Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 1 Vote(s) - 5 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
РЕФОРМАТОРСКИОТ ЛЕТ ВО МЕСТО
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,599
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Зошто „европско“ ВМРО – ДПМНЕ

[Image: 21271282_1654678411208826_84515767117625...e=5A5AA651]

03.09.2017
Како политичка партија која преовладува со своето влијание во десниот центар на политичкиот спектар од политички партии на политичката сцена во Република Македонија, ВМРО – ДПМНЕ е политичката партија, преку чиј пример може да ја претставиме идеолошката матрица на десничарските партии. Анализата започнува со презентирање на главните процеси од дејствувањето на партијата на политичката сцена во земјата.
ВМРО – ДПМНЕ е политичка партија, наследник на идеалите и традицијата на историското ВМРО. Со оглед на долгиот период на дејствување на историската ВМРО во Македонија, таа остана силно врежана во меморијата на секој македонски граѓанин, таа едноставно стана начин на живот и размислување. Од тука произлегува дека социјалната база за создавање на ВМРО – ДПМНЕ како политичка партија беше толку широка и постојана, што формирањето на партијата на 17 јуни 1990 година помина сосема едноставно и прифатено од мнозинството граѓани на Република Македонија како очекуван настан. Јавното и отворено профилирање на партијата како национална и партиотска организација која се темели на традицијата и идеологијата на историското ВМРО, и обезбеди широка подршка кај македонските граѓани, со што ВМРО – ДПМНЕ го започна својот пат на дејствување како политичка партија на политичката сцена во Република Македонија. Досегашното дејствување на ВМРО – ДПМНЕ можеме да го разграничиме во четири периоди на постојани промени, транзиција, идеолошко и организациско надградување на партијата. На тој начин ќе се овозможи подлабинска анализа, која ќе дефинира одреден број на фактори кои влијаеле на степенот на имплементација на европските вредности во рамки на дејствувањето и политичката програма на ВМРО – ДПМНЕ.
Првиот период од политичкото дејствување на партијата започнува со процесот на создавање на независна и демократска македонска држава. Тој процес е дотолку комплициран, што претставува процес на создавање на нови држави на Балканот, тоа е процес на распаѓање на југословенската федерација како вештачка творба, процес на распаѓање на комунистичкиот општествен систем и раѓање на ново демократско општество, но за македонскиот народ, тоа е пред се процес на национално ослободување од деценискиот српски колонијализам на Македонија и создавање на национална држава за прв пат во современата македонска историја. Во такви комплицирани домашни и надворешни услови, создавањето и дејствувањето на ВМРО – ДПМНЕ како политичка партија, повеќе може да се разгледува како дејствување на ниво на национално движење на сите незадоволни граѓани од комунистичкиот, односно социјалистичкиот југословенски режим, но и национално движење на сите кои ја подржаа идејата за создавање на независна македонска држава, врз база на идеите и традицијата на историската ВМРО. Идеолошката платформа на ВМРО – ДПМНЕ во тој период беше профилирана до одреден степен, пред се под влијание на иделошкото наследство кое го прифати од историското ВМРО. Сепак, ако се знае дека идеолошката платформа на историското ВМРО била толку напредна за тие времиња, може да констатираме дека идеолошката платформа на ВМРО – ДПМНЕ изградена на историската база, во време на првиот период беше најнапредна од сите политички партии од Република Македонија, во поглед на националните прашања и процесите на евроатланската интеграција на новата држава. Така, идеалот на ВМРО за слобода и државност се преточи во идеалот на ВМРО – ДПМНЕ за изградба на независна, слободна и демократска македонска држава, идеалот на ВМРО за меѓународно етаблирање на идната држава и соработка со „западниот свет“ предводен од Америка и Англија, се преточи во идеал на ВМРО – ДПМНЕ за евроатланско интегрирање на Република Македонија, до степен на полноправно членство во НАТО и ЕУ, идеалот за економска слобода на македонскиот народ од вековниот странски колонијализам на историското ВМРО, беше преточен во идеалот на ВМРО – ДПМНЕ за создавање на услови за функционална пазарна економија и воспоставување на неограничена приватна сопственост и т.н. „...Незадоволни и крајно разочарани, членовите на ВМРО беа главни носители на политичката опозиција во комунистичка Македонија. Неприфаќајќи го статусот на Македонија во рамките на југословенската федерација, членовите и симпатизерите на ВМРО организираа бројни тајни политички групи и организации. Најголемиот број од нив го носеа името ВМРО, а главна цел им беше создавање на самостојна, независна и демократска македонска држава, со воспоставен систем на слободна и пазарна економија. Борбата за самостојна Македонија продолжи и во периодот на стекнувањето на независност во деведесеттите години на 20-от век. Тогаш, по основањето на 17 јуни 1990 година, новосоздадената партија ВМРО – ДПМНЕ беше единствената политичка сила која отворено се залагаше за одделување на Македонија од југословенската федерација, воскреснувајќи ја идејата за самостојна и суверена македонска држава, за заокружување на македонската државност и нејзино меѓународно признавање, што денес во Република Македонија стана реалност. ВМРО – ДПМНЕ, како наследник на историското ВМРО, секогаш беше на првата линија во борбата за демократско етаблирање на Република Македонија. Под закрила на оваа идеја, беше промовирана македонската валута, константно беше афирмирана политичката ориентација за членство на Македонија во Северноатласката алијанса (НАТО) и за продлабочување на стратешкото партнерство со Соединетите американски држави (САД), беше поднесена првата декларација за членство на Македонија во Европската унија (ЕУ), беше подготвена и започна реализацијата на првата сеопфатна програма за економски препород и развој на Македонија...“.
За време на првиот период, ВМРО – ДПМНЕ постигна огромен напредок во афирмирање на партијата на домашната политичка сцена, наспроти постојниот државно – политички апарат на бившите комунисти, преименувани од КПМ, СКМ во СКМ – ПДП, а подоцна во СДСМ (Социјал демократски сојуз на Македонија). По постигнатата победа на првите повеќепартиски парламентарни избори во Република Македонија во 1990 година, партијата не успеа да формира Влада, пред се поради отсуството на внатрешен интелектуален капацитет, но и поради силното влијание на комунистичките инсталации кои во целост функционираа во Република Македонија во тоа време. Формираната прва експертска Влада на РМ, за кратко време беше соборена од страна на комунистичките структури во земјата и власта повторно премина во нивни раце, во коалиција со новоформираната политичка партија на Албанците во Македонија, ПДП - НДП. Меѓутоа идеолошката профилираност на партијата како силно антикомунистичко и национално движење, комулираше толкава енергија во себе, што иако опозициона партија, таа ги предизвикуваше и предводеше процесите за зајакнување на младата македонска држава. Во тој период се одржува IX – от Конгрес на ВМРО – ДПМНЕ во Прилеп 1991 на кој е донесена првата Конгресната резолуција за натамошно дејствување во четири тематски подрачја: за темелните права, за одбраната, за стопанството на македонската држава и за духовниот живот. Резолуцијата нагласуваше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за самостојна македонска држава на македонскиот народ и на граѓаните кои живеат во неа, чие остварување е можно преку заложбите на сиот македонски народ на Балканот, во Европа и во светот. Покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ повикуваше на национално помирување и обединување на сите Македонци, каде и да се и без разлика на идеолошките и политичките уверувања, во името на создавање самостојна, обединета македонска држава. Освен за идејата за Македонска војска и за отстранување на ЈНА (Југословенската народна армија) од македонските простори, се зборуваше и за самостојна монетарна и фискална политика, за воведување македонска парична единица, за потребата од модерен даночен систем и царини, за самостојни економски односи со странство и за правото на македонскиот народ самостојно да располага со сите национални богатства и ресурси на македонската држава. Партијата ја истакна потребата од вградување на македонската историја, на духовната традиција, на уметноста, на литературата, на јазикот, во сите сегменти на општествениот живот. Со таа резолуција, ВМРО – ДПМНЕ јасно се декларира како антикомунистичка и национално определена политичка партија, која ги прифаќа демократските вредности за свои, го истакнува антиколонијалниот карактер и државотворен капацитет. Сепак, и покрај дејствувањето на партијата како национално антикомунистичко движење, доживува катастрофален пораз на вторите парламентарни избори во 1994 година, кои ги прогласува за фалсификат и истите ги бојкотира во вториот круг.
продолжува...
Петар Богојески
(This post was last modified: 23-09-2017, 05:01 PM by ЈорданПетровски.)
12-09-2017, 08:26 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,599
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote:Зошто „европско“ ВМРО – ДПМНЕ


[Image: 21728041_1662339507109383_44892665383697...e=5A85A953]

12.09.2017
Во такви услови се одржува X – от Конгрес во Кичево 1995 година, на кој партијата доживеа редефиниција на својот карактер и се декларираше како партија на десниот центар, мошне блиску до европските партии со демохристијанска ориентација. Усвоени се осум декларации, меѓу кои се издвојуваат декларациите за приватизација, за правата на македонските национални малцинства, за македонското национално единство и против политичката репресија и злоупотребите на полицијата и сл. Реизборот на Љубчо Георгиевски за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ и целокупното дотогашно раководство, силно влијае партијата да го заджи стариот курс на изолација од општествените случувања и институции во државата. Дел од раководителите на партијата излегуваат од нејзините редови и формираат свои политички партии, кои го носат предзнакот ВМРО, обидувајќи се притоа да го преземат приматот на политичката сцена и да се повикаат, исто така на традицијата на историското ВМРО. Истакнатата демохристијанска ориентација останува повеќе како декларативна определба, отколку што истата ја разбираат и практикуваат активистите на партијата во првиот период од политичкото дејствување. Главни вредности за првиот период се: создавање на самостојна и независна држава, раскинување на колонијалните односи со Србија, антикомунизот, демократија и слобода, почитување на духовната и националната традиција.
Вториот период на политичко дејствување започнува во 1997 година, со постепеното општествено отварање на партијата и обидот истата да ја зголеми својата социјална база, со цел да си осигура победа на наредните избори. Тоа е период, во кој со подршка од лидерот Георгиевски, започнува процес на зголемување на интелектуалниот капацитет на партијата, внатрешна реорганизација во модерна политичка партија, со отфрлање на стариот концепт на дејствување како национално движење. ВМРО – ДПМНЕ инсистира на силен политички антагонизам на политичката сцена во државата, особено во услови на катастрофално раководење на Владата на СДСМ во сите општествени сфери, особено во економијата и граѓанските права и слободи. Партијата развива свои внатрешни моќни човечки капацитети и силна партиска солидарност помеѓу членовите. Во такви услови на економска криза и длабока политичка поделеност на македонските граѓани, а од друга страна засилена и консолидирана ВМРО – ДПМНЕ, успева да победи на Парламентарните избори во 1998 година. За прв пат дејствува како владејачка партија на парламентарното мнозинство, со што добива можност да ги имплеметнира своите политики во реалност во општествените односи во Република Македонија. Во тој период ВМРО – ДПМНЕ успева да победи и на Претседателските избори 1999 година, а за Претседател на Република Македонија е избран Борис Трајковски. Партијата доживува длабоки промени, а за прв пат нејзините челници и активисти преземаат вистински одговорности и раководат со најзначајните државни институции. Во 1999 година се одржува XI – от Конгрес во Струмица, на кој е усвоена Програмска резолуција во која се нагласува континуитетот на историското ВМРО и политичките цели и идеи на современото, ВМРО - ДПМНЕ како народна партија со демохристијанска ориентација, чија примарната цел е сочувувањето на независна Република Македонија, слободата, солидарноста и праведноста, враќањето кон религиозните корени и афирмацијата на духовните вредности. ВМРО - ДПМНЕ е за почитување на достоинството на човекот, за ефикасно економско функционирање засновано на традиционалните човечки вредности. Нагласени се основните вредности за ВМРО-ДПМНЕ: слобода и правата на човекот, функционирање на правна држава, слобода на здружувањето, слобода на говорот и печатот, слобода на вероисповедувањето, неприкосновеност на сопственоста, рамноправност на половите, загарантирани права на етничките малцинства, единство на државата во меѓуетничка и верска толеранција, независно судство, заштита на семејството како темел на заедницата, и пазарно стопанство со елементи на социјална држава. Сепак, и покрај јасната идеолошка профилираност на партијата и завршениот процес на нејзина трансформација во модерна европска политичка партија, со започнати процеси на нејзино асоцирање во рамки на Европската народна партија, реалните политики се оценети како сосема спротивни на истакнатите вредности во политичката платформа. Така, се појавуваат афери во кои учествуваа дел од раководството на партијата, надворешно – политичките односи и политики целосно ги напуштаат принципите на партијата, кои ги истакнува во својата политичка програма, внатрешно политичките односи и политики исто така, со што ВМРО – ДПМНЕ ја губи подршката кај граѓаните. Пренагласеното партиско влијание во институциите станува причина за внатрешна затвореност и непрагматични одлуки по многу прашања. ВМРО – ДПМНЕ останува изолирана на политичката сцена и во судир со многу општествени процеси внатре во државата, но и со надворешни процеси на Балканот и Европа. Косовската криза во 1999 година и прелевањето на војната во Македонија во 2001 година, предизвика потреба од формирање на Влада на национално единство, со што ВМРО – ДПМНЕ фактички ги изгуби своите позиции како владеачка партија. Главна причина за ваквите процеси е непринципиелниот однос кон сопствените принципи, неспроведување на декларираните политики на партијата. На следните парламентарни избори во 2002 година, ВМРО – ДПМНЕ доживува пораз и станува опозициона партија со силна внатрепартиска криза.
Третиот период од политичкото дејствување на ВМРО – ДПМНЕ започнува со одржувањето на XII – от Конгрес во Охрид во 2003 година. Во тој момент ВМРО – ДПМНЕ е јасно профилирана политичка партија, со задржен примат врз другите партии во десното пространство од политичкиот спектар на политичката сцена, но со процеси на длабока внатрешна поделба. Третиот период е период на имплементирање на „европскиот прагматизам“ како стил на политика промовирана од ЕНП на европската политичка сцена, внатре во ВМРО – ДПМНЕ дејствувајќи на домашната политичка сцена. Тоа е период на воведување на „прагматични практики“ во ВМРО – ДПМНЕ. На Охридскиот Конгрес, избран е нов лидер на партијата Никола Груевски, кој како технократски политичар ги започнува и раководи со наведените процеси на воведување на „прагматични практики“ во ВМРО – ДПМНЕ. Сите тие процеси и постоечката внатрешна поделеност и криза, предизвика поранешниот лидер Љубчо Георгиевски да формира друга политичка партија ВМРО – НП (ВМРО – Народна партија), која застана на патот на реформирање и унапредување на ВМРО – ДПМНЕ. Прагматичните политики од третиот период од политичкото дејствување, предизвикаа отварање на партијата кон општествената реалност и ја вратија подршката кај традиционалната социјална база од периодот пред внатрешната кризата, дополнувајќи ја со подржувачите на новата широка коалиција, предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Таквиот тип на коалиционо здружување со сите партии, незадоволни од политичкото дејствување на Владата на СДСМ, без разлика на нивната идеолошка платформа, остава простор за искривување на политиката на применување на декларираниот прагматизам на Европската народна партија, манифестирајќи се како појава на обичен популизам кај ВМРО – ДПМНЕ. Но сепак, ако ја анализираме ВМРО – ДПМНЕ како самостојна политичка партија и процесите на нејзино забрзано интегрирање во рамки на дејствувањето на ЕНП и засиленото преземење на политиките и принципите на ЕНП за свои, дејствувањето на ВМРО – ДПМНЕ во овој трет период може да се заклучи како прагматично дејствување на една модерна политичка партија. Таа насока партијата ја задржа и на наредниот Конгрес во Штип 2007 година, каде слободно може да се каже дека се заокружени сите процеси на „европеизација“ на ВМРО – ДПМНЕ. Општественото отварање на партијата и прагматичниот курс овозможи победа на парламентарните избори 2006 година и на следните предвремени парламентарни избори во 2008 година, каде ВМРО – ДПМНЕ го достигна својот врв по бројот на освоени мандати во Собранието на Република Македонија. Исто така, партијата ги доби Локалните избори со огромен број на градоначалнички мандати и Претседателските избори во 2009 година, а Ѓорге Иванов е избран за Претседател на Република Македонија. Ова е период на „златната доба“ на ВМРО – ДПМНЕ, каде партијата постана целосно идеолошки профилирана врз концептот на политичкиот конзервативизам, прифаќајќи ги политиките и принципите на ЕНП за свои, задржувајќи дел од својот национален карактер од првиот период, партија со широка општествена подршка и надградена социјална база и партија со јавно промовирана детална изборна програма. Конгресните документи од XII и XIII – от Конгрес на ВМРО – ДПМНЕ како Конгресната доктрина 2007 – Вредности на ВМРО – ДПМНЕ и Програмската резолуција, ги истакнуваат вредностите на ВМРО – ДПМНЕ: реален човек, нација, пазар, приватна сопственост, култура на законитоста, семејство, традиција и вера.
продолжува...
Петар Богојески
(This post was last modified: 23-09-2017, 05:00 PM by ЈорданПетровски.)
23-09-2017, 04:55 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,599
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3

Quote:Зошто „европско“ ВМРО – ДПМНЕ?

[Image: 21558863_1668493809827286_65618374563114...e=5A4577A9]

19.09.2017
Четвртиот период во политичкото дејствување на ВМРО – ДПМНЕ, претставува период на изгубени вредности. Започна со XIV – от Конгрес на ВМРО – ДПМНЕ во Битола 2011 година, период кој може да се карактеризира како трансформација на партијата во „граѓанско движење“. Концептот на негување на националните интереси на македонскиот народ, таков каков што бил за време на првиот период на дејствување како национално движење, целосно се отфрла. На пиедесталот на вредностите се искачува „слепата лојалност“ кон лидерот на “движењето“. Се промовира феноменот на клиентелизмот, како македонска верзија на веќе познатиот концепт на водење на политика на ниски страсти. Под превезот на наводен граѓанскиот концепт и дејствување како граѓанско движење на сите оние кои ги прифаќаат моменталните политики на Владата на ВМРО – ДПМНЕ, без разлика на нивната предходна идеолошка или партиска припадност, всушност се суспендира легитимниот систем на државата и партијата од страна на еден тесен круг на луѓе, блиски до лидерот Груевски по разни основи. Теоретичарите во областа на политичките науки често тој процес го дефинираат како „приватизација на државата и партијата“, а експертите по правни науки и политички систем го истакнуваат терминот „киднапирана држава и партија“. Декларативно, нема голема промена во идеолошката матрица на партијата, за разлика на промената на политиките и практиките во дејствувањето на политичката сцена. Огромната акумулација на моќ и влијание во општествените односи придонесе партијата да се претвори во движење на сите граѓани кои сакаат да учествуваат во политичкиот живот, на сите политички активни поединци, кои во тој момент не се активни во друга политичка партија. Често причините за таквиот активизам се детектираат како можност за остварување на лични интереси, поради промоцијата на политичкиот клиентелизам како единствено можно решение за егзистенцијалните потреби на граѓаните. Се разбира, истото влијаеше на социјалната база на партијата и отвори простор за дејствување на постоечки и промовирање на други политички партии во десното пространство, кои на предвремените Парламентарни избори во 2011 година, иако не постигнаа никаков успех, сепак земаа дел од гласачите на ВМРО – ДПМНЕ, со што партијата и коалицијата „За подобра Македонија“ го изгубија мнозинството во Собранието на РМ. Владата на ВМРО – ДПМНЕ продолжува да функционира, но со зголемен удел на т.н. „албански фактор“ во истата, предводен од ДУИ (Демократска унија за интеграција).
Во фокусот на внимание, наместо промоција на вистинските вредности на ВМРО – ДПМНЕ и реализација на проектите кои беа промовирани за време на изборната кампања, влегува концептот за контрола на прометот на информациите. И тоа двонасочно, информации упатени кон граѓаните и информации упатени од граѓаните. Првото предизвика воспоставување на целосна контрола врз средствата за јавно информирање, а второто можност за детекција на „дисидентите“. Поради таков тип на политики, активностите на Владата на Република Македонија од страна на домашната и меѓународната политичка јавност беа оценети како автократски, „антизападни“, често именувани како воспоставување на „олигархиска диктатура“ во земјата. Истото нанесе трајни штети по угледот на ВМРО – ДПМНЕ, а партијата наместо да биде препозната како носител на европските и демократските вредности во земјата, стана кочничар на истите. Кај огромен број на граѓани, кои исплашени да бидат промовирани како „предавници“, се појави феноменот на автоцензура, се појави страв да го изнесат сопственото мислење, во и надвор од партијата. Овој тип на политики, создадоа можност и простор за засилено дејствување на опозиционите политички партии, особено на СДСМ, можност да обезбедат и меѓународна подршка за себе, но и подршка кај огромен број од македонската интелегенција, за која беа неприфатливи принципите и методите на раководење со државата. Парламентарната демократија беше „суспендирана“ со обидот на опозицијата да го спречи донесувањето на Законот за буџет за 2013 година и со насилната полициска акција за отстранување на пратениците надвор од пленарната сала на Собранието на Република Македонија на 24.12.2012 година. Тоа е преседан над преседаните, не само во модерните парламентарни демократии, туку појава која ретко се забележува од времето на воспоставувањето на „парламентарни заседанија“ од античкиот период во историјата на развој на политичките системи на управување на државата. Со тоа Република Македонија беше втурната во тивка, но длабока политичка криза, која се закануваше да прерасне во институционална криза.
Во такви услови, беа организирани Парламентарните избори во 2014 година, на кои ВМРО – ДПМНЕ и коалиционите партнери прогласија голема победа, но истите изборни резултати не беа признаени од страна на опозиционите партии. Политичката криза се продлабочи, а Владата продолжи да функционира со оспорен легитимитет од домашни и меѓународни политички фактори. Високиот степен на коруптивно поведение на дел од партиските претставници бараше промовирање на политика на „национална поделба“ на патриоти и предавници, политика на надворешни непријатели и внатрешни соработници, својствена за титовиот комунистички режим, а не за политичка партија која е дел од системот на европски десно – центристички партии.
Незадоволтвото од начинот на раководење со државата и партијата се појави и внатре во ВМРО – ДПМНЕ и истото се манифестираше на моменти со појава на јавни здружувања и истапувања пред јавноста, не само на поединци, туку и на групи на членови, кои ја делеа загриженоста за иднината на партијата. Најорганизиран облик на внатрепартиски отпор, започна да се промовира преку т.н. „Внатрепартиска иницијатива за реформи на ВМРО – ДПМНЕ“, која во расчекор со партискиот интерес и избор на вистински момент за јавна промоција, остана да дејствува тајно во органите и телата на партијата и да ја промовира идејата за демократизација и модернизација на ВМРО – ДПМНЕ помеѓу сите членови на партијата.
Кревката стабилност на политичкиот систем беше целосно нарушена преку објавата на аферата „прислушувани разговори“ на голем дел од граѓаните на Република Македонија, од страна на опозицијата на почетокот на 2015 година. Со тоа политичката криза прерасна во институционална криза, безбедноста на земјата во голем степен нарушена, а Владата принудена да се повлече и да се формира „техничка Влада“. Одбегнувањето да се преземе одговорноста за таквата состојба од страна на лидерот Груевски, придонесе целиот терет да падне на грб на ВМРО –ДПМНЕ и со тоа партијата да биде вовлечена во процеси на себекомпромитација, процеси на изолација на домашната и меѓународната политичка сцена и да стане некредибилен партнер за управување со земјата. И покрај пировата победа на Парламентарните избори во 2016 година, ВМРО – ДПМНЕ, поради личниот багаж на Груевски, не успева да формира политичка Влада, и станува опозиција. Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ започнува да се распаѓа, во услови на огромно незадоволство од личното поведение на лидерот Никола Груевски.
ВМРО – ДПМНЕ како опозициона партија, не најде решение за одржливост на концептот на т.н. „клиентелизам“, промовиран од тесното раководство и започна процес на длабоко раслојување помеѓу подржувачите на „движењето“. Во услови на длабока криза и опасност по иднината на партијата, „Внатрепартиска иницијатива за реформи на ВМРО – ДПМНЕ“ одлучи својата активност јавно да ја промовира под мотото „Демократска ВМРО – ДПМНЕ за демократска Република Македонија“ и промовираше две декларации „Декларација за демократизација и модернизација на ВМРО – ДПМНЕ“ и “Европско ВМРО – ДПМНЕ за европска Македонија“, преку кои ги реафирмира базичните вредности на кои е создадена ВМРО – ДПМНЕ како политичка партија и ја трасираше „европската“ иднина на партијата и државата. ВМРО – ДПМНЕ влегува во фаза на длабока и суштинска трансформација и како политичка партија, но и како доминантен наследник на традицијата на историското ВМРО!
продолжува...
Петар Богојески
23-09-2017, 04:58 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,599
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#4

Quote:Зошто „европско“ ВМРО – ДПМНЕ?

[Image: 22045950_1676786598998007_34267469571194...e=5A43445B]

27.09.2017
Презентацијата на дејствувањето на ВМРО – ДПМНЕ на политичката сцена во Република Македонија во четири периоди, овозможува да се согледа трансформацијата на истата, во организациски, функционален и идеолошки концепт. Формално организациски, ВМРО – ДПМНЕ секогаш функционира како политичка партија, законски регистрирана врз основа на домашната законска регулатива во Република Македонија. Меѓутоа, функционално партијата започна да дејствува како народна иницијатива на разни слоеви на населението, со разнолика социјална база, продолжи како политичка партија со стабилна општествена подкрепа, а во рамки на целокупните евроатлански интеграциски процеси на земјата и партијата, се трансформираше во модерна европска политичка партија, која ги дели вредностите на ЕНП, со тенденција да прерасне во граѓанско движење, врз база на широко прифатените политики кај граѓаните во Република Македонија. Истото ја внесува во длабока внатрепартиска криза. Надградбата на идеолошката платформа може јасно да се претстави, почнувајќи од силен антикомунистички и антиколонијален концепт, национално самоопределување и државна самостојност, кон прифаќање на вредностите на европската десница за свои, декларирање на политички конзервативизам како начин на разбирање на политиката и општествените односи и прифаќање на граѓанскиот концепт на општествено уредување на државата.
Како политичка партија, ВМРО – ДПМНЕ преживеа многу промени од организационен и идеолошки аспект, врз база на што утврдувањето на вредностите на партијата е сложен процес. Во овој момент може да се констатираат и предмет на понатамошна анализа да бидат вредностите како правна држава, нација, антикомунизам, реален човек, демократија и слобода, владеење на правото, приватна сопственост, социјална пазарна економија, солидарноста и праведноста, традиција и вера, семејство.
Правна држава
Тргнувајќи од својот конзервативизам, ВМРО – ДПМНЕ подржува силна и ефикасна држава со функционални државни институции, држава во која владее правото и законите. „Ние се залагаме за мала и силна држава, а не тромава и гломазна структура, со прекубројни институции и нејасни функции, која не може да се справи со предизвиците на современите комплексни и динамични општества. Силна држава подразбира и ефикасна држава. Државата тутор не е идеал на конзервативните партии и таа не смее да ја попречува приватната иницијатива и да го загушува пазарот. Државата ја брани и ја штити сопственоста, но сопственоста обврзува.“ – наведено во ДОКТРИНА – Вредности на ВМРО – ДПМНЕ, 2007 година. Покрај силна, ВМРО – ДПМНЕ инсистира и на одговорна држава, одговорна пред своите граѓани, правниот систем и пред меѓународниот поредок. „ВМРО - ДПМНЕ верува дека државата треба само да ги дефинира условите за игра на рамноправен начин, со цел да дојдат до израз креативноста, знаењето и претприемничкиот дух на секој човек. Граѓаните избираат кој ќе раководи со државата, а власта одговара пред граѓаните.“ - Преродба во 100 чекори – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2006 – 2012. На внатрешен план, државата треба да создава услови за развој на пазарната економија, односно да создава просперитетно општество на активни и одговорни граѓани за себе и својата држава. „Затоа, политиките на ВМРО - ДПМНЕ се насочени кон обезбедување на најдобри услови за развој на приватната иницијатива на македонските претприемачи, кои создаваат можности за себе и за целото општество. Улогата на државата во тој процес е да создаде позитивен економски амбиент, преку обезбедување на политичка и економска стабилност, владеење на правото, даночна еднаквост и поволна бизнис - клима. Државата треба рационално да ги користи своите ресурси, затоа што довербата на граѓаните и даночните обврзници произлегува од одговорниот однос на јавните институции во работењето со буџетските средства.“ - Манифест за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2011-2015. Државата не може да биде нем посматрач на случувањата на внатрешен политички и економски план. Таа треба да промовира активни политики, преку кои ќе ги регулира внатрешо политичките и економските односи. „Пазарот, државата и граѓанското општество се три столба на современите, доброуправувани општества. ВМРО-ДПМНЕ се залага за повеќе пазар, намалување на влијанието на државата врз пазарот и за ограничена државна администрација. Повеќе пазар значи помалку држава. Но, пазарот не ги поседува сите механизми на самоконтрола и праведна распределба на добрата. Државата има првенствено регулативна и контролна функција во економскиот и во јавниот сектор. Таа ги поставува рамките во кои граѓаните, јавните институции и бизнис - секторот ги почитуваат процедурите. Таа ги поставува, заедно со другите релевантни политички актери, правилата на дејствување во политиката, стопанството и во јавниот живот. Државата води сметка да се намалат нееднаквостите што ги создава пазарот. Но, праведноста и солидарноста не се исклучиво во нејзина надлежност. Државата не може да ја замени ниту приватната, ниту граѓанската и локалната иницијатива“ - ДОКТРИНА – Вредности на ВМРО – ДПМНЕ, 2007. Правна држава е предуслов за функционална и стабилна држава со силен државен поредок. Таквата држава може да биде гарант на човековите права и слободи. „Владата на ВМРО-ДПМНЕ го почитува плурализмот на идеите и ставовите кои придонесуваат за јакнење на правната држава, демократијата и цивилното општество, овозможуваат контрола на власта, ги бранат и ги промовираат човековите права, достоинството и слободата. Јакнењето на правната држава и промоција на системот на владеење на правото што во фокусот го има почитувањето на човековите слободи и права, останува приоритет...“ - Манифест за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2011-2015. „ВМРО-ДПМНЕ инсистира на правна држава, на владеење на законот, но без комплементарна култура на почитувањето на законите многу е потешка борбата против криминалот и корупцијата. Државата е само едниот елемент во борбата против корупцијата и криминалот“ - ДОКТРИНА – Вредности на ВМРО – ДПМНЕ, 2007. Во таа насока, државата треба да биде интегрирана во меѓународните институции, да промовира активни политики на меѓународен план и да земе учество во глобалните процеси. „Нашата најширока заедница е Европа. ВМРО-ДПМНЕ ја гледа Република Македонија не само духовно и културно сплотена во заедницата на европските народи, туку и институционално и економско-политички интегрирана во Европската унија. Брзината на европското интегрирање е израз на сериозноста и одлучноста на државата, на сите политички партии и други политички чинители во Македонија“ – Исто. Дипломатската активност на државата треба да се однесува на промовирање на конкретни политики, особено развој на т.н. „економска дипломатија“. “ВМРО-ДПМНЕ ќе ја интензивира јавната дипломатија на државата, со цел поголема препознатливост на државата, на нејзините убавини, нејзиниот индентитет, политики итн“ - Преродба во 100 чекори – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2006-2012.
Дали и робувавме на оваа вредност мои сопартијци или на еден човек и неговите интереси?
Дали работевме во насока на спроведување на овие декларирани политики, кои извираат од истата?

продолжува...
Петар Богојески
28-09-2017, 09:17 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,599
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#5

Quote:Зошто „европско“ ВМРО – ДПМНЕ?


Нација
Мултиетничкиот карактер на Република Македонија има силно влијание врз внатрешно политичките односи во земјата, но и врз политичките програми и конкретните политики на политичките партии. Кај ВМРО – ДПМНЕ тоа прашање има толку силно влијание, што проблемот со карактерот на нацијата на внатрешен план и потребата да се истакне националната припадност и идентитет поради разни меѓународни проблеми, како проблемот на Грција со името на државата, е издигнато на ниво на вредност на партијата. Прашањето на концептот на нацијата и заштита на националниот идентитет е третирано во сите програмски документи, резолуции и предизборни програми на партијата од основање до денес.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што ќе го нарушат македонскиот национален идентитет, македонската нација и македонскиот јазик… Во време на глобализација, прашањето на карактерот и иднината на нацијата се подеднакво актуелни. Односот на граѓанинот кон нацијата е жива тема. Сите прашања во врска со нацијата се прашања што се однесуваат на животот на обичниот човек. Современата релација меѓу државата, нацијата и поединецот ја определува нацијата како простор за дејствување на поединецот. Република Македонија е хетерогена национална држава. Во таа смисла, таа се разликува од хомогена национална држава по тоа што не се гради врз чист етникум, како единствен сочинител на државата. Хетерегената национална држава го нагласува фактот дека политичкиот живот во една држава се темели врз општо прифаќање на националните обележја, за кои се врзува мнозинството на етничките, верските и на културните заедници што ја одредуваат хетерогеноста.“ – Преродба во 100 чекори – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2006-2012. Нацијата и националната свест, за ВМРО – ДПМНЕ се од огромно значење за опстанок на државата. Тие го креираат карактерот на општественото уредување, од нив произлегува и се гради свеста на секој поединец. ВМРО – ДПМНЕ инсистира на силна припадност кон нацијата, обединета и здрава нација. Одговор на новите предизвици кои произлегуваат од односите помеѓу државите, особено од процесите поврзани со глобализацијата, е опстојување на современа национална свест, во која припадноста и лојалноста кон државата има клучна улога, отворена нација кон останатите во соседството и светот. „ВМРО-ДПМНЕ ја отфрла идејата на самодоволна нација. Нацијата не е самодоволна, таа е нужно свртена кон другите.
ВМРО-ДПМНЕ ја нагласува меѓузависноста на државите… Современото сфаќање на нацијата јасно се повикува на барањето за универзален напредок и меѓусебна поврзаност на нациите. Суверенитетот на македонската нација не значи загрозување на која било друга нација. Подеднакво, суверенитетот на друга нација не го разбираме како загрозување на македонската нација. ВМРО-ДПМНЕ е партија што втемелува меѓуетничка толеранција, мирољубие и разбирање меѓу соседите. Никогаш нема да дозволиме правата на една нација да бидат пречка за остварување на правата на друга нација.“ – ДОКТРИНА – Вредности на ВМРО – ДПМНЕ, 2007 година. Силниот национален идентитет треба да ги признава различностите кои ги обединува современата македонска нација. Рамноправното учество на сите етнички идентитети кои ја сочинуваат македонската нација е загарантирано. Се бара чувство за припадност кон нацијата, а внатрешно се гарантира „лингвистичка и културна разноликост, за непопречен развој и креативен меѓусебен натпревар меѓу сите етнички идентитети што живеат во Македонија. Заложбата се надополнува за инсистирање на „поздрава нација што ги почитува традиционалните христијански вредности, вклучувајќи ги и вредностите на семејството и создавање потомство. Силана национална припадност значи силен поединец, кој националниот интерес го става пред личниот. „ВМРО-ДПМНЕ е против општество во кое „владее егоизмот на интереси“. Без нација и национална свест нема еманципација од последиците на егоизмот.“ – ДОКТРИНА – Вредности на ВМРО – ДПМНЕ, 2007 година. Современото разбирање на нацијата повикува на припадност кон неа, но и почит кон другите нации во светот. ВМРО – ДПМНЕ карактерот на поединецот и на нацијата ги разбира на следниот начин „Македонецот е патриот и македонската нација е неговата татковина.“
Овој концепт на поимање на нацијата, како доминантен во досегашниот период, отвара низа прашања. Дали истиот е доволна основа за оспорување на концептот на „Едно општество за сите“, промовиран од политичката конкуренција во последниве две години, или има потреба од сериозна критика како резултат на која ќе дојдеме до поквалитетни решенија кои ќе го отворат патот за проширување на влијанието на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и кај останатите ентитети во Република Македонија. Дали истиот е во коализија со нашето поимање на „реалниот човек“.


Антикомунизам
Почетокот на политичкото дејствување на ВМРО – ДПМНЕ на македонската политичка сцена е препознатлив по силниот антикомунистички концепт. Меѓутоа, под тој антикомунистички концепт, се подразбира малку поширок опус на залагања, не се подразбира само отфрлање на комунизмот или социјализмот како утопистички идеологии со лажни верувања, туку под тој термин припадниците на партијата подразбираа и антиколонијализам, антијугословенизација, антитоталитаризам, отварање на земјата кон светот и сл. ВМРО – ДПМНЕ комунизмот го смета за идеологија на лажни ветувања и неостварливи илузии, идеологија на лажни вредности кои му се наметнуваа на човекот. Како алтернатива на тоталитарниот концепт на комунизмот, ВМРО – ДПМНЕ го нуди концептот на политичкиот конзервативизам. Тој концепт се надоврзува на борбата за слобода и за национална самостојност, на идеите на европската народна и демохристијанска традиција, кој се темели на традиција и припадност. На местото на комунистичкиот или социјалистичкиот надчовек се нуди реалниот човек, на местото на колективизмот се нуди индивидуализмот, се нуди поединецот кој „има подлога во традицијата, во државната, националната, и во групната припадност.“
„Конзервативизмот е од другата страна на невтемелениот цинизам, кој вели „јас си припаѓам само себеси“ и од другата страна на „наивниот, романтичен космополитизам“ кој вели „јас му припаѓам само на светот“, односно не припаѓам никаде. Конзервативизмот е сомничав кон секоја наметната идеализирана слика на човекот, подеднакво како што се противи на наметнувањето догми и морален релативизам. Конзервативизмот е врзан за стварноста.“ – ДОКТРИНА – Вредности на ВМРО – ДПМНЕ, 2007 година. Истакнатиот декларативен антикомунизам од почетокот на политичкото дејствување на ВМРО – ДПМНЕ, постепено се замени со конкретна понуда на алтернативни политики кои го афирмираат „реалниот човек, верата, духовноста, трудољубивоста, чесноста, гостпримливоста, толеранцијата, отвореноста кон добродетели, кои верата во Господа со векови ги проповеда на овие простори.“
Можноста истово да го истакнам и реафирмирам во моето обраќање за време одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба – 23.10.2017 година, ме направи наполно задоволен.
Дали им робувавме на овие вредности почитувани членови на ВМРО-ДПМНЕ или на еден човек и неговите интереси?
Дали работевме во насока на спроведување на овие декларирани политики, кои извираат од Доктрината на ВМРО-ДПМНЕ и традицијата на ВМРО?
Петар Богојески
(This post was last modified: 04-11-2017, 02:24 PM by ЈорданПетровски.)
31-10-2017, 11:34 PM
Reply