Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 8 Vote(s) - 3.88 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ДИКИ БОЈАЏИ: ПРВАТА СЛАВА НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ
Author Message
афион Offline
Posting Freak
*****

Posts: 2,509
Joined: Mar 2010
Reputation: 3
#1

Спортска и фамилијарна повест на најславниот пливач од Македонија

Пишува: Томо Чаловски

Димитар – Дики Бојаџи,наполни седум децении од животот и пет децении од освојувањето на титулата светски првак во маратонско пливање. Тој е првиот европски шампион во маратонско пливање и ова титула ја освојуваше три пати. Неговиот успех досега е ненадминато достигнување во историјата на македонскиот спорт. Долг е списокот на пливачки а подоцна и на маратонски натпревари во земјата и во светот на кои учествувал. Ќе наведеме некоку: две ексклузивни победи, по три втори и трети места во кокуренција од триесет асови. Признат од туѓите, а со неправди нанесени од своите, преку негрижата на општеството и спортските форуми. Ова е животна приказна за ас од светска класа, пливачка југословенска и македонска легенда, корифеј – првак ,„ѕвезда” на македонското маратонско пливање, кој во најдобро светло ги презентирал родниот град Охрид, Охридското Езеро, пливачкиот маратон и Република Македонија како држава.

КОРЕНИТЕ - Потеклото ми е од македонско семејство Бојаџиеви од Охрид. Прадедовците биле бојаџии и со векови живееле во „македонскиот Ерусалим“. Дедо ми се викал Димитар а баба ми Атина. Во бракот им се родиле четири деца, Бориз Бојаџиски писателот, Ристо Бојаџи бојаџијата, Анастас Бојаџи татко ми и Књагиња Бојаџи, сопруга на докторот Стојанов. Пред војната , условите за живот биле тешки и затоа гурбетот кај жителите бил присутен за да се преживее. Татко ми заминал на печалба во Влашка, Романија, во градот Констанца. Таму имал тетка која го прибрала. Во Констанца се запознава со романката Анџела. Помеѓу нив се родила љубов која завршила со брак помеѓу вљубените.. На 24 февруари 1939 година се родив во знакот риба и во предвечерјето на војната сме се вратиле во Охрид. Бидејќи нашата куќа е во предворјето на црквата „Света Софија”, таму сум крстен и ми го дале името на дедо ми Димитар. Во Охрид децата ги ословуваат нагалено во скратена форма се' до крајот на животот. Така кај мене од Димитар Бојаџиев, изведено е името Дики Бојаџи и со тоа име сум познат во јавностa. Помлади од мене се братот Љупчо и сестрата Атина.



ДЕТСТВОТО - Во нашето маало Сараиште, куќата ни е на дваесетина чекори до брегот на езерото, и како мало дете играњето ми беше, главно, со малото коритце да пливам во езерото. Така гледајќи ги рипчињата во водата, просто се вљубив во езерото и кон синилото и веќе од три години почнав да ги правам првите патеки во пливањето. Кога патник намерник ќе прошета низ стариот дел на Охрид, најпрво што ќе слушне, е дека децата во Охрид најпрво почнуваат да пливаат а потоа проодуваат. Кога потпораснав, со другарчињата од маалото по играњето фудбал одевме во езеро да се искапеме. Чуствував посебна желба за пливање. Кога брановите ќе ме заплискаја, сакав да ги совладувам и не дозволував ниедно од другарчињата да ме престигне и да излезе пред мене. Еден ден како што пливав со другарчињата во езерото и со тој порив да бидам прв пред сите, ме забележа Славе Филев, творецот на спортовите на вода не само во Охрид, туку и во Македонија, и заедно со тогаш младиот и амбициозен професор по физичка култура, еден од првите дипломирани студенти на ДИФ во Белград ,таткото на пливачкиот маратон во Македонија, Александар Радиќ – Леко, ме одведоа во пливачкиот клуб „Охридски бранови”. Тие забележаа дека кај мене се кријат големи потенцијали за спортови на вода. Започнав со редовно трењирање и со текот на времето се потврди тоа, што го мислеа тренерите за мене.

СПОРТСКА КАРИЕРА - Мојот деби, беше на Републичкото пливачко првенство во 1952 година во Прилеп. Во штафетата 4 x 500 метри слободно ја освоив првата шампионска титула. Во 1954 година на Пионерското републичко првенство, во четири дисциплини станав републички првенец. Наредната 1955 година во Скопје на Републичкото пионерско првенство триумфирав во три трки. Во 1957 година во Прилеп на Сениорското републичко првенство, бев оценет како најуспешен пливач во конкуренција од четири македонски клубови. Високото признание го заслужив со освоените шест републички шампионски титули: 1500 метри слободно, 400 метри слободно ,100 метри слободно, 4x200 метри слободно и 4 x 100 мешано (Бојаџи, Андреев, Симонче и Нестор). Во наредните републички првенства ја потврдив мојата доминација во повеќе пливачки дисциплини. Во 1958 година, во Охрид, освоив повторно шест шампионски титули. Во 1959 година на Републичкото првенство во Струга, пет пати се искачив на победничкиот трон. Во Битола во 1960 година, ги освоив трите први места. - Завршувајќи ја успешно кариерата во овој спорт, во 1957 година преминав да се натпреварувам во маратонско пливање. Со овој спорт се вивнав во височините на светското маратонско пливање. Во мојата единаесетгодишна маратонско пливачка кариера од 1957 до 1967 годинан, настапив на 18 маратонски трки, во Југославија, Европа, Азија, Африка и Америка. Низ тие континенти се вееше државното знаме, се интонираше химната и се слушаше името на родната Македонија. Во 1956 година, ја препливав патеката Горица – Охрид со нов рекорд, и го освоив првото место од 15 учесници. Во1958 година за прв пат излегов надвор од Македонија и учествував на меѓународната маратонска трка на реката Сава, од Умка до Белград, во должна од 25 километри и од 25 учесници го освоив четвртото место. Додека пак во следната година на истиот маратин го освоив првото место. Во 1960 година за прв пат излегов надвор од Југославија и учествував на големиот традиционален меѓународен маратон во Италија , Капри – Неапол. Тоа беше голем предизвик за мене, бидејќи имав 21 година. Заедно со мојот трењер Леко Радиќ, заминавме на маратонот. Маратонот Капри – Неапол во должина од 35 километри е еден од најексклузивните пливачки маратони во светот. Тој е еден од најпосакуваните за маратонците , можеби затоа што за самото место се вели - види го Неапол и умри, е едно од најатрактивните туристички центри воопшто во Европа и е сон на секој турист посетител на ова поднебје во Италија. Овој маратон постои од 1954 година. Тренерот и хроничар Леко Радиќ во Историјатот забележал - „Дики Бојаџи во 1960 година за прв пат како наш пливач учествуваше во категоријата професионалци. На овој мататон учествуваа сите победници од 1954 до 1959 година. Големата победа на Бојаџи во 1959 година на вториот Савски пливачки маратон на 24 км., медиумите му дадоа голем публицитет преку кој на наша адреса пристигна покана за учество на овој маратон. Италјанските печатени медиуми, секој ден објавуваа, кој пристигнал, од каде е и што значи за таа конкуренција. Во весникот „ Ил Матино” за маратонците Аргентинецот Алфредо Камареро и Мексиканецот Гутиерез пишуваше: „еден дуел кој се повторува”. За египќаните објавија: „ Крокодилите велат - ние ќе бидеме први”. Додека за нашиот Бојаџи коментираа: „ Шампионот на Југославија не ја познава солената вода”. Но што се случи? На 24 јули 1960 година, утрото во 6 часот на плажата Марина Гранде беа построени сите кајчиња за придружбата на кои организаторите забрзано ги поставуваа стартните броеви, транспарентите со името и презимето на пливачот, името на државата и знамето. Уште при самата прозивка на кајачарите, внатре во кајињата влегуваа, судиите и тренерите. Се привршуваа лекарските прегледи од воени лекари на италјанската морнарица која многу помогна и со придружбата на целиот тој конвој. Масерот веќе ги мачкаше маратонците со китова маст. По овој третман, маратонците одеа на стартната линија во плиткиот дел на плажата. На стартот се најдоа и сите други официјални лица, службени лица, судии, членови на Светската федерација како и принцот од Кувајт Ел Габер Ел Сабах. Првиот старт во 7 часот го означи со стартен пиштол Алберто Бароне, потпретседател на Светската федерација, каде стартуваа и пливачки аматери. Еден час подоцна во втората група жени професионалци. Половина час подоцна стартуваа професионалците каде беше Бојаџи. Јас со кајчето како тренер го пратев Бојаџи, каде уште на почетокот го советував да не го испушта Алфредо Камареро за кој јас од самите тренинзи проценив дека пак ќе биде еден од главните конкуренти за освојување на првото место. Ние немавме што да изгубиме на овој маратон, бидејќи прв пат учествувавме, додека сите други беа стари познаници на оваа трка. Само по еден час пливање на чело на ова група беа Алфредо Камареро и Дики Бојаџи. По стартот Камареро ја поведе трката со прилепениот Бојаџи кој никако не го пропушташе да биде во водство, иако се случуваше Камареро да биде нешто напред. Бојаџи брзо ја изедначуваше разликата. Јас во тие моменти имав поголема трема од самиот Бојаџи. За мене минутите беа часови. Мексиканецот Гутиерез отиде доста десно спрема Соренто, веројатно така му било советувано, поради ветровите и струите кои мислеле дека ќе се променат. Да не заборавиме дека Камареро во тоа време беше ведета во маратонското пливање во светот. Откако видовме дека лесно се справувавме со пливањето близу до него, на моменти и ние применувавме тактика малку да побегнеме од него, а тој тоа успешно го елиминираше и се израмнуваше со Бојаџи, преминувајќи пак во мало водство. По неполни три часа пливање Камареро и Бојаџи се наоѓаа далеку пред сите на чело на целиот пливачки конвој. Како и сите други и ние во кајчето имавме храна која требеше да се употребува за врема на трката, кога пливачот ќе побара, но Бојаџи се' уште не бараше храна. Времето се наоблачи и истури дожд, каде ние во кајчето прокиснавме до гола кожа. Од двете страни имавме бродови во придружба на маратонците од страна на италјанската воена морнарица, како и хеликоптери кои повремено фрлаа кеси со прашок против ајкулите. Некаде кон осумнаесетиот километар, Камареро застана и побара храна од својот тренер. Тоа ни даде потик Бојаџи да заплива уште побрзо. Од тој момент имавме предност од 20 метри. Бојаџи уште повеќе го зголеми темпото и не му дозволи Камареро да го стигне. По половина час пливање разликата се зголеми на 500 метри. Кога виде Камареро дека нема да го престигне Бојаџи, ја прекина трката. Тоа му го соопштив на Дики и тој позабави и побара да се освежи од соковите. Бојаџи влегуваше во заливот на Неапол спрема целта кај споменикот на Дијаз на улицата „Карачиоло“. Последните 500 метри ги пливаше паралелно на брегот во придружба на многу други кајчиња со љубители на маратонското пливање и официјални полициски глисери. Преку јаките звучници се соопштуваше дека на целта прв пристигна младиот југословен Дики Бојаџи кој со импозантен финиш ја допре целта пред многубројната наполитанска публика која со френетичен аплауз му ја честита титулата светски шампион и првото место во професионална категорија на седмото светско првенство во маратонско пливање на патеката Капри – Неапол. Радоста беше неизбежна. Солзите се сливаа како низ поток, како на моето така и на лицето на Бојаџи, срдечно прегрнувајќи се. По трката службените лица го однесоа Дики во амбуланта на преглед, за потоа откако се пресоблековме во хотелот во свечените облеки, отидовме на свечената церемонија на прогласување и доделување на наградите на освоените места на маратонците. По поздравните говори од официјалните претставници, на крај, генералниот секретар на светското првенство бригадниот генерал Ахмед Зоркани ги прочита резултатите од светското првенство. Во категоријата професионалци прв Дики Бојаџи со резултат од 11 часа 14 минути и 4 секунди. Втор Абу Хеиф од Египет со резултат од 11 часа , 40 минути и 52 секунди, и трет Ласло Кобач од Унгарија со резултат 11 часа, 58 минути и 54 секунди. Италјанските весници како да заборавија што соопштуваа пред да почне маратонoт. Сега по победата на Бојаџи бомбастично ја информираа јавноста во Италија и во светот. „Сензација над сензациите! Македонецот од Охрид им одржа лекција на светските асови”.



- По успехот во Италија, истата година требеше да учествувам повторно на Савскиот маратон. Но ме елиминираа од учество . Причината беше наградата од 1.000 долари што сум ја примил од трката Капри - Неапол. Тоа ме вбројуваше во пливачи професионалци а таков статус во спортот во тогашна Југославија не се признаваше. Но, објаснувањето беше сепак чудно бидејќи на Савскиот маратон за победникот беше обезбедена награда автомобил, тогаш популарното фиќо кое секако беше еднакво на илјадата долари. Мислам дека со тоа се криеше намерата на организаторот да ме елиминираат да нестанам пак победник. Во 1961 година по втор пат учествував на маратонската трка Капри – Неапол, во конкуренција на 23 учесници од 15 земји, се пласирав на трето место. По трката бев прогласен за најдобар маратонец во Европа и во светот.

Во 1962 година учествував во првиот светски маратон во слатки води, на Охридското Езеро.- Охридски маратон. Спроти денот на стартот, на Градскиот полигон, близу до хотелот „Палас“, пред пет илјадна публика свечено беше отворен шампионатот. Водителот го најави дефилето на маратонците, а поздравни говори меѓу другите одржаа: генералниот секретар на Светската федерација Ахмед Зоркани и почесниот гостин принцот од Кувајт Ел Габер Ел Сабаџ. Потоа следуваше културно уметничка програма на ансамблот „Танец“. Трењерот Радиќ во Историјатот забележал: „ Рано утрото во 4 часот се вршеа лекарските прегледи на натпреварувачите. Точно во 6 часот од селото Пештани со истрел на ракета беше означен стартот на првата група. Во оваа група стартуваа жените Зохеир Абдел Баки од Египет, Розмари Џорџ и Џени Џемс од Англија, Ана Мацола од Италија, Магда Молнар од Унгарија, и Атина Бојаџи од Македонија. По 55 минути стартуваа мажите аматери Шазли од Египет, Вахаб од Ирак, Петар Глигор од Мол, и Македонците Климе Савин, Нико Нестор и Ристо Бимбиловски. Во 7 часот стартуваа професионалците Бергамини од Италија, Абу Хеиф од Египет Салех од Ирак, Аријас и Парга од Аргентина,Вилјам Де Вренг од Холандија, Алфиери од Луксембурк и Дики Бојаџи од Македонија. Времето беше идеално, водата мирна со температура од 22 целзиуса. Пливачите водеа борба за подобар пласман. Во категоријата жени Атина Бојаџи веќе стекна предност пред Египќанката Зохеира - светска првенка од Капри – Неапол, додека останатите натореварувачки беа далеку назад. Во аматерската категорија Нико Нестор водеше пред Шазли од Египет. Во професионалната категорија Бојаџи од Македонија и Абу Хеиф од Египет беа во борба рамо до рамо, ги минаа сите пливачи и веќе се наоѓаа на чело на пливачкиот конвој. Ваквото пеколно темпо траеше до Струга. Но, на самата бова кај Струга веќе Абу Хеиф имаше предност од околу 500 метри. По свртувањето на бовата Египќанот уште повеќе го засили темпото на пливање и на сите нас што ја следевме трката ни се чинеше како да лета. Несреќата да биде поголема на Дики му се приближи Холанѓанецот Вилјам Де Вренг. Атина Бојаџи се наоѓаше во сигурно водство, пред Египќанката Зокер Абдел Баки. Во категоријата мажи прв на целта пристигна Абу Хеиф од Египет,втор Вилјам Де Вренг, и трет Дики Бојаџи. Во категоријата аматери Климе Савин го зазеде четвртото место додека во категорија жени прва беше Атина Бојаџи, со резултат 11 часа, 49 минути и 46 секунди. По пристигнувањето на целта Атина Бојаџи ја делеше радоста со своите четириесет илјади сограѓани во стекнувањето титула светски првак. Медиумите во тогашна Југославија известуваа со интересни наслови. Весникот „Спорт” објави – „Сензационален подвиг - Атина Бојџи светска првенка. Хрватските гласила објавија – „Метеорот Атина, непознатата пливачка од Охрид во својот прв маратонски старт, неочекувано стана службена шампионка на светот. Во почетокот на трката сите се прашуваа може ли онолку нежна и слабичка пливачка да издржи до целта”. Меѓу првите што и го честитаа успехот на Атина, беше братот Дики”.

Во 1963 година по трет пат отпатував во Италија на познатата патека Капри – Неапол и стигнав четврти на целта. Во оваа година учествував на маратоните : во Египет во Александрија, во должина од 25 километри, во Сирија на патеката Џабла – Латакија и на маратонот Кабрет – Исмаилија кај Суецкиот канал во Египет. За ова натпреварување можам да речам дека ми беше најтешко пливачко искуство. Познато е дека во Суецкиот канал има ајкули кои доаѓаат поради прекуокеанските бродиви кои поминуваат низ каналот. Патеката беше многу тешка, затоа што времето беше многу топло. По трката од преголем напор, по целото тело се нафрлав со мозолчиња. Усните и очите ми беа натечени , одвај можев да гледам. Се наоѓав во сериозна состојба и затоа веднаш по трката бев пренесен во болница, каде што останав седум дена. Маратонот беше организиран на највисоко државно ниво, а египетските учесници кои беа во воена служба беа наградени со повисок чин во кариерата и со титули – спортист на годината, со други зборови, за учеството беа материјално обезбедени од државата. Во мојата спортска кариера такво нешто не сум доживеал, ниту за време на активното спортување, ниту потоа откако се повлеков. Всушност додека активно пливав, јас знаев дека не можам да очекувам нешто повеќе од овој спорт, освен задоволството од личниот успех. Иако сум избран за потпретседател на маратонското пливање во Македонија, во последниве години никој од организаторите на Охридскиот маратон не се сетија да ме поканат да бидам присутен за време на одржувањето на манифестацијата. Во 1964 година по четврти пат учествував на маратонот Капри – Неапол и се пласирав на трето место во конкуренција на тројца Египќани Абдел Латиф Абоу Хеиф, Мохамед зајтун, Набил Ел Шазли,Аргентинецот Карлос Лариера, Холанѓанецот Вилјам Де Вренг и Либиецот Алберт Ел Хреиш и други. . Истата година со мојот тренер Леко заминавме за САД и учествував на силниот меѓународен маратон, Атлантик Сити, патека долга 45 км. Во мошне силна конкуренција се пласирав на шесто место. Од Атлантик Сити продолжив за Канада на маратонот на езерото Сен Џонс во Квебек, каде што настапи речиси целата светска маратонска елита. Меѓу 25 учесници се пласирав на шесто место. Во Канада учествував и на маратонот Троа Ревијер, во должина од 16,5 км. Меѓу учесници од 12 земји се пласирав на 4 место. Во 1965 година на државното првенство во Охрид на патеката Палас – Канео – Орце Николов- Палас, 18 километри, го освоив првото место, минувајќи за 5 часа и 4 минути. Истата 1965 година во Охрид учествував на третото светско првенство во слатки води, на патеката Пештани- Струга- Охрид долга 36 километри. Тогаш го освоив третото место . Настапија 22 пливачи од 9 земји. Во 1966 година, во категоријата на професионалци, по петти пат учествував на маратонот Капри – Неапол, и го освоив четвртото место. При самиот крај од богатата кариера, повторно заминав во Канада и учествував на светски познатата трка на езерото Онтарио во Хамилтон. Тоа беше традиционалниот интернационален маратон Лабатс. Патеката беше долга 16,5 км. Меѓутоа поради исклучително лошите услови, студената вода, многу познати светски имиња ја напуштија трката меѓу нив бев јас и Климе Савин.

Паралелно со спортските активности го завршив средното образование и се преселив да живеам во Скопје. Зошто? Јас имав светска слава што никој од Македонија ја немаше. Меѓутоа славата предизвикува љубомора. Јас се обраќав и барав работа во Охрид во институциите на образованието,спортот, физичката културата , барав да добијам степендија за да го продолжам образованието на факултет во Скопје. За жал секаде каде што се обратив ме шетаа низ бирократските лавиринти каде тешко се најдува излезот. Во Скопје го продолжив образованието, завршив Педагошка академија. Тука ме прифатија и добив работа во фирмата „Технометал – Вардар”. Солидно го владеев англискиот јазик и ме испратија како претставник во Токио, Јапонија. Таму се запознав со сопругата Тамара, која беше на магистерски студии по архитектонска акустика. Во нашата амбасада се регистриравме, удрија печат и се склучи бракот. Во бракот ни се роди син кој се вика Александар. Во Јапонија ја добив последната награда, трка на кратки патеки, на 50 метри што ја организираше општината Гинза во Токио. Во трката учествуваа помлади натпреварувачи, но јас се чуствував во форма, иако бев на 48 – годишна возраст, се пријавив и победив. На тој спортски спомен многу се гордеам. Потоа се вратив во Скопје и ме испратија за преставник во Русија во Новкузњецк и мислам дека имав успешна бизнис кариера. Во Скопје се вратив во 1992 година, продолжив со работа и по извесно време се пензионирав. Но и кога работев не престанав со активностите, не мирував со пливањето, продолжив како трењер во пливачкиот клуб „Охридски бранови”, „Локомотива”- Скопје, „Вардар” Скопје, бев трењер на Вељко Рогошиќ кој го преплива маратонот Вис - Сплит во должина од 53 км. а имаше солидни резултати и во светски размери. Во Македонија бев тренер на Насте Јончевски кој ја преплива патеката Свети Наум – Струга – Охрид во должина од 38 километри. На доктор Бошко Илиев, Здравка Станоевска и на плејада на мали дечиња од училиштата.

ПРИЗНАНИЈА И НАГРАДИ - Во текот на мојата богата и успешна пливачка – маратонска кариера имам освоено повеќе признанија од кои ќе наведам неколку: На југословенското првенство во 1959 година за освоеното прво место добив кристална вазна. На сојузниот слет во Белград добив златана и сребрена плакета. Од СОФКМ во 1960 и 1962 година добив златни плакети. Од организаторот на маратонот Капри - Неапол, во 1960 добив сребрен пехар, а во 1961, 1964 и во 1967година ми беа доделувани сребрени плакети. Во 1963 година добив плакети од Пливачката федерација на Египет и на Јапонија. Десет години бев на листата меѓу најдобрите спортисти на годината и тоа од 1955, до 1963 како и во 1967 година.

Меѓутоа, морам да истакнам дека со шеесетгодишната спортска активност, со постигнатите резултати на светските маратони, го афирмирав градот Охрид, Охридското Езеро ,Охридскиот маратон и Република Македонија како држава. Верувам дека ќе доживеам да ја добијам наградата за животно дело која сум ја заслужил.
Низ срцето на Македонија тече Вардар,а не Дунав...Нашиот бисер е Охрид, а не Јадран...Нашето наследство се патриотските песни, а не ТВ Пинк...Јас навивам за ПЕЛИСТЕР, а не за Ѕвезда...Слобода ми донесе мојот дедо,а не КПЈ...Македонија ја создаде Господ,а не Тито...МАКЕДОНИЈА е вечна, а Југославија е мртва!!

Makedonija


http://macedoniahistorydocuments.blogspo...-post.html
26-06-2010, 12:15 AM
Reply