Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Патриотски грабеж
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 13,839
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Прашањето денес не е дали во Македонија е роден оној што може да го реши проблемот со името. Прашањето е дали постои стамен маж кој бескомпромисно и храбро ќе ја растури корумпираната политичка бизнис-олигархија
Насловот на оваа колумна е плагијат од серијалот на емисијата „Инсајдер“ на новинарката Бранкица Станковиќ, емитуван на српската телевизија Б-92. Во шест продолженија кои се емитувани на крајот од минатата година, новинарскиот тим на „Инсајдер“ успева да докаже (преку различна документација и видеоснимки) криминал тежок над 2 милијарди евра, кој е реализиран врз квазипатриотската парола – „Косово не го даваме“. Новинарите успеваат да пресметаат дека од буџетот на Србија за Косово оделе во просек минимум 650.000 евра дневно.
Тие пари никогаш не стигнувале до оние Срби кои во Косово со години живеат во немаштија. Според официјалните податоци, од буџетот на Србија за Косово во последните 12 години по разни основи се потрошени најмалку 2,8 милијарди евра. Поради тоа што никогаш не постоела адекватна контрола дали парите кои се префрлале во Косово оделе таму каде што се и наменети, свесно е оставен простор за многубројни злоупотреби. Воедно, Србите кои живеат во Косово, а кои немале политички врски не добивале ништо од тие пари. Заклучокот е дека доколку 2,8 милијарди евра биле вложени во развој на Србија, чиј дел во тоа време е и Косово, тоа би била најголемата инвестиција во историјата на демократска Србија и воедно северно Косово би било најразвиениот регион во Европа.
Со „патриотската“ одлука на политичката елита за укинување на ДДВ за стоката која од Србија одела во Косово, поради неадекватната контрола, свесно е оставен простор за шверцување на сите видови производи, а пред се’ на акцизна стока. Од таквата државна одлука Србите кои со години живеат во Косово во немаштија немале никаква помош, туку профитирале поединци и од српска и од албанска страна. Само по основ на неплатен ДДВ, во нивните џебови се слеале 300 милиони евра за 6 години. Она што е најзначајното е тоа дека овие поединци и нивните политички спонзори од Белград се луѓето кои биле главните организатори на патриотската хистерија дека „Косово е срцето на Србија“.
Но, за среќа на сите граѓани на Србија, сето ова доживеа свој крај токму на Видовден, само пред неколку дена. Видовден веќе не е ден на небеска Србија и прослава на поразот на Косово Поле, туку ден на прослава на европската победа на Србија. Многумина сметаат дека разобличувањето на „патриотскиот грабеж“ од страна на „Инсајдер“ претставуваше голем чекор кон конечната победа на европската над квазипатриотската Србија. Мора да се нагласи дека не се малкумина кои шпекулираат оти голем дел од материјалот што го користеле новинарите во емисијата е доставен од страна на меѓународните институции, како и бивши и сегашни политичари од Србија.
За жал, кај нас не постои Бранкица Станковиќ и нејзиниот „инсајдер“. Новинарката Бранкица Станковиќ веќе долги години е најобезбедуваното лице во Србија, а кај нас Никола Младенов и неговиот „Фокус“, кои можеби имаа храброст и капацитет да бидат нешто слично, под неразјаснети причини заминаа на оној свет. Ама затоа што нема кој да го разобличи, тоа никако не значи дека кај нас не постои патриотски грабеж скриен зад паролата „името не го даваме“.
Исто како и во Србија, и кај нас патриотизмот е изговор за криминални злоупотреби. Принципот е секогаш ист. Колку погласно повикување на патриотизам и македонштина, а истовремено злоупотреба на состојбата и можност за грабеж. Ако некој се обиде да ги потенцира таквите злоупотреби, тој е прогласуван за предавник на македонскиот народ. Неформалните групи, испреплетени преку интересите на политиката, бизнисот и криминалот, систем на кој се’ уште ниту опозицијата ниту цивилниот сектор во Македонија не може да му се спротистави, се брани со патриотски пароли.
Тоа се прави така што пет години, почнувајќи од 2008 година, Македонија се држи во еден вид вонредна состојба, односно во континуирана борба за одбрана на името, идентитетот и македонштината воопшто. Секој обид да се укаже дека заднината е криминал се означува како обид за сатанизација на сите Македонци, додека поединци си градат бизнис-империи. Сите тие патриоти се свесни дека крајот на ваквото „елдорадо“ за нив доаѓа со моментот на почнување или најавата за почнување на преговорите со ЕУ. Затоа, додека не се разоткријат интересите на оние кои дневно профитираат со стотици илјади евра затоа што Македонија останува во чекалницата за влез во ЕУ и во НАТО, ние ќе останеме вечно да бидеме земја-кандидат.
Проблемот со името не е единствената пречка за влез на Македонија во евроатлантските интеграции. Треба некој да е наивен или да сака да се прави наивен, па да не се сврти малку околу себе и да ги анализира чекорите кои претходеа на влезот на Романија, Бугарија и Хрватска во ЕУ, и на Србија пред нејзиниот напредок. Во сите наведени балкански земји најпрво претходеше големо расчистување со корупцијата и криминалот. Модерно кажано со ЕУ-речник, поглавјата 23 и 24 во сите овие земји беа отворени прекутрупа како претквалификација, како приемен испит пред воопшто формално да се почне да се преговара за нив. Во сите разговори на Брисел и Вашингтон со владејачките структури на земјите-аспиранти, покрај нагласувањето на по еден формален проблем кој ќе биде соопштуван за јавноста (за Хрватска спорот со Словенија, за Србија – Косово, а за Македонија спорот со името) секогаш на маса најпрво се разгледувал напредокот во расчистувањето со коруптивните случаи на домашните политички и бизнис-елити кои беа јавна тајна, а се случувале од паѓањето на комунизмот, па до денес.
И така, во сите наведени земји се појавија храбри владејачки структури кои бескомпромисно се пресметаа и правно ги затворија аферите на високи политички авторитети и моќни бизнисмени. Бугарија го направи тоа на еден неконвенцијален начин, оставајќи ги и воедно стимулирајќи ги криминалните картели да се истребат меѓусебно. Затоа таа имаше и најмногу забелешки, но во сите останати заклучно со последните процесуирања во Србија, овој болен процес храбро го спроведоа владите на овие држави. И видете чудо. Веднаш по спроведените апсења и правното процесуирање на „големите ѕверки“, никој во Хрватска не беше заинтересиран за спорот со Словенија, а во Србија денес освен Коштуница и Амфилохие, никој не спомнува дека Косово било срцето на Србија.
Затоа, почитувани читатели, не е денес прашањето дали во Македонија е роден оној што е подготвен да го реши проблемот со името. Прашањето е дали постои стамен маж или ербап жена, сеедно, што бескомпромисно, неселективно и храбро ќе ја растури корумпираната бизнис-политичка олигархија, која е создавана не само во последниве седум години, туку да ги сосече до коренот што ‘рти уште од првите денови на самостојноста. Затоа што ‘рбетот не ни го виткаат, ниту, пак, кршат Грција, Бугарија, Албанија, Брисел или Вашингтон, туку, пред се’, коруптивниот сојуз на политиката и бизнисот.
За разочарување на сите, се’ до 2008 година многумина однатре и од странство веруваа дека таков маж е Никола Груевски. За наша несреќа, тој потоа стана најголем политички спонзор на македонските кршачи и виткачи на ‘рбетот, шампион во однос на сите негови претходници. Затоа, сите оние што искрено се плашат дека името може да ни биде променето, можат мирно да спијат до денот додека не се започне со реконструкција на фасадата и внатрешноста на КПУ „Идризово“ во барокен стил. А потоа брзо ќе им стане јасно кој и зошто ги држел во континуирана заблуда.

Кире Наумов
25-03-2017, 12:39 PM
Reply