Околу 24 милиони евра од ИПАРД за земјоделците
Платежната агенција доби европска акредитација и право самостојно да управува со парите од европските претпристапни фондови.
Ова беше последната работа која се чекаше за да почне поднесувањето на проектите за парите до ИПАРД програмата.
„Веќе утре во медиумите ќе биде објавен јавен повик со потребните детали за аплицирање за овие средства од ЕУ. Со ова официјално во македонското земјоделство покрај парите односно финансиската поддршка од националниот буџет отпочнуваат да се слеваат и пари од претпристапната помош, односно од буџетот на ЕУ“, изјави Тони Димовски, директор на платежна агенција.
Со овој оглас се опфатени 24 од вкупно 60,7 милиони евра наменети за модернизација и осовременување на македонскиот аграр и приближување кон стандардите на Европската Унија.
„Проектите кои ќе бидат финансирани со ИПАРД програмата се однесуваат на инвестиции во земјоделските стопанства за нивно преструктуирање и надградба, преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи и диверзификација и развој на рурални економски активности во согласност со стандардите на ЕУ“, вели Љупчо Димовски, министер за земјоделство.
Огласот ќе би де отворен во следните два месеца. По ова се очекува во мај или во јуни да се потпишат првите договори, а од тоа кога ќе бидат завршени проектите ќе зависи кога ќе почне и повлекувањето на првите пари кои за земјоделците се 50% неповратни од вкупната инвестиција.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=117824