Котле - форум без граници, без цензура - плурализам на мислења и идеи!

Full Version: СИНИЛИЧКА ТРПКОВА ВС ВРАНКО ЃОРЧЕВ
You're currently viewing a stripped down version of our content. View the full version with proper formatting.



Quote:Отворено писмо до Бранко Ѓорчев

[Image: ciao-comodore.jpg]

Драг Бранко,


Во приказната на Јордан Плевнеш извајана во сонот на Владо Цветановски, „Среќата – нова идеја во Европа“, ти беше мојот сопруг. Скриени под чаршафот, во една од сцените на секоја претстава, заедно, со шепот, ги делевме тајните на нашите актерски срца. Ти и јас бевме таткото и мајката на Европа во таа претстава. Имавме голема одговорност пред публиката за претстава која во себе носеше огромна цивилизациска тежина видена преку нашиот македонски творечки дух. Ја одигравме заедно и на сцената во Париз во „Ромен Ролан“. Тоа беше времето кога твоите безмилосни непријатели беа на власт и кои немаа пари да го исплатат ниту мојот крваво заработен хонорар на време. Тешко се справувавме со монолозите од кои бликаа симболи што ние како актери моравме реално и вистинито да им ги кажеме на публиката. Целиот процес на работа, таа 1997, сè уште го паметам, како вчера да беше. Бев гневна на себе оти не можев сè да проголтам од таа богата театарска трпеза, но на крајот бидна фантастична премиера.Тогаш конечно го разбрав и на своја кожа тоа што мојот професор Љубиша Георгиевски ни го кажуваше – дека нашата одговорност е иста како онаа на пилотот и лекарот! Дека театарот бара жртви, многу поголеми од кој било партиски систем, но и дека театaрот може да го менува системот (човекот). Тогаш бев и негов асистент на Факултетот за драмски уметности. Негови цитати и методи користам и денес, понекогаш и заборавам да кажам дека се негови – зашто се како мои, како дел од мене. Тој ми го остави аманетот за актерската одговорност. Неговите часови беа часови на Театарот-сон и мојата кариера ја почнав токму во неговата претстава „Ју-антитеза“.

Твојот татко, ненадминат актер, Ацо Ѓорчев, и Љубиша Георгиевски беа пријатели на мојата мајка, Цветанка Трпкова. Ги почитуваше и обожуваше само на нејзе својствен начин. Сите тројца како уметници од иста бранша со различни специјалности сигурно биле често неразбрани, неприфатени и понижувани. Не само поради нивната партиска (не)определеност, туку пред сè поради нивната оригиналност, интелект, талент и лудост. Тие беа силни индивидуалци кои оставија печат врз сите нас. Тоа е цената што секој вистински уметник ја плаќал, ја плаќа и ќе ја плаќа. Не за своето семејство, туку за својот народ. За разлика од тебе, никогаш не сум била член на која било партија и од ниедна партија не сум барала да ме заштити. Ниедна партија ниту знаела, ниту можела да ги исполни моите уметнички соништа. Ниедна партија не можела да ги артикулира моите уметнички ставови. Но, исто така, до сега ниедна партија не можела да ја купи мојата мисла, да го освои моето срце или да го штити моето семјество. Никогаш не било до нив, туку до мене! До нас! Сите мои внатрешни превирања и немилости во кои сум била фрлана од сите досегашни партии – сум ги артикулирала самата - на сцена, или во „Студентски збор“, тогаш, или на ТВ или во други печатен медиуми. Отворено, јасно и гласно!Уметникот треба да има став. Уметникот-интелектуалец е должен да го каже тој став. Твојата уметничка сила и моќ и твојот талент се многу повисоки и подуховни од кои било партиски интереси. Би било многу чесно и машки од твоја страна кога јасно и гласно ќе го артикулираш тој став. Онака како што му доликува на еден актер како тебе, достоинствено и без навреда и омраза, па дури и да се работи за твојата длабока верба во партијата и нејзините идеали. А ти, како актер, доколку имаш таков идеал - треба да го придобиеш народот кон себе. Твојот глас не само што во моментов фрли сенка врз твоето семејство, туку фрли сенка на срам и сомнеж врз целиот народ. Не знам колку твојот татко би се гордеел со тебе, кога би бил жив? Не знам ни дали таткото на Мери се гордее со неа? Но знам сигурно дека постапката на Мери ни во сон нема да ја помати големината и светлината на делото на нејзиниот татко, кој во секој политички систем имаше можност да го артикулира својот став, пред сè како режисер и интелектуалец, а потем и како политичар! Дали тоа некого загрозувало или не, дали тоа некому се допаѓало или не – тоа е друго. Љубиша Георгиевски го кажа својот став. Мери Георгиевска застана цврсто зад својот став – пример кајшто крвта не бива вода! Дали ТИ можеш да го кажеш својот став? Храброста да се говори од свое име е ненадмината, па макар и се косела со сите останати ставови! Сакам да знам, јас како твој колега од комшиските клупи на ФДУ, каков е тој став, што ти го имаш?! Кои се твоите критериуми, како директор на Драмскиот театар, за тоа како се станува актер во таа куќа?! Како се добива режија и како се бира драмски текст?! Сакам да знам врз каква основа се поставени тие критериуми? Семејни? Партиски? Или високо уметнички? Сакам да го знам сето тоа за да можеме заедно да седнеме и да изградиме ЗАЕДНИЧКА УМЕТНИЧКА СТРАТЕГИЈА за иднината на младите уметници и за иднинината на Македонија, оти нели, уметниците се авангардата во општеството! За утре никој од нас повеќе да не ја изрече таа срамна реченица што си ја постирал кај Мери на ФБ, која те извалка тебе и твојата партија – а ја воздигна таа на која и’ беше упатена: „...не заборавај зошто те вработија...сигурно не е затоа што си најпаметна , најубава и најталентирана“.

Јас не познавам јазик на цинизам, јазик на уцена, јазик на дискриминирање, јазик на лага и јазик на омраза! Ако ми одговориш на овие „непознати јазици“ јас нема да те разберам. Но познавајќи те барем малку, не си ни ти толку добар актер, за да можеш овие јазици да ги престориш во свои – преку ноќ.
Уметникот не би смеел да се интересира за политика, сè додека политиката не почне да се „интересира“ за него! Сегашнава политика го купи животот на уметникот, ја испогани неговата душа, ја наполни неговата уста со кал, ја лоботомизира неговата волја, му даде отровен материјал за да сее отров меѓу народот. Сега е време за „Мизантроп“, сега е време за „Ричард трети“! Играв и во двете претстави кои во времето на „комуњарите“, твоите крвни непријатели, беа поставени (првата од Владе Милчин, втората од Рахим Бурхан). Темата и тогаш беше популарна и длабоко го засегаше тогашниот систем - но не и забранета!
Ова време е време на темнина на уметноста! И театарот и филмот лежат закопани под бетонската градина на плоштадот на Скопје. Индивидулаците крвнички и безмилосно јавно се черечат на парчиња, додека најстрашните од сите аргументи – аргументите на мислењето на мнозинството се нивните гробари.

Уметникот не треба да користи партиски пароли, уметникот не повикува на омраза! Должноста на уметникот е да ја повлече врз свои плеќи сета историја на еден народ – кон иднината, онака како што во најубавата сцена во нашата заедничка претстава ти симболично го влечеше товарот на страшната европска историја, говорејќи монолог од кој коските се смрзнуваа. Јас го познавам, сакам и почитувам тој Бранко!

Смрт за политиката – слобода за уметноста!

ПС. Земја во која актерите се слуги на владејачките структури – нема иднина. Сè додека нивниот актерски глас се одбива од ѕидините на оваа земја и не излегува надвор од неа – Македонија нема да постои. Сè додека тие си постилаат црвени черги по маалските кина и театри по кои победоносно чекорат, Македонија ја чека маалска судбина! Сè додека се тие слепи пред кичот, сиромаштијата, примитивизмот, варварството и духовната беда во сопствената земја – Македонија нема да види бел ден. Сите вие, „колеги“, ја знаете приказната за Кралот лав. Во моментов се наоѓаме на средина од дејствието кога вие, во улога на хиените, го растргнувате полуживиот преостанат плен. Крајот и малите деца го знаат!

Синоличка Трпкова
Во Скопје, 23.12.12.



Уверен сум дека одговор ке нема. Инаку поводот за оваа отворено писмо на синиличка мислам дека е во заканата која Б. Ѓорчев ја упати кон Мери Георгиевска.
Еве ја заканата:

Quote:Meri, go koristam fb na soprugata, bidejki nemam svoj. Ne si ni svesna so kogo si vlegla na oro, no jas ke ti gi demaskiram igracite koi ti se na levata i na desnata strana od oroto. Toa se istite tie sto cel zivot tatko ti go tepaa po glava i so koi toj do den denes bie bitka. Toa se istite lugje koi Pero Temelkovski i mene ne ponizuvaa do kraj dodeka bea na vlast. Ne zaboravaj kako, zosto i od kogo si vrabotena. Sigurno toa ne e zatoa sto si najpametna, najubava i najtalentirana. Ne mi vrakjaj nisto nazad, ne sakam da kontaktiram, samo da te potsetam: Lugjeto sto se predavnici na svoeto semejstvo, se predavnici i sami na sebe...Branko Gjorcev!!!
Quote:Интервју - Се плашам кога Македонец крева рака на Македонец

[Image: 5FEA4268CF3F3243949847B7DC056136.jpg]

„Дали е време вистинските уметници да се ослободат од тешките стеги на среброљубието“, вели Мери Георгиевска, костимографката

Сунчица Уневска


Мери Георгиевска, која работи како костимографка во МНТ, предизвика многубројни реакции на социјалните мрежи поради својата „смелост“ да објави јавно дека не се согласува и нема да учествува на протестите на уметниците за донесување на буџетот. По нејзината изјава се појавија неколку многу остри реакции, навреди и етикетирања од страна на нејзини колеги, но и реакции кои застанаа во нејзина одбрана.



Мери, Вашата реакција и осуда по повод протестите на уметниците очигледно ја погоди суштината. Беа ли изненадување за Вас реакциите на Вашите колеги од театарот или можеби очекувавте жестоки напади, со оглед на одбраната на сопствената позиција?

Не очекував ништо повеќе и ништо помалку откако го искористив моето најлегитимно право да го објавам преку социјалната мрежа Фејсбук она што веќе на сите им стана познато. Со брзина на светлината бев нападната само од тројца мои колеги, од кои двајцата се огласија преку сопствените Фејсбук-профили, а едниот користејќи го профилот од сопругата. Изненадувањето беше големо. Тие го изманипулираа мојот став мислејќи дека обезбедуваат сопствен политички „триумф“ во општеството. Мојот став ниту по содржина ниту по порака не беше упатен кон нив. Јас застанав во заштита на уметноста, која не би смеела да стане залог на фолклорна уцена и употреба на истата како залог за манипулација и пропаганда од страна на малкумината.



Изјавивте дека верувате во уметноста, но изгледа дека не ја разбираат уметноста сите еднакво. Дали Ве погодува тоа, дали Ве разочарува ваквата поделба на уметници и уметници?

Поделбата на уметниците не е ништо ново ниту во Македонија ниту на Балканот, а и светот ако сакате. Во историјата има изобилство од примери за тоа како општествените односи влијаеле и влијаат врз уметноста. Со традиција во историјата, и црквата и државата како и богатите патрони ја финансирале уметноста се' со цел да се зголеми нивната моќ и престиж. За жал, денес на глобално ниво се' повеќе и повеќе ескалира фактот дека пазарните сили се тие кои го одредуваат успехот или неуспехот на истата.

Се прашувам дали Микеланџело кога ја сликал Сикстинската капела бил ослободен во процесот кон сопственото творештво од страна на политиката? Се прашувам дали Нелсон Рокефелер кога во однос на модерниот абстрактен експресионизам се изрази со зборовите „free enterprice painting“ дали не ни понуди политичка дефиниција на уметноста? Секое големо уметничко дело, ќе се сложите, претставува субјективен коментар и набљудување на состојбата на светот.

Во овој случај, во кој бев директно нападната со тешка артилерија од страна на артисти чиешто егзистирање одамна не памети уметност во вистинската смисла на зборот, останувам згрозена и вџашена од нивните непријателски резерви испукани кон мене, мојот ценет татко - Љубиша Георгиевски и кон целото мое семејство.



Можеби најразочарувачко во сето ова е што фелата се подели, што наеднаш се вадат толку валкани работи, што едни за други уметниците упатуваат лични навреди и зборуваат кој колку е способен. Ве поколеба ли малку целата оваа ситуација?

Ниту еднаш не се поколебав за она што јавно го кажав, се' уште стојам зад истите зборови. Не мислам дека фелата се подели. Таа беше поделена, само што не се зборуваше јавно за тоа. Сега се поставија јасно и гласно прашањата од типот: Дали е време вистинските уметници да се ослободат од тешките стеги на среброљубието? Дали мистичноста и духовноста на уметниците треба да се постави над земните и светски грижи, после се'? Дали вистината кај уметниците ќе стане универзална, дали ќе се обедини и дали ќе стане посилна од корумпираноста на истата ?



Кое е според Вас местото на уметноста денес во нашата земја, колку сето ова плаши, ако зборуваме за вистинските вредности?

Македонија изобилува како ретко која земја со неизмерно голем број талентирани уметници, на кои треба да им се даде подеднакво право да творат. Нема да дозволам да си поверувам ниту на секунда дека моите јавно декларирани непријатели чија бројка е само тројца, и уште неколкумина зад нив, ќе ме поколебаат мене и мнозинството кое отворено го изрази своето гадење од нивната безпричинска последичност во вид на коментари од најнизок, најподол и најнеинтелигентен вид.



Која е задачата на уметникот, токму во вакви времиња?

Уметникот има и нема задача.Тој не смее да си дозволи да стане заробен од психата на потрошувачката култура. Уметникот отсекогаш ја содржи во себе политиката, но не треба да ја исцрпува!! Тој треба да твори секогаш и во секакви услови. Како што ќе рече големиот француски постмодернист и постструктуралист, Жан Бодријар:„уметникот, односно уметноста треба да доживее целосно ослободување“.



Штрајкот на уметниците ескалира и со здружување во Фронтот за Македонија. Какво е Вашето мислење за тоа и дали по реакциите и заканите за Вас како „предавник“ и за Вашето работно место, се плашите дека тие навистина може и да се остварат?

Со мојот јавно искажан став сакав да порачам, да предложам една друга тактика со која само мислев да ја обесхрабрам уличната демократија, за која веќе се виде што може да донесе. Мојот став се состоеше во тоа што уметникот треба достоинствено да истрае во своето творештво со малите, а ако треба и со никакви материјални средства. Тоа е достоинството на еден уметник. Денес кога го пишувам ова ме плаши уличниот немир, мракот на периферијата, насилието, толпата во која по правило страдаат невините, се плашам кога Македонец крева рака на Македонец, ме плаши лагата на глобализацијата, ме плашат националистички и верски насилници, ме плаши зачестениот звук на брзата помош по скопските улици, .....заради нашата Македонија и нејзиното постоење !!

Не ми паѓа на памет да помислам дека мојата иднина е загрозена од мојот став јавно произнесен на Фејсбук, зад кој како што реков се' уште стојам !! Штрајкот е доброволен чин. Мислам дека господинот Бранко Ѓорчев сакајќи да ми ги извади очите ми наслика веѓи. Му благодарам!!



Рековте дека сте член на ВМРО, но и дека сте личност која има свој интегритет. По сите овие реакции мислите ли дека денеска е можно да се има интегритет и дали според Вас е можно да се вратиме на вистинската уметност, на онаа за која велите дека може да мириса убаво и кога произлегува од најголема „дупка“?

Да, јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното формирање. Вработена сум во МНТ само од пред две години. Моето долгогодишно професионално искуство го добив како фри ленсер. Во мојата кариера имам потпишано над сто професионални театарски проекти, изработено над 60 интервјуа за моето списание кое е сега во мирување. По професија сум академски графичар, а во моментов сум на докторски студии на ФДУ. Имам и две магистратури, една по дизајнерски науки, една по уметност на менаџмент и продукција. Повторно му благодарам на господинот Бранко Ѓорчев што ме потсети како сум вработена и колку долго. Замислете, еве веќе цели 2 години !



На крајот, верувате во демократско општество, но по сето ова што се случува, сметате ли дека постои тоа кај нас или, сепак, тоа зависи од нашиот однос кон него?

Денес, кога зачекоривме на прагот каде што поимот „дуалитет“ се брише како таков од страна на Универзумот, на прагот кон самосвеста и колективната свест, на прагот на ерата на Водолијата чие што мото е „Водете љубов, не војна“ верувам во Господ и во демократско општество. Верувам во семејството и во мојата татковина Македонија !!

Најпосле сите ние сме „политички суштества“, како што рекол Аристотел.

А што се однесува до нашата одговорност, мислам дека уметноста секојдневно не' потсетува сите нас уметниците дека ние сме тие кои треба да ја разбудиме истата во нас!! Па, да ја разбудиме, зошто да не?

Ние сме тие кои сме одговорни дали ќе и направиме на истата еутаназија под рефлексот на индиферентноста, па ќе треба после супер херојот- Феликс Бомгартнер да го молиме да скокне во бездната за да не' спаси.