27-10-2013, 01:22 PM
Откако Саше Танга не успеа да стане N1 на платниот список на Милчин побара спонзор од таборот на Црвенковски и го доби-СЕМОС
Quote:Тупаницата на левиот популизам
Владимир Милчин (режисер)
Крстоносната војна на Саше Политико против елитата како главна препрека на патот на СДСМ кон победата добива на жестина. Во најновиот негов јуриш во улога на тупаница на левиот популизам, тој му наложи на СДСМ дека „мора да се дистанцира од елитата и Сорос НВО секторот ако сака да победи на избори“. Зашто, тврди тој, токму поради нив СДСМ и опозицијата дремат на политичкото дно со минорен рејтинг и без народ зад себе. И зашто гласачите немале доволно познавања и интелект за да ги разберат комплицираните предлози, тези и стојалишта на „левата либерална соросова елита“ со која наводно бил поистоветен СДСМ. Згора на тоа, СДСМ бил заложник на Сорос и новинарите финансирани од Сорос. Па така, заклучила тупаницата, која има проблем да го разликува Вацлав Хавел од Лех Валенса, СДСМ не смеел да мрдне надвор од трасата која му ја одредувале Милчин и ГЕМ, инаку ќе бил нападнат или пак ќе изостанела поддршката на десетици портали и медиуми кои биле платени од Сорос!
Дали тоа Саше се прејал отровни печурки, па халуцинира за десетици портали и медиуми платени од Фондацијата отворено општество-Македонија или се работи за минхаузеновска склоност за лажење без мерка? Или пак се работи само за одмаздољубивост и завист?
Ме прашуваат зошто сум му обраќал внимание на Саше Политико. Мојот одговор гласи: Зашто е курир, пренесува туѓи пораки. И не е првиот таков продукт на кујните во некогашната „Бихаќка“. Приказната е веќе скиселена. Најпрвин, јас и Геро сме го уривале Црвенковски, потоа, јас и Геро сме ги уривале Заев и Шеќеринска, за да стигне до тврдењето дека Сорос и НВО секторот се виновни за поразите на СДСМ зашто СДСМ работел по диктат на Милчин и ГЕМ. Утешение грешним! Десните популисти врескаат дека Сорос, медиумите и НВО секторот му служат на СДСМ, а сега тупаницата на левиот популизам се провикна дека СДСМ му служи на Сорос и НВО секторот! Како што тргнале, нема да ме зачуди ако наскоро се здружат против „левата либерална соросова елита“. Какво задоволство ќе ѝ приредат на политичката чаршија!
Да бидам искрен, да не беа неколкуте пресолени лаги во колумната на Саше, и јас ќе му се израдував на избликот на неговиот политички ум зашто ме потсети на пораката која осамна во сандачето на мојот ФБ профил: Ако сакате да му помогнете на СДСМ, престанете да му помагате!
СДСМ е политичка партија и мора да се бори за гласови за да може да дојде на власт. Членовите и раководството на СДСМ одлучуваат за тоа со каква програма и со кои средства ќе се борат за власт. Но Фондацијата отворено општество-Македонија е невладина организација и се бори за вредности. Тоа се вредностите на отвореното општество кое почива на плурализмот, односно надминувањето на едноумието во политиката и монополот врз вистината воопшто. Значи, Саше може да биде спокоен. Мисијата на Фондацијата не е да го помага СДСМ, туку да придонесе владеењето на правото, демократијата, поделбата на власта, човековите права и слободи, особено слободата на говорот, да станат трајни вредности врз кои ќе се темели македонското општество, без оглед на тоа која партија ќе биде на власт. Од тоа како (ќе) владее партијата која ја има власта ќе зависи и дистанцата меѓу Фондацијата и партијата.
Поедноставено кажано, нема потреба Саше да се мачи да разведува брак кој и не постои. Фондацијата не ги поддржува финансиски неколкуте портали (не десетици, како што лаже Саше!), неделникот „Фокус“ и дневниот лист „Слободен печат“ за да му помогне на СДСМ или за да може да го уценува, туку за да се намали апсолутната медиумска доминација на владеачката партија. Односно, да се обезбеди минимум плурализам во информирањето и јавната дебата и минимум простор за критичката размисла. И ќе продолжи да го прави тоа, без оглед дали тоа им се допаѓа, вклучително и на некои струи во СДСМ. Истото важи за јавните настани што ги организира Фондацијата отворено општество-Македонија или нејзините грантисти. Тие настани се отворени за сите заинтересирани граѓани, без оглед на партиската провиниенција. Никој, па ни функционери или членови на СДСМ и другите опозициски партии, не е присилен да учествува. Ние во Фондацијата веќе се навикнавме на бојкотот од страна на власта и нејзините медиуми, па ќе се навикнеме и на евентуалниот бојкот од страна на СДСМ, во случај партиското раководство да заклучи дека учеството на „настани спонзорирани од Сорос“, како што ги нарекува Саше, претставува препрека на патот до власта.
Би можел овде да го завршам мојов текст, но не сакам да ги премолчам разорните тези на тупаницата на левиот популизам чиј нишан го надминува налогот СДСМ да се дистанцира од Сорос. Неговата шема за односот кон народот не е нова. Таа е само варијација на поговорката „Прост народ, силна држава“. Шемата е манипулативна и таа е веќе со успех разработена и применета од десните популисти кај нас.
Борбата за власт Саше ја замислува како борба на два популизма. Мала е Македонија за два популизма, Саше! Македонија ќе се дотроши, ќе потоне под тежината на демагогијата, лажните ветувања и заборчувањата! Македонија не може да си дозволи својата иднина да им ја препушти само на политичарите. Македонија не може да си дозволи да ги замолчи интелектуалците зашто ги нема во изобилство. Универзитетската диплома не е критериумот што го определува интелектуалецот. Само јавно искажаната загриженост за состојбите во општеството е она што учениот го квалификува во интелектуалец, зналец подготвен да го преземе ризикот на немолчењето за прашања од јавен интерес. А токму тоа сака да им го одземе тупаницата на левиот популизам, сака да ги замолчи интелектуалците така што ќе ги затвори во нивните професии.
Не го пишувам ова зашто мислам дека сите наши интелектуалци се безгрешни, неустрашиви и непоткупливи и дека треба да бидат свети крави, но мислам дека замолчувањето на малубројните кои не молчат само ќе го расчисти теренот за владеење на волунтаризмот и игнорантството. Дури тогаш лажните пророци ќе се накотат како плевел.
Општо место во сите дефиниции на популизмот е омразата кон елитите. Таа омраза ја шират токму оние кои агресивно се туркаат да бидат новата елита. Историјата нè учи дека таа нова елита ќе биде поелитистичка од онаа намразената. Тупаницата на левиот популизам не ги сака посетителите на скопскиот џез фестивал. Љубовта за џезот му смрди на елитизам. И на Хитлер и Сталин џезот им смрдел на декаденција, валкана црнечка музика протежирана од Евреите. Посетителите на скопскиот џез фестивал, познавачите на виното, тие што користат „комплицирани“ зборови, цитираат филозофи и писатели, инсистираат на стандарди и бои, редовно присуствуваат на приемите на „америчкиот“ и ЕУ амбасадорот и тие што барем еднаш се појавиле на трибина спонзорирана од Сорос, ете тие се аналитичарите или новинарите од кои СДСМ треба да бега, грми Саше.
Колумната на Саше се тетерави помеѓу додворувањето и плукањето, малку по неукиот народ, повеќе по непослушната интелигенција, но на крајот сепак завршува со повикот некој од опозицијата да ги тргне елитата и интелигенцијата или да ги принуди да си одат од челните први позиции за напад.
Ништо полесно од тоа. А што е следниот чекор според тупаницата на левиот популизам? Цитирам: „Ние живееме во алармантни ненормални времиња и прво што треба да направиме е да ги тргнеме Грујо, Гоца, кум Ставре и бате Саше од челните позиции на државата. Притоа треба да користиме сè што ни е на располагање освен сила. Е дури потоа ќе збориме за принципи и идеологии“. А што е тоа „сè што ни е на располагање освен сила“, за тоа тупаницата не кажа ни збор. Елитата, интелектуалците и аналитичарите ги набрка, од силата се откажа, принципите и идеологиите ги одложи за „по победата“, народот го прогласи за неук и неписмен, пари нема на повидок, но победата е на дофат!
Излив на недокваканост и конфузија. Не е мое да ја проценувам штетата од него.
PLUSINFO