Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
НОЖЕВИТЕ ВО БИХАЌКА СЕ ВЕЌЕ ИЗВАДЕНИ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,877
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Самракот на вечните матуранти


Евакуацијата на Груевски во ЕУ е само капката која ја прели чашата жолч и цинизам на поведението на Унијата кон децениското владеење на Груевски, сега пригодно заокружено со негово згрижување во Унгарија.
   
[Image: 19347019_303.jpg]

22.11.2018 Арсим Зеколи
Евакуацијата на Никола Груевски во ЕУ/Унгарија како и институционализацијата на Орце Камчев и Сашо Мијалков во Шутка се сами по себе настани со далекусежни последици за и по Македонија. Не потценувајќи ја битноста на дебатата за магливите патешествија и заткулисните игри при нивното возење од центарот кон периферијата, она што е многу побитно е дека нивнтата екстракција од политичкиот институционален живот на земјата е многу побитна од детективско-дипломатските афтершокови кои (ќе) ја потресуваат земјата и регионот. Бегството на било кој премиер, апсењето на шеф на разузнавање и биз-политички тајкун е шокантен настан за секоја земја и политичка сцена. Подеднакво како и цунамито на пост-фестум шпекулации за мотивите во позадина на таквите потези. 
На надворешен план, последиците се веќе нотирани и вперени кон улогата и престижот на Европската Унија како азил-провајдер на Груевски. Објаснувањата дека бегството на Груевски во Унгарија не подразбира и одговорност на Унијата се политички манипулации на неодговорно нахално поведение базирано врз уцена и гола сила поради диктатот на Брисел кон земјите кандидати и импотентноста на Брисел кон Будимпешта. Евакуацијата на Груевски во ЕУ е само капката која ја прели чашата жолч и цинизам на поведението на Унијата кон децениското владеење на Груевски, сега пригодно заокружено со негово згрижување во сивата безтежинска зона на европски вредности, наречена Унгарија.


Продолжен одмор за Могерини и Хан


Она што е неопходно во овој час е земјите членки од влијание во Унијата – пред сѐ Германија и Франција  - да пристапат кон санација на штетите на нивната политика и имиџ во регионот предизвикани од несманоста на нивните реакции по евакуацијата на Груевски. Што подразбира да час поскоро се заблагодарат на услугите на Федерика Могерини и Јоханес Хан и ги повикаат да си земат продолжен одмор од сопствените активности. Со оглед што Европа ја очекуваат избори за не повеќе од шест месеци, би било сосема нечесно и некоректно наследниците на двоецот Могерини-Хан да ги сносат последиците на веќе очигледаната забеганост на надворешните политики на сегашните први дипломати на Унијата. Дотолку повеќе што во очите на граѓаните на регионот, Могерини е персонификација на имиџот на старата европска баба - превртливка, а Хан прототип на империјален авантурист од лозата Минхаузени. 
Трескавичната усилба на Могерини за завршување на нејзиниот ионака контроверзен мандат со ботокс-успеси веќе подолго време ја става под знак прашање нејзината морална вертикала во односот кон општествата на Балканот. Што и не е за изненадување, профил на посткомунистка која во првиот коридор на Брисел го отфрла ЧеГевара од градите и Бандиера Роса од усните и станува типична салонска левичарка за парадирање и колонијален банкарски пиштол за изнајмување. Резервите на Балканот кон нејзиното именување се покажаа навремено предупредување за нејзиниот профил, надополнет со сомнежите од Берлин и Лондон, дистанцата од Вашингтон и симпатиите од коруптократите од Балканот. 
Во што беше надмината единствено од Јоханес Хан, омилениот конструктивец на балканските шарлатани кој со својот лик и дело докажа дека Виена е навистина ништо повеќе од налицкано европско предградие на Балканот. Адвокат-сенатор на безвластието миропомазано со празно-вербални заложби за „рулот на лоуот”, Хан ќе остане запаметен како редовен смајли-фактор за регионалните политички мешетари кога ќе им затреба некој предизборен постер. Доколку цените дека претерувам, освежете си го сеќавањето низ споредба на Хан и Штефан Филе, како црно бел контраст помеѓу критизерството и критичноста, умилкувањето и срдечноста, сплеткарството и професионалноста, добронамерната оштрина и деструктивната слаткоречивост.
Постизборниот Брисел ќе треба навреме да промисли какви ликови ќе сака да избере како репрезентативни профили на Унијата кон светот и кон Балканот. Дотолку повеќе што ниту Хан, а уште помалку Могерини со нивниот квази-мултилатерален пристап не дадоа никакво решение, не превзедоа никаква усилба, не постигнаа ама баш никаков успех во смирување и надминување на билатералните препреки од Хаг, Париз, Копенхаген кон Македонија посебно и Балканот воопшто. Факт кој не може да се затскрие зад нивните слаткасти, медиа-јарански парадирања низ Преспа или редицата бесмислени фото-шоп собири со нивните стабилократи од регионот. Двоецот на Јункер го остава Балканот таму каде што го превзеде од Ештон-Филе. Редно е Јункер да ги замоли во последните месеци од нивниот мандат да придонесат кон Балканот така што ќе го остават намира од нивните вратоломни дипломатии и кариерен нарцизам.


Префрлање на „патриотскиот вишок“


На домашната политичка сцена, елиминацијата на троецот Никола-Сашо-Орце од директните политички ангажмани веќе предизвикува сериозни поместувања во распоредот на силите во и меѓу партиите. Во опозицијата, тоа се рефлектира во цементирање на неприкосновеноста на Мицковски како партиски и опозициски водач и смирување на ерозијата на неговата партија. Интересно е што ВМРО-ДПМНЕ спонтано или смислено ја копира ДУИ во дезинфекција на партијата преку „широкоградо” префрлање на „патриотскиот вишок” пред портите на вечно гладната за поддршка СДСМ. Притоа не само растеретувајќе се себеси од сопствените темни петна, туку и оптоварувајќи ја Бихаќка со тројански дарови од кои допрва ќе излегуваат осми патници.
Претпоставката дека под тоа се инсинуира на последиците од тековниот судир помеѓу крилото на Зоран Заев и она на Радмила Шеќеринска е колку точна, толку е и нецелосна. Дека притворот на Камчев директно и на Мијалков индиректно ја има потресено групацијата на скопската социјал-демократија е непобитен факт. Кој може да се илустрира низ громогласниот молк на медиумите од главниот град кои ниту приближно ја покриваа темата Камчев како што го сервисираа бегството на Груевски. Додајте го на тоа и изненадувањето од притворот на Мијалков и веќе добивате претстава за изолацијата на скопските социјал-демократи од битни decision-making потези на кабинетот на Заев. Кој – мора да се признае – со притворот на Мијалков на изненадувачки храбар начин одговори на повиците за демисија на Оливер Спасовски од сегашните, но и идните можни функции. Што и ја објаснува причината зошто повиците за негова демисија повеќе доаѓаа од неговите сопартијци отколку од опозицијата. 


Ножевите во Бихаќка се веќе извадени


Во секој случај, извесно е дека ножевите се веќе извадени во Бихачка, проследени со повици дека „Македонија е уморна од лидери”. По што неминовно ќе следи конгресната „Осма седница” на која ќе се решава дали партијата ќе остане во рацете на „лидерот” или пак превземена од конзилиум на „проверени искусни кадри”. Но доколку мислите дека станува збор за обична партиократска пресметка на Заевисти и Радомили како втор акт на драмолетката „Бранко е крив”, тогаш сте во заблуда. Бидејќи, како што судирот на младата скопска социјал-демократија со Глигорие Гоговски го најави крајот на комунистичкиот бедем на самоуправување, така и тековниот судир во СДСМ е рефлексија на долго одложуваниот судир помеѓу стариот концепт на скопската социјалдемократија со целосно изменетата Македонија. Судир во кој, евидентно, веќе нема ниту место ниту причина за изговорно „збивање редови” во одбрана и рушење на Груевизмот.
Тој судир кој ќе ескалира во месеците пред нас ќе ја дефинира шизмата помеѓу популизмот на Заев и Јапизмот на Шеќеринска. Навидум, во таа поделба на улогите, етикетирањето на Заевизмот со популизам подвлекува негативистичка аура на антимодернизам. И така и би било, доколку негативноста на популизмот не беше парирана од статичкиот, статус-кво елитизам на Јапизмот на Шеќеринска, персонифициран низ суријата излитени и презрени киднапери на смислата на прогресивизмот и авангардната мисла. Поедноставено, елитизмот на Шеќеринска ја ублажува негативната конотација на популизмот на Заев и истиот го прави попривлечен и поподатен за поддршка од страна не само на гласачите, туку и добар дел од меѓународната заедница.
Херметичната затвореност до работ на целосна аутистичност, потпомогната од истрошената медиска камарила и веќе презрените вештачки билдања на рејтинзи и вулгарен јавен дискурс го имаат доведено Јапизмот на скопската социјалдемократија на работ на баналност и изложено на јавен потсмев. Кариер-персоналната логика на „промена – тоа сум Јас” е Дамокловиот меч кој екслузивно настроената скопска социјалдемократија ја држи над сопствената глава. Со опасност да мечот премине во рацете на добар дел од младите кои ионака оценуваат дека полесно ќе се пробијат преку грбот на поприемчивиот за промени Заев и низ слоганот „промена – тоа сме Ние”. Но во таа поделба на улогите, едно е сосема извесно. Доколку реалните промени не бидат испорачани од страна на СДСМ, тоа секако ќе биде искористено од пост-груевистичкото водство на ВМРО-ДПМНЕ. На првите следни избори.
23-11-2018, 03:57 PM
Reply