Котле - форум без граници, без цензура - плурализам на мислења и идеи!

Full Version: ЦОБЕ
You're currently viewing a stripped down version of our content. View the full version with proper formatting.
Quote:Богоевски: Судиите што пратија болни луѓе да умрат во затвор треба да одговараат за убиство

19 септември 2017 Гоце Трпковски
[Image: 1909-bogoevski-3.jpg]

Интервјуа

Поранешниот разузнавач Слободан Богоевски е повторно активен како почесен претседател на Комитетот за заштита на правата, кој бара повторување на судските постапки за кои ќе се докаже дека биле политички монтирани од претходната Влада. Со Богоевски разговаравме за нивните активности и за законите што ги подготвуваат за, како што вели, жртвите на претходната власт, како и за неговите погледи во врска со тоа како да се спречат злоупотребите на тајните служби
 
КАКО УСТАВОТ И ЗАКОНИТЕ СТАНАА СТРАШНИ ПОИМИ
 
– Што точно прави комитетот и која е неговата порака?
– Комитетот за заштита на правата е асоцијација на невладини организации и поединци кои ги обединуваат и изразуваат интересите на жртвите на претходниот режим во кривичните, управните и во другите судски постапки. Има преку 2.000 членови и целта е не само да се најде решение како да се санираат последиците од еден вистински терор кој владееше во изминатите 10 години од власта врз човековите права и слободи, туку и да се изработат закони кои ќе бидат легална основа за остварување и заштита на правата на луѓето, но и брана во иднина никогаш во Македонија повторно да не се случи тоа што се случи во изминатиот период на, ние го викаме „злосторничко здружение“ на Никола Груевски и Фамилијата. Во периодот од 2006 до 2017 година, особено од 2008 дојде до тотално уништување на уставниот поредок. До брутално кршење на законите и масовно кршење на човековите права во сите сфери на државната организација и на општественото живеење. Пред сé тоа се одрази врз слободата на говорот и медиумите. Потоа тргнаа во поход на државните институции, јавната администрација, со чистките со познатите случаи „Змиско око“, „Калдрма“, на царината, полицијата итн. Пораката беше да се заплаши народот. Внимавајте што правите, ние никому не простуваме. Неколкуте случаи на почетокот на разрешување и затворање, односно кривичен прогон на судии и на обвинители, имаше за цел не само да им се одмаздат на конкретните личности, туку да се прати порака во судството, внимавајте што правите, секоја наша порака мора да биде беспоговорно извршена. Ова злосторничко здружение, кое и официјално е обвинето како злосторничко здружение, кога ја приграби власта во Република Македонија тргна во поход да ги сруши сите столбови на уставната демократија. Искуството во изминатите 10 години покажа дека Уставот и законите, на кои најчесто се повикуваше претходната Влада, станаа застрашувачки поими за обичниот човек. Сé беше по Устав и закон. Нас ни се случи најлошиот облик на власт кој јас го нарекувам охлократија. Охлократијата е владеење на толпата, чии основни елементи се насилството. За ова има многу трудови уште од периодот на антиката, пред Новата ера, а ние се соочуваме 2.000 години подоцна.
 
ПОВТОРУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ ПОРАДИ НАРУШЕНИ ПРАВА
 
– Какви се законите што ги подготвувате и што треба тие да придонесат?
– Овој тип закони се ад-хок закони и секогаш во историјата на државата и правото се донесуваат вообичаено по владеењето на еден тираниски режим. Македонија од 1991 година таков закон нема донесено, бидејќи во нормална држава функционираат и Уставот и законите. Но во заробена држава, што можете да го видите не само од нашите забелешки и од јавноста во Македонија, туку и од извештаите на ГРЕКО, на Стејт-департментот, на Европската комисија, и особено тоа ќе го видите во двата извештаја на Прибе, од 2015 и последниот извештај од септември 2017 година, каде што многу прецизно се наведува дека ништо не е направено за таа заробена држава да се демонтира. На сите ни е јасно зошто не е направено, бидејќи бројките, насилството на бројките во парламентот пружа отпор на секоја реформа што ќе значи демонтажа на овој мафијашки систем на владеење. Оттука, овој закон, ние го крстивме како Закон за утврдување на основите и начинот на враќање на одземените човекови права и слободи, ќе има важност од една година и ќе им овозможи на сите луѓе, чии права гарантирани со Уставот и законите на Република Македонија, како и со меѓународните конвенции, Конвенцијата на Обединетите нации, Европската конвенција за човекови права, кои се инкорпорирани и дел се од нашиот правен поредок, ако се повредени во судските постапки ќе биде основа за повторување на тие постапки. Прашањето е сега кој е тој што ќе го оценува кои случаи се политички монтирани и мотивирани. Бидејќи за да биде еден случај политички монтиран и мотивиран, не значи дека жртвата треба да биде политичар. Напротив, според Европската конвенција во сите случаи каде што се повредени човековите права во постапките пред судовите, се третираат како политички монтирани и мотивирани случаи. Така што насловот можеби ќе ги збуни тие што се помалку упатени, но тие што се упатени во оваа материја добро знаат за што станува збор.
 
ОСНОВА – СПЕКТАКУЛАРНИТЕ АПСЕЊА И ЗАШТИТЕНИТЕ СВЕДОЦИ
 
– Како би се одвивала процедурата, како ќе се оценува кои случаи биле политички монтирани и мотивирани?
– Најчест случај во сите овие прогони беше кршењето на презумпцијата на невиност. Се сеќавате на спектакуларните приведувања од страна на специјални единици на МВР, веќе во медиумите беше дистрибуирана веста дека тој и тој со име и презиме е приведен, па се пуштаа снимки, од приведување во неговиот дом, носењето во суд итн, тоа беше најчесто употребуваниот метод на прехтодната власт. Зошто? Прво, го жигосуваат човекот и однапред му пресудуваат дека тој треба да биде суден. Второ, тоа беше јасна порака до обвинителите и судиите дека ние сме одлучиле овој човек да оди во затвор. Вие однапред знаете, пораката дека е вие мора да ја завршите оваа работа, дали е виновен или не е виновен, мора да оди. Најстрашно при овие приведувања беше што многу луѓе беа приведени од болнички кревети. Имаше случај на пример денеска го оперираат човекот, утре го земаат од болнички кревет и го носат во притвор. Заради ова дел од тие луѓе починаа во притвор или затвор. Илјадници луѓе се наоѓаат сé уште во затвор, уште повеќе такви ги излежале затворите, или јас ги нарекувам логори на смртта, бидејќи таму нема никакви елементарни услови да биде тоа затвор, ни сместувачки, ни санитарни, ни хигиенски, ни здравствено-заштитни, ништо, едноставно ве фрлаат и може да умрете таму, никој нема да ве погледне. Многу луѓе починаа таму без да им се овозможи било каква здравствена заштита. Вториот услов ќе биде честата злоупотреба на заштитениот сведок, бидејќи во случаите редовно каде што е употребуван заштитениот сведок се покажа дека тие лица што се користени како заштитени сведоци не се ни сведоци. Не се луѓе кои нешто знаат за т.н. кривично-правен настан, туку се подготвувани од МВР и од судии и обвинители што да кажат за да биде искористено тоа за да бидат осудени лицата. Да не ги споменувам случаите, во „Ликвидација“ јавно излезе дека не е заштитен сведок. Во случајот со Љубе Бошкоски тој што ги дава парите не сведочи, туку сведочи некој што бил пријател на Јордан Мијалков. Значи тој не бил ни присутен на настанот. Судијата тоа го знае, но го овозможил тоа. И да не ви ги набројувам сите случаи каде што се брутално кршени законите на штета на жртвите на овој прогон. Исто така често биле користени и полициски агенти-провокатори во полициските постапки. Станува збор за илјадници човечки судбини кои никој не ги погледнал до денес. Оттука, новата Влада, верувам дека ќе има разбирање, дека на Македонија ѝ е потребна реформа, но реформа во Македонија со сомнение во правдата не може да биде изведена. Реформа не може да биде изведена без да се навратиме на жртвите на овие процеси. Затоа што ние сме правеле многу реформи и по некоја година се појавувала потреба пак да правиме реформа на реформите, ние овојпат мора многу длабоко да загребеме, да ги видиме извориштата на ваквите појави, и да направиме систем кој ќе оневозможи во иднина да се случуваат вакви работи. Нашата цел нема да биде само да им се помогне на овие лица, а овие што го направиле да одговараат за злодела, тоа всушност и Прибе го пишува, дека еден дел од судиите ќе бидат сменети и ќе треба да одговараат. И тоа најстрого треба да одговараат бидејќи тие одлучувале за добродетелите, слободата и правата на невини луѓе и знаеле дека е болен, знаеле дека ќе умре, го упатува во притвор без да има потреба. И тие на еден начин може да бидат обвинети и за убиство, смислено убиство, бидејќи не може истражен судија, гледа дека човекот е опериран од рак на глава, знае дека не му е неопходен во постапката, го упатува во притвор, поточно во случајот „Шпион“ беше тоа, еден млад колега, и тоа многу добар, го упатува во притвор и кога го видоа во притвор дека ќе умре, го пуштија дома за да умре, колку да не им се расипе статистиката во притвор. Има многу драматични случаи, многу семејства се зацрнети, многу деца се оставени без родители и без перспектива и ние не можеме да мижиме за жртвите на владеењето на овој режим, но мора прво приоритетно тоа да се реши, пред да се влезе во реформата.
 
[Image: 1909-bogoevski-2.jpg]
 
НЕМА ПОТРЕБА ОД НОВА ЛУСТРАЦИЈА, ТУКУ СИТЕ ДА ОДГОВАРААТ ПО ЗАКОН
 
– Дали овој процес опфаќа некаков процес на, така да ја наречеме, пост-Груевска лустрација?
– Пакетот закони кои се предложени и прифатени со акцискиот план на работната група за реформи како прироитетни се Законот за амнестија, Закон за вонредно преиспитување на судските одлуки, кој е прилично сложен, но во исто време е и прилично едноставен затоа што луѓето не бараат милост, туку можност за фер судење, и третиот закон беше Законот за поништување на лустрацијата. Јас сум легалист по природа и не сум склон кон такви решенија да бркаме вештерки, јас сум за во една легална процедура сите што направиле злоупотреба на службената положба, дали е судија, дали е обвинител, дали се членови на оваа комисија за лустрација, и работодавците нивни, мора да се соочат со правдата. Мора да им биде судено за злоупотреба на службената положба и за други кривични дела како организирана група, со кои се нанесени тешки последици врз правата и слободите на луѓето. Лустрацијата треба да биде поништена како никогаш да не се случила, но тоа не значи дека ќе ја заборавиме. Не од идеолошки, не од политички, туку да одговараат во една правна процедура за грубо кршење на Уставот и законите, вклучително и судиите на Уставниот суд. Уставниот суд е гарант на нашата уставност. Тие не можат да бидат слепи и да се повикуваат на слободата на судиските уверувања за ноторни факти и околности. Или за грубо кршење на Уставот и законите.
 
ПОТРЕБНА Е ЦЕЛОСНА РЕИЗГРАДБА НА БЕЗБЕДНОСНИТЕ СЛУЖБИ
 
– Колкава моќ има тој што ги контролира тајните служби и како се врши злоупотребата преку нив?
– Нема држава во светот што нема свои безбедносни и разузнавачки служби од памтивек до денес, и ние сме имале и имаме една од најдобрите, да речеме, во нашиот период беше рангирана и од НАТО и од сите други како една од најдобрите во Источна Европа. И сега може да замислите кој дисконтинуитет се направи со доаѓањето на Мијалков. Човек од улица, со таков бекграунд каков што сите го знаат во општеството, го ставате на УБК само затоа што е прв братучед на премиерот и за да го оствари криминалниот поход низ Македонија. Тој поим нема што е служба. Тој сфатил дека таму може да прислушкува и затоа набавувале толку милиони опрема, па малку му било, па уште набавиле, неверојатни средства се потрошиле, па на крај и го уништиле тоа како средство, мислејќи дека ќе се спасат. Типично размислување на еден криминалец на улица. Тоа не е служба. Ова што го доживеа народот во последните години воопшто не е служба. Службата е сосема друго. Таа се грижи за заштита на безбедноста и уставниот поредок на една држава и е еден од најголемите гаранти на слободите и правата на луѓето и на јавниот интерес. Треба наново да ја изградиме, бидејќи беше комплетно криминализирана и не може да го носи називот служба.
 
СЛУЖБИТЕ НЕ МОЖАТ САМИ ДА СЕ ОДБРАНАТ
 
– Од преземањето на безбедносните служби, дали луѓето што веќе биле таму и биле професионалци, не дале доволно отпор на злоупотребите, или не можеле да направат ништо?
– Припадниците на службите и сите припадници на Министерството за внатрешни работи се воспитани во духот на строго почитување на законите и во духот на одбрана на безбедноста и на уставниот поредок. Тие не можат и не смеат политички да размислуваат. Строго ги почитуваат наредбите и хиерархиските структури. Ако добиете криминалец за шеф на УБК, криминализацијата веднаш се пренесува. Овие професионалци, што и да направат, ќе бидат кривично гонети за оддавање службена тајна. И тие се немоќни, видовте што им се случи на Ѓорѓи Лазаревски и на Звонко Костовски, кои за мене се херои. Се одважиле да обезбедат колку-толку докази, завршија во притвор. Пострашно е што парламентот молчеше, интелектуалците молчеа, дури имаше медиуми кои аплаудираа на сите акции на МВР иако однапред знаеја дека станува збор за незаконски акции. Имаше многу интелектуалци кои се придружија на овој поход за да остварат свои лични интереси, кои видовме колку биле платени како членови по разни тела. Сé што е дно на општеството наеднаш се крена и се придружи на тој поход. Тоа е она што му даде сила на оваа криминална организација, бидејќи без тоа, колку што јас ги познавам, немаат капацитет една пиљарница да водат, а камо ли држава.
 
[Image: 1909-bogoevski-1.jpg]
 
МОЌТА НА ПРЕМИЕРОТ Е НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ
 
– Како толку лесно се случија злоупотребите?
– Сé почнува од изворот на моќта. Изворот на моќта е, според нашиот поредок како што е поставен, што исто така ќе биде предмет на анализа на овие реформи, е премиерот. Кој било да ја освои власта во Македонија, на премиерот му припаѓа сé. Не само Владата, туку и парламентот, каде што само се стискаат копчиња и се загуби претставничката функција и надзорната функција над Владата. Премиерот го контролира и судството, и медиумите. И ние од еден систем што начелно сме го формирале како парламентарна демократија со строга поделба на властите, имаме дефект во тој систем. Потоа се внесуваат семејни луѓе, па луѓе со криминални досиеја, па луѓе од партијата што му се лојални на премиерот.
 
– Како понатаму? Дали ова што Прибе го предлага е доволно да избегнеме ваков развој во иднина?
– Тоа што го предлага Прибе е по мене само доволна основа или насоки во кој правец треба да се движат краткорочните, среднорочните и долгорочните реформи. Но Македонија има и вистински професионалци и вистински интелектуалци кои мора да бидат вклучени. Дали преку граѓанскиот сектор, дали преку универзитетите, дали преку органите на државната управа, мора да бидат вклучени луѓе кои имаат знаење и искуство да се изгради еден поредок кој никогаш Македонија повторно да не ѝ се случи нов „Груевски“. Заробената држава значи токму тоа. Има една излитена поговорка во криминалистиката која вели дека нема држава без своја мафија, но тешко на таа држава каде што мафијата ќе си добие своја држава. Нас ни се случи најцрната варијанта, кога мафијата си доби своја држава. Апсурдно е понатаму да разговараме за Устав и закон.
 
ГРУЕВСКИ БЕШЕ КУЛМИНАЦИЈА НА ПРОБЛЕМИТЕ ШТО ПОРАНО НАСТАНАА
 
– Дали ја гледате борбата за власт во Македонија како борба да се освојат центрите на моќ или ја гледате претходната власт како исклучок од целата ситуација?
– Во принцип морам да ви кажам дека полтичките партии, како организации што се борат на власт, за жал со текот на времето од 1990 година наваму по првите парламентарни избори кога се надевавме дека парламентарната демократија, станаа извор на многу проблеми. Затоа што уште од почетокот во нив одеа луѓе кои не се квалитетни. Тие полека полека се креваа. Партизацијата на институциите почна од таму. Не од доаѓањето на Груевски. Но неговото доаѓање стана едно крешчендо на тоа лудило. Партизацијата на институциите е веќе преблаг збор за да ја изрази суштината на злото на оваа банда. Сега да речеме за директор на клинички центар ви одлучува месниот комитет на ДПМНЕ-Мала станица. Каде што некоја чистачка, продавач на пазар, одлучува кој ќе биде директор. Или, еве уште попластично и пострашно. Судскиот совет кој е партизиран и криминализиран до крај, таму има членови, или имаше, кои се стручни соработници во основен суд. И замислете, кога се бира судија на врховен суд, стручниот соработник прави интервју за судија или претседател на Врховниот суд. Партизацијата стана синоним за криминализацијата на нашето општество. Партиите вообичаено, се надевам тоа ќе престане сега, власта ја гледаа како голем ќуп народни пари што треба да ги испокрадат и како институција на моќ да си ги вработат блиските, роднините, да заземат општествени позиции. И тоа мора да престане. Тоа почна од 1994-1995 година кога тогашната власт немаше опозиција и кулминираше од 2006 година наваму. Дури и епитетот „заробена држава“ е комплимент. Затоа што значи дека имаме држава, а е заробена. Јас тврдам дека ние немаме држава, ние глумиме дека сме држава и се движиме по некоја инерција која доведе до тоа сé што е младо, образовано, напредно и способно да ни избега од Македонија или да се подготвува да побегне. Затоа што ја одземавме перспективата. Кој е мотивот сега за млад човек да го терате да биде успешен ученик, успешен студент, кога тешко ќе најде понатаму вработување, зашто партиите ги земаат најнеквалитетните кадри, кои се плашат од напредни и способни луѓе. И тие веднаш ќе ги елиминираат. Затоа ние, губејќи го кадарот, загубивме сé. Не можеме да одиме напред со толпата. Можеме да одиме напред само со квалитетни млади кадри. Смислата на ова што го работиме е токму тоа. Да се обезбедат брани за никогаш ова да не се повтори во Македонија.
 
НИЕДНО ОПШТЕСТВО НЕ ГО УНАПРЕДИЛЕ ТОЛПИТЕ
 
– Дали очекувате тоа да се промени?
– Ова што се случи по парламентарните избори со сите перипетии е нов почеток, добар почеток за тоа како треба да се постават работите. Но прво ни треба се постави уставен поредок што ќе ги избалансира сите власти и ниту една власт нема да ја остави без контрола. Секоја власт треба да се плаши од другата. Во моментов немаме никаква контрола. Што ќе науми премиерот, како што правеше Груевски, тоа ќе се оствари во име на законот. Затоа се плашат луѓето и затоа ни побегнаа 650.000 луѓе од Македонија.
 
– Колку мислите дека ќе бидат лесни тие прoмени, знаејќи ја политичката култура во која многумина го прифаќаат ова однесување?
– Најтешко се менува свеста. Ние изградивме систем во кој дното на општеството треба да одлучува за оние што го водат општеството. Јас не сум некој елитист, но добро знам дека општествата што се движеле напред уште од антиката, не ги придвижувале толпите, туку мал број на умни и вредни луѓе. Ако тоа не овозможиме, да се цени квалитетот на образованието, знаењата и способностите, ние ништо не сме направиле, Ова ќе биде долг проес, кој треба да почне од образовниот систем, кој е срушен до темел. Никој не стреми кон знаење, туку кон тоа како да купи диплома. Станува бесмислено да одите на магистратура или на докторатура. Порано се почитуваше да се биде доктор, сега кога некој ќе ми каже дека докторирал, мене веднаш ми е сомнително. И тој ќе го заземе местото на некој што е 10 пати поквалитетен од него.


невсром