Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 12 Vote(s) - 2.33 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ВИРТУЕЛНА ТРКАЛЕЗНА МАСА ЗА РЕШЕНИЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО МАКЕДОНСКАТА ЛУСТРАЦИЈА
Author Message
Администратор Offline
Administrator
*******

Posts: 716
Joined: Dec 2009
Reputation: 6
#2

Quote:Сон за новото македонско општество


ЛУСТРАЦИЈА ЗА НАЦИОНАЛНО ПОМИРУВАЊЕ


[Image: 30b2yie.jpg]

пишуваат Дане Поповски и Јордан Петровски
(Групација на Ветерани Дисиденти при Комитетот за Демократизација на Република Македонија)


Клучно за македонската Лустрацијата за Народно помирување е конечно да го исклучи анитмакедонскиот елемент од управителството на државата. Значи, да се откријат Наредбодавачите, Извршителите и Соработниците. Оние за кои ќе се утврди дека работеле за интересите на туѓи држави да се изведат пред лицето на правдата и да им се суди за велепредавство. Оние пак, за кои нема да се утврди дека тоа го правеле за интерес на туѓи држави, но сепак дека работеле против интересите на Република Македонија како независна и суверена држава, или за некои лични цели, да им се забрани учество во јавниот и политичкиот живот, и криминално да одговараат оние кои ги кршеле човековите права на граѓаните злоупотребувајќи ја својата службена должност


Зошто Законот за лустрација на Андов не успеа? - Заради тоа што авторот сакаше да ги сокрие вистинските виновници, како и вистинската причина за која се гонети жртвите на УБД-а (синоним под кој ќе ги пордазбираме сите тајни Служби на СФРЈ и РМ).

"Експертите" при составувањето на Законот за лустрација како најголеми виновници за делата на УДБ-а ги посочуваа Кодошите. Во држава каде првенствена задача на полицијата и војската беше на недемократски начин да ја зачуваат Комунистичката партијата на власт, шансите да се биде кодош беа и се многу големи. Затоа, спрема Кодошите треба да се има засебен однос: Бидејќи тие биле присилени на соработка со УБД-а, Законот нив мора да ги класифицира како еден вид на жртви и за нив да не предвидува казни.

За несреќа на нашата Татковина, во Македонија покрај идеолошката борба, многу пораспространета беше борбата за Национална слобода, односно, борбата за Обединета, Суверена, Самостојна и Демократска (ОССД) Македонија. Затоа УДБ-а после Втората Светска Војна, кога требаше да влее страв во коските на народот, и да го пресече во зародиш движењето за ОССД Македонија, изврши невидени злосторства. Жртви на прогонот беа голобради момчиња кои се организираа во ВМРО-(С.Д.Р.М.А.) ПРАВДА. За неполна година ВМРО-ПРАВДА достигна бројка од 28.000 регистрирани членови.

Доколку беа живи вистинските борци во борбата за слобода на Македонија од Втората Светска Војна - оние кои не влегоа во борбата од идеолошки и пројугословенски причини, како членови на КПЈ(М) - туку чие мото беше Обединета, Суверена, Самостојна и Демократска Македонија, убедени сме дека лустрацијата ќе се завршеше уште во 1991. година. Но, за несреќа во Македонија судирот, како што спомнавме погоре, не беше, а и денеска сеуште не е исклучиво од идеолошка природа. Напротив, сржта на судирот е национална. Дејци за независна и суверена Република Македонија против дејци за Македонија според конформациите на Букурешкиот договор! Значи веќе станува јасно каде е Македонскиот проблем.

Во скоро сите посткомунистички држави се спроведе лустрација. Таму се лустрираа носителите на Комунизмот - значи таму имаше идеолошка борба помеѓу идеолошките левици и десници. За да биде целисходна, и од полза на народно помирување и обединување, лустрацијата во Македонија мора да зафати многу подлабоко. Во Македонија не е вршен прогон само на идеолошки неистомисленици, туку најголем дел од прогонуваните (околу 90%) се по национална основа. Прогонувани се Македонци (левичари, десничари и центристи), кои беа за ОССД Македонија. За жал, во времето на Едноумието, македонскиот народ немаше прилика да го искаже своето мислење по прашањата на независнот и државно уредување - бидејќи никогаш немаше слободни избори! На првата можност кога се укажа шансата народот да гласа на избори - тој и' даде најмногу гласови на партијата која својата платформа ја темелеше на независна македонска држава. На следниот чекор - Референдумот за независност - тој ист народ со убедливо мнозинство се изјасни за своја држава.

За да она што сакаме да го објасниме биде полесно разбирливо, понатака ќе пишуваме исклучиво за периодот на наводно независна Република Македонија. Имено, прогонот продолжува и по осамостојувањето, и критериумите според кои се спроведува прогонот сe исти како оние од после Втората Светска Војна. Ова треба да е чудно и неразбирливо, и над се' спротивно на Законите и државните интереси - бидејќи Македонија на Референдумот изгласа самостојност, а Службите на прогон (УДБ-а), исто како и во 1947. година, отворија досијеа и отпочнаа прогон специфично против луѓе кои се залагаа за исполнување на првиот дел на референдумското прашање - "Дали сте за суверена и самостојна Република Македонија?". Значи првиот дел на прашањето на Референдумот беше измама, или пак, Власта изврши чин на велепредавство !?

Во периодот веднаш по Референдумот, според изјава на Др. Зоран Тодоровски, Директор на Архивот на Македонија, отворени се неколку илјади досијеа, што значи дека Службата повторно морала да се ангажира за да произведе кодоши. "Производството" на кодоши е тајната заради која нема лустрација, и е причината зошто токму Андов, како врвен познавач на процесот на производство на кодоши беше избран за да го одработи Законот за лустрација. Додека Законот сеуште беше во верзија на муабети беше добар, и даваше надеж дека конечно Македонија ќе го симне тој голем товар од своите плеќи - Лустарцијата, односно примената на Декларацијата на ЕУ за осуда на Комунизмот - еден од најбитните услови за влез во ЕУ.

Но, како одеше пишувањето на Законот отпаѓаа најважните членови - оние кои беа клуч за вистинска Лустрација. Бадијала беа укажувањата на Бачев, Јанкуловски, Дамовски и уште неколкуте чесни и вистински борци за спроведување на Лустрацијата. Соработниците, Извршителите и Наредбодавачите (Андов, Маневски, Милчин и компанија) не можеа да понудат друг закон! Бидејќи секоја друга форма на Законот ќе ги лустрира единствено нив - а тоа треба да биде основната поента на Македонската лустрација! Со Македонската лустрација мораме да дојдеме до врвот, т.е. до Налогодавачите, кои се изворот на злото.

Продолжувањето на прогонот по линија на македонски национализам, т.е. на оние кои идејно се за независна и суверена македонска држава, и по Референдумот и Осамостојувањето на Македонија е чин на немакедонска политика. Таа политика беше спроведена од марионетска Власт која имаше за цел да го преврати резултатот од Рефендумот '91, односно да го наметне вториот дел на прашањето како едниствена опција за нашата Татковина - "... со право да стапи во идниот сојуз на суверените држави на Југославија" - бидејќи тие беа оние кои што инсистираа на тој дел воопшто да биде вклучен во Референдумот - а воедно и беа Власт во годините кои следуваа! Наша должност, како Македонци и како демократи, е да ја спроведеме жeлбата на народот од Референдумот за независнот; да ја демаскираме таа политика, и да покажеме пред граѓаните на Македонија за кого тие луѓе - Властодржците од 1991. година до денеска- работеле: чии интереси штителе и за кого ја уништувале Република Македонија на духовен, економски и демографски план.

Пак да се вратиме на кодошите. Службата има еден специфичен начин на работа. Имено, прогонот не го прави за да на Прогонетиот ("Предмет на Обработка") му ги докаже наводните индиции кои формално послужиле како покритие за отворање на досието, и конечно да го уапси и осуди Осомничениот. Да нема недоразбирање, тоа Службата не го прави од неспособност или од незнаење, туку заради тоа што целта на системот на работа е да се здобие со нов кодош - при што од секој "противник" прави "свој" човек, бидејќи, целта е, нели, Едноумие! За да се здобие со нов кодош, УДБ-а не избирала средства или начини. Најчест метод беа уцени со нешто од што жртвата, "Предметот на Обработка", се плашела да излезе во јавноста - прељуба, ситен криминал, лична тајна и слично; како и местенка на некој проблем за кој Службата на "Предметот на Обработка" ќе му понуди помош за решавање - на пример, задолжување кај лихвар, стопирање на судски предмет и слично. Откако службата ќе го добиела новиот кодош, почнувала со поставување на задачи кон истиот, т.е. обработка на нов "Предмет".

За Кодоши многумина ги сметаат и оние луѓе кои на официјален начин биле канети во канцелариите на УДБ-а, при МВР, со закана дека ако не "соработуваат" т.е. ако не се појават на сослушувањето, им следува некаква казна. За Кодоши се сметаат и луѓе - соседи или пријатели и членови на семејството на "Предметот на Обработка", кои знајно или назнајно, правејќи уличен муабет со Службеник-Извршител придонесувале кон досието на "Предметот". За Кодоши се сметаат и луѓето, за кои објаснивме погоре како биле ставaни на свршен чин, и како единствен избор им останало да доставуваат информации до органите на прогонот. Значи, Кодошите, најчесто немале избор.

За да не се добие впечаток дека оваа стратегија има за цел комплетна амнестија на Кодошите, тука мора да ги дефинираме Соработниците и да ги раздвоиме поимите "Соработник" и "Кодош". Соработници се оние поединци кои не биле вработени во тајните служби на МВР, но кои, како надворешни тела, извршувале задачи за УДБ-а кои биле на штета на други поедници и на националните интереси, а за возврат добивале надомест од пари, привилегии, унапредувања итн. За разлика од Соработниците, Кодошите не добивале надомест за доставувањето информации до МВР, туку, информациите кои ги давеле, биле изнудени или незнајно дадени. Секако, мора да се очекува дека има значаен број на Кодоши кои станале Соработници. Бидејќи цели на оваа стратегија се националното помирување и размонтирување на УДБ-а како орган на антимакедонска политика, ние велиме дека Кодошите (кои не станале Соработници) треба да бидат третирани како жтрви или во најмала рака - неутрално, но во никој случaј тие да не се гонат.

И конечно, да ја објасниме идејата за Лустрација за Народно помирување. Во 2002. година во Република Македонија беше донесен Закон за политичките затвореници, со кој требаше да се обесштетат осудуваните за независна Македонија во времето на поранешна Југославија. Овој Закон е одлична појдовна основа, и со мали дополненија и измени неговата примена ќе овозможи рехабилитација, репатријација и репарација на жтрвите на УБД-а до 1991. година - а воедно нема да има нов прогон против оние кои дејствувале во рамките на Законите на поранешна Југославија. Тоа значи, клучно, дека илјадниците Кодоши, кои имале или немале избор за да соработуваат со Службите, луѓе кои се ионака во залезот на своите животи - ќе можат на мир да си ги одживеат нивните последни години. Тоа би било прифатено како задоволително, а во знак на добра волја, од страна на Ветераните Дисиденти.

Клучно за македонската Лустрацијата за Народно помирување е конечно да го исклучи анитмакедонскиот елемент од управителството на државата. Значи, да се откријат Наредбодавачите, Извршителите и Соработниците. Оние за кои ќе се утврди дека работеле за интересите на туѓи држави да се изведат пред лицето на правдата и да им се суди за велепредавство. Оние пак, за кои нема да се утврди дека тоа го правеле за интерес на туѓи држави, но сепак дека работеле против интересите на Република Македонија како независна и суверена држава, a за некои лични цели, да им се забрани учество во јавниот и политичкиот живот, и криминално да одговараат оние кои ги кршеле човековите права на граѓаните злоупотребувајќи ја својата службена должност.

Според ова сценарио станува збор за сосема мал број на луѓе кои би ги опфатила Лустрацијата. Зборуваме за една групација на луѓе, која во периодот од 1990 година, па до денеска преку разни форми ја спроведува таа антинационална програма за уништување на Македонија и Македонците. Луѓе од Власта, кои кога Словенците и Хрватите трчаа и молеа кај владите на ЕУ и САД меѓународно да им ги признаат државите, тие (нашава марионетска Власт) од "петни жили" вадеше сили да ја задржи Македонија во југословенски сојуз, за потоа преку ноќ да станат "државотворци" - на зборови на независна Р. Македонија, а на дело отвораа досијеа и прогонуваа луѓе кои вистински се залагаа и работеа на независноста и сувереноста на Република Македонија. Зборуваме луѓето кои го опљачкаа народот низ криминалната приватизација и сето општесвтено богатство на нечесен начин си го препишаа на себе си. Зборуваме за луѓето кои ја задржаа и сеуште ја држат Македонија надвор евроатлантските сојузи и кои си поигруваат со името на државата и идентитетот на народот.

Кога овие неколку дузини на поединци, со се' нивната антимакедонска мрежа ќе се отстранат од јавнот и политичкиот живот, и кога на виделина ќе излезат нивните свесно спроведени политики на национален раскол и општествен грабеж, тогаш македонското општество ќе може да почне да живее во единство и слога. Тогаш ќе се расветли и криминалната приватизација, и Република Македонија ќе може економски да заживее, па дури и да стане предмет на почитување на државите спрема кои денес се стремиме да им се придружиме. Тогаш ќе биде решено и прашањето за т.н. спор за името. Тогаш ќе можеме навистина да очекуваме покани за членство во Европската Заедница и НАТО, и конечно, еднаш за секогаш ќе престанат постојаните меѓуетнички напнатости и закани за понатамошно распарчување на држвата. Денес, повеќе од било кога на Македонија и’ е потребна слога и единство меѓу нејзините чеда. Денес, повеќе од било кога на Македонија и’ е потребно движење, организација или партија која ќе ги обедини обесправените толпи и која ќе ја има храброста и доблеста да го прочисти општеството од мрежата на УДБ-а на чија милост или немилост страдаат граѓаните на нашата Татковина.
12-01-2011, 05:13 PM
Reply


Messages In This Thread
RE: ВИРТУЕЛНА ТРКАЛЕЗНА МАСА ЗА РЕШЕНИЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО МАКЕДОНСКАТА ЛУСТРАЦИЈА - by Администратор - 12-01-2011, 05:13 PM