27-12-2012, 05:42 PM
Quote:
Отворено писмо од Кирил Божиновски
Со овој апел би сакал да се осврнам на актуелните случувања во кои македонскиот Гадафи, Бранко Црвенковски, и неговиот тесен круг на лојалисти, кои до вчера му зборуваа зад грб, а деновиве очигледно некои фиоки ги направија послушни, направија чекори со кои се обидоа да ја суспендираат демократијата и преку уцени, закани, насилство и повици за непочитување на правниот поредок сакаат да предизвикаат нереди, и насилно, без почитување на волјата на мнозинството граѓани изразена на избори, сакаат да дојдат на власт.
Како Генерален Секретар на ВМРО-ДПМНЕ, но пред се како човек кој верува во принципи и во вредносен систем во политиката апелирам до македонската јавност да не потпаѓа под провокациите на оваа група на луѓе.
Нивните мерки за рушење на системот, блокирање на улиците не се во насока да го попречат функционирањето на институциите, туку функционирањето на граѓаните, и се директна провокација кон граѓаните, од кои се очекува да наседнат и да влезат во конфликт со групите кои протестираат. Ние тоа не смееме да го дозволиме. Ние мора да останеме со ладни глави, и да не дозволиме да бидеме вовлечени во сценариото на Црвенковски за создавање на хаос во државата, кој дури според него нема да биде чудно ако однесе и човечки жртви.
Потсетувајќи се на фаталните извици на Црвенковски дека се поздравиле со Ана, Јани, Андреј и си рекле дека може и да не се видат, а ако се видат ќе се видат како победници, (епилог: се видоа наредниот ден, и си отидоа со наведнати глави), или пак дека ќе се бори додека дише (замислете колку фатално!?), или пак дека ќе седат цела ноќ пред Собранието да им дадат поддршка на нивните пратеници, а си заминаа после половина час, се сегменти кои доволно ни покажуваат за каква личност станува збор. Човек кој е подготвен да каже се, а после да порекне се. Кој со секој повлечен потег се повеќе се заглавува себе си, но поважно се повеќе ја заглавува државата.
Институциите на системот мора да функционираат, а проблемите мора да се решаваат со дијалог во институциите. Ова што го прави Црвенковски се знае на кого одговара. И ако некој се сомневаше досега, сега веќе е јасно што е позадината на ова негово деструктивно однесување.
Но, ние сме ВМРО. И ние нема да дозволиме забегани поединци да уништуваат нешто што со генерации е создавано.
Потребно е во вакви моменти, кога неразумните сакаат да се наметнат како фактор и кога за нив инцидентите се единствена мерка на дејствување, сите заеднички да одговориме со разумност, смиреност и пред се одговорност.
Ги повикувам, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и членовите на СДСМ, и сите оние непартиски личности, кои со индигнација и гнев гледаат на ова што се случува, до сите граѓани, да не наседнат на овие провокации и повици за инциденти. Целта на Бранко Црвенковски и неговите најблиски соработници е да придобијат што повеќе луѓе и заедно да не втурнат во состојба на инциденти и нереди. Секој од нас треба да се запраша дали вреди да се дава легитимитет и макар минимална поддршка на човек како Црвенковски, кој реши да постави свои закони и да не ги почитува постојните, кој со превземање на Собранието сакаше да дојде на власт, кој газеше припадници на безбедносни сили за да се пресмета со народот, и чии лојалисти тепаат пензионери само затоа што поставуваат прашања. Изборот е едноставен или Македонија ќе оди назад или ќе продолжи да чекори по патот на реформите, промените и напорите за создавање и градење на подобра иднина. Граѓаните веќе 6 пати по ред на легални и легитимни избори признаени од сите политички субјекти го избраа патот на напредокот. Така ќе биде и овој пат.
Република Македонија има свои институции, свој Устав и закони, постоечки правен поредок врз кој се оснива демократијата и волјата на народот. Секој кој ќе се одлучи да оди против овие вредности, тргнува против сопствените граѓани и треба да знае дека ќе се соочи со цврст, силен и решителен одговор.
Демократијата и функционирањето на правната држава не се работи околу кој размислуваме да се пазариме и ценкаме. Ние имаме обврска на тоа. Македонија не е Бранко Црвенковски, Македонија се два милиони граѓани. Македонија не е Либија каква што посакува македонскиот Гадафи – Црвенковски, туку европска држава, со ред и поредок. Македонија е демократска држава. Граѓаните се тие кои ќе покажат и овој пат разумност и смиреност. Јас искрено верувам во тоа.
На крај, Република Македонија во овие дваесетина години поминала многу, и транзиција и болна приватизација, и блокади, уцени и закани, јас цврсто верувам дека нашата држава и овој пат одлучно и разумно ќе го надмине и политичкиот крај на човекот кој сите овие години ја влече државата назад. Сите овие чекори се финалниот обид за преживување на политичката кариера на Црвенковски. Македонија ќе го преживее и тоа, и на крај граѓаните и нивната волја ќе победи. Јас сум убеден во тоа. И од сето ова ќе излезе уште посилна, но најважно од се и поединствена!
Кирил Божиновски
Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ