Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ЉУПЧО ВС ГОШЕВ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,285
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1






Одговор на ГошевЧ

Quote:ПОЛИТИЧКИ ФРАНКЕШТАЈНИ ВО ПАТРИОТСКО РУВО (1)? Љубчо, Љубчовци и разни други Шупчовци


Петар Гошев  24.05.2017
 За да се врати главната еманципаторска идеја во Европа, Славој Жижек, во неговата најнова книга „Refuges, Teror and Other Troubles with the Neighbors“, вели дека има „цела серија левичарски табуа - ставови што ги прават темите за разговор недопирливи (...) - кои ние ќе треба да ги напуштиме“. Според него, првото табу што треба да се напушти е „целосната бесмисленост маскирана во (наводно) длабоката мудрост: Непријател е некој чија приказна ја немате слушнато“.

Македонија 27 години нагазена од политички Франкештајни

За да не убеди зошто тој неолибералистички вкоренет став е бесмислен, Жижек користи пример од литературата - готскиот роман „Франкенштајн“, или „Модерниот Прометеј“ од англиската романсиерка Мери Шели (Mery Wollstonecraft Shelley, 1797-1851). Според Жижек, „Шели прави нешто што еден конзервативец никогаш не би го направил... Му дозволува на Монструмот да зборува за себе - да ја каже прикаската за себе од неговата сопствена перспектива, нагласувајќи дека токму тоа го изразува, на најрадикален начин, нејзиниот став за слободата на говорот - дека сечија гледна точка треба да биде слушната. Во Франкенштајн, толкува Жижек, Монструмот не е Нешто, ужасен Створ на кој никој не смее да му се спротивстави, туку целосно му се дадени човечки особини. Преку прашањето на авторката упатеното до Монструмот, за тоа како е да бидеш етикетиран, дефиниран, обесправен, екскомунициран, дури и физички уништен од општеството, таа нему му дозволува да се претстави како најголема жртва. И, монструозниот убиец се открива себеси како длабоко повреден, како очајна индивидуа што копнее за друштво и за љубов. Но, токму тука Жижек вели дека „ваквата процедура има јасен лимит“, прашувајќи: „Дали ние, исто така, сме подготвени да тврдиме дека Хитлер бил само еден непријател бидејќи неговата приказна не била слушната? Или, спротивното, дали е тоа случај којшто ни вели, што повеќе јас го знам и го „разбирам“ Хитлер, толку повеќе Хитлер е мој непријател?“

Всушност, целиот овој вовед Жижек го прави за да ни каже дека: „Поместувањето од надворешноста на еден акт кон неговото внатрешно значење, наративот со чија помош изведувачот го интерпретира и оправдува (својот) акт, е чекор-движење кон измамничка маска. Искуството што ние го имаме за нашите животи однатре, приказната што ние си ја кажуваме себеси за нас самите, за да објасниме што правиме, е фундаментална лага. Всушност, вистината лежи надвор, во нашите акции, во тоа што го правиме“. Оваа важна поента во оценувањето на луѓето не моравме да ја бараме кај Жижек. Сите ја знаеме од деца (најчесто) преку „шегата“, за поповите: „Дете, не гледај што правам, туку слушај што ти зборувам!“

Македонија во изминатите 27 години ја нагазија повеќе „политички Франкенштајни (чиња)“. Колку се побројни и потешки екстерно видливите злодела, толку повеќе злосторниците визитарат по разни медиуми, користејќи го или злоупотребувајќи го принципот или (според Жижек) заблудата дека „сечија гледна точка треба да се слушне“, за да ни ги објаснат - оправдаат - релативизираат, па дури и да ги претстават своите злодела како чиста добивка за микро-човештвото, наречено Македонија. Секојдневно на дело ја имаме релацијата што Жижек ја опишува како „движење од екстерналитетот на еден (злосторнички) акт кон неговото внатрешно значење“ (дадено од самиот извршител на актот), односно, го имаме натнувањето на една „измамничка маска“ врз очигледното злосторство; фрлањето бел чаршав врз мртвите, а врз него испишаната приказна за убавиот живот што им го овозможиле злосторите.

[Image: ljubco%203.jpg]

Меѓу мноштвото измамнички исповеди на најголемите „политички Франкенштајни“ кај нас, во месецот на обидот за државен удар - по сите карактеристики, посебно место во ризницата „измамнички маски“ треба да најдат настапите на најголемиот од нив (злосторникот Груевски) кога на ТВ Телма ја убедуваше нацијата дека тој (насилникот, нарачателот и организаторот, покрај другото и на две тепачки во парламентот) никогаш не се служел со насилство (во освојувањето и одбраната на власта), како и на неговиот создател, познат како Љубчо „Војводата“. Овој текст се задржува на настапот на вториот (од 16.05.2017), на истата телевизија, Телма, во познатата емисија во живо, Топ-тема.

„Никад није касно“... да се потсетиме на фактите

Георгиевски ни кажа дека влегол во историјата на Македонија и дека никој не можел тоа да го избрише: бил прв и единствен за „самостојна Македонија“; барал национална војска, национална репрезентација, национална валута итн. Кажа дека од „тактички“ причини зборувал за „конфедерација“, а не за самостојна држава; како другите да немале право, исто така, од „тактички“ причини да говорат едно, а да мислат на друго. Кажа и дека ниту една друга партија (од 17-те во 1990 година) не се залагала за тоа. Да, тој зборуваше за тоа, почнувајќи од летото 1990, како што зборувале и други пред 1945 и потоа (од различни мотиви), без да знаат кога и како е можно тоа, а неретко, и во чија полза.

Патем речено, покрај толку споменици на разни „патриоти“ наредени на градскиот плоштад, само за тоа тогашно „зборување“, ич немаше да љубоморам ако таму го „истопореа“ и него, во најскапа бронза, излиена од највештите мајстори во Фиренца, со пари од странски кредитори со највисока камата. Зашто, сепак, за разлика од некои од „истопорените“, тој не дојде на власт со домашни пантофли, немаме информација дека бил соработник на КОС, не бил третиран по основ на ИБ итн. А такви има меѓу „истопорените“ и меѓу оние чии имиња им ги налепија на улици, јавни згради и слично. Меѓутоа, „Никад није касно“, е насловот на една емисија на белградската „Гранд“ телевизија. (Ете, за разлика од тебе, јас слушам и српски песни). Но, што пропушта(ат) намерно, или заборава(ат) Љубчо, Љубчовци и разни други Шупчовци, кои си припишуваат себеси голема историска улога?

Пред да се формира која било партија, Делегацијата на тогашниот Сојуз на комунистите на Македонија (во еднопартискиот систем, со мојата „маленкост“ во својство на претседател) одлучи да ја напушти работата на 14-от Вонреден конгрес на СКЈ, кој се одржа во Белград од 20 до 22 јануари 1990 година, во познатиот центар „Сава“, веднаш штом тоа го направија прво делегатите од Словенија, а потоа и делегатите од Хрватска. Дури и за најмрзливите Шупчовци, особено за оние оптоварени со нивната позиција во задгробниот живот (afterlife position), не е тешко да кликнат барем на Википедија и да го прочитаат, меѓу другото, и следното во врска со тој тектонски историски настан со далекосежни импликации, не само за федералните единици на бившата СФРЈ, туку и пошироко: „Вечерта на 22 јануари, словенечката делегација (по жестокиот судир со српската делегација) ја напушти конгресната дворана (...), а потоа им се приклучија Хрватите. Милошевиќ повика да се востанови нов кворум и Конгресот да продолжи (...) Но, откако на ставовите на хрватските делегати им се приклучија и македонските (...), Момир Булатовиќ (претседавачот) објави пауза од 15 минути, но до продолжение не дојде. (А продолжението, замислено од Милошевиќ не се случи, токму затоа што и делегацијата на Македонија одлучи да замине). Без учество на Словенија, Хрватска и на Македонија (на таканареченото продолжение), Конгресот е заклучен на 30 Јануари 1990 година.... Овој конгрес се смета клучен за распадот на Југославија“. Намерно го подвлекувам зборот „распад“. Се разбира, јас не мора да цитирам никаков извор. Можам самиот уште попрецизно да ја опишам таа ситуација - како учесник.

Што се случи пред Љубо да влезе во берлинската кафеана?

Но, на што друго треба да бидат потсетени „првозборците“ и другите самонабедени борци за самостојна Македонија?
(1) И Првата Југославија, формирана пред Втората светска војна, и Втората, Титовата, пред сè беа дело на триото СХС. (Среќа што во периодот 1941-1945, некои луѓе во Македонија го сфатиле тогашниот историски момент, па се „залепиле“ на вистинската страна; без тоа ќе ја немаше ниту „зависна“ Македонија). И, секако, од наведеното трио, СХС, а не од другите „ингредиенти“ (простете за преслободниот израз), зависеше нејзиниот опстанок и по 1990 година. Што мислите, што би се случило ако некој друг ентитет (република, покраина), надвор од волјата на овие три нации - републики, претходно направеше обид за одвојување од Југославија? Како ќе поминеше тоа? Со фрлање рози по улиците или со „ползење“ тенкови и разни други воени гасеници? Размислувал ли за ова некој од овие „создавачи“ и наводно „првозборци“ на-за самостојна Македонија - првозборци и создавачи откако де факто „се распадна“, „се подели“ тогашниот Сојуз на комунисти на СФРЈ, а македонските комунисти одбија да учествуваат во скратениот Сојуз? Па, ете ви тема за размислување.

(2) Можат ли Љубчо и сличните да ги прелистаат весниците од тоа време (македонските и од другите тогашни републики) и да се потсетат колку делегации од ЈНА го посетија партиското седиште на СКМ, мојот тогашен кабинет во „коцкиците“ покрај Вардар, за да ме-нѐ „убедат“ да му се приклучиме на скратениот Сојуз на комунисти (односно на проектираната скратена федерација?); можат ли да се потсетат каква кампања се водеше во Србија, пред сè против мене, зашто не се согласувавме да ѝ се приклучиме на замислената од Милошевиќ скратена федерација? А сето тоа беше пред Љубчо да отпатува во спомнуваната берлинска кафеана да го договара основањето на ВМРО-ДПМНЕ.

(3) За Љубчо, за оние што не читаат, и за оние што имаат амнезија, или намерно забораваат, да потсетам дека СКМ, пред изборите во 1990 година (а на самите избори под името СКМ-ПДП), објави програма отпечатена во повеќе од 200.000 примероци, која ја заокружи неговата трансформација во Социјалдемократска партија и во која беше-е јасно запишано дека нема Југославија без сите дотогашни републики и дека ако една од нив излезе и Македонија ќе го стори истото. Секако, ние нудевме и алтернативи - од натамошно зголемување на суверенитетот на републиките, преку конфедерација па сè до царинска унија - зашто, една стара мудрост вели: паметните ги преуредуваат односите што не им се допаѓаат, будалите ги раскинуваат (за жал и со илјадници мртви).

„Првозборецот“ не веруваше во македонскиот народ

(4) Откако ставовите на СКМ (СКМ-ПДП) во врска со судбината на Втора(та) Југославија беа јасни, отидовме на првите парламентарни избори, при што, во меѓувреме, беа формирани повеќе партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. „Првозборецот“ Љубчо доби 37 пратеници. Треба ли да заклучиме дека неговиот „импресивен“ интелект ги убеди останатите од 120-те пратеници да ги истуркаат работите до актите за самостојна Македонија? Се разбира, не само јас туку и многу други од тоа опкружување, ги знаеме тегавењата, тактизирањата, (не)основаните стравови за тоа дали побрзо-побавно да се носат одлуките за осамостојувањето, го знаеме (и покрај сè) формирањето нови партии како ограноци на „нови југословенски партии“, залудните обиди (и пред се чии беа тие) за спас на веќе распаднатата Федерација. Но, јасно е дека настаните малку зависеа од сето тоа, а воопшто не од „Првозборецот“. Всушност, никој (од новоформираната парламентарна и извршна власт), без оглед на интимните чувства, немаше „стискавец“ да каже дека сака Македонија да ѝ се приклучи на скратената федерација, којашто тврдоглаво ја форсираше Милошевиќ. И тоа е факт над фактите. Зошто? Затоа што таквиот „некој“ инстантно ќе беше политички мртов. Тоа, дури, не го изустија експлицитно ниту оние партии што се формираа како ограноци на нови „југословенски“ партии, кои до последен миг се бореа да ја спасуваат Југославија, иако беше очигледно дека ѝ нема спас; едноставно, тоа не го сакаше „Триото СХС“.

[Image: ljubco-sneska.jpg]

(5) Кога, пак, повеќе не можеше да се одложува моментот за формалната одлука за прогласување на самостојноста на Републиката, „патриотот“ Љубчо (со своите) сакаше да ги „зезнеме“ граѓаните на Македонија. Веруваше (за волја на вистината, не сам) дека граѓаните на Македонија не сакаат самостојна држава. Премногу биле „врзани“ и „носталгични“ за Југославија; имало големо „просрпско расположение“. Затоа нè малтретираа во Парламентот дека не треба да одиме на Референдум за изјаснување на народот туку, со акт на Парламентот да прогласиме независност. Навиките да се подметнуваат одлуки за кои „водството“ однапред мисли (или знае) дека народот не ги сака, не се нови. Ги има многу од 1945 до 2017 година. Во зависност од тоа каков „политички Франкенштајн“ е на власт, таков е и нивниот квантитет и квалитативната разорна моќ по општеството. Колку народот „не сакаше“ самостојна држава, ни покажа референдумот на 8 септември 1991 година. И тоа без многу да се заморува тогашниот политички врв со смислување трикови како да го „прелаже“, или како да го „убедува“ народот да гласа за своја самостојна држава.

(6) Кога сè уште сме кај темата „патриотизам“, Љубчо никогаш не ни кажал како е можно таков голем македонски патриот, каков што самиот се опишува, истовремено да пишува и говори (познати се неговите статии на таа тема во некогашниот неделник „Пулс“) дека корените, не само неговите, туку на сите етнички Македонци, де факто, се бугарски и дека југословенските комунисти им го наденале тоа погрешно сознание преку фалсификување на историјата? А можеби и со вбризгување посебна течност во мозоците на Македонците? И, како е можно, толку силно определен човек (момче во тоа време) за самостојна Македонија, таков македонски „војвода“, да состави влада за која самиот вели дека две третини од министрите во неа го поседувале ставот дека Македонците, всушност, се Бугари? И, конечно, како еден толку голем патриот, веднаш по премиерскиот мандат, стана државјанин на друга држава, бламирајќи ја државата и народот кои, нели, најмногу ги сака? Дали, за сето погоре кажано, еден од можните одговори е: „Да го направиме првиот чекор кон враќање на „најромантичниот дел од историјата на нашиот 'источен сосед' - одвојувањето од „Србо-Југославија“ (така мнозина од нив ја именуваа СФРЈ) - а за вториот ќе почекаме повторно поволен момент?“ Кога искажував спротивни ставови од оние на српското раководство, луѓе од таквата сорта прилично ме „обичаа“. Привремено!

(Продолжува утре)
25-05-2017, 10:07 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,285
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote: ПОЛИТИЧКИ ФРАНКЕШТАЈНИ ВО ПАТРИОТСКО РУВО(2): Краста под лажливите, трепкави очи


Петар Гошев  25.05.2017
Љубчо, онака „смело“ и „искрено“, во продолжение на разговорот со Чомовски, ни кажа дека тој (кога беше премиер) и неговите соработници, не ги рекетирале фирмите. Дури, ни препорача да ги прашаме бизнисмените, како сведоци. Ако е така, нам не ни преостанува ништо друго, освен да заклучиме дека фирмите самите им давале, зашто пак ако не е така, нема да знаеме како тој стана „средно богат“ бизнисмен и како многу луѓе околу него, само за четири години, стекнаа имот што не би го стекнале ниту за четиристотини години. Да се чудиш и да не веруваш.

Не бе, Љубчо, ти не рекетираше никого!

Драг наш шегобиец Љубчо! „Благовестие“ на твојата почитувана сопруга не рекетираше туку, ненадејно, фирмите самите почнаа доброволно да ѝ префрлаат пари. Од чист хуманизам. Торбите со кеш, што секој ден ги прибираше твојот директор на Царинарницата на Македонија (осуден во отсуство, скриен со години кај соседите), „доброволно“ му ги полнеа транспортните организации и тој „дневен пазар“, или дневен „доброволен прилог“ (од увозниците и од извозниците) „самариќански“ им го подарувавте на сиромашните (или пак, си го делевте меѓу себе?); и никој не зеде мито во милионски износи од продажбата на „Окта“, на „Телеком“ и на други компании (златни кокошки во економијата на Македонија); и не формиравте, преку ноќ, фирми на свои блиски и, „различно“ од последниот и најголем Монструм, не им ги дававте јавните тендери ним; вие не го празневте буџетот преку вашите фирми, туку го полневте за да има за народот.
Во врска со последново, би се согласил дека тоа не мора да се нарече рекетирање на фирми, посоодветно е да се каже рекетирање на Буџетот на РМ. Ти и твојот легендарен Војо (чие судење и притворање, кое, според вас, беше „тенденциозен“ чин на екс-комунистите) не го празневте Фондот за здравствено осигурување на Македонија за себе. И преку Фондот за стоковни резерви на државата, директоруван од твојот роднокраец (подоцна суден и осуден), не извлекувавте големи државни пари за лични потреби. Тоа (имаш право) не е рекетирање на фирми, туку рекетирање на Фондот за стоковни резерви.
Не беше ти оној што лично му дозволи на одвратниот апаш, бизнисменот Смиленски (со помош на тогашниот гувернер на НБРМ, Љубе Трпевски), да цица ќар од девизните резерви на НБРМ – туку него го одбравте „случајно“, онака, за ништо, со студиозно проучување на неговите способности и добри намери и љубов кон Македонија. Исто како што не беше ти оној што купи плац на Водно, за „малку“ милиони евра, а потоа, под притисок на јавноста, веднаш го пренесе на друг сатрап (како што подоцна стори и Монструмот, кој ѝ извади душа на државата (од 2006 до 2017 година); маркицата за зградата „Лумекс“, или, како ли се нарекува оној чир пред зградата на Електростопанство, „не беше одобрена“ од тогашниот твој министер за транспорт, сообраќај и градежништво. Тоа го направивте баш таму од естетски причини, исто како и бандата на твојот наследник, кој го задуши плоштадот од „нелукративни“ причини.

[Image: Vasil-Tupurkovski.jpg]

Веднаш штом дојдовте на власт, заедно со Тупурковски, ја инсталиравте, поточно ѝ се приклучивте на таканаречената, во светот добро позната, „долар-дипломатија“, која ја практикуваат најгнилите режими во светот. На 16 јануари 1999година ја признавте кинеската провинција Тајван како суверена држава, за ветените 1 милијарда долари наводна помош на Македонија. Знам дека на тоа те навлече Тупурковски. Но, ти беше премиер. А аналфабет и алчен премиер не може да биде добар за Македонија. Не знаеме кој и колку секој од вас има примено лично „дарови“ во таа срамна и опасна за земјата епизода, освен што знаеме за некои „услуги“ што Тајванците им ги направиле на поединци од твоето тогашно друштво. Меѓутоа, ги знаеме целосно сите „екстерналии“ (видливи негативни последици) за Македонија, од таа будалаштина: Кина веднаш ги прекина дипломатските односи со Македонија; стави вето во Советот за безбедност на Обединетите нации за продолжување на мандатот на безбедносните сили кои дотогаш ни ја обезбедуваа границата со Косово и Србија (УНПРЕДЕП), а потоа стигна војната во 2001 година, за која велевте дека ни била „испорачана“ токму преку таа граница.
Корупција и незнаење, Љубчо наш, не произведуваат безбедност. Затоа, твоето (само)портретирање како „возљубено чедо“ во Македонија (според терминологијата на твојот Владика) се планетарна „измамничка маска“. Со примери од наведениот вид, „војводо“ наш, можам да продолжам до недоглед. Во зависност од „климатските услови“, оваа тема може да ја продолжиме.

Економијата во Љубчово време беше јадење на супстанцата на капиталот

Како што те излажале, „наш Љубчо - наша судбо“, за тајванската милијарда и сè во врска со неа, така некој те излажал и во врска со економијата. Анализа не се прави врз основа на „наслушнати муабети“. Крадењето јавни пари и давањето на најпрофитните јавни фирми на странци не се економски политики што унапредуваат било чија економија.
Па, еве нешто, за твоја информација: континуираниот пад на македонската економија, по распадот на СФРЈ, заврши во 1995 година. Во трите години пред твоето доаѓање за премиер на Владата на РМ, просечниот реален раст на БДП изнесуваше 2 проценти, со тоа што растот во 1998 година беше 3,4 проценти, што значеше дека исцрпената економија веќе фаќа чекор на забрзување; во твоите целосни четири години (1999-2002) просечниот раст изнесуваше само 1,8 проценти – нешто над 4 проценти во 1999 и 2000 година, а потоа пад (-3,1 проценти), поради војната која не ја спречивте и поради веќе забревтаната корупција, и мал раст (1,5 проценти) во 2002, така што, сè заедно, како што реков, просечно годишно само 1,8 проценти. Во четирите години на коалицијата на СДСМ (2003-2006) која работеше мошне лошо (па затоа ги изгуби изборите), просечниот годишен раст изнесуваше 4,2 проценти (највисок четиригодишен раст во сите 27 години од осамостојувањето), во период кога јавниот долг се намалуваше како процент од БДП. И, конечно, во десетте години на најголемиот „Политички Франкенштајн“, со најголем скок на јавниот долг, просечниот годишен раст изнесува 2,8 проценти.
Во твојот мандат, „патриоту“ наш, ги јадевте парите од продадениот Телеком и во последните две години (2001 и 2002), правевте буџетски дефицит од по 5 проценти од БДП, што за двете години, кумулативно, изнесуваше околу 450 милиони евра. За твоја информација, во тие две години, БДП изнесуваше 4,2 односно 4,4 милијарди евра. Сведено на денешни бројки, односно вредности, тој дефицит (долг) има еквивалент од околу 1 милијарда евра.
Пред да дојдеш на власт ветуваше дека ќе градиш национална економија. Исто како и национална репрезентација. Тогаш се прашував, има ли абер што зборува овој човек? Кога дојде на власт, како што сите знаат, веднаш почна да ја „отуѓуваш“ националната економија. Брзаше да не ја земе некој друг провизијата. Во Министерството за финансии, се надевам, може да се најдат извештаите од тоа време, за тоа како ги потрошивте парите од продадените претпријатија на странците. Едно е сигурно, ја јадевте супстанцата на капиталот.

Македонска банка беше партиска банка, твоја Љубчо и на Никола!

Љубчо, Љубчо! Србите би рекле, „мора да си јео бунике“. (Извини , повторо ги спомнувам Србите). Или, пак, наместо да авансираш во распознавањето на настаните во земјата, ти си авансирал во расипаноста. А можеби има и трето: настаните те заобиколиле, зафатен со броење на салдата на твоите насекаде распространети сметки - полнети во мандатот како премиер, како резултат на твојата „надареност“ за претприемништво.
Ајде да почнеме со затворањето на Македонска банка и твоето тврдење во разговорот со Чомовски дека не била затворена од финансиски причини, туку, нема од што друго, за да го заштитам твојот наследник од матните зделки со нејзиниот газда, веројатно за некоја моја корист од Груевски. Повторно формираш мислење врз основа на некои кафеански муабети. Или од чиста пакост, затоа што со право те нарекувам арамија. Повторно не следиш, не читаш! Зошто, кога сакаш да ми вратиш со нешто, не се подготвиш како што треба, за тоа што го говориш да не изгледа толку глупаво и дилетантски? Да го прочиташе образложението на НБРМ за затворање на Банката, можеби ќе помислеше што зборуваш. А и без да читаш, ти самиот знаеш, дека во Банката не бил замешан само Груевски, туку и ти лично, уште повеќе. Но - ти ни тоа не го знаеш! - тој тип на вмешаност, не го истражува и не го санкционира НБРМ, туку други институции. Да беше поинаку, и ти и твојот наследник, од мене ќе си го добиевте заслуженото. Криминалци не поднесувам. Но бидејќи јавно спомна, заради таа јавност, да те потсетам.

Љубчо наш, благонадежен, па нели, кога ти беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ, таа Банка сте ја купиле на име на Партијата, или си заборавил; нели потоа сте добиле судско решение дека непрофитна организација (а тоа значи и партија) не може да има ниту банка, ниту каква и да е профитна организација; нели потоа сте си ги поделиле акциите на Банката на поединци од Партијата, вклучително и на вашите возачи, за Партијата да не фигурира како сопственик? Поради сите овие причини, криминалецу еден, нели ММФ бараше вашите членови и пријатели да ги снема како (стварни или формални) сопственици од Банката - таа да биде продадена на здрав акционер.
Па така, вие, поточно ти, не јас, си го нашол балканскиот хохштаплер од Србија, надалеку прочуениот и сега во затвор, Газда Нини (кој според ниту еден закон за банки не смеел да добие дозвола за сопственост на Банка). Во книгите на НБРМ стои дека Банката сте му ја дале за само 900.000 евра. Потоа видовме дека него не го чинела само 900.000 евра. Од Ден Дончев (како ваш партиски посредник во продажбата на Банката на Газда Нини), кого корумпираното судство не го прифати како сведок, разбравме дека Газда Нини, на инсистирање на твојот наследник, тогаш во својство на твој министер за финансии (за да не го попречува правното пренесување на Банката), се согласил „некаде“ да префрли 1,5 милиони евра. Не знаеме дали и колку Газда Нини претходно дал за вашата семејна „Благовестие“; дали и колку дотурил во „дневниот пазар“ на Драган Даравелски, па оттаму, по твоја заповест, каде што треба.

[Image: ljubco%20i%20daravelski.jpg]

Од банките мораа да заминат Газда Нини, Даравелски, Ѕинго...

Љубчо, ти не знаеш што се финансиски, а што се нефинансиски причини за затворање на Банка. Ниту како премиер, не си прочитал ниту еден член од законите за банки кои ти поминувале на Владата. Дури и кога би прочитал, ти тоа не го разбираш. Патем, да те информирам: на Газда Нини му затворивме две банки во мојот мандат како гувернер: покрај Македонска банка и Радо банка. И во двете банки имаше и финансиски и правен хаос, непочитување на регулативата на НБРМ. (За твоја информација, бесплатно ти кажувам, правниот хаос во најчест случај се трансформира во финансиски загуби). Многу добро знаеш дека главните акционери на двете банки (пред сè балканскиот хохштаплер) беа пријатели на ДПМНЕ и пријатели на сите корумпирани луѓе во институциите на државата. Твои да, мои никако!
Ако ги прочиташе решенијата на НБРМ кон Банката и нејзините акционери, ќе можеше да видиш дека твојот, а не мојот пријател, Газда Нини, или пријателот на твојата претходна партија, којашто ти ја основаше, покрај другите бројни незаконитости, веќе почнал да изнесува депозити од земјата и да ги заложува акциите на Македонска банка за да зема кредити со кои купувал фирми во Србија и прелевал средства во други негови фирми. Ако уште малку го почекавме вашиот (бизнис-партнерот на ВМРО-ДПМНЕ) Газда Нини, на кого, повторувам, вие му ја „продадовте“ Банката, голем дел од парите на нашите граѓани ќе испареа во форма на заложени депозити и заложени акции во, на пример, банка формирана во Русија со српски капитал, наречена „Евро-Аксис“, а преку неа во фирми на инкриминираниот газда.
Да беше ти, на пример, гувернер на НБРМ, тоа сигурно ќе се случеше. Од банкарството, дунстеру наш, мораа да си заминат, освен вашиот партиски пријател Нини и други, како што е твојот Драган Даравелски, кој поседуваше половина од акциите на Кумановска банка, твојот и на Груевски коалиционен партнер, „искрениот борец“ за социјалистичките идеи на Главинов и „крвниот непријател“ на незаконски збогатените олигарси во Македонија, бесмртниот борец за правда - Ѕинго.
Според тоа, ниту функција сум барал од вас, ниту бизнис-партнер сум ви бил, ниту пак за сите пари на светов, би заштитил такви злосторници какви што се потврдивте вие од раководството на ДПМНЕ, со самото стапнување на државните функции. Затоа, од гувернер можев да бидам само сменет. Оставка би дал само ако некој ме попречувал да работам така како што јас мислам. Твојот пример со Трајко Славевски, повторно е твоја површност, тропање глупости. Славевски не си поднесе оставка (како што му кажа на Чомовски) туку беше сменет од Монструмот, не зашто тој не се согласувал со неговите политики, туку зашто не бил доволно вешт (како што покажа наредниот) да позајмува доволно пари (и да прелева од шупливо во празно) за задоволување на лудило на својот Шеф. Трајко, за жал, и ден денес ги брани политиките на Монструмот.
И сѐ додека Македонија ја газат „политички Франкенштајни“ како што сте ти и твојот наследник, а оние што разговараат со таквите не водат сметка за елементарна заштита од крастата што ја ширите, таа никогаш нема да стане пристојно место за живеење.
25-05-2017, 10:09 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,285
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3

[Image: Ljupco_goshev.jpg]


колку е голем стравот кај љупчо од мене,поточно од онаа што го пишувам говори фактот дека на неговата фан страна ми блокирал можност за коментирање!!
26-05-2017, 01:07 PM
Reply