одмаздата. А, тоа е исто така дел од нивната мизерија. Насилството раѓа насилство и секоја народност го деморализира непријателот.
Quote:Во истата недела во месец мај се случи инцидент од многу поужасен размер во Смрдеш, големо село со повеќе од две илјади жители, распространето на главниот пат од Касторија [Костур] до Флорина [Лерин]. Смрдеш е мрачно и недостапно место, изградено од камен на карпеста падина во тесна клисура, каде што сонцето грее не повеќе од три часа дневно. Нема многу плодна почва, а околните пасишта се оскудни, но и покрај тоа селаните се богати и снаодливи, повеќето се ѕидари што мигрираат, кои го печат занаетот насекаде низ Левантот, и инвестираат извесен дел од заштедите во своите забележителни и пространи куќи. Селото имаше голема црква со изрезбрарени столбови со кои безмерно се гордееше, и големо училиште. Смрдеш беше родното место на Чакаларов, свирепиот, но способен генерал на јужните револуционери, а меѓу селските семејства неговите роднини оформуваат своевидна аристократија. Турците долго време се сомневаа во Смрдеш и стравуваа од него. Чакаларов често го посетуваше, а редок беше Турчинот што се осмелуваше да му се приближи. Во близината на селото имало престрелка во април и казнената експедиција што била испратена да го сузбива настанот измарширала назад без да се осмели да влезе во него. Ништо понатаму не се случило во следните пет недели и тогаш одеднаш голема редовна војска под раководството на еден Хајредин Бимбаша (мајор), придружен со чопор од башибозуци, се упати марширајќи по патот од Касторија, кон зајдисонце на квечерината на 21 мај. Тоа беше полуцивилизиран човек со лична става и полирани манири, кој студирал во Париз и бил професор по француски во Военото училиште во Монастир. Исто така, тој командувал со војската кај Ерменско, каде што се случија најгрозните ексцеси на револуционерниот период. Долго време бев замислен врз прашањето зошто Смрдеш, село што не дало отворена провокација, што и да сторил Чакаларов, било избрано за свирепа казна. Образложението, ми беше речено, било тоа што Хајрадин Бимбаша направил спогодба со башибозуците, при што за возврат за дозволата што им ја дал, добил значителна провизија од заработката од продажбата на пљачката. Уште еднаш испадна дека алчноста лежи во коренот на турската суровост. Мислам дека оваа случка беше најгрозниот пример од овој вид во Македонија. Бидејќи немало борба, немало отпор, немало преговори, немало повик селото да се предаде.

Смрдешаните, кога виделе како турскиот аскер приоѓа кон селото и немајќи средства за одбрана – бидејќи немало бунтовничка чета ниту во ниту во близина на селото57 – испратиле делегација чија цел била селото да се предаде и да замоли за разумен третман. Делегацијата била пресретната на полпат со волеј од куршуми и се вратила да извести за својот неуспех. Потоа биле донесени топовите и селото било опколено и подложено на тешка канонада во текот на ноќта. Неколку куќи биле запалени на овој начин. Два часа пред зората аскерот и башибозуците јурнале на селото и почнале да го пљачкаат и методично да го спалуваат со помош на бензин. Аскерот бил повлечен пред пладне, а башибозуците биле оставени во посед цели два дни. Сто шеесет и шест куќи сторени пепел, ништо освен камин или камен со врежано име и датум преживеале за да го одбележат она што некогаш било дом. Прекрасната црква сега е само школка без покрив, а училиштето е грамада од крш. Поголемиот број од селаните некако успеале да избегаат во темнината, пред целосно да се оформи агресорскиот кордон – се шпекулира, исто така, дека постоеле подземни скривници. Околу сто и триесетте души што останале во селото биле масакрирани, повеќе од педесет биле ранети, а се зборува дека многу жени и девојчиња биле обесчестени. Се слушаа жалосни приказни за селани што се сокриле од аскерот за да изгорат во пламенот. Еден стар свештеник се преправал дека е мртов, па некој од разбојниците го мавнал со голем камен. Друг свештеник го купил животот од еден од пљачкашите за да биде фатен со празни раце и убиен од друг. Повеќето од раните биле нанесени одблизу со челик, а се слушаа и сказни што звучеа веродостојно, за залегани жени, премногу заслабнати да бегаат, кои починале под страста на војниците. Околу шеесет куќи биле поштедени од пожарот, соголени и лишени од изолација, и во нив едновремено просперитетното село, гордо на своето богатство, својата трудољубивост и своето образование, најде засолниште за време на претстојната зима. Немаше капитал за обнова, ниту слободно време или можност за вработување. Затоа што селото сѐ уште беше мета на грчкото и турското непријателство, и за време на поголемиот дел од годината грчкиот касторијански владика, кој беше назначен како своевиден управник на селото по катастрофата, одбиваше да им издаде пасоши на егзархиските жители, кои бараа дозвола да одат в туѓина во потрага по работа. Егзархистите уредија капела во една шупа, која ја заменуваше урнисаната црква. На ѕидовите беа обесиле мали скици со Христос и Богородица од водени бои, да им служат наместо вредните икони што ги загубија во пламенот. Денот кога ја посетив месноста, колона војници штотуку го беше напуштила селото, а белези од нивните бајонети беа видливи на кутрите мали сликички на овој импровизиран олтар.

Скоро по овие инциденти во Могила и во Смрдеш, Востаничкиот конгрес се состана за да го обмисли својот став. Не беа подготвени за општо востание. Ниту имаа доволно пари, ниту оружје, ниту муниција. Но, не можеа да си дозволат да потклекнат на олку ужасна и брутална репресија без да возвратат на некаков начин. Да се остане мадро под ваква провокација би значело распад на пропагандата и загуба на сите плодови на десетгодишната постојана активност. Впрочем, тие ја направија првата провокација, доколку можат да се сметаат за виновни за актите на очајните млади гемиџии, кои ја кренаа во воздух банката во Салоника. Но, Турците повеќе не казнуваа. Нивна цел беше да ја здробат бугарската народност во Македонија. Училиштата, црквите и стопанството на Бугарите, како и нивната политичка организација беа во опасност. Европа беше рамнодушна и, доколку тие не беа подготвени да подлегнат, немаа друг избор освен да се спасат самите себеси. Одлучија да објават општо востание по жетвата. Тоа беше, под дадените околности, самоодбранбена војна. Краток период герилските чети беа неактивни и ноќта на 2 август 1903 година пристигна врховниот час. Но, дури и во оваа очајна ситуација Бугарите ја покажаа својата благоразумна природа. Знаеја дека востанието ќе заврши со неуспех. Знаеја дека ќе бидат неопходни понатамошни дејности. Знаеја, исто така, дека областите што ќе се кренат ќе бидат дотолку целосно урнисани што тие ќе бидат онеспособени за понатамошен револт за многу години. Едногласно беше решено само монастирската покраина да биде повикана на востание, па дури и таму одредени области беа изземени (особено Прилеп и Мариово). Повеќе побуди го диктираа изборот на Монастир. Тука релјефот е ридест и погоден за герилска војна. Селаните се одлучни и добро организирани. Бидејќи Монастир не допира до бугарската граница, би било очигледно за Европа дека е движењето изворно македонски револт, а не прост упад организиран во Кнежевството. Конечно, револт под управата на Комитетот во оваа јужна покраина на која претендираат Грците ќе послужи да го изрекламира фактот дека руралното население не е хеленско, туку бугарско.
„Херои и убијци“, Стојан Христов, поглавје „Солунските динамитери“.



Quote:…Дури и без востанието, годината 1903 ќе беше важна година во македонскиот календар. Оти, како прелудиум кон масовна револуција и наспроти желбите на Централниот комитет на ВМРО, една група македонски студенти во Солун изведоа низа совршено планирани и темпирани напади, од коишто главен беше разнесувањето на Отоманската банка. Од дузината млади терористи коишто учествуваа во Солунските напади само еден е жив денес. Со овој човек, Павел Шатев, денес на околу педесет и три годишна возраст се сретнав неодамна во Софија и му го изразив чувството на задолженост за некои од деталите во ова поглавје. (стр. 45) …

Сосема е природно овие млади синови на Велес коишто студираат во Солун да најдат грешки во тактиката на ВМРО и незините планови да го кренат во масовна револуција. Тие не верувале дека Македонија би била доволно подготвена за такво востание и предупредиле дека тоа би им дало на Турците оправдување да ги срамнат селата со земја и да се втурнуваат во опширни масакри.

А сепак не сакаа само да критикуваат; тие беа желни да придонесат во македонската кауза. Но, не знаеја како, и во најдобар случај останаа тесен круг студенти којшто, како резултат на инциденти на непокорност на школо и други нереди, си го заработија името „Ѓурутлаџии“. Наскоро, пак, овој епитет беше заменет од поиделаистичен епитет. …
Кон крајот на 1898 година во Солун од Женева пристигна еден студент по име Светослав Мерџанов. Не беше случајно што Сетлослав дојде во главниот македонски град, ниту пак беше случјано што тој воспостави контакт со „Ѓурутлаџиите“. Тој пристигна со специјална цел да го надледува терено за масовни терористички дејства. Тој беше претставник на група македонски студенти во Женева којшто се беа поврзале со извесни руски социјал-револиционери и се беа заразиле со идеите на нихилизмот и анархизмот, коишто беа прилилично во мода тогаш. Мерџанов го започна ембрионот на мистериите на нихилизмот кај солунските диманитери со тоа што ги снабди со опфатна литература на таа тема. Дотогаш, тие ги беа читале само романите на Тургењев и мемоарите на бугарските револуционери и беа негувале амбиции да бидат луѓе од дејство но молчаливи како Базаров, херојот во „Татковци и деца“. Мерџанов ги запозна со „Поземна Русија“ и „Полето на нихилизмот“ од Степњак; „Анархијата и општеството кое умира“ од Жан Грав; „Освојуцањето на болкат од револуцијата“ од Кропоткин; и со Лавров, Чернишевски и други.
„Ѓурутлаџиите“ сега дефинитивно знаеја што требаше да сторат. Тие веднаш го отфрлија тоа име и се прекрстија во гемиџии. …

Штом веќе имаа идеологија, сѐ што им требаше беа пари. И навистина, парите беа сѐ што стоеше меѓу тешкиот јарем на Црвениот Султан и бесценетата независност. А немаа пари ни за сопствена издршка, камо ли за нивниот подвиг. Двајца од нив се согласија да бидат киднапирани со цел откупот да се собере од нивните татковци. Гоце Делчев, кој сочувствуваше со нив макар што Централниот комитет на ВМРО не ги одобруваше нивните проекти, им понуди помош, но не можеше да им даде пари од касата на ВМРО. Сепак, тој соработуваше во лажното киднапирање и ги собра илјадата долари од таткото на еден од моците. Другиот татко одбил да исплати. Додека заговорниците да си ги добијат илјадата долари, тие веќе ги беа потрошиле. И така, повторно се најдоа во очајна нужда.
Мерџанов, кој за време на четиримесечното дружење со нив им ја беше обезбедил идеологијата им дојде на помош. Беше пошол во Софија и го убедил Борис Сарафов да го снабди со средства за атентат врз султанот. Веднаш го повикал „капетанот“ на солунските “гемиџии“ и му кажал за Сарафовата финансиска поткрепа и за својот константинополски проект. Понудил да пренасочи дел од средствата кон Солун ако „гемиџиите“ се нафатат на „нешто големо“ таму. Објацата тогаш го зачнале планот за кревање во воздух на солунската афилијала на Отоманската банка. Се разделиле во Софија кон крајот на 1899 година, Мерџанов со двајца свои колеги од Женева заминал за главниот град на Босфорот, а Орцето [Јордан Попјорданов] се вратил во македонската престолнина на Егејот. (стр. 46-7)
Quote:Отоманската банка во Констанитинопол е најголемата институција поседувана од Европа во султановата империја. … Со месеци четворица живеат под земја, јадат земја, длабат во карпите, сантиметар по сантиметар. Сега се наоѓаат на работ на банката, петнаесет стапки од површината на улицата. Го слушаат бучењето на динамото коешто генерира електрична струја за осветлувањето на финансискиот бедем на империјата. Ништо не може да ги запре. Сѐ што им треба е динамит, а умниот Сарафов, кој води љубов со ќерките на европските банкари за дел од профитите што тие ги добиваат од своите инвестиции во Турција, вети дека ќе им прати доволно динамит да ги кренат во воздух цела Пера и Стамбол. А Сарафов си е човек од збор. Тој веќе беше испратил сто килограми од Белгија. Патуваат. Кога ќе пристигнат ќе ги стават под зградата и кога ќе посакаат, кога ќе им текне, ќе го запалат фитилот. Тогаш светот ќе чуе татнеж и детонажа.

Солун: Сите „гемиџии“ се вратија на работа. Борис Сарафов и ним и вети динамит. (стр. 50-1)
Константинопол: Пристигна динамитот. Ерменскиот револиционер Козаков го пренесе преку царина. Двајца ерменски амали ги зедоа торбите на грб. Еден контраразунавач на стража надвор од царинарницата се посомнева. Хамалите премногу се наведнуваат под товарот на торбите. Ги следи. Кога влегуваат во куќата на Козаков, тој ја повикува полицијата. Козаков и динамитот паѓаат во рацете на властите. Козаков не разоткрива нипто во врска со големиот заговор. Бидејќи е руски поданик го транспортираат во Одеса и царот го праќа таму каде што ги праќа сите револуционери—во Сибир. Турската полиција се раздвижува. Започнуваат масовни апсења на Ерменци и Македонци. Бидејќи копачите го завршија тунелот и сите живеат над земја, тројца од нив паѓаат во рацете на полицијата. Останатите пребегнуваат во Бугарија. Во облеката на Мерџанов Турците пронаоѓаат шифрирано писмо од Христо Матов од Централниот комитет на ВМРО, но тоа не содржи ништо во врска со заговорот. …

Тунелот, со внимателно замаскираниот влез, останува неоктриен. Сега нема ниту динамит, ниту динамитери. … За неколку месеци, сепак, на сцена пристигнуваат двајца други … нивна работа е само да набават нов динамит и да ја кренат во воздух банката. … Еден од овие новодојденци, Александар Кипров непосредно по доаѓањето оди во „складот“ со Начо, синот на печатарот, за да го испита тунелот. Потоа како будала седнува и во шифрирано писмо му го опишува целиот настан на Христо Матов. … Среќата мора да е на страната на Отоманската банка. Оти само што Матов го прима писмото од Кирпов и го става в џеб, го апсат во Солун, а полицијата го наоѓа писмото. Го имаат клучот за шифрата и му ја праќаат дешифрираната порака на Абдул Хамид во Јилдиз. Хамид без да ја извести полицијата во престолнината, праќа своја приватна полиција да го заклучат „складот“. (стр. 51-2)

Солун: Кога „гемиџиите“ слушнале дека Константинополскиот дел од заговорот бил разоткриен, тие брзо го замаскирале влезот на тунелот и му ја изнајмиле „берберницата“ на некој Италијанец… Решиле да не продолжуваат со работата сѐ додека не се снабдат со динамит. Не сакаа да ризикуваат. „Капетанот“ замина за Софија да собере средства, но Сарафов не бил таму. Наидувајќи на одбивање од други Македонци, тој го побарал македонскиот амбасадор со Женева. Преку него, идниот херој на Солунските напади се сретна со многумина руски социјалисти, комунисти, анархисти и нихилисти, од коишто сите ги одобриле неговите планови за терористички чинови во Македонија против европските инвестиции. Сарафов во тоа време беше добил значителна сума од еден мистериозен Англичанец и му даде на „капетанот“ две илјади долари. Исто така му вети и илјада килограми динамит. … Орцето се врати во Солун и одново ја собра посадата. Во меѓувреме Сарафов купи Илјада килограми динамит меланит во Белгија и како експеримент испрати една десетина од него во буре како лек против гроздова фиколсера. Експлозивот мина преку царина без тешкотии. „Гемиџиите“ си ја повратија довербата и повторно се зафатија со работа. …

Ја чекаа големата пратка динамит којашто Сарафов веќе им ја беше пратил. Она што веќе го имаа им беше доволно само за банката, но планираа и други чинови. Најпосле примија известување од Константинополската канцеларија на Compagnie Freycinet дека пратка со лек против филоксера од Марсеј чекала на царинарницата на пристаништето Деде-Агач и дека треба да отидат да ја подигнат. Најмиле еден влашки шверцер да им ја подигне стоката, плаќајќи му двесте и педесет долари ветувајќи му дека ќе му платат уште толки кога ќе им ја испорача. Чекале и чекале, но влашкиот шверцер не се покавил. „Капетанот“ лично пошол во Деде-Агач, само за да открие дека пратката била отстранета од царината. Се покажало дека Иван Гарванов, вршител на должност главен на Централниот комитет на ВМРО (Груев бил во егзил во тврдината Подрум во Мала Азија) лукаво успеал да ја земе пратката. … На овој начин Гарванов се надевал да ги спречи нападите. Во секој случај, имаа сто килограм од динамитот. Уште шеесет украдоа од еден каменолом во Бугарија. Тоа беше Нобелов динамит. … Сега „гемиџиите“ поседуваат сто килограми белгиски меланит и шеесет килограми динамит Нобел. Појдоа кај Гарванов , којшто преку својата подла лукавост, ја имаше, на извесен начин, „киднапирано“ нивната голема пратка. Се фалеа пред него дека си го добиле динамитот и дека може да дојде да го види ако сака. Гоце Делчев, којшто најмногу влијаел на младите терористи, ги молел да го одложат чинот. Тој имал големи количини пушки и патрони коишто доаѓаат од странство за општото востание наредното лето. Се плашел дека Турците би можеле да преземат крајни мерки на претпазливост по нападите и дека може да има тешкотии при шверцот на своите оружја. Делчев им избројач на „гемиџиите“ двесте и педесет „мис стонки“ за трошоци за одржување додека ги чекале пушките.

За време на март (1903) Солунската општина копаше ендеци за канализациски цевки а „гемиџиите“ се тресеа од страв градските копачи да не го разоткријат нивниот подземен премин. За среќа, канализациските цевки оделе само шест стапки во длабочина, а нивното дело се наоѓаше на двојнот поголема длабочина. Уште не воздивнале од олеснување од оваа опасност, кога се рашириле вести низ европскиот печат дека македонските револуционери се подготвени да извршат напади од голем размер против европските интереси во Турција. Како последица Турците ја удвоиле стражата на банката и другите јавни објекти. Заговорниците очајувале од страв нешто да им ги спречи големите планови. Токму во тоа време, Дамјан Груев се враќа во Солун од прогонство. И тој ги молел да се откажат од планот, зашто стравувал дека контратероризмот во кој несомнено би се впуштиле Турците, би ја осакатил силата на ВМРО, којашто била потребна за претстојното масовно востание. Не успевајќи да ги убеди да си ги напуштат плановите сосема, Дамјан се обидел барем да ги натера да го зачуваат чинот за крајот на востанието како конечен удар кон Европа во случај востанието да не успее да ѝ донесе независност на Македонија.

Напразно. Младите биле бескомпромисни. Веќе пет години го чекаа тој миг. Стравуваа дека ако почекаат уште малку неѓто би можело да се случи и да ги лиши од таквата можност. А освен тоа, динамитот на Нобел би можел да ја загуби разорната моќ од влагата во длабочините на земјата. Ги предупредиле водачите на ВМРО да заминат од Солун за да не бидат фатени таму и да не бидат обвинети од властите за соучесништво во злочинот. Груев поитал во Битола и се зачувал за востанието. Гарванов останал во Солун и се соочил со апсење и судење. Беше иронично што токму овој човек стори сѐ во сопствена моќ да ги спречи нападите, беше осуден на доживотен затвор поради нив. 

Сега терористите беа подготвени да дејствуваат. Но имаа уште едно важно, многу важно прашање за кое требаше да решат. Тоа беше дали да се обидат да се спасат најдобро што можат по нападите или сите да умрат. … Нафаќајќи се, без да прашаат никого и спротивно на желбите на националната револуционерна организација, да го втурнат во пламен најголемиот град во земјата, имаа ли право да го надживеат сопствениот насилен чин, или пак беа обврзани според должноста да загинат во пламенот на сопствената експлозија? Во врска со оваа шекспировска дилема немаше согласност во мненијата. Некои, вклучувајќи го Шатев, единствениот преживеан, мислеа дека би биле потребни да го продолжат делото и дека нема смисла да се осудуваат на пропаст. Мноштвото, сепак, предводено од „капетанот“, можеа да го видат сопственото дело поврзано со нивната саможртва. Да се преживее би значело да се оцрни сјајот на нивниот херојски чин. Да сеат смрт насекаде околу себе а самите да продолжат да живеат би бил најдолен чин. Решија да умрат. [ДП: А, не ли е ова чин на одбегнување на одговорноста. Со својата смрт, гемиџиите биле ослободени од соочување со резултатите на својот чин, и ги избегнале измачувањата на турските власти.]
(стр. 54-7) 

Младите заговорници, кои носеа бомби в рака, чекореа во смрт свесно. Ако ја пролија крвта на другите без воздржување, својата ја пролија без двоумење. Нивната лудост беше лудоста на народот доведен до очај од страна на една сурова и неподнослива власт. Но народот од Македонија плати скапо за нивниот избрзан чин, којшто во секој случај повеќето во Европа удобно го етикетираа како анархистички. И додека заговорниците си пресудија себеси, му оставија на ВМРО, спроти чиишто желби ги извршија нападите, да се справи со ситуацијата којашто тие ја причинија. Бидејќи светот не ја знаеше вистинската приказна, ВМРО мораше да живее со стигмата на „анархизмот“ и „нихилизмот“.

Со месеци по нападите Турците продолжија да апсат и мачат Луѓе ширум Македонија. Во Битола четиринаесетмина беа убиени на улиците и стотици беа затворени. Во Солун, повеќе од две илјади беа уапсени. На триесет и тројца од нив им беа пресудени затворски казни во траење од пет до стои и една година. Во Велес, родниот град на динамитерите беа спроведени истражувања од страна на војската. Сите села коишто се одликуваа со горд комитаџиски дух станаа цели на башибозуците и на редовната армија.

Во тоа време бев момче на пет години и помнам слику на страдание. Во нашето село немаше толку пустош како во некои други. Убија само неколкумина, а на околу дваесетина, меѓу кои и на татко ми, им ги удираа стапалата додека не им станаа каша, со мокри јажиња. Во едно село близу до нашето (Смрдеш) двесте и четириесет куќи беа запалени од триста, а осумдесет и пет жители беа убиени. Мноштвото умрени беа млади жени коишто загинаа бранејќи се од напаѓачите. Селото чадејќи чекаа некаква комисија од Битола. Сите велеа „комисија, комисија“ плачејќи. Си помислив дека од неа мртвите ќе заживеат повторно. Најпосле пристигна комисијата и ги разгледа мртвите и ранетите. Но, ништо не се случи, а и тие не мораа толку да чекаат, со сите трупови коишто скапуваа на сонцето и коишто никој не ги добираше. (стр. 64-5)


Ова е фуснота од Брајслфорд во која опишува негово искуство со еден од групата на Гемиџиите. Се добива впечаток дека не станува збор за алфа-воин.

Quote:Имав можност мошне интимно да запознаам еден од овие млади и можам да кажам дека немам сретнато попатетичен и поконтрадикторен карактер во животот. Тој беше Македонец од Ресна, образуван во Бугарија, учител по професија, на дваесет и три годишна возраст. Неговата задача беше да постави динамит на одредена џамија на даден петок со цел да го возбуди фанатизмот на Турците и да го направи масакрот неизбежен. Бил фатен и уапсен пред да ја изврши својата задача, бил затворен и ослободен по неколку месеци. Немало докази против него, а Турците не разбрале која му била намерата. Во монастирската зандана, каде што спиел на камења и живеел само од леб и вода, му се расипало здравјето и се заболил со белодробна туберкулоза. Го запознав кога тој живееше на милостија во мизерна состојба, а докторот на Хуманитарното општество беше сторил сѐ што може да му ја причини умирачката попријатна. Имав многубројни разговори со него, и, иако неговиот план секогаш ми делуваше просто злобен, тој лично беше една од најнежните и најпривлечни личности кои ги сретнав во Македонија. Родителите му беа селани, но неговиот ум и неговите манири беа префинети. Беше интелигентен и начитан, имајќи ја предвив неговата младост и неговите бедни прилики. Утеха за време на долгите денови додека лежеше на смртната постела со чиста совест беше да чита непрестано, а разонода му беше од прозорецот да се пули на краснотијата на Охридското езеро. Помислата дека извесни книги ќе му останат непрочитани се чини му пречеше повеќе одошто физичкото неудобство, и нѐ примора да ја чешламе цела Македонија за примерок од превод на сер Волтер Скот, за една или две од романтиките на Думас Постариот, и—од сите книги на светот—за „Bel Ami!“ Но кога зборуваше, секогаш беше нестрпелив да чуе политички вести. Патриотизмот беше за него треска која го опседнува, а одредени зборови—Слобода, Независност, и слично—носеа огин на неговите очи и резонанса на неговиот шуплив глас. Неговата нежност и повлеченост му вродија двајца или тројца сиромави граѓани кои го посетуваа. Постојан шок беше помислата дека оваа мила и чувствителна природа, со својот капацитет за сочувство и полуразвиен естетски вкус, можела да биде способна за крвавото дело на криминален хероизам за кое се заколнала да го жртвува сопстениот живот. Тој беше под влијанието на одредени апстрактни идеи, кои го опседнуваа и ги парализираа неговите сопствени инстинкти. Неговиот дарежлив и ентузијастички темперамент измачен од срамот на ропството, мамката на слободата, славата која може да го очекува неговиот ослободен народ, до таму што никаква друга мисла не останала во крпеницата на неговиот ум—половина плодна почва, половина пустина. Доколку ова е просечниот македонски „терорист“ тогаш тие повеќе заслужуваат жално сочувство одошто гневни укори.