Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 14 Vote(s) - 3 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ПРЕДАВНИКOT БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ ЗБОРУВА ЗА ПАТРИОТИЗАМ
Author Message
mara-popara Offline
Posting Freak
*****

Posts: 769
Joined: Dec 2009
Reputation: 6
#1

Кој е патриот, а кој предавник?

Очигледно, темата за патриотите и предавниците е наше национално проклетство, лоша судбина од која нема бегање низ целата наша историја.

Во овие три и пол „преродбенички” години, ваквите поделби повторно кулминираа, добивајќи се порадикални форми и заканувајќи се да не внесат во веќе виденото трагично сценарио од пред стотина години.

Но, пред да се фокусирам на актуелната состојба во Република Македонија, ќе се навратам на четири карактеристични ситуации од нашата историја и ќе се обидам да извлечам некои заеднички заклучоци, кои би можеле да ни послужат како патоказ денес.

ДИЛЕМИТЕ ЗА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ

Во почетокот од минатиот век, во рамките на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), се развила жестока дебата за одлуката дали е созреана ситуацијата за подигање општонародно востание за остварување национално ослободување. Меѓусебната конфронтација достигнала такви размери што веќе не се избирале средства. Етикетирањата на патриоти и предавници, на јунаци и плашливци, на херои и странски платеници, се радикализирале до степен на меѓусебни физички пресметки. Во оваа пригода ќе издвојам, не случајно туку сосема намерно, две личности.

Гоце Делчев бил цврсто убеден дека теренот се уште не е целосно подготвен и жестоко се противел на подигањето востанието. Тврдел дека е прерано, дека ќе заврши со неуспех и дека втора шанса долго време нема да има. Дали ова значи дека Делчев е патриот или предавник? Јунак или плашливец? Претпоставувам дека сите ќе се согласите оти денес прашањето е невкусно и депласирано. Но, да не заборавиме дека во тоа време било актуелно и конкретно.

Ако е сосема јасно дека Делчев е патриот и национален херој, тогаш како би го оквалификувале Даме Груев, кој стоел на сосема спротивни позиции, дека востанието мора да се подигне, и кој се водел од онаа позната максима „подобро ужасен крај, отколку ужас без крај”? Дали, во тој случај, Груев е предавникот? Или ќе одлучиме по линија на помал отпор и ќе извикнеме - и двајцата се патриоти! Јас се согласувам со тоа, но останува да виси во воздухот прашањето кој ќе ја преземе историската одговорност за донесената одлука и за сите последици кои произлегоа од неа. Никој? Така морало да биде?

НА СОЛУН ИЛИ НА СРЕМ?

Вториот пример датира од периодот на завршницата на Втората светска војна и НОБ. Поделбата која до денес се споменува е за прашањето дали треба да се искористи ситуацијата и да се тргне во ослободување на другите делови на Македонија или да не се ризикува, да се уважи поделбата направена меѓу големите сили и директивите на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ и да се создаде првата современа македонска држава во југословенската заедница.

Од поборниците на првата опција била застапувана тезата „или цела или никаква Македонија”. А што ако нивниот став надвладееше и крајниот епилог беше „никаква Македонија”? Дали таквата одлука ќе беше патриотска или предавничка? Или ќе ја употребиме поточната дефиниција -„патриотска, но погрешна одлука”.

Дали патриотизмот вреди кога не води кон погрешни историски одлуки, со катастрофални последици?

ЧЛЕНКА НА ООН ПОД ПРИВРЕМЕНАТА РЕФЕРЕНЦА

Следните два примери се од нашата понова историја, по стекнувањето на независноста во 1991 година.
И покрај исполнувањето на сите неопходни предуслови, што беше верифицирано и од Бадентеровата комисија, најрелевантните меѓународни фактори поради спорот со Грција не воспоставија дипломатски односи со Република Македонија, а нашата земја не можеше да стане членка на ООН. Европската унија (во тоа време - Европската заедница) ја донесе Лисабонската декларација, според која ниту унијата ниту нејзините членки нема да ја признаат нашата земја, се додека во нејзиното име стои зборот Македонија.

На просторот на поранешна Југославија во Хрватска и БиХ се одвиваа крвави војни. На Косово атмосферата беше во состојба на вриење.

Милошевиќ и достави предлог на Атина за создавање грчко-српска федерација. Опасноста од создавање т.н. Јужен фронт и од прелевање на војната на наша територија беше огромна.

Во таква ситуација, како на земја, ни беше понудена следната опција - или ќе влезете во ООН под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија или воопшто нема да станете членка на ООН. Што беше патриотски, а што предавнички одговор во таква ситуација? Да ја следиме логиката од четириесеттите („или цела или никаква Македонија”), или другата - „подобро на еден дел, отколку никаква Македонија”?

И денес стојам до крај зад одлуката што ја донесовме. Македонија стана членка на ООН и меѓународно признат субјект. Во историјата на еден народ не се добиваат сите битки одеднаш, туку во етапи. Кога денес од самопрогласените „патриоти” ги слушам обвинувањата дека тогаш е направено предавство, добивам желба јавно да го поставам следново прашање: Кој и брани на актуелната „патриотска” власт да донесе одлука да истапиме од членството на ООН и повторно да аплицираме за прием под уставното име? Или денес тоа би било глупост, ама во 1993 година би претставувало „патриотски” чин?

ДОГОВОР ИЛИ ПОДЕЛБА НА ЗЕМЈАТА?

Во 2001 година се соочивме со воен конфликт, кој се закануваше да прерасне во потполна меѓуетничка, па и меѓурелигиска војна. Овојпат критериумот врз кој се продуцираше поделбата на „патриоти” и „предавници” беше кој е за воено, а кој за политичко решение на конфликтот.

Аргументите на „патриотите” беа следниве. ОНА е терористичка организација, а со терористи не се преговара, туку се војува, се до нивниот конечен пораз. Не смее да се дозволи промена на Уставот под закана на оружје. Решенијата за Рамковниот договор се вовед прво во федерализација, а потоа и во распад на земјата.

Работата до таа мера „забега”, што актуелниот премиер, заедно со актуелниот претседател на МАНУ, предложија поделба на земјата и размена на територии и население по етничка основа. Никогаш големите „патриоти” не одговорија на следниве прашања:
Што значи поимот „конечна победа”, кога се работи за етнички конфликт? Дали е таква победа воопшто можна и ако претпоставиме дека е можна, како потоа ќе продолжиме да живееме во заедничка држава?
Како „патриотите” ја замислуваа преселбата на населението и размената на територии? На доброволна основа? Дали историјата на човештвото познава таков пример? Или секогаш се работело за крвави етнички чистења со неброени жртви? Каква е таа „патриотска „логика кога се нуди спас од опасноста од федерализација и распад на земјата со поделба на државата и со размена на население?

ЧЕТИРИ ПОУКИ

Ако е точно дека историјата е учителка, а ние сме подготвени да учиме од неа, тогаш од наведените примери можеме да ги извлечеме следните поуки:
Прво, продуцирањето внатрешните поделби на македонското национално ткиво, на „патриоти” и „предавници”, е секогаш и без исклучок штетно за заштитата и остварувањето на националните интереси и по истата дефиниција претставува „предавнички” чин.
Второ, поделбите на „патриоти „ и „предавници” секогаш ги прават самопрогласените патриоти. Од разбирливи, сосема логични причини, тоа никогаш не го прават „предавниците”. Никој не сака себеси да се прогласи за предавник.
Трето, поделбата на „патриоти” и „предавници” најчесто е популистичка манипулација. Одлуките не треба да се делат на „патриотски” и „предавнички”, туку на правилни и погрешни. Единствениот критериум да се оцени што е правилно, а што погрешно, е какви долгорочни последици предизвикува по националните и државни интереси. Историската дистанца е нужна и неопходна.
И четврто, моменталниот емотивен вознес многу често може да биде и контрапродуктивен. Ниту една одлука која не се заснова на рационална анализа не може да го издржи тестот на времето. Емоциите се добредојдени и целисходни само кога се поткрепа на рационално поставени цели и стратегија за нивно остварување. Во спротивно можат да не одведат во катастрофални грешки.

ЗА „ПАТРИОТИТЕ” И „ПРЕДАВНИЦИТЕ”


Македонскиот народ денес е изложен на разни делби, како ретко кога во својата понова историја. Притисоците за такво нешто не доаѓаат однадвор, туку однатре, и не од кого било, туку токму од најповиканите да градат национално единство - од самата власт.

Продуцирањето на постојани поделби и конфронтации за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ претставува основното погонско гориво на нивното владеење Не делат на „патриоти” и „предавници”, на „верници” и „неверници”, на „антички” и „словенски” Македонци, на „преродбеници” и „транзиционаши”, на „реформатори” и „кочничари”.

Лудилото достигна такви размери што „вождот” по писмен пат повика на мобилизација и конечна пресметка, на битка за истребување и исчезнување на сите што не се подготвени да се постројат зад него. Тоа беше знак за почеток на „ловната сезона”. Се прават црни листи кои јавно се објавуваат и без какво било заобиколување се повикува на линч и елиминирање.

Имајќи предвид дека мојата маленкост се наоѓа на сите такви листи и тоа без исклучок на почесното прво место, ќе си дозволам еден мал излет во однос на досегашното ниво на текстов и ќе им порачам на сите „инквизитори”: Ако сте решиле да пукате, пукајте! И така тоа без престан го правите со години! Можеби ќе успеете, можеби нема да издржам. А ако ве издржам? Некако, се подобро, се помотивирано се чувствувам! А и на СДСМ нешто му тргна во последно време! Да не биде после - не мислевме така!
Да се вратиме сепак на рационалните аргументи и пристојната анализа.

Основниот критериум врз основа на кој денес се прави поделбата на „патриоти” и „предавници” е односот кон решавањето на спорот со Грција за името на нашата земја. Сите оние кои во јавноста промовираат став за порационален и поангажиран пристап во преговорите, кој дава ако не гаранции тогаш барем шанса за доаѓање до компромис кој би претставувал заемно прифатливо решение за спорот, јавно се етикетираат и се жигосуваат како национални предавници, грчки платеници и странски слуги.
Се разбира, патриотизмот и националното херојство се резервирани за Груевски, за неговата партија и за неговите медиумски мегафони и поддржувачи.

Замислете, за момент, барем за момент, дека решавањето на спорот со Грција не е предуслов за нашето интегрирање во НАТО и во Европската унија. Тврдам дека во таков случај нема нормален човек во Македонија кој би се залагал за какви било отстапки, макар и од помала природа, во однос на барањата на Грција, кои се косат со сите меѓународни принципи и стандарди. Значи, тоа што ги мотивира луѓето да се залагаат за решавање на спорот не е задоволување на хировите и на тесните национални интереси на Грција, туку да ја видат својата сопствена земја како полноправна членка на НАТО и на ЕУ.
Со други зборови, Македонија да биде посигурна, побезбедна, послободна, побогата, понапредна. Да се има вакви желби за својот народ и држава е патриотски или предавнички чин?

Јасно ми е дека самопрогласените „патриоти” веднаш ќе го постават прашањето: И ние сме за НАТО и за ЕУ, ама дали по секоја цена? Дали и по цена на национално обезличување? Апсолутно не! СДСМ, како најголема опозициска партија, јавно ја соопшти својата „црвена линија”, а тоа е дека за македонскиот национален идентитет не смее да се преговара и да има отстапки. Името на јазикот и на народот мора да останат македонски.

И сега доаѓаме до клучното прашање - ако и Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат со овој став, тогаш каде е разликата? Зошто се тие „патриоти”, а ние „предавници”? Зошто тогаш се прават црни листи? Ако, пак, не се согласуваат и имаат некакви други „црвени линии”, нели сметаат дека се должни јавно да ги соопштат? За да не се нарушат преговарачките позиции? Зошто тогаш Грција ги дефинира своите „црвени линии” и јавно ги соопшти и притоа не ги наруши своите преговарачки позиции?

ГРУЕВСКИ НЕ Е НИКАКОВ ПАТРИОТ!

]Да го привршам овој лавиринт од хипотетички прашања и одговори, со следнава констатација: спорот со Грција ни се испречи на патот кон иднината во НАТО и во ЕУ - или треба да најдеме начин да ја совладаме таа пречка или треба да се откажеме од иднината во НАТО и во ЕУ.

Сите се согласуваме дека однесувањето на Грција не е ниту демократско ниту цивилизациско. Она што се бара од нас не е ниту праведно ниту правично. Но, ваквите констатации не ни го решаваат проблемот. А патриотски пристап е проблемите да се решаваат, пречките да се совладуваат и државата да чекори напред!

Господине Груевски, да бевте вистински патриот, ќе ја поведевте државата напред! Немаше да произведувате непостоечки предавници. Не верувам во вашиот лажен патриотизам, кога гледам како немилосрдно ја партизирате администрацијата и судството, како ја уназадувате демократијата, како ги корумпирате медиумите, како ги игнорирате ревизорските извештаи за криминали и корупција од десетици и десетици милиони евра во министерствата!

Стопанството ни пропаѓа, невработеноста и сиромаштијата растат, странските инвестиции никаде ги нема. Човек што го сака својот народ, не му го прави тоа.

Господине Груевски, вие не сте никаков патриот! Вие само не сакате никаков надворешен мониторинг во земјата. Затоа немаме аранжман со ММФ, затоа не се трудите да станеме членка на НАТО и да ги почнеме преговорите со ЕУ! Вие само купувате време да ги завршите работите што ги почнавте.

ВМРО-изолацијата на општеството како проект не е финиширан. Тоа нема никаква врска со патриотизам. Тоа е најдиректно предавство на националните и државни интереси. Затоа ви пречиме ние „предавниците”. Без нас полесно и побрзо би ја завршиле работата. Со нас, такви какви што сме, никогаш нема да успеете. А не има. Секој ден се повеќе и повеќе. И се порешителни.
Бранко Црвенковски - Претседател на СДСМ
Kolunma vo nedelnikot "SEGA"

Vrv na cinizam, arogancija, manipulacija...
(This post was last modified: 04-01-2010, 06:42 PM by mara-popara.)
04-01-2010, 06:36 PM
Reply


Messages In This Thread
ПРЕДАВНИКOT БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ ЗБОРУВА ЗА ПАТРИОТИЗАМ - by mara-popara - 04-01-2010, 06:36 PM