Котле - форум без граници, без цензура - плурализам на мислења и идеи!

Full Version: ГЕЛЕВСКИ-СТАВРЕВСКИ
You're currently viewing a stripped down version of our content. View the full version with proper formatting.


Quote:Патот на ѓаволовиот адвокат


[Image: Patot-na-gavoloviot-advokat_1.jpg]
Став
Никола Гелевски
Груевизмот не е дело на еден човек. Многумина неранимајковци неразделно се вградија себеси во еден од најголемите здружени злосторнички потфати што оваа земја ги видела во поновата историја. Затоа грешиме кога целокупната критичка енергија ја сосредоточуваме кон демијургот-пастир. Точно е дека од главата на врховниот груевист, како од морска пена, е родено движењето кое го сардиса општествово, и точно е дека во средиштето на огромната пајажина (во што е претворена Македонија) чучи најзлокобниот пајак-матица. Но, многубројни се опслужувачите, помагачите и извршителите на злосторничкиот потфат. Мој впечаток е дека второрангиран во организацијата, веднаш зад пајакот-матица, е Зоран Ставрески, кој и формално е десна рака на пастирот и чувар на најсветиот груевистички предмет - трезорот.

Граѓаните на оваа речиси безнадежно девастирана земја ќе го памтат Ставрески како министер за финансии кој ни цела година по започнувањето на светската финансиска криза не забележа дека постои такво нешто. Ќе го памтат и по неверојатното трошење на стотици милиони евра народни пари за естетско-пропагандните бесови и лудила на неприкосновениот создавач, водач и сопственик на организацијата, т.е. државата, т.е. општеството (зашто, во груевизмот, сето тоа е исто). Ставрески ќе го памтиме како најодговорен за воспоставување на новата економска филозофија која Гошев прецизно ја нарече: „парите нивни, а долговите наши“. Јас лично Ставрески ќе го памтам по тоа дека јавно ме нарече предавник и рушител, а после тоа, откако го тужевме, кукавички две години одбиваше да се појави во сопствениот груевистички суд. (Толкав бил зортот, толкав бил срамот, или толкава била ароганцијата на злокобниот пастиров помошник?; што не ги почитува дури ни судовите на сопствената партија?!; за тоа време, се разбира, додека Ставрески потпишуваше сè нови заеми, партиските судови уредно штанцаа пресуди за клевета и навреда против ваквите негруевистички изроди како мене.)

Има еден виц од пред година-две, кој совршено ја доловува улогата на таканаречените „втори виолини“ во злосторничката мрежа: Во пеколот имало големо мочуриште за лажговци. Колку некој повеќе лажел во животот, толку повеќе пропаѓал во калта. Еднаш Михајло Маневски и Александар Бичиклиски, кои во калта биле до грлата, завидно го гледале Никола Груевски којшто, иако нискичок, во калта стоел само до стомакот. „Па, ти си најголемиот лажго кој постоел на светот! Како тоа не си пропаднал подлабоко?!“, најпосле го прашале некогаш верните слуги својот некогашен шеф. „Јас стојам врз рамењата на Зоран Ставрески!“, им рекол Груевски.

Зоран Ставрески мене ме потсеќа на оној ужасен лик (брилијантна улога на Шон Пен) на адвокатот на Ал Пачино во филмот „Патот на Карлито“ (Брајан де Палма, 1993). Тој лик исто така е прототип за „угледниот човек на системот“ кој зад фасадата е гнил бетер и од озлогласениот водач на бандата.

[Image: dejvid(3).jpg]

Во еден момент, кога конечно сфаќа со кого си има работа, гангстерот Карлито (Ал Пачино) му вели на Дејвид Клеинфелд (Шон Пен): Dave, you not a lawyer no more, you a gangster now. On the other side. A whole new ball game. You can't learn about it in school, and you can't have a late start.

Низ незаборавниот лик на корумпираниот, неизживеан и зол адвокат се дава и прототипот на новите празноглави јапиевци ѓоамити експерти. Актуелниот министер за финансии, ми се чини, е локален пример на моралното и политичкото пропаѓање на некогаш талентираниот млад стручњак. Во овие седум-осум години бескрупулозно владеење се скршија и експерството (Ставрески во моментов веројатно не го збира ни во втората лига на македонските економисти, оти економијата бара постојана работа, а не цинизам, лаги и политикантство), се скрши и политичкиот кредибилитет и, можеби над сè, се распадна човечкиот супстрат на некој кој прерано и без доволно ум и ориентири бил проголтан од ламјата на политиката сфатена како цинизам и манипулација.

Читајќи ја деновиве мошне вредната студија за сталинизмот на Рој Медведев, „За судот на историјата“, во едно парче непогрешиво го препознав начинот на којшто владеат и двајцата овдешни кумови, претворајќи ја политиката токму во цинизам и манипулација. Познато е дека во 1933 година Советскиот Сојуз бил соочен со незапамтена глад. Милиони гладни луѓе бегале кон градовите, но ретко кој доаѓал до целта бидејќи на патиштата и станиците биле поставувани воени караули кои не ги пуштале селаните од подрачјата зафатени со глад. Но, и оние кои успевале да се доберат до градовите, не можеле да добијат помош. Во Киев и во многу други градови утрата почнувале со собирање на труповите на селаните кои биле покопувани во големи безимени гробници надвор од градот. Се смета дека само во Украина во тој период неколку милиони луѓе умреле од глад. Но, Сталин упорно одбивал на седниците на Политбирото да се разгледува прашањето на гладта. Во една пригода, кога Р. Терехов, еден од секретарите на КП (б) на Украина, му реферирал на Сталин за тешката состојба во селата на Харковската област настаната како последица на неродната година, и го молел да издвои пченица за таа област, реакцијата на Сталин на извештајот за тешкотиите во селото била необична. Откако остро го прекинал известувачот, Сталин рекол: „Нам ни е речено, другар Терехов, дека вие сте добар говорник, а се покажува и дека сте добар раскажувач - составивте таква приказна за гладта, мислевте дека нас ќе нè заплашите, но нема! Зарем не би било подобро да ја напуштите позицијата на секретар на реонскиот комитет и на ЦК КПУ, па да си заминете во Сојузот на писателите: пишувајте приказни, а будали ќе ги читаат...“

Низа пати сум констатирал: груевизмот изврши пуч во стварноста и агресивно ги окупира нашите животи. Бегање од него нема. Заради тоа (обидот на власта манипулацијата да биде тотална) често зборував за тоталитарните тенденции на актуелната власт. Втемелена во манипулацијата и во соголената сила таа ги троши сите ресурси за одржување на привидот и за јакнење на стравот и лагите. Водачите на таквите тоталитарни системи главно се медиокритети со помош на цврстата партиска дисциплина обединети во здружениот злосторнички потфат; нивните следбеници и чувари токму се слугите чијашто безначајност се потпира на послушноста и на следењето на гестовите на водачите (и кумовите).

[Image: l_impasse_carlito_s_way_1993_portrait_w858.jpg]

На крај, една песна од Јовица Ивановски која веројатно поелегантно, ми си чини, го кажува она што и јас се обидов да го доловам:

Фасада

Облеката чиста и испеглана
но под новите панталони скинати гаќи.
Не дај боже да скине некаде на улица,
ќе се изрезили пред оние од патологија.

Тазе избричено и благо подуено лице.
Над него коса (небаре излага од фризер).
Но во мозокот, во тој јавен клозет,
гомната се прелеваат од сите страни.

Пристојно, полумладо, исправено тело,
со природна, небилдана, атлетска става,
но внатре во гробницата во стомакот,
се распаѓаат органите на идниот костур.

Дебели бузи и полуширока насмевка.
Скап порцелан на влезот на кујната.
Но подлабоко, онаму зад елементите,
смрди како од отворен контејнер.

Убави чевли купени од Шпанија,
во нив прсти со неисечени нокти –
веќе одамна ги дупнале чорапите
и наскоро ќе наебат и чевлите.

Добрина во очите до искреж искрени
(велат биле огледало на душата), и да ја
крие зад темни очила ќе биде бадијала –
добрината е придавка што не се прикрива.



Иако неверувам дека Ставревски ке одговори ја ставам колумната во полемики.