Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 14 Vote(s) - 3.07 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Стевче Јакимовски пристапи во СДСМ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 15,339
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#44

Quote:Апологети на „недоквакани“ закони

(Повод: „Необолшевици ја ‘Европеизираат‘ Македонија“, „Нова Македонија“, 13 август 2010)




Почитувана г-ѓо Велиновска,

Наместо со непримерен вокабулар, кој ви е само вам својствен, од типот „европеизатор“, „учки од 2010 реколта“, клонови на Џавид Хасани, феудалци што не признаваат централна власт и што уште не, решив да ви одговорам со николку факти. Бидејќи тврдам дека со позицијата што со години ја негувате, и криво седите и криво судите, во зависност од тоа на која страна претежнувате, па наместо нафрлани фрази, политизација и спинување, односно извртување на сите изјави и тези, соочете се со следните аргументи, делови од Законот за домување, кои покажуваат нешто сосема друго:

Лиценца за управител за вршење на дејностите на управување со станбена зграда може да добие правно или физичко лице (според Законот и куќниот совет може да биде правно лице), доколку ги исполнува следните услови: да е регистриран во Централниот регистар на РМ за вршење на дејностите на управување. Да има најмалку пет вработени лица, од кои двајца со високо образование (дипломиран правник и дипломиран економист), и три лица со најмалку средна стручна подготовка. Самата лиценца чини 150 евра. И тука почнуваат сите парични и други агонии на граѓаните. Дали знаете госпоѓо што значи да се има фирма и колку и како да се работи рентабилно со петмина вработени. Според една пилот-пресметка, најмалку 250.000 денари. Или ако за зграда со 200 станари една таква лиценцирана фирма треба да остварува по 250.000 денари месечно, односно секој стан ќе треба да издвојува над 100 денари. Ова би рекле е под идеални услови. Но што ако зградата е се помал број станови или некој ако не плаќа, што кај нас е практика? Тогаш рапидно им растат месечните издвојувања на станарите за управител. Тоа значи дека треба да плаќаат по 500-600 денари и повеќе.

Знаете ли вие, госпоѓо Велиновска, и вашиот премиер што значи за пензионер со примања од по 100-200 евра месечно да издвојува толку пари само за управител? Знаете ли дека тој наш „европски пензионер“ или граѓанин нема 2.500 евра просечна плата, и едноставно мора гаќите да ги суши на балкон на јаже, наместо во сушара. Но не, мислам дека вие не го знаете тоа, зашто очигледно и вие, како и власта, целосно се одлепивте од народот, па и не сочувствувате со нив што значи за нив тој трошок. Вие никогаш не сте воделе фирма, туку едноставно сте наемен работник, кој не гледа ни метар пред себе туку во туѓи дворови, и тоа доста селективно. Да не речам, нарачано. Зашто ако гледате, ќе видите дека под вашиот прозорец на Ленинова кафулињата, вам мили, а и тие отспротива на големо узурпираат простор, но тоа не ви пречи. Тоа се кафулиња со европски терк? Нели тие не се предмет на Ваша критика, туку општината и градоначалникот на Карпош.

Но до каде ви оди необјективноста ќе ви помогнам да се ориентирате. Од 50.000 станбени единици, досега се регистрирани само 500, според официјалните владини податоци. Дали мислите дека преостанатите 49.500 се исклучиво од општината Карпош, за да плукате и пукате по мене дека јас сум единствениот што го опструира Законот? Дали во една историска секунда помисливте зашто господинот премиер Груевски не донесе закон со кој сам себеси ќе се обврзе, туку нам ни ги подметнува кукавичјите јајца. Така беше со Законот за јавна чистота. Владата носи закон ние пишуваме казни, а ги реализира Министерството за транспорт и врски. Такви казни, лани, само во Карпош се изречени 250. Мислите дека има некоја реакција од Министерството за транспорт и врски откако ги проследивме овие казни до нив? Ни случајно. Владината тактика, како и вашето пишување, се крајно перфидни. Ние во општините треба да сме им жешката маша, тие носат закони со кои ме обврзуваат да примам комунални редари, комунални инспектори, а сега дури и инспектор за домување. И сето тоа од наш буџет и одговорноста ја префрлаат кај нас. Конечно, зошто ние да се замеруваме со граѓаните? Зошто ние да вработуваме дополнителни инспектори за таа намена, кога Владата и така има илјадници вработени по владините институции, кои нишаат врата, а земаат плата. Зошто, пак, нам не ни го префрли управувањето со земјиштето, подрачните единици за имотноправни односи, со кои значително ќе ни се подобреше ефикасноста во работењето, приходите во буџет и ќе ги поттикневме инвестициите. Или, лаврите се резервирани за нив, а ние сме амалите. Е такви „недоквакани“ закони не мислиме да префрламе на свој грб. Нека си ја доиграат играта докрај. А конечно, ве имаат и Вас, па ќе им ја олесните работата.


Автор: Стевчо Јакимовски, градоначалник на општината Карпош



Quote:Ако сте против правната држава и капитализмот, дигнете Карпошово востание

Повод: „Апологети на ‘недоквакани’ закони“, „Нова Македонија“, 17 август 2010



Господине Јакимовски,

На фактите со кои ги побивате моите вредносни судови и јас ќе ви спротивставам неколку дополнителни, што ќе рече, нема да губам простор и време за оцени на вашето политичко поведение, кое го сметам за вулгарно, но и затоа што вредносно ние сме два света. По повод законот за домување и вашата изјава дека немате намера да го спроведувате и да им се замерувате на граѓаните во општината, ве уверувам дека нема спин, тези и фрази туку едноставна констатација дека законот, кој ги поминал сите фази до неговото донесување, мора да го спроведува секој жител на Македонија, вклучувајќи ве и вас. Ако не го правите тоа, вие вршите антиуставно дејство (како и учките во 2001) и за тоа, освен политички, одговарате и кривично. Вам ви е тоа нејасно зашто за вас Македонија не е држава, туку приватна самопослуга од која секој зема според потребите, но само наивни даваат според можностите. Таков беше и Џавид Хасани, кој уби двајца полицајци само зошто тој „мислел“ дека во неговиот двор може да гради што и колку сака, а без притоа да се обѕрнува на законите. Впрочем, како ја разбирате правната држава најдобро говори вашата славна изјава во својство на министер за економија кога во стилот на самодржец, пак, своеволно го суспендиравте законот и ги отворивте кафеаните за славје до сабајле. Изјавивте оти „да умревте вчера, немаше да знаете дека Македонија била баш до толку правна држава“. Со политичари и функционери како вас, Македонија тешко дека во догледно време ќе стане правна држава, а пак европска никогаш, ако со волунтаризмот и ароганција на која сте склони постојано ја опструирате. И, ве молам, немојте ни да се обидувате да глумите социјално чувствителен локален политичар оти вашата чувствителност најдобро ќе ја демонстрирате преку дела. Потрудете се да им го подобрите животот на вашите сограѓани. Еве, од партискиот бизнис-центар што ќе го градите, наместо за партиски „хуманисти“ одвојте некој дуќан што по основа на рушвет или подарок ќе го добиете од инвеститорот за своите сограѓани и така плаќајте ја задолжителната домарина со која ќе се одржуваат зградите во кои живеат пензионери со 100 евра пензија. Бидете инвентивен левичар и зошто да не, наместо на вашиот партиски другар Пуцко од Пласница, дајте им ја бензинската пумпа што ја градите на граѓаните. Од приходот ќе си ги плаќаат струјата и парното. Тие се илјада пати поголеми од цената за одржување на лифтовите и хигиената. Конечно, ако сте против правната држава и капитализмот, дигнете Карпошово востание за социјални права. Прогласете своја социјалистичка република.

Сепак, од вас не очекувам да се залагате да се урнат овие два приватни монополи, оти ќе ви ја изместат манипулативната матрица јавно да глумите лев социјалдемократ додека приватно дејствувате како десен капиталист. Значи, господине Јакимовски, законот за домување воопшто не ви пречи поради лошата социјална положба на жителите на вашата општина. Единствено ви пречи заради фактот што не го ни спомнувате во вашето писмо. Се работи за имотните листови. Државата Македонија има европска обврска да го среди својот генерален имотен лист. Мора да знае со колкав и каков имот располага, со колку население, со кои ресурси. Тоа е предуслов за преговорите со ЕУ. Бидејќи во транзицијата важеа „законите“ на Дивиот Запад, повеќе е од јасно дека некои ербаплии станаа газди на целокупното општествено богатство, па можеа и да градат згради и да купуваат станови и да „штедат“ во странски банки за сметка на мнозинството, кое од работничка класа беше преведено во наемни работници, стечајци и пензионери со 100 евра. Моето прашање до вас е зошто не сакате државата да утврди кој сé е сопственик (има тапија) на становите? Дали се плашите дека пензионерите ќе дознаат оти општествено-политичкиот крем на вашата партија, многу „угледни“ и експонирани апологети имаат по десетина, дваесет станови, па и цели згради, дека општинските службеници, градоначалници на име на рушвет за издадени дозволи за градби, за зголемување на катноста на зградите добиле на подарок станови? Дали ве нервира законот за домување затоа што по утврдувањето на сопственоста, државата ќе тропне на тие угледни врати да си го побара данокот што заборавиле да го платат и евентуално ќе им го конфискува незаконски стекнатиот имот што го распоредиле на тетки, баби и стрини, како и на Шон Конери во Шпанија? За истата операција (имотните листови за земјата) во руралните подрачја, Али Ахмети испреговара политички со Груевски одложување на примената на законот за две години. Веројатно, со помош на Уставниот суд и вие ќе однесете уште една „голема победа“ за сметка на европска Македонија. Но ви велам, пак ќе дојдеме на истото. Штом тргнат преговорите со ЕУ, ќе мора да поминеме низ истата процедура. Кога-тогаш ќе се дознае и кој е градежна мафија, но и кој е соработник на мафијата. Сакам да ви кажам, еден убав ден неизбежно ќе им се замерите на граѓаните со 100 евра приход. Тој ден ќе биде тогаш кога ќе дознаат каде им отишле народните пари и зошто вие сте богат човек, а тие се сиромашни.

А што се однесува до мојот статус на наемен работник, да ве потсетам господине Јакимовски дека вие приватно сте газда, но општествено не сте феудалец, туку и мој наемен работник оти од мојата наемничка плата издвојувам за вашата јавна плата. Јас работам и за вас, па нормално е да очекувам вие да работите за мене како мој слуга. Вие сте градоначалник на општината Карпош по волја на многу наемни работници, плус на сите жители на вашата општина, и мора да го уважувате тој факт. Аналогно, премиерот Никола Груевски не е мој премиер, туку и ваш. Не сте обврзани да го сакате, но мора да го почитувате, оти на тој начин искажувате почит кон волјата на мнозинството кое му дало доверба и на државата со нејзините институции. Сé на сé, господине Јакимовски, фактот што мора ова да ви го кажам, значи дека при објективно екстерно оценување на вашата демократска, евроатлантска ориентација, вие паѓате на испитот.


Мирка Велиновска,
наемен работник во приватен весник на сопственик капиталист
18-08-2010, 01:17 PM
Reply


Messages In This Thread
RE: Стевче Јакимовски пристапи во СДСМ - by ЈорданПетровски - 18-08-2010, 01:17 PM