Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ТЕОДОСИЕВСКИ - МИТЕВСКА
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 13,837
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Политикантски памфлет


[Image: Untitled-22-600x300.jpg]

Нашиот (велат) „еден и единствен“ Милчо Манчевски, на затворањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, рече дека научил дека најважното во животот е – квалитетот. Многумна со тоа би се согласиле, особено ако истото се однесува на творештвото. Јас, се разбира, не. Односно, ама баш никако не се согласувам со таквата констатација. Дури и во/за творештвото. Или – особено во творештвото. Зашто, прво, нема нешто порастегливо односно – поконкретно – поменливо од квалитетот. Низ вековите, а денес особено. Земете го ако сакате токму филмот, како (условно) најмлада уметност. Кои и какви беа стандардите и критериумите за квалитет во филмот пред само дваесеттина години, а кои и какви се денес? Со какви очи денес ја гледаме „фамозната“ Хелене Берта Амали „Лени“ Рифенштал (не случајно ја спомнувам во овој контекст!), наспроти нејзиното место во времето на нацизмот (па и ова не е случајно спомнато!)? Да не говориме за „квалитетот“ на филмот во времето на браќата Манаки! Затоа и велам: да, квалитетот е битен во животот, особено во творештвото, ама единствена константа во обете – и во животот и во творештвото – е моралот. И честа, како негов неизоставен, постојан придружник. Нема квалитет без морал, такво нешто не постои. Историјата на уметноста, во минатото и денес, не препознава неморални / нечесни уметници. Односно – не (сака да) ги гледа, за неа не постојат. Или – постојат на некои не баш популарни и „квалитетни“ листи. Историјата на уметноста можеби прифаќа да го цени нивниот квалитет, ако воопшто го има односно ако таквата категорија може да егзистира без претходните две, но не го возвишува, не го чествува. Моралната вертикала е сепак единствената можна вертикала во животот и во творештвото!
Зошто ваков вовед? Затоа што токму ден пред „славната“ реченица на Манчевски на спомнатиот Фестивал, македонската публика имаше една – и сигурен сум дека ќе биде единствена – прилика да види токму едно неморално, нечесно „остварување“ целосно финансирано со државни пари. И тука сега можеме да разврземе приказна и за неморална / нечесна држава, за неморални / нечесни учесници кои во името на таа држава одобриле пари за таков филм итн. И ќе бидеме во право, во се’, зашто сето тоа е – точно! Но и не е никаква новост зашто она што речиси до вчера го знаевме како македонска култура и (особено) филмот како дел од истата, беше неморал во континуитет, нечесност и непрофесионализам во најчист вид, а често и идиотштина, памфлет, скарадност, зло. А ова што го видовме не платното во Битола е сето тоа – заедно!
Зашто филмот „Кога денот немаше име“ е политикантски памфлет без преседан во македонската култура, зло кумулирано во деведесетина минути кое што свири на тенките националистички и етнички жици, подметнува, обвинува, се затскрива зад група млади луѓе за да шири омраза и невистини … Тоа е неговата основна и крајна цел и тука нема ама баш никакви дилеми. Зашто, прво, еден филм со сериозно обмислен творечки концепт, никогаш не би се концентрирал на тема каква што е случајот „Монструм“ тоест „Смилковско езеро“. Зошто? Затоа што тоа е политички и судски – незавршен случај! Со што тогаш се бави филмот, со која и каква приказна, и врз основа на што директно и неотповикливо обвинува? Што, во случајов, се сценаристите, режисерката, продуцентката: полиција, обвинители и судии, во едно? Плус – филмаџии? И кому му го поттураат тоа кукавичко политикантско јајце, овде вообличено во типичен памфлет од нацистички (Рифеншталовски) происход? На македонската јавност, на албанската јавност, на обете? И со каква нечесна намера?
И не е никаква тајна во кое време беше смислено ова „остварување“ – иако останува тајна од кого, и зошто, но и тоа ќе се утврди – и целосно исфинансирано како божем врвен производ на македонската кинематографија. И, барем за потписникот на овие редови, не е никаква тајна зошто беше смислено ова „остварување“. Како и начинот на неговата реализација, токму во стилот на груевизмот: извади ги на улица, донеси камери, прогласи ги за виновни! The end. И кој тука смее да ти противречи? И не се сомневам дека сите во „остварувањето“ се изманипулирани. Некои свесно, некои несвесно; некои дебело платени, некои потенко. За жал, групата млади актери-натуршчици е целосно и беспоговорно изманипулирана. Или, можеби и тие мислат дека „Смилковско езеро“ е албанско сценарио за предизвикување меѓуетнички судир? Не знам, можеби е дури и така, ама уметноста, ако е навистина уметност, а овде се пледира за такво нешто, не може, не смее да се бави со омрази и предрасуди од такви размери, со неаргументирани обвинувања, со подметнувања … додека трае судски процес за утврдување на вистината. И вината! Што воопшто не е мала работа. Згора на се’, уште пред безмалу две години, лидерот на опозицијата, сегашен премиер, отворено и безрезервно кажа дека за случајот „Монструм“ постојат цврсти докази дека обвинетите не се вистинските извршители. Ама тоа не ги интересираше инволвираните во филмот, нели? Или тие одработуваа односно добиваа наредби и одлуки од повисоки (политички) инстанци? Од министерката за култура, од премиерот, директно, како папет-мајстори за такви намештаљки?
Некој мора да одговори на овие прашања. Не директните инволвирани – тие веќе кажале што и како имале да кажат. Мислам на оние кои одлучувале, оние кои на едно вакво сценарио му дале едно чудо државни пари да биде реализирано токму на овој начин. И кои што продолжуваа(т) да им даваат државни пари на вакви политиканти! Наспроти се’, наспроти здравиот разум, наспроти промените во општеството, наспроти општата културна клима во државава.
Не знам кога ќе бидеме подготвени сериозно да разговараме за културата. Ако и денес не сме – а изгледа не сме – прашање е кога ќе дојде тој ден. Иако, ако цените по тоа кој се’ почна да соли памет и полека повторно да се инфилтрира во (демек) првите редови, никогаш и нема да бидеме. Нема да бидеме се’ дури не почнеме отворено да говориме за луѓе и појави, за парадигматични ситуации, за состојби што не смеат понатаму да се толерираат. Ние мора да кажеме дека македонски рифеншталки не ни требаат. Точка. Инаку, ги губиме сите шанси за сериозно идно промислување на културата, но и за шансите што би им ги понудиле на младите како некаква нивна творечка иднина во оваа земја.
А она за квалитетот од почетокот, тоа, за среќа, и нема никаква врска со ова „оствараување“. Во тој поглед тоа е само еден лош, бескрајно лош и крајно неморален филм!
Златко Теодосиевски
04-10-2017, 11:55 AM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 13,837
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote:РЕЖИМ ВО РАЃАЊЕ


[Image: 225298_106865329401485_5643302_n.jpg?oh=...e=5A872181]

Ова е мое трето писмо до Вас во изминативе неколку недели и прво кое мора да биде јавно. Во првото Ве известив дека според третманот на филмот ‘Кога денот немаше име“, со обид да биде исклучен од репертоарот на овогодишниот фестивал ‘Браќа Манаки’, иако веќе беше поканет уште од февруари во Берлин од директорот и селекторот на фестивалот, и според други сигнали по неформални канали дека постојат силни индиции за спроведување цензура и политички притисок. Како реакција на тоа писмо истиот ден добив повик од кабинетот на ресорниот министер и ме уверуваа дека такви сплеткарења и удари на слободата на изразување не се можни и дека случајот брзо ќе се расветли по соочување на сите инволвирани и одговорни за оваа манифестација.
Јас за потребите на интерната расправа во кабинетот на ресорниот министер обезбедив линк за да се погледне филмот кој беше оцрнет како дело кое шири говор на омраза и поттикнува на насилство и побарав да се спроведат сите соодветни процедури. Линкот никој не го отворил, филмот никој не го погледал во оваа пригода. Како разрешница, филмот доби повторена покана, овој пат по писмен пат, да учествува во натпреварувачката програма, ниту на отварање ниту на затворање на фестивалот, веројатно за да не ги контаминира најпосетените и најпривлечните фестивалски вечери.
Е сега да ви раскажам како изгледа еден режим во раѓање, Вам на првиот борец против груевизмот, политичарот кој ја донесе слободата и демократијата во Македонија со раскрвавена глава. Во петокот наивно допатував во Битола каде буквално, пред влезот на хотелот ме пречека престрашеното лице на Агнес Годар, првата жена лауерат на специјална награда на овој фестивал, која е директор на фотографија токму на овој филм. Не ми ни дозволи ниту да се сместам со моето семејство па да ме почека да разговараме и не престана да ме бомбардира со прашања и да се чуди што се случува, што се случува со филмот. Набрзо потоа сфатив со неверување зошто е толку испаничена. Замислете, шест години го водев фестивалот и го градев тимот и нема кој да ти се насмее, нема кој да те поздрави, спуштаат и вртат глави. Исплашени да не ги види некој дека се срдечни или да не покажат некаква блискост. Општествено политички неподобнa! А странските новинари во чудо. Е ова досега беа индиции и впечатоци, а сега малку за евидентни докази за раѓање на нов и многу пострашен режим од груевизмот за кој доколку Вие не реагирате под итно ќе ја сносите директно целата одговорност.
Господине Премиер, на 2.10.2017 во Плусинфо и во печатеното издание на васникот Слободен печат на 4.10.2017 бр.1180 беше објавена колумна на Златко Теодосиевски ‘Политикантски памфлети’, која ја прекина мистеријата кој стои зад таа хајка и кој ја шири таа пизма и води кампања за етикетирање, оцрнување и обвинување. Дотичниот е посебен советник на Министерот за култура во Владата на РМ со која претседавате Вие господине Заев и доколку по ваквиот негов клеветнички неоснован напад Вие не реагирате и го оставите да ја шири својата токсичност води до заклучок дека сте покровител на овој политички прогон, невиден на овие простори од најцрните тоталитарни периоди. Да Ве потсетам што Ви напишав во првото писмо, ако сте го прочитале, а се сомневам, бидејќи посебниот советник, само еден ден по завршувањето на фестивалот го објави веројатно најсрамното писание во историјата на македонската култура. Во првото писмо до Вас јас Ви објаснив дека битките за признание и почит дома јас ќе си ги водам, но дека од Вас барам заштита од политички притисоци. Епа ако вака го замислувате заштитувањето сме го обрале бостанот.
Посебниот советник наспроти тие укажувања во писмото до Вас, во колумната запенавен обвинува за нацизам, мене и Теона нè нарекува Рифеншталки, заборавајќи дека косценарист е Елма Татарагиќ, селекторот на Сараевскиот фестивал и почитуван член на низа меѓународни филмски тела, која исто така значи пишувала сценарио по нарачка, па нè обвинува за повикување на омраза кон Албанците, дека Груевски или Канчевска го нарачале филмот, дека манипулираме, дебело наплаќаме за тие услуги, дека филмот е целосно финансиран од државни пари (ноторна лага! Еве накусо структура на финансии: во процент од 46% или во средства 487.000 од 1,050,000 евра се доделени на конкурс на Агенцијата за филм на РМ, потоа Белгија со 24%, Словенија со 10% и 16% Еуримаж, пари пристигнати од најпрестижниот Европски филмски фонд и 4% сопствено учество). Произлегува дека сите тие комисии, одбори, продуценти работат за пропагандата на претходната влада и финансираат културен продукт кој е осмислен за да предизвика насилство и омраза!? Во ‘курирски’ стил, на страниците на ‘Слободен печат’, со сосема измислени и неосновани тврдења, за кои доколку има докази го повикувам да ги достави до соодветно јавно обвинителство или служби на МВР за да ги истражат, а и до целокупната македонска јавност, кога, од кого, каде било нарачано ова дело.
Какви сè не конспираци и сплеткарења си измислува, што во детали ќе го читаат и расчитуваат адвокати и судии, ама прочитајте и Вие. Вие господине Заев ја презедовте на себе политичката одговорност за укинување на сите облици на авторитарност, етатизам, и партизација, за воведување на правна држава, процедури и критериуми како гаранти на слободата и демократијата. Повелете, Вие сте на потег.
Јас се чувствувам прилично извалкана и згадена од нашиве мизерии. Знам, сега сте во кампања и имате држава да водите, ама па јас не Ви ги бирав соработниците и кога тие не берат гајле за тоа кога и како, јас ќе простите уште помалку ќе калкулирам, а имам чест и углед да си бранам, ќеркичка воспитувам да биде слободоумна, храбра, па морам пример да ѝ дадам. Минатиот пат не ми одговоривте директно, сметав сме се разбрале, па и дека нема потреба. И овој пат не мора да ми пишувате, но од Вас ќе очекувам конкретни мерки за заштита на слободата на изразување, за слободата на уметничкото творење, за слобода да се мисли со своја глава и да се говори на секоја тема, па кога и на Златковци нема да им се допадне, па да немаат право да претат од позиција на моќ со истраги и со закани за недавање повеќе државни пари на од него обележаните автори. Тој во текстот прети дека филмот никој освен фестивалската публика во Битола нема да го види, па прети и со цензура значи. Посебниот советник на Министерот за култура заслепен од омраза конструира сценарија, без никакви докази, фабрикува лаги за начин и износ на доделени средства, влегува во отворена кампања за дефамација и дискредитација на личниот и професионален углед на едни од најуспешните филмски автори од Македонија и прети дека ќе стави точка на тоа. Тој, повиканиот да помогне при креирањето на културни политики прети како диктатор. Еве застанувам прва на листата. Вие бирате господине Заев дали ќе сум прва и последна на Теодосиевската листа или прва на Заевата, бидејќи така ќе Ве памети историјата ако дозволите ова зло да продолжи да се шири и овој посебен советник на Министерот не биде набркан од просториите на Владата на РМ поради груба злоупотреба на службена позиција!
И почитуван Претседателе на Влада на РМ, нашата премиера е на 12 октомври во кино Милениум, повелете да го видите филмот, ние гордо стоиме зад ова дело!

Лабина Митевска
04-10-2017, 12:05 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 13,837
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3

Quote:Реакција на Министерството за култура за отвореното писмо на Лабина Митевска упатено до Претседателот на Владата на Република Македонија, г-н Зоран Заев



Среда, 04 Октомври 2017 12:37

Во врска со отвореното писмо на актерката и продуцент Лабина Митевска упатено до Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, поврзано со колумната на Златко Теодосиевски со наслов „Политикантски памфлет“ објавена на 2 октомври 2017 година на порталот „Плусинфо“,  Министерството за култура на Република Македонија децидно ги отфрла обвинувањата за какви било закани и притисоци од страна на Министерството за култура и Владата на Република Македонија по однос на прикажувањето на филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска, во производство на продукцијата „Сестри и брат Митевски“.
Напротив, токму Владата на Република Македонија, надлежната Агенција за филм и Министерството за култура помогнаа да се разреши ситуацијата од пред неколку месеци помеѓу организаторите на Фестивалот, Друштвото на филмски професионалци на Македонија и продуцентите на филмот, по што тој и беше прикажан на годинашното издание на Фестивалот „Браќа Манаки“. Токму со тој потег оваа Влада и раководството на Министерството ги демонстрираа во практика вредностите за кои се залагаме - отвореност, слобода на говор, можности за отворени дебати, рецензии и критики.
Во тој контекст, би сакале да потенцираме дека претставниците на Министерството за култура и на Владата на Република Македонија принципиелно застанаа на ставот да не го гледаат филмот пред неговата јавна премиера преку понудениот линк од продуцентката Митевска, ниту пак да го гледаат филмот на понудената затворена проекција од страна на продукцијата, токму затоа што не се гледаме себеси во улога на цензори или на комисии што се својствени за недемократски режими и за системи на едноумието. Министерството за култура и Владата на Република Македонија и со овој потег потврдија дека одбиваат да бидат оценувачи и рецензенти на уметноста, нешто што беше пракса на минатата власт, туку дека застануваат цврсто зад промовирањето на слободниот уметнички израз и слободата на говорот. Сметавме и сè уште сметаме дека единствен судија за уметничките дела треба да биде стручната јавност и публиката.
Што се однесува до колумната на Златко Теодосиевски, би сакале да потенцираме дека неговата  колумна е негов личен став, и во никој случај не ги одразува официјалните ставови и политики на Министерството за култура. Вистина е дека Теодосиевски е посебен советник во Министерството, но неговото присуство на Фестивалот „Браќа Манаки“ и на проекцијата на филмот било во лично својство, а не во својство на советник во Министерството. Неговиот повеќегодишен колуминситички стаж и неговите колумни немаат и не смее да имаат никаква поврзаност со неговиот ангажман и задолженија во Министерството.
Министерството за култура на Република Македонија упатува отворен повик до нашата истакната уметница Лабина Митевска за отворен разговор, со искрена надеж дека ќе успееме да ги надминеме овие недоразбирања.
04-10-2017, 02:03 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 13,837
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#4

Quote:Слушам, нашиве „филмаџики“ уживаат да се допишуваат со премиери, со претседатели на држави. Ние, обичните, сме им под „честа“ (што ја немаат), иако всушност ние им ги финансираме „остварувањата“. Случајно, го имам меилот на Гутиереш, претседателот на ООН. Можеби сакаат и нему да му пишат? Да му објаснат како, онака одлесно, предвреме осудија цел еден народ? И зошто? И по чија наредба?
Она што всушност треба да го направат е да им пишат на семејствата на обвинетите кои одлежаа толку години затвор, а кои што – директно и неотповикливо – беа прогласени за виновни токму (и) преку нивното филмувано „остварување“. Ако имаат толку, и таква, доблест, се разбира. А ја немаат, знам, ниту ќе ја имаат. И тоа се нешта што се учат во првите години од животот и во рамките на семејстовото.

Златко Теодосиевски
04-10-2017, 11:10 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 13,837
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#5

Quote:Рецензија: „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска: Катастрофален филм што засега една неразјаснета катастрофа


[Image: 22192855_1153561174775680_1455871487_n-701x475.jpg]

30.09.2017
Четвртиот игран филм насловен „Кога денот немаше име“ на режисерката Теона Стругар Митевска е можеби најлошото филмско остварување во нашата мала кинематографија. Овие неполни два часа визуeлно тормозење не може да се простат ниту на филм сработен како студентска вежба. Доколку тој би бил тоа, сигурно студентот би внимавал барем на основните занаетски грешки. Но, тоа што исклучително навредува е неговото повеќеслојно безобразие упатено и кон обичниот филмски консумент, а за оние со поостро око едноставно неиздржливо. Манипулативен во секој поглед, наспроти искрената и солидна актерска игра на шесте натуршници.
Но, да одиме по ред. На премиерата не пристигна режисерката Теона Митевска, која долги години живее надвор од Македонија – имала проблеми со нејзината патна исправа. Во отсуство на Теона, продуцентката Лабина Митевска го образложи мотивот за снимање приказна инспирирана од еден неразјаснет трагичен настан – убиството на матурантите кај Смилковското Езеро. Како што рече таа, и во самото интро на филмот пишува, овој настан е само мотив да се проговори за некаква македонска реалност и животот на младите луѓе пораснати во транзиција и во дисфункционални семејства. Контроверзно од самиот почеток. За македонската реалност и безизлезот на младите луѓе небулозно и „смело“ авторизира и говори режисерка која не живее тука.
Повторно, Лабина образложува дека таа правела долги истражувања пред снимањето на овој филм, по што треба да поверуваме во нејзината веродостојност во приказот на македонската реалност. А приказот е следен. Трапаво на ниво на апсолутен дилетант, Митевска ни покажува фрустрирани декадентни момчиња во стапица на еден психопатолошки контекст, опседнати со девијантен секс и албанофобија. Да биде трагедијата поголема, едно од момчињата со инвалидност треба да биде антипод на целата оваа патетична психоза и да ни претстави дека истото е помалку инвалид од целиот осакатен систем. Оваа тема е одлична и сме ја виделе сработена во манирот на француската или скандинавската кинематографија каде што бунилото од тегобност навистина е пресликано во филм, но навистина во филм. Тука станува збор за подвижни слики, со грешки во монтажата и навредлив потконтекст. Грешките се евидентни и во сценариото, драматуршки неиздржани – во реплики каде што има приказ на млади луѓе кои разменуваат единствено вулгарни реченици влетува зборот „албанофоб“ па истите тие употребуваат израз „риболов“ па исто така нешто додаваат околу смислата на животот. Неизградени ликови, кои можеби требале да прозвучат документаристични, не знам.
А документарноста во случајов, вели продуцентката Митевска, е изземена, „станува збор за творечка слобода и авторски филм“. Да се нарече „Кога денот немаше име“ авторски филм е само обланда преку која може да се провлече овој лош филм. А тој, да, се продал во Камбоџа и на источниот пазар, нè информира продуцентката. На каков прием ќе наиде кај домашната публика, тоа очекуваме да го видиме по неговата кинодистрибуција. Со регуларна продукциска проценка, снимањето на овој филм ни одблизу не може да го впие буџетот од 2 милиони евра. Во кастингот има четири професионални актери, Лабина Митевска, Николина Кујача, Ратка Радмановиќ и Ана Костовска (која е на висина на задачата), се користи ентериер на една полуизградена куќа, некој распаднат објект сличен на студентски дом. Француската кинематограферка Ањес Годар се обидела да извади некои кадри и да ја доближи пораката, која се губи во лошите режисерски решенија. Како и да го прими домашната публика, дали тој ќе има политички импликации, колку ќе се спори за неговиот социјален контекст, ќе остане да покаже времето.
Во меѓувреме тој ќе биде оправдуван со разноразни манипулации или, сликовито кажано, ќе се правда како што би се оправдувало евидентно неверство. Видовме ама не е така како што нам ни се чини. Конечно, „Денот кога немаше име“ сериозно ја наметнува темата дали ќе дојде денот кога филмот кај нас ќе биде сериозно разбран, како скапа уметност која ќе се оддалечи од рацете на оние што не знаат што прават. Тој ден секако ќе добие свое име.
Ана Василевска
05-10-2017, 12:35 AM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 13,837
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#6

Quote:Јорданка Ивановска -Јоци фб статус

Да ви ги пренесам импресиите од филмот "Кога денот немаше име". Станува збор за тежок филм, кој не може секому да се допадне, затоа што темата не е допадлива ни оддалеку-убиство на млади луѓе, меѓуетнички тензии, македонско секојдневие, тинејџери кои се бесни и гневни, пцујат, се навредуваат и себеси и другите, сите им се виновни, дисфункционални македонски семејства, социјални разлики, блуд и валкан секс, неостварени и остварени фантазии, третманот на жените на Балканот...
Луѓето не сакаат кога им раскажувате вистини.
Отидов да го видам за да сфатам дали сестрите Митевски се нацистки, како што ги нарече владиниот советник во мин.за култура, Теодосиевски.
Мојот одговор е - НЕ !
Јас многу добро знам што е нацизам, образована сум и поткована, а тој може само да прочита соодветна литература и да се образува дополнително, со оглед на тоа дека е ликовен уметник.
Нацизам не е кога некој ќе ја раскаже реалноста на големото платно. Извинете, вака, ама не е. Особено не онаа вистина во која не сакате да верувате, одбивате, ви се лоши од неа.
Мене не ми се лоши од вистина.
Ова е филм, кој, откога ќе го изгледате мора да ви легне, најмалку пет дена. За публиката.
Но, мене како пишувач, моите ментори ме учеа, додека бев новинар, е дека не треба ништо да легнува, напротив да се опишат првичните импресии, затоа што потоа автентичните впечатоци бледеат.
Подлогата за филмот е убиството на 4 млади луѓе на Смилковско езеро (во реалноста се 5, еден беше случаен сведок, постар човек, кој во филмот не се третира). Подлогата е таа, но животите на младите во филмот, се екранизирана и фиктивна верзија на животите на случајно избрани македонски тинејџери, кои, ги сретнуваме во маркет, на улица, на клупи...
Се меша реалноста со фикцијата.
Во еден дел од филмот дури е и екранизирана и случката со кражбата на точакот од Ѓорче Петров и убиството на младиот Ангел. (Во филмот нема негово убиство, само кошкање меѓу македонски и албански деца). Но, дијалозите се истите извици, кои, ги слушавме истата вечер на вести, кога имаше немири.
Во филмот, режисерката и сценаристка, Теона Митевска, не штедела никого. Многу е сурова и себична, можела барем да направи лик кој е топол, некој вид изграден и зрел заштитник на другите од грди стереотипи, но-не. Сите се на свој начин одвратни и кон себе и кон околината. Само при крајот, еден од момчињата станува совесен и го обвинува едниот другар дека албанофобијата ќе го чини скапо. Кога е предоцна. Кога веќе работите се отидени предалеку. Тој веќе навреди луѓе на бензинска на религиозна основа.
Митевска, не ги штеди ни националистите, ни албанофобите, ни педерите ( двајца од карактерите се латентни гејови, но задолжително се нарекуваат меѓусебе погрдно педери, затоа што не им се дига на жени и така некако се празнат).
Она што не ми се допадна во филмот се слабите дијалози меѓу карактерите и лошиот изговор на младите актери-аматери. Не знам дали во прашање беше тонот или нивниот нејасен изговор, но тоа е пропуст.
За овој филм секому му е потребен јак желудник. Оној кој го нема нека гледа лесни серии на тв, комедии, љубовни филмови, а богами ги има.
Ова не е филмска критика, бидејќи јас не сум тоа. Ова е само впечаток. Мој, личен.
Ќе ве поздравам со еден стих од една од нумерите во филмот "Кажи нешто драга, макар и лага", кој за мене беше најимпресивниот кадар. (Крупните кадри со очи кои зборуваат, се многу добри).
Зошто ?
Бидејќи, македонското општество ужива да тоне во лаги. Да слуша се', освен вистината. Да му се обландира вистината со чоколадо, глазура, јаготка.
Честитки до сестрите Митевски Teona Mitevska, Лабина и братот Вук.
На Македонија се' и треба. И серии, и сапуници, и вакви филмови.
Најмногу вистината. Да се копа до доле, до најцрното.
Они ископаа доста. Особено нервите на политичарите, кои, останаа должни вистина.
13-10-2017, 12:25 AM
Reply