Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ДИМИТАР ДИМИТРОВ-ЗА ДРЖАВАТА И ПРОТИВ НЕА
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,877
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:За државата и против неа


Димитар Димитров
Партијата што се препушта на инфериорна инструментализација, ризикува да ја преземе одговорноста не само за сторените престапи на раководството туку и за последиците од заштитата на престапниците со нови престапи.


[Image: dimitar_dimitrov.jpg]

05. јун. 16.
По десетгодишна непрекината власт на партијата, имаме состојба на граѓански протести низ целата земја и решителни пораки од ЕУ и САД во врска со одговорноста што произлегува од содржината на прислушуваните разговори и за (не)владеењето на правото. Тоа значи дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ, со нејзиниот коалиционен партнер ДУИ, дошла во судир со домашната јавност и со меѓународната заедница.
Од двете страни се упатуваат истоветни осуди на власта осомничена во изборен и други видови криминал и се бараат оставки на одговорните партиски и државни функционери, нивно правно санкционирање и недопуштање да се кандидираат на наредните избори. За таа цел, тие бараат да му се даде поддршка на СЈО, на тој клучен елемент на договорот од Пржино, предуслов за другите претпоставки за излегување од кризата и за воспоставување на владеењето на правото, за раздвојување на државата и партијата, за институционални и медиумски реформи, прочистен избирачки список - како амбиент за регуларни избори.
Од моментот кога стави потпис на договорот од Пржино, претседателот на партијата направи сѐ да го изигра тој договор. Не само што не покажа минимум самокритика туку презеде дејствија кои дополнително ја потврдија тешката дијагноза на Прибе и ја продлабочија кризата. Се потврди како некоректен партнер и кон домашните сопотписници на договорот и кон меѓународната заедница.
На надворешен план Груевски си допушти да ја проблематизира целата стратегиска ориентација на нашата држава. Адресите на нашата евроатлантска интеграција тој ги сведе на странски служби кои, во колаборација со домашната деструктивна опозиција и соросоидите, наводно ја предизвикале кризата. Непосредно и преку корумпираните медиуми ја обнови примитивната антизападна пропаганда од времето на ладната војна и на режимот на Милошевиќ. Врв на таа пропаганда претставува образложението на аболицијата од неговата продолжена рака Иванов.


Quote:Денешните потомци на Христо Матов, кои власта ја злоупотребиле за грабеж од македонската сиромаштија, кога престапот се откри, истата власт ја користат за да ја избегнат казната

Во фокусот на таа пропаганда се најде СЈО, договорено и потпишано како еден од најважните инструменти за разрешување на кризата. СЈО се дисквалификува како инсталација на непријателски странски фактор и на домашната опозиција. Тоа упатува на фактот дека тој договор Груевски го потпишал како маневар за заташкување на кризата, а не за нејзино решавање. Тој тоа сам го откри, идентификувајќи се со големиот боксер кој му допуштал на противникот да задава удари, но на крајот го нокаутирал. За каква политика, за какво ниво зборува ваквата тактика и стратегија?
Во офанзивата против СЈО власта на ВМРО-ДПМНЕ најотворено го покажа својот карактер на режим. Мнозинството медиуми, правосудниот систем, Собранието на РМ и Претседателот на РМ, спротивно на своите уставни надлежности, штитејќи ги обвинетите партиски и државни функционери, го дезавуираа СЈО, го погазија договорот од Пржино, ја вратија состојбата од пред Пржино. Така револуционерно–криминалната коалиција се брани од правото и правдата. Така конститутивните чинители на државата се обрнуваат/самопонижуваат во партиски експозитури и како такви во предмет на прогон на СЈО, кое единствено останува автентичен елемент на државата.
Оваа победа на партијата над државата во принцип е пораз и за партијата. По дефиниција партијата е дел (парс), претпоставува плуралност и натпревар во служба на просперитетот на државата. Ако се наруши тој систем, ако државата се подреди на една партија, тогаш партијата станува револуционерна организација, а политичкиот систем станува режим. Таква состојба човештвото искуси со комунистичките и со фашистичките партии-држави. Осамостојувањето на РМ, во широк европски демократски процес, подразбираше транзиција од режим кон демократски политички систем.
Актуелизацијата на ВМРО во тој контекст, го евоцираше мотивот на своја држава. Но, тој мотив подразбираше отсуство на таква држава, борба за неа како синоним на политичка слобода. Затоа ВМРО не можела да биде легитимна политичка партија туку револуционерна организација. Штом ја постигне својата цел, ВМРО „го губи правото на постоење“. (Христо Матов, Македонска револјуционна система – ВМРО, Софија, 2001, стр.208.)
Противречниот спој на ВМ Револуционерна Организација со - Демократска Партија МНЕ, го извртува проектот на ВМРО, отвора спротивен процес од држава кон состојба на револуционерна организација. Цинизам е што тој удар се задава со злоупотреба на „четирите златни букви“, под кои се зародило нашето државотворно движење.


Quote:Партијата (членството и сите организациски сегменти) или ќе смогне сили да спроведе внатрепартиска одговорност, да се реформира во партија компатибилна со Уставот, или ќе си замине во историјата

Во тој процес прво настрада партијата. Револуционерната организација ја оневозможи демократската партија. Стимулира авторитарен статут и практика, што посредува криминална приватизација на партијата – неограничено право на лидерот да управува/располага со партиското членство. За членот тоа претставува сведување на број и на застапник, под нивото на уставните човекови права и на неговите доблести како човечко битие.
Со промоцијата на такви партиски членови во државни функционери, настрадува државата – нејзиниот конститутивен систем се разложува во режим. Застапникот е калем на партискиот код што ја укинува другоста на државата. Така може да се разбере заложничката трагикомедија на правосудството, Собранието на РМ, Претседателот на РМ, кои се идентификуваат со партиското раководство обвинето од СЈО како злосторничко здружение!
Паушалната аболиција со која заврши таа трагикомедија, од своја страна го проширува и продлабочува обвинението на СЈО. Распаметува помислата до каде досегале тајните злоупотреби на службената должност заради грабеж, лично незаконско богатење, ако конститутивните институции на државата се ставаат во заштита на откриени злоупотреби. Тоа е доказ дека партијата и државата се стопиле во револуционерно-криминална организација. И дека сите „проекти“ и целата „преродба“ се водени со мотивот на таква организација.
Со договарањето за формирање анкетна комисија при Собранието на РМ и СЈО, како и со противењето на аболицијата, меѓународната заедница кажа што мисли за престапите поврзани со незаконското масовно прислушување.
Како постапувала ВМРО кога „македонското дело“ се „злоупотребувало“ за „изнуди за лична полза“, „за заграбување пари за својот џеб“? – „За да се ограничат престапите, како насекаде, така и тука, предвидени се казни.“ (Х. Матов, цит. дело, стр. 231.) Казните биле драконски, зашто организацијата немала затвори.
Денешните потомци на Христо Матов, кои власта ја злоупотребиле за грабеж од македонската сиромаштија, кога престапот се откри, истата власт ја користат за да ја избегнат казната. Соодветен одговор на провокацијата со емитувањето на снимките, партијата можеше да даде со порачување експертиза од надлежна странска институција која ќе утврдеше дека снимките претставуваат генијална имитација и монтажа на гласовите на партиските функционери.
Но, да се каже дека снимките половина се точни, половина не, па да се оди на теза за монтажа, па да се отвора војна со меѓународната заедница, со домашната предавничка опозиција, граѓанство, СЈО - тоа значи да се надградува престапот со натамошна злоупотреба на името ВМРО, на партијата и на татковината.
Партијата што се препушта на ваква инфериорна инструментализација, ризикува да ја преземе одговорноста не само за сторените престапи на раководството туку и за последиците од заштитата на престапниците со нови престапи. Македонија која се брани од ЕУ и САД и од домашните непријатели (опозицијата и граѓанството), се самоизолира, се сведува на злосторничкото здружение и се самоуништува.
Партијата (членството и сите организациски сегменти) или ќе смогне сили да спроведе внатрепартиска одговорност, да се реформира во партија компатибилна со Уставот, или ќе си замине во историјата. Но, Македонија, со неа или без неа, ќе го продолжи својот живот како европска држава. Во правда и мир, какви што ги повикуваат граѓанското движење и меѓународната заедница.
05-06-2016, 10:30 PM
Reply