ЈорданПетровски
ЈорданПетровски-ЦРНИ
    
Posts: 17,489
Joined: Mar 2010
Reputation:
36
|
Quote:ЗОШТО ИМА ДВА ПРАЗНИКА НА ХРИСТОСОВОТО РАЃАЊЕ
МПЦ 44 години не ја активира одлуката Божик да се слави на 25 декември
![[Image: CDF9BFBB43B049459609B12C1FA2165A.jpg]](http://www.dnevnik.mk/WBStorage/Articles/CDF9BFBB43B049459609B12C1FA2165A.jpg)
Иако уште пред четириесет и четири години МПЦ донела одлука за враќање на Божик пред Нова година, но македонските православни христијани с` уште го слават раѓањето Христово тринаесет дена подоцна од сите. Значи, броејќи од денес, од денот што го празнува целиот христијански свет - освен Руската, Српската и Грузиската православна црква, заедно со Ерусалимската патријаршија и манастирите на Света Гора - нашиот Исус Христос ќе се роди тринаесет дена подоцна од неговото вистинско раѓање!
Според д-р Драган Зајковски, историчар од Институтот за национална историја, кој ја истражува историјата на христијанството, Божик е празник кој според црковните канони секогаш се празнува на 25 декември, па затоа, вели тој, се поставува прашањето од каде разликата од 13 дена од „католичкиот“ до „православниот“ Божик, всушност зошто постојат два Божика кога Исус Христос се родил само еднаш?
Молк од 44 години
Светиот синод на МПЦ пред 44 години донел одлука да го прифати грегоријанскиот календар и македонските христијани Божик да го празнуваат на 25 декември како огромниот број христијани во светот. Сепак, до денес таа одлука не е спроведена. Во Синодот велат дека таква одлука навистина е донесена есента 1969 година и никогаш и не е повлечена ниту, пак, со некаква нова одлука е ставена вон сила. Оттука се поставува прашањето, зошто одлуката не била спроведена или поточно зошто не е спроведена? Пред извесно време, истражувајќи за тоа што тогаш се случило и зошто одлуката не е спроведена, побаравме објаснување во Синодот, но од таму добивме само некаква препорака да се обратиме до нивниот Архив за да ни дозволат, ако сакаат, се разбира, да го видиме документот со одлуката за менување на календарот. Дека нешто не е како што треба во врска со документот, говори и тоа што ѕидот на молкот продолжи и во архивата на МПЦ, со образложение дека, за да биде овозможен увид во записникот од 1969 година, треба да се поднесе писмено барање, а за барањето ќе одлучува Синодот.
Единствен што тогаш сепак ни даде некаква изјава беше дебарско-кичевскиот митрополит, г. Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ. Според него, иако тој во тоа време, како што рече, бил само ученик, одлуката од 1969 година за прифаќање на грегоријанскиот, наместо на јулијанскиот календар, е повлечена уште истата година.
- Факт е дека одлуката е повлечена, односно е ставена вон сила, па затоа, еве, повеќе од 40 години нема ни глас ни трага од таа идеја. Додека е овој состав на Синодот, таа одлука никогаш и нема да биде во сила. Според тоа, такво нешто за нас не постои, па затоа ништо не е променето во однос на календарот што го прифатила и го применува нашата црква, поточно нашиот народ. Инаку, што се однесува до мене лично, јас категорично сум против менување на календарот, особено во време кога имаме многу поважни работи од тоа - ни изјави владиката Тимотеј.
Kаноните не се пречка
Д-р Зајковски наведува дека науката одамна дала одговор дека постои само еден Божик. Оттука, според него, проблемот е во политиката бидејќи дури и терминологијата „католички“ и „православен“ Божик е сосема погрешна. Имено, речиси сите православни цркви го имаат прифатено реформираниот јулијански календар, кој речиси е идентичен со грегоријанскиот, таканаречен граѓански календар. Единствено Руската, Српската и Ерусалимската православна црква, вклучително и нашата МПЦ, с` уште цврсто се држат до стариот јулијанскиот календар.
- Се поставуваат неколку прашања. Прво, дали со црковните канони прецизно е утврдено кој календар треба да биде во црковна употреба? Одговорот е - не. Тоа прашање не е предмет на црковните канони и оттука црквата го оставила на решавање на науката, со што направила мошне мудар потег, а црквите се слободни да решаваат кој календар ќе го применуваат. Затоа безмалку сите православни цркви Христовото раѓање го лоцираат според реформираниот јулијански календар, според кој, Божик како и сите други фиксни празници секогаш се празнува на 25 декември. Второто прашање се однесува на тоа кој од овие календари е поточен. Апсолутно дека поточен е грегоријанскиот, односно реформираниот јулијански календар. Тој е единствениот прецизен календар прифатен од безмалку сите цркви во светот, а да не говориме за неговата цивилна употреба - потенцира Зајковски.
Новиот, грегоријански календар, најпрвин бил воведен во Италија, Шпанија и во Португалија, а потоа постепено и во другите европски земји. Се разбира, за прашањето на календарот се расправало и на Сеправославниот собир одржан во Истанбул во 1923 година. На собирот било решено православните цркви да ги прифатат научните факти за неточноста на јулијанскиот календар. Затоа, во таа насока, веднаш по обновувањето, и нашата МПЦ во 1969 година донела одлука за напуштање на јулијанскиот календар, но од црковно-политички причини оваа одлука никогаш не стапила во сила. Можеби тоа го спречила Српската православна црква, која во заедничката држава во тоа време имала доминантно влијание врз политичката елита во Белград и во Скопје! Сепак, имајќи ги предвид научните факти, впечаток е дека сега веќе не е прашање дали, туку кога МПЦ ќе го смени календарот.
Милош Линдро, писател кој, меѓу другото, ги истражува и мистичните области на историските настани од оваа област, смета дека не може да се очекува „Бог да се приспособи на поповите, туку тие треба да се раководат според Божјиот, небесен и вечен закон“.
- Големите небесни светила никогаш нема да погледнат во православно-староватиканските календари за да си го променат својот божествен ритам на движење - потенцира тој.
Блаже Миневски
Православниот Исток се смени по 334 години
На нашиот православен Исток му биле потребни дури 334 години, кога пристигнуваат католички и протестантски армии на Балканот, за тој да почне да го применува грегоријанскиот календар. Прва почнала Бугарија на 18 март 1916, па Русија на 31 јануари 1918, Романија на 31 март 1919, Грција на 9 март 1924, Турција на 18 декември 1926 и на крајот Kралството на Југославија во 1929 година. Сепак, точниот, реформиран календар во балканските држави и во Русија бил воведен само во администрацијата и во секојдневниот живот, но православните цркви продолжиле да функционираат според правилата на својот догматски инает. Во грчката, бугарската и во романската црква, сепак имало архијереи кои прифатиле дека небото е посилно од земните навики, па една или две децении по поправањето на световниот календар ги поправиле и своите црковни календари.
DNEVNIK
|
|