Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ЈАСНА КОТЕСКА
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 14,423
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Трите удари врз Пржино


Во само една недела Груевски во три потези се обиде и засега успеа да го крене Пржинскиот договор во воздух. Но, само времено. Шарената револуција фактички ја спасува државата.


[Image: 0,,19246309_303,00.jpg]


Пишува Јасна Котеска
Една од најчесто анализираните досетки од Фројдовската клиничка практика е следнава. Разговараат двајца патници и едниот му вели на другиот: „Зошто упорно ми кажуваш дека патуваш за Лемберг кога добро знаеме дека патуваш за Лемберг?“ Оваа двојна структура на идентификација во поновата психоанализа се анализира преку филмовите на браќата Маркс, во кои хуморот има идентичната структура со досетката на Фројд. Во еден од нив, Гручо Маркс игра адвокат кој во судот треба да го одбрани својот клиент како непресметлив за клиентот да добие помала затворска казна. Гручо застанува пред поротата и убедливо вели: „Овој човек изгледа како идиот и се однесува како идиот, но тоа не смее да ве залаже. Тој е идиот.“
Парадоксот што се открива во досетката е дека луѓето се способни да лажат на таков начин, што тие ја кажуваат вистината, потајно надевајќи се дека таа вистина ќе биде прифатена како лага.
Ваквиот гест се објаснува со психолошката реалност дека луѓето се преправаат дека се токму она што се! Звучи парадоксално, но психоанализата ни кажува дека кога велиме дека надворешноста е само „маска“ што ја носиме во нашето секојдневие, дека „длабоко во нас“ сме нешто сосема друго, дека нашите социјални ролји се нешто што го „играме“, и.т.н., во психоанализата ова се толкува вака: надворешноста никогаш не е маска, социјалниот поредок е така создаден што луѓето ултимативно секогаш се токму она што се преправаат дека се.


Тој е диктатор


Применет врз актуелните состојби во Република Македонија, примерот гласи вака: „Груевски зборува како диктатор, се однесува како диктатор, но тоа не смее да не’ залаже. Тој е диктатор.“
Во повеќе од 16 месеци од најсериозната политичка криза од независноста наваму, во Република Македонија прочитавме и слушнавме бројни анализи за Груевски како човек кој од 2006 до 2008 година е технократ со добро срце, а дека радикалното свртување на партијата се случува по самитот во Букурешт од 2008, други велат дека скршнувањето на партијата не се случува пред 2009, трети дека поотворениот тоталитаризам е дури од 2013 и.т.н.

 [Image: 0,,18457988_404,00.jpg]
Никола Груевски

Но, во реалноста тоа се само степени на градација. Анти-абортус кампањите се водат најмалку од 2007 година, националистичка пропаганда е од 2006 и.т.н. (Една споредба е анти-семитската програма во нацистичка Германија. Таа не е започната во 1941, туку најмалку од 1933 со забраната еврејските доктори да работат во добротворни организации или да влегуваат во кафеани, во 1935 не смеат да бидат офицери во армијата, во 1936 не смеат да работат како сметководители или како наставници во јавните училишта, и.т.н.) Овој пример е даден за да објасни дека тоталитаризмот не е сингуларен момент во историјата. Тој е процес кој започнува во моментот кога една тоталитарна матрица, која завршила како таква, тоталитаризмот го започнала од моментот кога стапнала на функција. Со други зборови, базичната психоанализа вели дека Груевски уште од првиот ден како премиер се однесувал како диктатор, зборувал како диктатор и не бил ништо друго освен диктатор.
Енигмата на повремените „смекнувања“ во толкувањето на неговата политичка улога се резултат токму на неразбирањето на односот помеѓу маската и образот. Тој сиве години ги залажува луѓето со својата најотворена транспарентност на диктатор. И десет години транспарентно владее како диктатор, со помош на врхушката отворено ги крши законите, со тајните служби е на чекор пред другите, системски ги уништуваше и ги уништува политичките опоненти, ги експлодира бизнисите, апси неистомисленици, уништува семејства, од ДПМНЕ направи технократска империја што ја владее земјава, а неговата манипулативна „маска“ дека е диктатор, ја носи за да го предизвика ефектот (нотиран погоре) дека народот ќе помисли дека неговата манипулативност е само одбранбена стратегија, додека длабоко во себеси тој има срце од злато ит..н. Во реалноста, работите стојат токму како во досетката на Фројд: „Зошто глумите дека сте само студен и безмилосен калкулант кога во реалноста не сте ништо друго освен студен и безмилосен калкулант?“

Декларативен антикомунизам

Настаните од веројатно најдраматичната недела од инсталирањето на Пржино досега, го потврдуваат токму ова. Во само една недела Груевски (кој де факто никогаш и не ја напушти премиерската позиција, само де јуре отиде „во сенка“) во само три потези се обиде и засега успеа да го крене Пржинскиот договор во воздух. Но, само времено.
Првиот потег беше обидот да го истера зацементираниот бетон на 5 јуни. Изборите со една партија ќе беа преседан, непознат за која било земја од овој дел на светот и од падот на Берлинскиот ѕид до денес. Тие ќе значеа и отворен влез на Република Македонија во неокомунизам, десен комунизам или ретро комунизам. И уште еден доказ дека декларативниот антикомунизам на ДПМНЕ на Груевски е само опсцена фасцинација со комунизмот што Груевски ја негува безмалку од почетоците на своето владеење и како ниедна политичка гарнитура од независноста до денес. (Една дигресија, Груевски и врхушката, освен казнено и финансиски, во некоја потенцијална иднина, ќе треба пред македонската десница да одговараат и идеолошки, заради узурпирањето на една историска традиција и сон на генерации македонски семејства кои во минатото, во историското ВМРО, гледале еден од начините за стекнување на македонската државност).
Има две опции зошто 5 јуни пропадна. Првата е заради внатрепартиската проценка дека еднопартиски избори ќе бидат негирање на антикомунизмот на Груевски, но тоа е помалку возможната варијанта. ДПМНЕ е сочинето од остатоците и идеолошките конци на повеќе идеологии, па на врхушката не би и’ пречел отворен еднопартиски систем. Ова сценарио за пропаѓањето е дотолку поверојатно ако се има предвид стабилниот одговор на Груевски за Франс Прес дека оди на еднопартиски избори, по кои ќе организира други. Освен јасен потег за минирање на Пржино, ни вторите избори (тие што ги најави по 5 јуни), нема да значеа ништо друго освен далечно, но директно ехо на суштинската желба Груевски да се забетонира на власт, на начин сличен како комунизмот во некогашната Југословенска федерација, со која КПЈ владееше 46 години. Една историска паралела. И изборите на Народниот Фронт од ноември 1945 година, декларативно имаа „избор“. Тој избор беше да се гласа против Партијата, но во одвоена кутија. Некаква храброст сепак била потребна да се стави топчето во одделната кутија (во црната кутија паднале вкупно 9.25 отсто гласови). Така некако ќе изгледаа и „вторите избори“ што ќе ги организираше апсолутната власт на ДПМНЕ по првите од 5 јуни што пропаднаа.
Втората можност зошто ДПМНЕ се откажа од еднопартиски избори е дека ДУИ (која до полноќ на 5 мај не достави членови за избирачките одбори) била така советувана, или од самото ДПМНЕ (во перверзна, но можна стратегија), или од „странскиот фактор“ (тој ден индикативна беше посетата од близок советник на ДУИ, кој веќе следниот ден замина од земјата). Ако е второто во прашање, советот бил разумен оти со евентуалната една партија во Собранието, нема да имаше Бадинтер, што пак ќе беше идеално отелотворување на желбата на Груевски за вечна власт. Тој нема ништо против вечната власт, а македонската аналитичка сцена ќе треба да се откаже од тенденцијата да го разгледува Груевски како политичар кој се срами од невозможни политички чекори. Напротив, тие се инхерентни за неговото владеење и затоа психоанализата во моментов помага можеби и повеќе од правото или од политичките науки. Иако првиот потег за минирање на Пржино пропадна, тоа не значи дека ДПМНЕ не го држи ДУИ в џеб. Напротив, токму преку нив, а само десет дена подоцна, ДПМНЕ го повлече вториот (овој пат успешен) потег за минирање на Пржино.


Бомби за внатрешна употреба


Вториот потег беше овозможен преку враќањето на пратениците од Собранието откако на иницијатива на ДУИ, Уставниот суд (кој претходно се прогласи за ненадлежен), одеднаш во средата магично се предомисли и сепак се прогласи за надлежен за оценување на уставноста за распуштањето на Собранието и - ги врати пратениците во Собранието. По свикувањето на Собранието прво беа констатирани оставките на министрите од опозицијата именувани со Пржино.

[Image: 0,,18581633_404,00.jpg]
Али Ахмети

Тоа беше првиот успешен потег за демонтирање на Пржино, и во оваа варијанта ДПМНЕ и ДУИ се враќаат во истиот состав како пред Пржино, со исклучок на екс премиерот, кој не е исклучено да го вратат на некоја следна седница. Помала е веројатноста да се вратат и министрите на ДУИ, оти можна претпоставка е дека ДПМНЕ има богат материјал да го уценува ДУИ со „бомби за внатрешна употреба“, што пак од лидерот на ДУИ прави фигура чија симболична вредност, барем во моментов, е како во иконична сцена од американски филм во кој осамена силуета од својата канцеларија гледа во ноќното небо низ големите прозорци. Со други зборови, ако можностите за уцена на ДУИ се големи, тогаш на ДУИ, барем за моментов, не му останува ништо друго освен за домашната јавност да продолжи да перформира улога на најблизок партнер до „странците“ и оттука конструктивен фактор на разумот, додека во реалноста засега да биде партија на еден човек, каква што впрочем е и ДПМНЕ, но, со многу помалку ресурси од ДПМНЕ. Тоа (а и старите зделки и на-ти-го-дај-ми-го историјата на односи) од ДУИ ќе продолжи да прави марионета на ДПМНЕ, што значи дека ДУИ ќе остане да одработува за ДПМНЕ, но во меѓувреме и да губи гласачи.


Тест за целосен тоталитаризам


Но, третиот и суштински потег за декомпонирање на Пржино е експресното изгласување на измените во законот за помилување. Иако аболицијата на Иванов правно многупати беше прогласена за ништовен закон, ново/старото Собрание оваа хартија ја третираше како најсофистициран можен правен акт, на кој само требаше да се доработат уште некои детали за законот да биде перфектен.
Деталите се доработеа и законот се изгласа. Законот сега гласи дека ќе има селективна аболиција, или во превод, Груевски (и тие што тој ќе ги одбере) нема да бидат предмет на кривично гонење, а другите (што пак ќе ги одбере Груевски) ќе одат низ вода. Фактот дека сето ова се случува пред очите на двајца од поважните странски олеснувачи во кризата (Ји и Хајндл) и истиот ден кога ЕУ и САД повторно предупредуваат дека аболицијата мора целосно да се поништи, во аналитичка смисла може да значи две работи. Или дека Груевски најбезобразно ги тестира можностите да ја отвори картата за целосен тоталитаризам во земјава и сака да види каква ќе биде реакцијата на меѓународната заедница. Или обратно, има добиено нејасно светло барем од дел од „странците“ дека тоа смее да го направи. Она што за момент збунува е необичната смиреност на шефот на опозицијата дека криминалот нема да помине неказнето. Можеби затоа што се надева дека тоталитаризмот во ниедна варијанта не би поминал. Што не е точно. Тој може да помине и честопати поминувал низ историјата. Па и во најновата.

[Image: 0,,19248877_404,00.jpg]



Втората можност за оптимизмот е фактот дека од февруари 2015 година и по објавувањето на „бомбите“ (во кои челниците на ДПМНЕ се индицирани во сериозни криминали и злосторнички здруженија), ДПМНЕ на Груевски активно и постојано тоне. Тој навистина нема да ја предаде борбата до последен здив, како што најави во повеќе свои јавни обраќања и не излажа никого. Но, без разлика дали и колку механизми ќе потроши (досега главно од сферата на флагрантните кршења на законите и договорите, како што тоа го стори неделава), по бомбите од февруари 2015 неговата партија не е иста како пред бомбите. И овде не се мисли само на сменетите министри од првиот ешалон, како ни на двата пропаднати обиди за избори, туку и на фактот дека секоја вечер му се случуваат протести на десетици илјадници луѓе во над 15 градови во Република Македонија, во рамките на Шарената Револуција. Ако го исклучиме меѓународниот фактор, во моментов Шарената Револуција е всушност и единствениот Ургентен центар кој фактички ја спасува државата.

Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка.

DW
21-05-2016, 01:27 PM
Reply