21-03-2013, 11:08 PM
Quote:Груевизмот и дегруевизацијата
Нано Ружин
Локалните избори, независно од резултатите, означуваат почеток на падот на груевизмот и подготовка за дегруевизација на Македонија. Суштината на ненасилната битка е да се воспостави едно демократско и слободно општество
Се' додека не го победам „груевизмот“ нема да заминам од политиката, му порача лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски на својот политички опонент Никола Груевски од говорницата на неделниот митинг на опозицијата во Скопје. Но дали е доволно само да се победи груевизмот или е неопходно да дојде и до поголема дегруевизација и деконтаминација на реликвиите што таквиот режим ги остави во државата? Корупција, задолжувања, медиумски мрак, закани, страв, исфрлени пратеници, тендерски меѓуетнички односи, заробена демократија, кичологија и надримитологија, манипулација и демагогија. Овие ментални и физички остатоци во македонскиот инбокс не се едноставни за елиминирање.
Процесот на преродба на „преродбата“ ќе биде мачен, долг и скап. На некои поранешни источноевропски режими како Полска, Романија, Чехословачка им беа потребни десетина години за да се ослободат од стегата на тоталитаризмот. На други држави, како латиноамериканските режими, им беа потребни многу помалку години, но епилогот беше сличен. И во двата случаи остатоците беа катастрофални и со руинирани социјални економски и политички релјефи. Требаше да се тргне од минус нула. Најтежок беше почетокот на уривањето на диктатурата.
Според мислењето на аргентинскиот нобеловец и пацифист Адолф Перез Ескивел, најзначаен елемент во во тој процес е иницирањето на отпорот. Тој вели: „Почетокот на отпорот е и почеток на победата“. Отпорот ќе продолжи и по локалните избори се' до целосната катарза на македонското општество, истакнуваат во „Сојузот за иднината“. На самиот почеток најзначајно беше да се постави јавната дијагноза на седумгодишното владеење на ДПМНЕ и да се разгори граѓанската енергија против опресијата, наметнувањата, насилствата, победата на стравот. Луѓето се плашеа и дури одбиваа да зборуваат и со пријателите за вообразеноста на власта. Не е за телефон, веројатно не' слушаат - е најчестиот изговор на нашите сограѓани кога ќе почнат да се жалат на неправдите.
Стравот беше присутен насекаде и меѓу секого кој ќе се обидеше да ја критикува власта на Груевски, а уште повеќе кон идејата за јавниот отпор. Повремено неколку индивидуи и мали групи се охрабруваа да преземат симболични гестови, но тие беа недоволно силни и сосекувани во старт. Тоа ја омлитави и опозицијата. Беше крајно време да се надмине инертноста, апстиненцијата, индиферентноста со која, на пример, се проследи тепањето на студентите на плоштадот, затворањето на телевизијата А1, исконструираните процеси против Велија Рамковски и Љубе Бошкоски, уривањето на објектот на Фијат Цаноски, убиството на Мартин Нешкоски, другите измислени и потурени судски процеси, притисоци и криминал. Слоганот „Никогаш повеќе молк!“ го разбраа и најмолчеливите. Потребно е да се подигне гласот наместо беспомошно да се креваат рацете. Потребно е силно да се стисне тупаница за да се помогне и поддржи заплашениот и замолчениот народ. Никогаш повеќе коленичење и потчинетост. Дали сега би се осудиле да направат такви злодела? Опозицијата и слободоумните граѓани веќе се истренираа и во превенцијата на малтретирањето. Дојде време за акцијата и дејствување. Созреа моментот за длабока трансформација на реалноста каква што ни ја спакува екипата на Груевски.
Патот треба да води од надминувањето на корумпираното и презадолжено стопанство кон развојно стопанство, од надминувањето на социјалната беда кон достоинствениот живот и благосостојба. Од надминување на културата на насилство кон културата на дијалог, измирување и заедништво. И во оваа изборна кампања, слично како и во претходните, вообразено ги промовираа „делата“ за кои во изминатите седум години потрошија 20 милијарди евра. Ја отпочнаа скапата и негативна кампања со добар дел корумпирани кандидати за градоначалници кои прераснаа во балкански мегабогаташи. Свикнати на лагоден живот, богатење и криминал, нивните фаворизирани градоначалници веќе ги сонуваат народните пари во сопствениот џеб. Ги тријат задоволно дланките за зделките кои ќе им обезбедат пари за четири генерации.
Но, и таквиот режим има ограничен век на траење и еден ден пука. Секој организам, личност, институција поседува сопствена Ахилова петица. Според митот за Ахил, овој антички јунак не можела да го прободе ниту стрела ниту меч. Уште на бебешка возраст, неговата мајка го избањала во магичната река Стикс. Токму затоа бил заштитен од сите опасности освен на едно место. А тоа било местото на петиците за кои го држела додека го нуркала во водите на Стикс. Бил непобедлив воин. Сепак во битката за Троја, еден војник ја дознал тајната на Ахил и со стрела ја погодил неговата петица. Овој истрел бил фатален. Затоа и денес изразот Ахилова петица се употребува како метафора за слабите точки на некоја личност или институција. Иако диктатурите често се прикажуваат како монолитни и силни, поткрепени со полицијата и разузнавачките служби, судовите, затворите, медиумите, инспекциите, потчинетите деловни луѓе и уценетите интелектуалци, сепак секој авторитарен режим поседува и слабости. Според американскиот професор од Харвард, Џин Шарп, постојат близу дваесетина слабости меѓу кои би ги споменале: спласнување на слободната соработка меѓу групите и институциите, финансиско слабеење поради корупцијата, големите трошоци во непроизводните дејности и пропагандата, нереално разубавување на вистината поради страв од врхушката, поплава од лажни анкети, строго контролирани телевизиски анализи за додворување кон власта, но и да се перат мозоците на народот, постепено руинирање на идеологијата, митовите и симболите на власта... Нема сомнение дека режимот не се урива самиот од себе и дека е неопходна акција. Во повеќепартиските системи потребно е со ненасилни средства да се нападне по сите шавови и слаби точки. Протести, штрајкови, бојкот се само дел од ненасилните методи. Со оглед дека природата на диктатурата е политичка, разбирливо е дека акциите се политички.
За луѓето на нашата генерација родени по Втората светска војна во есента 1989 година се случи двојниот реванш на историјата. Во Централна и Источна Европа триумфираше слободата над комунизмот, демократијата над деспотизмот. Во поранешна Југославија беа создадени нови независни држави меѓу кои и Македонија. За младите интернет генерации неприфатлив е секој вид груевизам и орбанизам. Тоа се генерации воспитувани во демократски и критички дух со слободни медиуми и размислувања и со антинасилнички манири. Во кафулињата и дискотеките наидуваат на раскалашните млади сили на ДПМНЕ, насилници и тепачи на власта. Тоа го констатираат и неутралните и аполитичните млади генерации. Гневот и незадоволството расте, особено кон врхушката на ДПМНЕ. Овој народ е мирен и сиромашен, но лут и со завист ги гледа теревенките на власта. Веројатно дел од сиромаштијата ќе биде поткупена, замолчена и изманипулирана. Но, тој народ се освестува од портокаловиот сон. Затоа локалните избори кои се еден вид референдум и се одржуваат во крајно нелегални и нерамноправни услови, независно од резултатите, означуваат почеток на падот на груевизмот и подготовка за дегруевизација на Македонија. Суштината на ненасилната битка не е само да се собори власта на Груевски, туку да се воспостави едно демократско, слободно и праведно општество.
(Авторот е универзитетски професор и член на ЛДП)
UTRINSKI VENSNIK