Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
СТЕВО ПРОТИВ ДПМНЕ – БУДЕЊЕ ПРЕД КРАХОТ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 13,747
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1


Quote:СТЕВО ПРОТИВ ДПМНЕ – БУДЕЊЕ ПРЕД КРАХОТ




[Image: 333btar.jpg]

Изборната кампања за нов претседател финишира и многу е веројатно, фото-финишот да го реши победникот во трката. Ќе биде тесно не затоа што се работи за двајца приближно квалитетни кандидати, туку затоа што едниот од нив, кој е интелектуално дефицитарен во однос на другиот, за да ја надокнади разликата, прифати да игра по мафијашки правила кои државата, очекувано, не ги санкционира. Владеачката партија која стои зад него, очигледно исплашена како никогаш до сега за резултатот од изборите, не губела време да направи сѐ што е недозволено во едно демократско општество за да дојде до победата на својот кандидат. Активирани се целокупните потенцијали на сите државни институции, медиуми, невладини институции и агенции за испитување на јавното мислење во служба само на партијата на власт и нејзината цел – победа на изборите. Оттука, овие избори многу јасно покажаа до кој степен нашата држава станала заложник на само една партија во нејзината парада на лагата и кичот.

[Image: b7ewxi.jpg]

Во тој поглед телевизиите се особено инспирирани и разгоропадени. Кај нивните сопственици и главни уредници изгледа не останало ниту трошка срам, а камо ли елементарна пристојност да фингираат независност и медиумско ферско известување. Напротив, тие се главниот џелат на владеачката партија. Нивните репортажи и монтажи за тв-дневникот и другите информативни емисии за изборните кампањи се епски во најпежоративна смисла. Се прикажуваат полни плоштади кога владеачката партија има митинг, а кога е тема опозицијата и нејзините настапи, се прикажуваат кадри фатени три саати пред почетокот на нивните митинзи, а понекогаш се тоа кадри сликнати рано наутро кога отвораат бурекџилниците и гранапчињата, такашто човек лесно може да помисли дека митинзите на опозицијата се најмногу посетени од градските џукели и локалните пијаници.

Посебна приказна се таканаречените независни аналитичари кои се поканети да гостуваат на овие телевизии за да го споделат своето независно мислење со јавноста. И за вистинско чудо овие независни експерти сите исто мислат. А бе како телевизииве еднаш не промашија да викнат некој што не мисли исто како нив? За овие стручњаци кои со мака кажуваат проширена реченица, владиниот кандидат е апсолутен победник во сите категории и Пендаровски од опозицијата тука немал што да бара. И секогаш, ако веќе мора некого да пофалат и од останатите кандидати, нели, така е редот, тогаш ги фалат оние кои не се толкава опасност за владеачката партија како оној громовникот на пример. Си велам, толку ли е инфериорен Пендаровски во споредба со интелектуалната величина на Хорхе? Мора да е до бисерите. Кој му е крив на Пендаровски што два пати размислува пред да каже нешто.

Помина и славната дебата на МТВ која недвосмислено покажа дека во Македонија одамна е убиена секоја шанса за дебата. Наместо дебата се изнаслушавме долги здодевни монолози за тоа на кој му е поголем. Башка муабет што таа лакрдија не одеше во живо, туку беше снимена, оти така е најбезбедно за владеачката партија. Јас не верувам во тие празни оправдувања дека заради пребукираните агенди на претседателските кандидати, соочувањето морало да се снима, наместо да оди во живо. Кого лажете бе!? Никаде не се одржува митинг на полноќ. Што не одеше емисијата во живо точно на полноќ, кога се будат вампирите? Или тогаш ќе се вадевте дека работниот народ спие во тоа време, па дебатата нема да има гледаност. Глупости на квадрат! Прво, во Македонија не постои работен народ, туку невработен! И второ, народот ќе се лишеше од сон и ќе ја следеше емисијата и на полноќ, зашто е жеден за вистински дебати и соочувања од кои вие смислено го лишивте сиве овие години. Впрочем, само тв-соочувањата на кандидатите во живо, можат до некаде да ја изострат сликата за тоа на кој од нив колку му сече, а владеачката партија многу добро знае колку му сече на нејзиниот кандидат, затоа и избегна соочување во живо. Од истите причини тој кандидат има само епизода во неговата сопствена кампања, а главната улога ја игра неговиот ментор и партиски лидер. Поради тоа, противкандидатот на Стево Пендаровски не е Хорхе, туку Грујо и ДПМНЕ. Иако и Грујо својата улога ја игра во монолог, зашто и нему нешто не му сече, па мрази отворени двобои.

Лидерот на преродбениците го знае и тоа дека, дури и приближен пораз на Стево од Хорхе, за него ќе значи неминовен пад од тронот по парламентарните избори. Зашто илјадници од оние Македонци кои до сега избегнуваа да гласаат преплашени од митот за непобедливоста на ДПМНЕ, тогаш ќе сфатат дека не се толку непобедливи и масовно ќе излезат да ги разбуцаат. Ете зошто аналитичарите платени од ДМНЕ толку упорно се обидуваат на јавноста да ѝ продадат слика дека Хорхе е убедливо пред Стево. Ете од каде доаѓа и целата фама на Грујо за 62 пратеника по изборите. Какви 62 пратеника? Тој знае дека дури и пирова победа не му е сигурна, а камо ли апсолутна. Од тие причини, допрва ќе се изнагледаме кампањски глупости во режија на ДПМНЕ. Она што го видовме до сега ќе биде нула во споредба со сите оние мртви кои ќе излезат да гласаат на повик на ДПМНЕ и со сите оние бугарски возови кои ќе протатнат низ гласачките места, а прогнозирам и други насилнички иновации на преродбениците за извојување на победа по секоја цена. Зашто насилници не знаат за други средства освен насилнички.

Кандидатот за претседател на опозицијата Стево Пендаровски на оваа кампања покажа карактер и пред сѐ достоинствено држење и политичка култура каква одмна не сме виделе на изборните кампањи, со забелешка дека е премногу фин и добро воспитан во одредени ситуации, што не му оди во прилог. Неговиот на моменти премногу трезен и академски настап, за жал, мнозинството тешко го разбира, зашто е научено да прежива нешта кои некој друг пред него неколку пати ги преџвакал. Во таа смисла, Пендаровски мора малку да го спушти гардот и поотворено да нападне во финишот. Со уште попрости зборови да му објасни на овој народ зошто „изгоре лончето и претече млекото“. Овој начин на обраќање беше и сѐ уште проблем и на СДСМ. Да му се каже на народот со народен јазик во каков амбис нѐ турка оваа власт. СДСМ во иднина ќе мора уште повеќе да се отвори кон народот. Да украде малку од популизмот на ДПМНЕ. На овие избори СДСМ до некаде ја пропушти и шансата да ги придобие малку повеќе на своја страна сите оние од јавниот живот кои беа свесни за лудилото во кое живееме и за пропаста пред нас. Зошто не го сторија тоа не знам, ама знам дека сега ќе беа во многу поизгледна ситуација за победа.

А крахот е неминовен, како и да земеш. Дури и Господ да дојде на власт исто ни се фаќа. Затоа и напишав во некоја од минатите колумни дека Груевски треба да го моли Бога да изгуби на избориве. Така барем, утре по изборите, ќе може да се брани со зборовите: Гледате, ние си отидовме државата банкротира! На тој начин, пред глупавите успешно ќе скрие дека најголем виновник за крахот што следи е тој самиот. Сепак, НЕ Е ИСТО ДАЛИ КРАХОТ ЌЕ ГО ДОЧЕКАМЕ БУДНИ ИЛИ ПОТОНАТИ ВО КОШМАРЕН СОН. Според мене, редно е да се разбудиме, без разлика на тоа колку ќе боли. Ова е мој став, не мора да се сложите со него, како што сметам дека оваа изборна кампања и оние осум години зад неа недвосмислено покажаа, дека во Македонија демократија не постои, ниту пак постои социјална правда, автентична јавна дебата и основна политичка култура да се почитува различното мислење. Наместо тоа, живееме во држава во која единствениот аргумент за тоа кој е во право е КАМА ПОД ГРЛО. Заради тоа, сите треба да сносиме лична одговорност, а не само оние во партијата која владее.

Зашто не постои искрен македонски патриот кој за изминативе осум години барем еднаш не се засрамил што дозволил неговата земја да ја управува банда која има корумпирано сѐ околу себе, зашто самата е таква. Не постои нормален слободоумен човек кој не се засрамил што за целиот тој период затворал очи пред злосторниците кои од неговата татковина Македонија направија предмет за потсмев на меѓународен план. Нема таков чесен граѓанин што не го јаде резил што години наназад премолчувал редици настани во кои била убивана демократијата во неговата земја, а правдата била ставена во скутот на злото и корупцијата. Колку сме зрели за такво будење и преземање на одговорноста за лудилото што нѐ снајде, ќе покаже исходот од изборите. Само без паника, излезете и гласајте по свое убедување. Од нешто и онака мора да се умре, иако не сум слушнал некој да умрел кажувајќи го она што го мисли.

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ
(This post was last modified: 08-04-2014, 01:38 PM by ЈорданПетровски.)
08-04-2014, 01:35 PM
Reply