Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 15 Vote(s) - 2.13 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
МАКЕДОНИЈА НЕ МУ ВЕРУВА НИКОМУ
Author Message
Pirinec-Vrhovist Offline
Воjвода
****

Posts: 399
Joined: Dec 2009
Reputation: 15
#1

МАКЕДОНИЈА НЕ МУ ВЕРУВА НИКОМУ

[Image: 0CFAF276B04E2340ADC29FEFD0E45FA3.jpg]

Какво е расположението во Македонија спрема соседите и кон главните светски фактори. Што мислат Македонците, а што мислат Албанците

Пишува: Синиша Станковиќ

Иако властите во Македонија, барем декларативно, опстојуваат на ставот дека продолжуваат со реформската агенда и дека и понатаму ќе го вложуваат максимумот за остварување на со консензус прифатениот план за влез во НАТО и во ЕУ , и децидно порачуваат „нема да бидеме скршени од ова што ни се случи, ќе продолжиме да се бориме за нашите евроатлантски интеграции“ (Никола Груевски), фолклорните протести под прозорците на Ерван Фуере („Ни наредија спонтано да се организираме и да протестираме!“; „Шефот рече дека ќе ни одбие две дневници ако не излеземе на протест!“) зад кои стојат организации под чадор на ВМРО-ДПМНЕ, и спротивставените изјави на претставниците на власта со кои се поттикнува евроскептицизам и уште повеќе се вжештува атмосферата настаната по ширењето лажен оптимизам и по разбирливото незадоволство од „корпата“ која Македонија ја доби од ЕУ на 7 декември, го зголемуваат сомнежот во вистинските намери на владеачката партија. Од една страна, и покрај сите таламабаси за цврстата определба за ЕУ и НАТО, власта на премиерот Груевски и пред и по најновиот пораз во Брисел, не излезе со јасен став пред јавноста - за каква Македонија се залага (криејќи се зад економијата, која навистина не само по нејзина вина доживува катастрофа, актуелната Влада ги батали проблемите во меѓунационалните односи, паралелно подгревајќи ја недовербата кон соседите и „внатрешните непријатели“), а од друга страна, со сеењето страв, билдањето национализам и создавањето хаос во сите сфери на живеачката, си создава и за во иднина широк простор за лов во матно и за доисцедување и на она малку што остана во се победната држава. И последните настани најдобро илустрираат дека власта во Македонија не е евроскептична, туку дека едноставно е вџашена од страв од сето она што приближувањето до ЕУ го носи со себе.

ОДРЖУВАЊЕ НА СТРАВОТ Се додека не почнат да „дуваат некои други ветрови од Грција“ кои ги чека премиерот Никола Груевски, Македонија и нејзините граѓани ќе треба да преживеат како знаат и умеат. И, за разлика од досегашниот кукавичлак на власта, да најдат храброст да се соочат со наметнатите митови и заблуди. Можеби и некој во власта треба конечно да најде кураж, доблест и време и да се обиде да ги сослуша и добронамерните совети на евроамбасадорот, за Македонија да не продоле'и со тонењето во изолација, кое веќе има тешки последици. Се додека Европејците порачуваат дека го разбираат разочарувањето, и дека е „легитимно правото на изразување на своето мислење со мирни протести“, а домашните патриоти, дел од армијата привремено вработени партиски војници, им скандираат дека „не им треба таква Европа“, меѓу Брисел и Скопје ќе има пречки на врските. А поради политичкиот курцшлус, граѓаните на Македонија ќе останат во наметнатата им темница.

За расположението и реакциите во јавноста по бриселската одлука на министрите на ЕУ, се' уште, не е направена анкета. Во недостаток на најнови податоци, „Глобус“ ги објавува резултатите и коментарите на истражувањето за расположението на македонската јавност во постбукурешкиот период, кое Агенцијата за испитување на јавното мислење и комуникации „Рејтинг“ го спроведе од 18-21 јануари годинава. Истражувањето е направено врз репрезентативен примерок од населението на Македонија, по пат на телефонски интервјуа, со кои биле опфатени 1.080 полнолетни граѓани, а неговите резултати се илустративни и за актуелниот политички момент во Македонија.

Со оглед дека разрешницата на спорот околу името е одложена на неодредено време, во целосната неизвесност, оистануваат истите надежи, и сомневања. Кој и помага на Македонија во „битката за името“, а кој и одмага? - според агенцијата „Рејтинг“ е прашање на кое се добиваат различни одговори. Но, речиси секој македонски граѓанин има свој став за политиката на соседните држави, на НАТО и на ЕУ, како и на големите сили САД и Русија.

СОСЕДСТВО Според истражувањето, анкетираните граѓани на Македонија, главно, немаат доверба во политиките што ги водат соседните држави кон Македонија. Како што може да се види од графиконот бр.1 најмалку и веруваат на Грција (само 4%), потоа на Бугарија (17%), па на Србија (20%) и на Албанија (24%). Дали треба овој висок процент на недоверба на македонското население кон политиките на соседните држави да ги загрижи сите во државава, политичките лидери кои можеби така ги претставуваат соседните или оние медиуми кои помагаат во одржувањето на стравот од нив. Сосема е умесно и прашањето дали оваа перцепција на македонските граѓани не треба да ги загрижи и некои од соседите и нивните политички лидери кои веројатно се грижат и за угледот на нивната земја во соседството.

Секако Македонија е етнички поделено општество и од интерес на овој вид анализи се одговорите на граѓаните од двете најголеми етнички заедници, Македонците и Албанците. Како што може да се види од графиконот бр. 2 во кој се поместени само одговорите на етничките Македонци, нивната довереба во политиката на Србија кон Македонија изнесува 24%, кон политиката на Бугарија 16%, кон политиката на Албанија 10%, а кон политиката на Грција само 3%. Кај граѓаните на Македонија од албанско етничко потекло (како што може да се види на графиконот број 3), најголема е довербата кон политиката на Албанија (дури 70%) па потоа на Бугарија (20%) на Грција (7%) и најмала кон политиката на Србија (2%). Овие наоди се сосема реални и очекувани. Етничката блискост на населението во Македонија со народите во соседните држави има влијание врз различната перцепцијата на нивните политики. Но ова открива уште една појава. Појавата би можеле да ја наречеме „Македонија тоа сме ние, односно мојата етничка заедница“! Оттука, дури 70% од Албанците во Македонија на пример, политиката на Албанија кон Македонија ја оцениле како добра, па дури и заштитничка, а политиката на Србија кон Македонија како лоша (дури 86%). За разлика од нив, само 10% од Македонците сметаат дека политиката на Албанија кон Македонија е добра или искрена, а 61% оцениле дека не е добра. За разлика од Албанците, 24% од Македонците рекле дека политиката на Србија кон Македонија е добра, а мнозинството, како и Албанците, исто така рекле дека таа политика не е добра.

РОДНИНСКА ПОВРЗАНОСТ Во анализата на „Рејтинг“ е воведен уште еден елемент кој е малку истражуван во Македонија: како врз ваквите перцепции влијае роднинската поврзаност на граѓаните од Македонија со граѓаните од соседните држави и колкава е таа?

Едно од прашањата за граѓаните на Македонија во истражувањето, гласеше: Имате ли роднини во Србија, Бугарија, Грција, Албанија или на Косово? Иако за крвното сродство на Албанците можеше со поголема сигурност да се претпоставува, за одговорите на Македонците не можеше со сигрност да се постави ниту една хипотеза. Од одговорите (претставени во графиконот бр. 4) може да се види дека: граѓаните на Македонија најмногу роднини имаат во Србија (34%), потоа на Косово (12%) па во Бугарија (12%), во Албанија 7% и во Грција исто така 7%. Општо земено, граѓаните на Македонија се прилично добро роднински поврзани со своите соседи. Но постои една голема разлика во природата на роднинските односи на Македонците и Албанците. Роднините на Македонците во Грција, Бугарија па и Србија таму живеат како непризнаено или (во Србија) признаено национално малцинство, а роднините на Албанците во Албанија живеат во сопствена држава, па оттука, перцепцијата на Македонците, веројатно за политиките на државите кон Македонија е и дел од перцепцијата на политиките на тие држави кон Македонците, во Бугарија, Грција и Србија и Албанија, а перцепцијата на Албанците кои живеат во Македонија за политиката на Албанија кон Македонија е и дел од перцепцијата за политиката на Албанија кон нив во Македонија. Ако се погледнат податоците за роднинските односи на граѓаните на Македонија со соседните земји според етничката структура (прикажано во графиконот 5), се дознава следното: дека дури 41% од Македонците имаат роднини во Србија, 13% имаат роднини во Бугарија, 1% во Албанија, 2% на Косово и 8% во Грција. За разлика од нив, графикон бр.6), 42% од Албанците што живеат во Македонија изјавиле дека имаат роднини на Косово, 25% од нив имаат роднини во Албанија, 11% во Србија 4% во Бугарија и само 1% во Грција. Оттука е сосема јасно зошто кога доаѓа до судир меѓу Србите и Албанците на Косово или во врска со Косово, тоа не останува без видливо зголемување на тензиите и во Македонија.

ЕУ, НАТО И ГОЛЕМИТЕ СИЛИ. Според одговорите на сите анкетирани граѓани, (графикон бр.7) 44% од населението на Македонија има доверба кон политиката на ЕУ кон Македонија, а немаат доверба 36%. Кон политиката на НАТО имаат доверба 41% а немаат 36%, кон политикта на САД имаат доверба 37%, а немаат 39% и кон политиката на Русија имаат 28% а немаат 44%.

Македонците за разлика од Албанците се поскептични кон политиката на НАТО, ЕУ и САД кон Македонија, а во мал процент имаат поголема доверба во политиката на Русија кон Македонија. Така, на пример, ако се видат податоците (графикон бр.8) само 32% од Македонците имаат доверба во политиката на НАТО кон Македонија, само 36% од нив имаат доверба во политиката на ЕУ кон Македонија, само 27% имаат доверба во политиката на САД кон Македонија, а 34% се изјасниле позитивно за политиката на Русија кон Македонија.

Оваа состојба на свеста кај граѓаните од македонско етничко потекло и реално ова незадоволство и недоверба, се веројатно предизвикани од притисокот што Македонија и нејзините граѓани го чувствуваат во овој период околу името на државата. Сето тоа е пак, поврзано и со перипетиите околу влезот во НАТО, со започнувањето разговори за членство со ЕУ, со улогата на Грција во тие процеси, и со Резолуцијата за името во Конресот на САД. Довербата кон политиката на Русија, исто така, не е голема, но недовербата е малку помала од недовербата, веројатно токму затоа што таа меѓу првите ја призна Македонија под уставното име.

За разлика од Македонците, (графикон бр. 9) дури 74% од Албанците во Македонија имаат доверба во политиката на ЕУ кон Македонија, 70% имаат доверба во политиката на САД кон Македонија, 69% имаат доверба во политиката на НАТО кон Македонија и само 8% имаат доверба во политиката на Русија кон Македонија.

Секој може да извлече свој заклучок од овие податоци. Но, се наметнува впечатокот дека Македонија е под стрес, и граѓаните ја губат довербата во соседите, во големите сили па и во НАТО и во ЕУ. Дали е таа делумно и резултат на префрлање на вината за состојбите од македонските политички елити врз соседите, врз ЕУ, НАТО и големите сили или е само реакција на случувањата околу името на Македонија, нејзиното условување за членство во НАТО, строгиот визен режим што на граѓаните им го имааат наметнато земјите од Унијата - е прашање кое треба понатаму да се истражува. Но, факт е дека сето тоа негативно влијае врз нашата самодоверба и им дава шанси на евроскептицизмот и на изолационизмот во Македонија.

http://www.globusmagazin.com.mk/default....EA006C2918
30-12-2009, 03:59 PM
Reply


Messages In This Thread
МАКЕДОНИЈА НЕ МУ ВЕРУВА НИКОМУ - by Pirinec-Vrhovist - 30-12-2009, 03:59 PM